Миле Неделковски. Потковица на смртта и надежта КНИГА 2 1. Отворајќи се на север, спрема Прилеп, точно на половина пат од Прилеп за Битола, среде пространо поле се издига една безимена, неголема и не многу висока потковица од ридови. Нејзините надворешни страни, падините на ридовите, се голи, рамни и благи. Нивниот ридски спокој, во пролет, кога се обрастени со ниска и сочна трева, од памтивек па сè до крајот на последната Голема војна, и некоја година потоа, (пред што луѓето беа натерани во колективи, и пред што, потоа, откако властите ги растурија колективите, емиграцијата ги изгони по градовите и низ светот), го нарушува мноштво стада. Сега, меѓутоа, од пред десетина и повеќе години, ѕвонот на чакарки и клопотарци, веселите овчарски довикувања и свиралки и лавежот на кучиња сосема ги нема на овие питоми голини, па човек не може, кога ќе се загледа по нив, да не почувствува како го поплавува некоја тивка жал, што доаѓа оддалеку, оттогаш, од тие одамнешни и мили времиња, кога луѓето трпеа и живо се бунтуваа. Особено, жалоити се во лето, кога, изгорени од безмилосното пелагониско сонце, прилегаат на купишта црна пепел. Само ретки зелени панделки, на прилично растојание една од друга, рамно од сртовите, од под некое осамено дрво, оскруша, глог или дива роза, се протегаат прудолу по падините, а тоа е знак дека тука протекува вода, чија, пак, глава, како што е вообичаено да се рече овдека за изворот, се најдува горе, на сртот, под односното дрво. Обично, тоа се минерални кладенци за чии води и имиња се врзани конкретни верувања и практика. Така, на пример, ако се измие и се напие човек, трипати едно подруго, рано во петок и пред осамнување, од Петочна Вода, сосема ќе оздрави – ако боледува од глава, од уплав, или од растројство на душата. Се најдува под една осамена оскруша, во горниот крај на малечката заветрина што ја сочинуваат телото на западниот лак и неговиот почеток, кој, гледано од север, од североисток или од северозапад е свртен нанадвор и е сосема гол. Истото тоа треба да го прави, но само во недела, и само ако има тегоби во стомакот, дробот, или ако го јаде средишница, и со Неделска Вода. Таа, пак, се наоѓа, пак под една осамена оскруша, два до три километри понајуг, горе на сртот на истиот овој лак и веднаш спроти старата железничка станица. Овдека некаде, во Неделска Вода, се најдуваше и главаа на станичната чешма и одовде право прудолу и спрема станицата и ден-денеска се протега, и лете и зиме, постојано зелена панделка. Станицата ја подигнаа, кога ја правеа линијата, Србите и Французите и ја нарекоа, според околното поле и во слава на српските војници паднати овдека во бојот со Турците во 1912 година, Бакарно Гумно, а Бугарите, во последната Голема војна, ја прекрстија. Тие, пак, во слава на Перета Тошев, прилепчанец и член на Централниот комидат на Внатрешната македонска револуционерна организација, кого заедно со сета македонска историја си го имаат за свој, на станицата ѝ го дадоа неговото име – Пере Тошев. Станицата, подигната на само еден до два километра северно од мостот на Црна, Перевото име и презиме ги носеше сè до шеесеттите години, односно сè до подигнувањето на новата железничка станица, во Торојца, неколку километри понасевер од старата, на влезот во Потковицата, кој не е поширок од еден километар. На оваа, на новата станица, од која се дели новата линија за Железнец, властите ѝ го вратија старото име, Бакарно Гумно. Старата железничка станица, која сега сосема е пуста, со отчепени врати и прозорци и со распрчкани огради, порано, пред напуштањето, воопшто не беше таква. Беше многу чиста, со пазени дрвја и огради, и беше многу, многу жива. Зашто опслужуваше многу села, и зашто тука, покрај патниците и железничарите, постојано на чешмата се војваа – во лето: волари, косачи, жетвари и многу други случајни намерници и безделници, а зиме: ловџии, дојдени дури од Прилеп и Битола за да ловат тука, во ливадите, во Блатото и во Чепиговски Мртвици, диви гуски и диви пајки. По многуте изменети српски чиновници, во 1934 година за шеф на станицата дојде Неделко Акиноски и остана тука сè до 1944, кога фашистите, не знаејќи многу за него, дека е организиран, како доверливо лице го преместија да биде шеф на станицата во Прилеп. На овега, на Неделка Акиноски, додека беше овдека, му помагаа двајца Руси, белогардејци, Васја Штербицки и Евгениј Доброхотов. Сите нив во 1941, во деновите кога Србите побегнаа од Македонија а Бугарите сè уште не беа дојдени, ги снајде голема несреќа. Жителите на Потковица и од околните села, предводени од Јанческите, од синовите на војводата Крстета Јанчески, од Трајана и Тодија, ја нападнаа станицата и туку-речи ја разурнаа. Ги испокршија вратите и прозорците, го разурнаа покривот и оградите, и сè што најдоа од живина испотепаа, и сè што дофатија од покуќнина испокршија и запалија. Дека била станицата српска, и дека железничарите, Русите и Неделко Акиноски, на кого Србите во Првноо србско, зашто не сакаа да служат војници кај нив, му убија двајца браќа, близнаците Ордана и Цветана, биле посрбени. Посебно настрада Васја Штербицки. Васја беше чувар на пругата, беше висок, белолик и малку нурнат нанапред. Со постојано запалено луле, и по големи жештини и во најголеми студови, ја обиколуваше пругата од Лознани до Галичани и назад, и никогаш со никого не се скара. А имаше такви кои ја напасуваа стоката по насипот на пругата, кои намерно ги растураа камењата, ги одвртуваа шрафовите од шините и ги крадеа праговите. Имаше дури и такви, волари и овчари, кои, од падините на ридовите и во усекот, со камења и со стапови ги напаѓаа возовите, дека биле српски и дека, божем, им ги плашеле говедата и стадата. Но Васја и за тоа со никого не се скара и никого не поткажа на властите. Тој немаше жена, имаше само една ќерка, Тањуша. Чупата беше тука некаде, на дваесетгодишна возраст, и беше лична, како икона. Но госпоѓицата, во 1939 година, умре од офтика, па татко ѝ ја закопа на гробиштата во Битола. И секогаш кога беше слободен, или кога ќе најдеше некого за да го замени, одеше таму, во Битола, за да запали свеќа на гробот. Ете тогаш, кога жителите на Потковица и на околните села ја нападнаа железничката станица, беше нашле една фотографија од Тањуша, во позлатена рамка, и дали од простотилак или од пакост и на подбишега, зашто го мразеа татко ѝ, за божем дека бил посрбен, ја прогласија девојката за светица и со нејзината фотографија напред носеа покрсти – одеа низ полето и молеа бога да падне дожд, за да ги наквасел полињата. А беше април, во 1941-та, и речиси немаше ден кога не паѓаше дожд. Кутриот Васја, кога слушнал за пороганијата, беше ги пресретнал одочесниците во Беговски Ливади долу под станицата, паднал на колена пред нив и почнал да ги моли, да ги заколнува, за да му ја вратат фотографијата. Одочесниците, пак, предводени од Јанческите, го нападнале со крстовите, со клоци, со камења и ќе го убиеле да не достасал за тоа глас во Потковица. Тогаш Дамческите, синовите на војводите Мирчета и Дамчета, Ордан, Крсте и Благоја, и Акиноските, Најдо, Тоде и Неделко ги грабнаа пушките и за час се најдоа таму, во Беговски Ливаѓе. Ги пресретнаа одочесниците, ги вперија пушките во Јанческите, во Трајана и во Тодија, и им наредија: Оставете го човекот и вратете му ја фотографијата, зашто додека вие него со крстови по глава, ние вам крстови ќе ви насадиме на главите. А со нив, со Дамческите и Акиноските, кои беа и ородени, Калина Дамческа беше мажена за Петара Акиноски, никој жив од Потковица, а и од сите околни места, не сакаше да се зафаќа. Беа правични ама и готови за правдина на врат да му стапнат на човека. Така Васја Штербицки, тажникот, се избави од безразложниот гнев на Јанческите и другите и си замина од Потковица, откако недела, две, додека заздраве, поседе дома кај Акиноските. Потоа веднаш штом се крена од постела, заедно со фотографијата на Тањушка, по Пазарџиски пат, замина накај Прилеп. Оттогаш па до ден денешен во Потковица никој ништо не слушнал за него, за Васја Штербицки, Русинот, татко ѝ на Тањушка, чуварот на пругата од Бакарно Гумно, односно Пере Тошев, во Вороо бугарско. 2. Натаму од Неделска Вода, околу наоколу по должината на целиот гребен на Потковицата, некаде и на падините, под осамена оскруша, под осамен глог, или под осамен џбун од диви рози, сè до нејзиниот крај, односно сè до почетокот на источниот лак, се таат Средочна Вода, Топла Вода, Киселец и многу други знаменити или безимени води кои служат за поило на луѓето, на добитокот и дивината. Овдека, пак, на почетокот на источниот лак, кој се издига над Алилово, кој е свртен навнатре и кој се вика Зајачки Рид, гледано однадвор, пак од север, од североисток или од северозапад, над пазена дабова шума од неколку декари, се издига едно од памтивек исушено дрво. Тука некаде, околу коренот на дрвото, во густежот, се таи еден откриен кладенец, речиси вир. Многумина чуле за него, но ретко кој знае точно кај се најдува. И нема патека што води до него. Водата има темен мастилест цвет, густа е, мазна и мрсна и смрди на пцовисано. Многу работи се раскажуваат во врска со овој кладенец, која од која поматна. Едни таму виделе жена, која била млада, угул гола и која се покривала само со косата, црна како капинка, други, пак, велат дека таму имало еден ливод, кој личел на светец, со брадулче, но телото му било долго, голо, обрастено само со мов, со опашка, дебело и без нозе. Постојано стражарел покрај кладенецот и само јачкал. Но од сето тоа, изгледа, точно е само дека таму, горе, на гранките на дрвото, има орли, карали. Нив човек може да ги види оддалеку, враќајќи се од пазар од Прилеп, како климчат на дрвото, или како вијат горе, над него. Малку потаму од шумата, понаисток, пак гледано однадвор, на надворешните падини на Зајачки Рид, лежи селото Веселчани. Некогаш мало, услупно и згодно селце, сега, откако го напуштија луѓето, сосема запустено и невесело. Уште само по некој старец и старица, во лето, кога е убаво времето, седат на портите од напуштените куќи. Горе над селото, на сртот на Зајачки Рид, кој овде се вика уште и Веселички Рид, десно од патот, кој доаѓајќи од селото и префрлувајќи се преку ридот се спушта во Потковицата, во еден густеж од капини, над кого се издига закржлавена слива, има еден пак безимен кладенец. Водата негова, за разлика од водата на оној во шумата, многу е слатка и лесна е за пиење. А околу него, околу кладенецот, постојано е зелено. Речиси една цела мала ливада, посеана со боливач, глуварче и ниска ридска трева, се простира околу наоколу. Тука, во оваа ливада, Србите имаа подигнато, од бел мермер, спомен костурница во слава на своите војници паднати во бојот на Алинци со Турците во 1912 година. Го подигнаа во Вороо србско, во истата година кога ја правеа и железничката линија. Споменикот се извишуваше над Веселчани, над Потковицата и беше свртен натаму, преку Битолско Џаде, накај Алинци. Него жителите на Потковицата, а и Веселчанци, не го сакаа, но и не го гибаа. Од почит спрема паднатите војници и од почит спрема сите војници на светов. Сега го нема споменикот. Во Вороо бугарско, во 1942, во летото, кога дојдоа во Потковицата божем за да вршат маневри, бугарските војници го разурнаа, со топови го гаѓаа од Коритница, од Плоштина и од Чауле. Тоа што остана од споменикот, темелите, после со динамит и со казми го доразурнаа војниците, а потоа ги собраа жителите на Потковицата и веселчанци и им заповедаа да ги однесат камењата каде и да е и што подалеку. Сега нема ни трага од споменикот. На зарамнетото расте трева и речиси никој не си споменува дека некогаш тука имало споменик. 3. Во есен, пак, пак гледана однадвор, Потковицата цела пламнува. Некој низок, тивок, рамен и постојан пламен, што избива, чиниш, направо од нејзината утроба, ја подзема и гори таа, бакарноцрвена, сè до Свети Никола Зимен, или уште како што викаат овдека Никола со бела браа. Тогаш, на сам ден Свети Никола Зимен, цела Пелагонија осамнува под првиот снег, оттаму и прекарот на светецот Никола со бела браа, кој не се истопува преку целата зима, па Потковицата потсетува на нешто бело и огромно, на митолошко птичиште, клапнато во снегот среде полето, кое, ти се чини, секој миг ќе се раскрили и ќе полета. Порано, до крајот на последната Голема војна, така и се случуваше. Штом ќе запролетеше и ќе окопнеше снегот, Потковицата ќе се раскрилеше и ќе полеташе. Имено, овдека, во заветрината на Петочна Вода, со својот булук, со своите овчари, коњи и шарпланинци, сè до крајот на последната Голема војна, доаѓаше на зимување стариот мијак Рафаиле, потомок на Ѓурчина Кокалески. Откако еднаш одамна, во 1802 година, тој, Ѓурчин Кока- лески, познат мијачки сточар и трговец, почитуван дури и на дворот на Махмуд II во Константинопол, ја закупил заветрината од Акиновските, неговите потомци не престанаа да доаѓаат тука на зимување. Со своите бројни стада, со шарпланинците, посебно со својата мијачка облека и говор, и со сточарската исхрана, бакрданик, сирење, грав, и овчка пастрма, за сите пелагониски селани, посебно за жителите на Потковицата, во чиј синор спаѓаше заветрината, Мијаците претставуваа вистинска атракција но не и туѓинци. Старите и сè уште крепки луѓе, во прв ред војводите, Крсте Јанчески, Најдо Акиноски и Дамческите, Мирче и Даме, во кусите, празни и здодевни зимски денови, кога немаа што да работат низ дома, цапајќи низ снегот прекутрупа, под изговор дека тргнале на лов, одеа во колибата на Мијаците за да слушаат, и да заблазнуваат, за нивниот прославен предок. Тој, Ѓурчин Кокалески, не само што бил богат и учен, туку бил и силен, прерипнувал седум коњи наредени еден до друг. Што било за него искачен на својот коњ бинеџија, и придружуван од своите сејмени, за три дена да стигне од Лазарополе во Солун и оттука во Константинопол. И секаде каде што ќе стигнел, ги земал во заштита христијаните и сиромасите. На пазарите за робови во Солун, Битола и Скопје, од Турците откупувал робови и ги ослободувал. Подигнал и цркви, свои пари давал за одржување на манастирите и за купување на книги; книги, црковни, ако не биле на грчки, ако биле на нашински, или на кој и да било друг славјански јазик, и сам купувал, каде што ќе достасал. Меѓутоа, од сите преданија што се раскажуваат меѓу Мијаците (и овдека, во Потковицата) за неговата бестрашност, само едно можеме, да го примиме како историски факт. Тоа е борбата на Ѓурчин со еден одметник – јаничар, кој вршел зулуми меѓу народот од Солунскиот крај, каде што Ѓурчин одел на зимување со своето стадо. Јаничарот се викал Алија. Во 1826 година, кога султанот Махмуд II ги ликвидирал јаничарите, Алија се одметнал и вршел зулуми над народот, а покрај другото барал под шаторот да му доаѓаат убави девојки. Ѓурчин имал некој пријател поп, (можеби тоа бил поп Пулиз од кого Ѓурчин откупувал к’шли (пасишта) и кого што го споменува во својата автобиографија, кој живеел во Солунско Поле и имал убава ќерка. Алија наредил да му дојде во шаторот, според една верзија се викала Анѓа, но Ѓурчин ја скрил во своето трло. Алија дознал за тоа и тргнал кон Ѓурчиновото трло за да ја одграбне. Така дошло до двобој, кој се водел на коњи, притоа со јатагани. Ѓурчин победил, му ја отсекол главата, ја ставил в зобница и ја однесол во Солун кај Лобуд-паша (со кого Ѓурчин бил добар пријател) бидејќи знаел дека неговата глава била уценета од турските официјални власти. Ѓурчин ги однесол кај Лобуд-паша и јатаганот, коњот и ќемерот на Алија со многу пари, опљачкани од народот. Лобуд-паша му го дал на Гурчина ќемерот од Алија со парите, коњот и јатаганот, и уште му го дал и откупот за главјата на разбојникот што била уценета. Оваа борба се водела помеѓу селата Лубаново и Милово. Во самата борба Ѓурчин бил тешко ранет, од последиците на раната подоцна се парализирал и таков останал до крајот на својот живот. За оваа борба народот му испеал песна. Стариот Рафаиле, секогаш кога војводите ќе се задржеа подолго во неговата колиба, покрај со ракијата и прочуеното галичко сирење, потуркувајќи ги цепениците кон кај разгореното во огништето, ги почестуваше и со песната за Гурчина Кокалески: Посилил се црна Араина, осилил се низ Солунско Поле, – како ешка могла низ олео аке ешка мока на нароо. Не ава овци а асе, овци а асе в кшли солунски, рибира млаи сројни евојки, сројни евојки и млаи невеси. Бега о него урско, каурско, никој на меган а му излезе. Накачил енаш црна Араина, накачил горе рло Ѓурчиново: „Даје, овчари, јагне ечено, јагне ечено, уше сугарче, ресна огача о невеса месена, вино црвено о ри гоини, луа ракија – рееченица“. Овчари кроки сè му аое. Кога ми васал Ѓурчин Кокале, оаша силјав – ојас осрмен, на ојасо сабја наочена, а се фрли коњу в оловина, рна уза, уна узенгија и риваса црна Араина. Па заена борба на рум царски, на арслани коњи, коњи бинеџии; на коњие ва јунака славна, Бој се бие касно о вечери, сл’нце заје, црна глава ана. Потоа Лобуд-паша го испратил Ѓурчина во Константинопол, на дворот на Махмуд II, кој имал големи маки со одметниците во Македонија. Откако бил примен лично од Махмуд II и лично од него одликуван со орден, добил и три царски фермани: едниот да смее да носи оружје во секое време и пред секого, вториот да седи во Покраинскиот меџлис и да го заштитува народот од сета Мијачија и од сета Деборија, и третиот, кој бил издаден лично на негово барање, да смее да подигне џамија во Лубаново и црква во Лазарополе. Овдека, во Лазарополска црква, во која Ѓурчин бил насликан како јава на коњ, се чувала Ѓурчиновата сабја (лекувала од уплав, им ги олеснувала тешкотиите на родилките и тешкотиите при умирањето на оние кои грешеле во животот) и книгата, во ракопис, што сам тој, Ѓурчин, ја напишал за себе и за својот живот, а во која ги споменувал и нив, жителите на Потковицата. За ова нешто, што ги ставил и нив, жителите на Потковицата, во својата книга, војводите многу му беа благодарни на Ѓурчина и на неговите потомци. Затоа, кога дознаа, тоа беше набрзо по последната Голема војна, во времето на колективизацијата што ја наредија властите во сета Македонија, дека тамошната задруга, Лазарополската, му ги одзела овците на Рафаила и забранила тие да доаѓаат на зимување во Петочна Вода, многу го ожалија. Имајќи ги на ум и своите спротивставувања и својата огорченост од колективното дело, едногласно заклучија дека тоа означува крај на светот и на векот. Ете тогаш кога, додека сè уште доаѓаа на зимување во Петочна Вода, рано напролет, околу Ѓурѓовден, Ѓурчиновите момци ќе го поделеа својот булук на два дела и машките јаганца и јаловиците ќе ги потераа, преку газилата на Црна, на пазар во Битола и во Солун, а женските и молзниците низ Чепиговски Мртвици, преку Даутица и Јакупица кон родната Мијачија, тоа навистина прилегаше на пролетно раскрилување. Напред, пред булуците, радувајќи му се на патувањето, палавеа шарпла-нинците, горе, над булуците, пред преполнетите очи и срца на пелагониските селани, кои ги истеруваа на паша своите скромни стада, како бели водоскоци рипаа јагнињата. 4. На влезот, пак, на Потковицата, од средината на есента, а преку целата зима и сè до напролет, како природен забран се испречува Алинска Река. Доаѓајќи од исток, некаде од Мариовските планини, и квасејќи ги патем тутуновите полиња и оставајќи зад себе вирови, кај Алинци се протина под Битолско Џаде и низ Веселечки Ливади стигнува до подножјето на Зајачки Рид. Тука, токму на влезот во Потковицата, неочекувано се раширува; во должина и ширина од неколку стотини метра прави еден секогаш полноводен, наместа и по неколку метра длабок и со риби богат вир. Го викаат Алилски Вир, или, кусо, Алилово. Некој ќе помисли на вирот му го дале името на реката, но не е така. До крајот на последната Голема војна, а никој жив не си споменува точно од кога, околу вирот, од рана пролет па до доцна есен, се распостилаше чергата на потомците на некојси Алил. Тие, Алиловите потомци, раскажуваа дека додека едни од нивните одамнешни соплеменици работеле како аргати по чифлизите, други ковале српови, дупчеле решета, потковале коњи, трети, жените и децата, вражале и краделе по селата, тој, Алил, некогаш убав и силен ковач, тогаш веќе остарен и ослепен, останувал во чергата, а со него, за да го чува, Шава, прекрасна и немирна девојка. Таа, Шава, кога ќе опустела чергата, се слекувала и угул гола се капела во вирот, во најдлабокото. Оттаму, од најдлабокото, кикотејќи се, како со босилкови кивчиња ги гаѓала ослабеното срце и изнемоштената душа на седнатиот на брегот старец. Со оној уште малку преостанат вид, тој се обидувал да ја наџбара, да ја досегне, макар само со погледот и со слухот, но палавката му се криела во водата. Еден ден, приквечер, се распалила остинатата крв во жилите на старецот и тој запливал... Но не стигнал до Шава, потонал, на полпат. Неговите соплеменици никогаш повеќе не го нашле неговото тело. Од жал за старецот, од почит и љубов спрема него, Шава, за казна, му ја продале на некој бег, но и тој не успеал да ја скроти. Разлутен еднаш ја донесол назад кај нејзините во чергата и заповедал да ја истрижат; нејзината коса ја фрлиле во вирот, а потоа и неа, и Шава, ја фрлиле во вирот, намачкана со смола и со катран и запалена. Ете оттаму, од Алила, му е и името на вирот, а тревата, долга и лисната, што расте во него и покрај бреговите, ја викаат Шавина Коса, додека местото околу него, ливадите и нивјето, се вика Торојца. Пак според гробот во Јанчески Ливади, според името на човекот во гробот, некојси Торо, Алилов соплеменик. Тука, пак, во Торојца, во 1901-та, започна еден чуден бој, војуваа меѓу себе штрковите и орлите. Бојот долж реката, која истекувајќи од вирот, откако после километар, два, кај новата железничка станица, ќе се протне под железничката линија, се дели на два крака: со едниот, горе, над Бучало, се влива во Бучинско Блато, а со другиот, кај местото Плазики, во Чипиговското Блато, се пренесе во Беговски Ливади. Беше тоа единствена глетка, од сите пелагониски краишта, од Прилеп, од Битола, од Лерин, доаѓаа луѓе да гледаат. Започна на сам ден Свети Пантелејмон, кога штрковите и сите преселни птици од сето Прилепско Поле се собираат овдека за да полетаат на југ, во топлите краишта, и траеше, од изутрина до навечер, рамно седум дена. Се биеше и во воздух и на земја. Навечер, пред зајсонце, изранети и искрвавени, орлите ќе се повлечеа на сртот на западниот лак на Потковицата, на Камен, а штрковите ќе се распоредеа по дрвјата, по копите, по покривите на куќите боротински, бучински и чепиговски. Штом ќе изгрееше сонцето, орлите, во јата, ќе јурнеа од сртот на Потковицата спрема Бегоски Ливаѓе, а лукавите штркови ќе ги намамеа во блатата, и тука, на земја, ги убиваа. Меѓутоа, на осмиот ден, се до пладнето, ништо не се случи. Само еден орел, во време ручек, сам се извиши од сртот на западниот лак на Потковицата спрема Чипигово спрема Бегоски Ливаѓе. Беше тоа колку величествена толку и мачна глетка, штрковите се сјатија врз него и уште во воздух го убија. Како партал, раскрилен, падна орелот долу на земјата. Потоа, попладнето, околу четирите часот, штрковите одлетаа на југ а орлите ниту не пофтија да се поместат од сртот. На деветтиот ден, уште од рани зори, мноштво луѓе акнаа по полето, каде што се водеше бојот. Најдуваа на стотици убиени птици; од страв да не го зафати добитокот некоја зараза, ги закопуваа длабоко под земја, или ги собираа на купови и ги потураа со смола или со катран и ги гореа. Овој бој, за сите, особено за Турците сопственици на чифлизи, се изроди во чудно и застрашувачко претсказание. Тие, поради своите криви носеви, небаре клунови, се определија за орлите и додека траеше бојот нив ги насрчуваа. Рајата, пак, христијаните, беше на страната на штрковите и кога тие победија, отворено му претскажуваше брза пропаст на царството. И не се запираше само на претскажувањето; вооружени чети, по заповед на Организацијата и селските началства, ги напаѓаа, ги ограбуваа и ги палеа чифлизите, а стопаните ги убиваа. Турците, исплашени, нешто од претсказанието, нешто од насилството над нив, уште пред и да почне востанието во 1903, почнаа да им ги продаваат чифлизите на христијаните и да си заминуваат во Прилеп и Битола, а сојузничките и меѓусојузничките војни и првата Голема војна, Светската, што дојде по нив, сосема ги испадија од Потковицата и сите поблиски села. Но тогаш и претсказанието, во врска со бојот помеѓу орлите и штрковите, односно неговото толкување, сосема се изврти. Имено, тукашните сега се определија за орлите, поточно за оној што сам се реши против штрковите и тврдеа дека тој ја олицетворувал Македонија, која, после, по прогонот на Турците, остана сама да се бори против сите свои довчерашни сојузници, а тие, гнасници, ја убија, односно штрковите го убија јуначкиот орел. И не, не ги мразат овдека поради тоа штрковите; тие се и сега свети, дури и најсвети од сите други птици. Не случајно, во еден миг, судбината токму нив ги одбра за да покаже со прст на подлата душа на сојузништвото. 5. Таква е, гледана однадвор, пуста и ненаселена, наваму од крајот на последната Голема војна, односно наваму од принудната колективизација, и нешто потоа, откако ги зафати луѓето емиграцијата, таа самоникната и безимена потковица среде Бакарно Гумно, која, спуштајќи се благо по голите падини на ридиштата, на запад и на југ, сè до мелиорацијата (пред десетина години ја извршија доброволно младински работни бригади; покрај бесплатна исхрана, работничка облека и плускавици на дланките, младинците имаа и задача да ги шират меѓу себе љубовта и братството) се преточува во ливадско земјиште (сега сушно и неплодно) испресечено со мртвици и блата кои, пак, се вливаа во Црна и во кои заедно со стотици видови барски и преселни птици живееше и лошиот дух на маларијата, а на исток и на север, односно на североисток и на северозапад, сè до мариовските планини, односно сè до Прилеп и сè до крушевските планини, во житница и тутунско поле. Покрај Потковицата, идејќи направо од Прилеп, поминуваат двете магистрални пелагониски сообраќајници. Покрај западниот лак, низ неколку мали усеци, ги отсекува од неговиот почеток, кој е свртен нанадвор, минува железничката линија Скопје – Битола – Солун, а покрај источниот – Битолско Џаде, кое, пак, не е ништо друго туку осовременет некогашниот римски пат од Стоби за Хераклеа. Тие, сообраќајниците, откако ќе претрчаат преку Црна кај Тројкрсти, селото лежи на бреговите на реката веднаш јужно од мостот што ја премостува, односно Битолско Џаде нешто понајуг од Тополчани кое, пак, лежи на подножјата на надвореш-ните падини на Градишки Рид, односно веднаш под Чауле и под Топла Вода, од која, најверојатно, и го добило името, се крстосуваат кај Лознани за одново да се пристасаат во Битола. Поминувајќи низ градот, па покрај Баница и низ Леринско, Воденско и Солунско Поле стигнуваат во Солун и тука, во градот, раздробувајќи се на мноштво улици и улички, го изнесуваат човека, колку и да е капнат од умора по толкуте патувања, на брегот на морето – за да си ја шета душата и мислата по мапата на украдената татковина. Македонија, во нејзините историски и етнички граници (Источната откај Тракија тргнува од утоката на Места, ја пресекува нејзината делта и одејќи пругоре по реката стигнува до местината длабока клисура. Оттука границата тргнува по источниот вододел на истата река, т.е. по најзападните падини на Родопите. Тие, инаку, до најгорните свои височини претставуваат една целосно населена област, која условно е испокината од самата граница. Северната граница мине по источните и југозападните падини на Рила планина, ја пресекува Струма кај Горна Џумаја, за да избие потоа на вододелот на Осоговските и ниските планини, кои на запад се простираат до нискиот вододел помеѓу Вардар и Морава кај Прешево. Оттука границата мине по вододелните ридови на Скопска Црна Гора, го пресекува Лепенец кај Качаник и се искачува на вододелот на Шар Планина. Оттука западната граница тргнува по Кораб Планина и стигнува до реката Црн Дрим кај Дебар; натаму границата оди по вододелот на Јабланица и Мокра и помеѓу вододелот на големите македонски езера Охридско и Преспанско од една страна и од друга, помеѓу Корчанската котлина. Натаму оди по Грамос и Пинд; јужната граница оди по јужниот вододел на реката Бистрица и во источна насока стигнува до Солунски Залив) се простира на 67.741,2 квадратни километри. Од тоа, по Втората балканска војна и Букурешкиот договор од 1913 година првин, и потоа по Првата светска војна и Нејскиот договор од 1919 година, и со жирирање на Англија, Франција и Русија, додека италијанската делегација поднесе еден нацрт подготвен од полковникот господин Кастолди со барање да се уреди Македонија како автономна област по образец сличен на оној што е прифатен за Рутенија, односно Украина: Грција заграба 34.456 квадратни километри, односно цела Приморска Македонија, со историската, политичката и културната престолнина на Македонија – Солун; Бугарија 6.798 квадратни километри со културното и политичко средиште за сиот тој крај Горна Џумаја. Албанија 713 квадратни километри со делови од Охридско и Преспанско Езеро; делот, пак, што од живиот македонски организам во таа европска лудничка касапница го грабна Србија, 25.774 квадратни километри, односно 25.411 квадратни километри без Качаничка Клисура, без горниот ток на Лепенец, Прешовска пресека и најсеверното македонско културно и духовно жариште, манастирот Прохор Пчински, Македонците, при крајот на Втората светска војна, на Илинден, на 2 Август 1944 година, го изборија, во државните граници на ФНРЈ, за национална држава на сиот македонски народ, заснована врз суверенитетот на народот – Социјалистичка Република Македонија. Овие две комшиски села, Тополчани и Тројкрсти, кои тукуречи лежат на плеќите на Потковицата и граничат направо со нејзиниот синор, не се во најдобри односи со нејзините жители. Им завидуваат на шумата и на големината на нивното поле, кое, иако тие никогаш не биле помногубројни од жителите ни на едното ни на другото село поодделно, е многу поголемо од нивните полиња. И поздраво е, нема баришта, мртвици и вирови, затоа и поплодно. А жителите на Потковицата им завидуваат на тополчанци и на тројкрстчанци пред сè на реката, а потоа и на железничката станица односно на џадето. Тие, тројкрстчанци и тополчанци, не мораат како нив, како жителите на Потковицата, да одат преку ридови за да стигнат до нив, до станицата и џадето, туку направо по пругата, односно до џадето само по мал, прав и рамничарски пат. Но тоа е така само на изглед, само за неупатените. Всушност, причината за нетрпеливоста помеѓу жителите на Потковицата и двете најблиски села е многу подлабока, политичка. Датира уште од времето кога во Македонија дејствуваа странските пропаганди, бугарската, српската и грчката. Тогаш, некои тополчански и тројкрстчански луѓе, дали подлегнале на српската пропаганда или за пари се продале, туку ги изневерија правилата на Внатрешната македонска револу- ционерна организација. Ништо не помогна тоа што војводите им пишуваа писма да се вратат на прав пат, да престанат да го заблудуваат народот, и да продолжат да се борат за автономна Македонија. А во Првноо срско, во времето од 1912 до 1914 година, истиве овие отворено се ставија на српска страна. Заедно со мајорот Загориќ, со неговите војници и уште со неколку Турци од Канатларци, учествуваа во измачувањето на војводите во дворот на општината. Во тоа, во измачувањето на војводите, најпесосан беше еден тројкрстчанец. Него, во Вороо србско во 1924-та, го отепаа Најдо Акиноски и Крсте Јанчески. Беше му отишле таму, во Тројкрсти, го издемниле едно утро, во раното, додека си ја орал нивата и со стапови му ја здробиле главата. Потоа го наполниле со камења и го фрлиле во Црна. Дури кога се ослободивме, во 1945-та, си го признаа злосторот. Пак отишле таму, во Тројкрсти кај синовите на предавникот, а тие во меѓувреме не тргнале по стапалките на татка си, биле партизани, станале офицери во нашата војска, и им кажале и кога убиле и зошто го убиле и кај го фрлиле потоа татко им. Синовите негови, пак, ништо не им рекле. Поправо, најстариот од нив им рекол дека сега, кога сме ослободени и од едните и од другите, треба да ги заборавиме сите поранешни пизми. А тогаш, во Првноо србско, Тополчани ѝ го одзеде првен-ството на Потковицата. За казна на нејзините жители, а во знак на признателност спрема тополчанци и тројкрстчанци, Србите го направија Тополчани и општинско и парохиско место. Тогаш и училиштето го преселија таму; го направија едно единствено училиште: сите околни села, па и децата од Потковицата, толку колку што ги има, толку колку што преостанаа по последните раселувања, оттогаш до ден денешен преку ридишта одат на училиште таму, во Тополчани. А после, откако престанаа да доаѓаат и да пазарат луѓето од околните села во Потковицата, и дуќаните Алиноски се затворија сами од себе, односно се преселија таму, во Тополчани. Се разбира, жителите на Потковицата, не се во сè прави. Тополчани си има убава местоположба, блиску е и до железничката линија и до џадето, и сосема, сосема е пристапно и пеша и со запрежни и со моторни возила. А тоа, и да имало некое недоразбирање помеѓу тополчанци и тројкрстчанци, од една страна, и Внатрешната македонска револуционерна организација од друга, жителите на Потковицата бездруго не биле во сè и до крај упатени. 6. Внатре, пак, во Потковицата, иако не без ризици, сепак нормално, човешки, пеша, на коњ, или со запрежено возило, моторни, освен трактори и џипови, не одат, без попусти напори и закани дека, ако се намериш преку ридиштата, ќе се зацапаш во блатата и мртвиците, може да се влезе, и да се излезе од неа, само по два пата – по Пазарџиски Пат и по Голем Пат. Меѓутоа, сега, има четири и повеќе години, властите се обидуваат да ја поправат состојбата со патиштата. Распишаа местен самопридонес, собираат пари од преостанатите и од поранешните жители на Потковицата, со надеж дека можеби ќе им појде од рака да го вратат животот во неа. Дај боже, Дајбог да направи така, отидените да ги повлече срцето за назад. А од каде им дошле, пак, имињата на овие два пата, лесно е да се погоди. По Пазарџиски Пат, кој на Алилово ја премостува Алинска Река, за неколку километри понасевер, одејќи низ веселечкиот синор и паралелно со железничката линија, откако ќе ја прегази неа, да се префрли во кадиноселскиот, за потоа одејќи низ него и пак паралелно со железничката линија и право на север, нешто пред Галичани, газејќи низ Галичка Река, да се протне под неа и за, најпосле, припазувајќи се од кучиња, додека минува низ селото, горе над него, веднаш над железничката станица Галичани, одново да ја прегази железничката линија и да зачекори низ прилепските тутунови полиња, се стигнува, сè така завјасан, на пазар во Прилеп. Откако пред тоа на влезот во градот, во бавчите, кај Дачовата воденица, газејќи низ Градска Река, уште еднаш и за последен пат ќе се помине под железничката линија – како под славолак, по толкуте бразници. Оттаму му е името на патот, од одењето по него на пазар во Прилеп, и тоа е неговиот северен крак. На југ, пак, истиот овој пат, тргнувајќи од почетокот на населбата во Потковицата и одејќи, од долна страна, помеѓу авлиите на Ризевци, Џутевци, Мицковци Димковци и гумното на Дамчевци Џаџовци и, од горна, помеѓу авлиите на Вељановци, Бубичовци и Дамчевци Џаџовци, стигнува среде населбата и тука, за миг, се проширува во облик на разностран правоаголник. Тоа е срецелото. Оградено е, од југ, со авлијата на Јанчевци Талевци, од исток со авлијата на Мицковци Трајановци, некогашното училиште и некогашната општина, од север со гумното на Дамчевци Џаџовци, од запад со источниот ѕид на чифлигот Трпоски, дуќаните Акиноски, кои уште од Вороо србско зјаат пусти, со откорнати врати и прозорци, и со авлијата на Ризевци Софревци. Порано, до пред десетина години, овдека, на срецелото, секогаш, во секое време на денот, имаше некого. Сега меѓутоа, сосема е пусто. Само чешмата, низ две тулејки, се подаваат направо од авлијата на Мицковци Трајановци, грга осамено и жалоито, и уште само една врба, од неколкуте што беа тука, се исушија и паднаа сами од себе, чемрее над браздата што истекнува од коритото. Ја нема живината и гудината што се брчкаа во браздата, ги нема водарките, чупите и реовницие, ги нема децата што клекнати покрај купиштата ѓумови и стомни ги чекаа сестрите или мајките, ги нема старците поседнати на камењата пред портите. Повеќето од нив заминаа од Потковицата со татковците и браќата, а тие што останаа, станаа троми и изгубија интерес за заедничкиот живот, за заедничките работи. Си седат дома си, во дворовите, и тихо и задумани тагуваат по заминатите, стискајќи ги во пазувите нивните последни писма и фотографии. Од срецелото натаму на југ патот одново го поприма својот поранешен изглед, повторно станува широк колку да можат да се разминат две воловски коли натоварени со снопје или со сено, или булук овци, кревајќи по себе пепелници. Се протина помеѓу авлиите, од горна страна, на Јанчевци Крс- тевци и, од долна, на Јанчевци Николовци па одејќи само покрај источниот ѕид на имотот, односно само по подножјата на Зедница, кај Бел Камен ја напушта населбата. Натаму оди низ полето и откако ќе ги прегази Мала Вода и Голема Вода, се завкачува во Градишки Рид. Тука го позајмува неговото име, станува Градишки Пат, и под тоа име, кршкајќи, грбавејќи се, стенкајќи, одмарајќи се и припазувајќи се од дивина, која секој миг може да истрча од орманот, се искачува на сртот, кој е гол и зараменет. Тука, за последен пат, прездивнува, фрла последен опул наназад, на населбата во Потковицата, и по голите падини на ридот, одејќи право прудолу, се симнува во Тополчани. Голем Пат, пак, поправо тој би требало да се вика Широк Пат, наместа достигнува широчина и до десет метра, на северниот крај на срецелото се издвојува од Пазарџиски Пат и тргнувајќи право на запад, минува, од северна страна, помеѓу гумното на Дамчевци Џаџовци и, од јужна, помеѓу северниот ѕид на чифлигот Трпоски и авлиите на Дамчевци Мирчевци, Дамчевци Дамевци и Бозовци Перуновци. Натаму, напуштајќи ја населбата, зачекорува во бавчите и низ нивјето стигнува до Долга Чешма. Тука, нешто потаму од чешмата, откако пред тоа ќе си ја исплакне устата од пепелиштата и ќе си го исплиска лицето, од почетокт на западниот лак, од оној негов дел што е свртен нанадвор, отсекува едно мало парче и низ неголемиот усек, прегазувајќи ја железнич-ката линија, ја напушта Потковицата и низ нивјето и ливадите стигнува на Блатото. Во лето двата пата се прашливи, думани прав се креваат по сè живо што ќе помине по нив. Дури и лишките и тишките, желките и ежовите, змиите и гуштериците, дури и птиците и бубачките запрашуваат кога, подгонети или прогонувајќи се меѓу себе, спасувајќи глава, бегаат, оставајќи траги по себе, од едната на другата страна, во ендеците и житјата. Додека, пак, во есен, зима и пролет, до доцна, двата пата се калливи, или замрзнати, и тешко проодни. По нив, по овие два пата, за да посеат злодела, страв, болести и смрт во Потковицата идеа врјските и злонамерниците, и по нив, за да им се придружат на бунтовниците и востаниците, или за да се изгубат, без поштук, некаде во затворите и низ белиот свет, многумина од Потковицата заминаа доброволно или беа насила одведени. КНИГА II При крајот на 14 век, поточно во доцните деведесетти години, кога и што почнува поредовната, пишаната, историја на местото, односно кога почнувал еферо Акиноски, Турците дефинитивно ја завојуваа цела Македонија. Нивните војски, предводени од Кара Мустафа, садриазамот на Мурад I Ходавендекер, овдека, во Потковицата, одавде стигнаа, од север, по Пазарџиски Пат. Но тогаш ја немаше денешнава населба. Во Дупка, малечка заветрина што ја сочинуваат двата крака на Станкоски Рид, Горник и Зедница, во густеж од столетни дабови и ореови дрвја, најдоа малечка христијанска населба. Згрутчена околу црквичка, над чија врата беше насликан Свети Никола, населбата изгледаше сосема напуштена. На поплочена плоштатка пред црквата, во камено корито, низ железна шепурка, живо и осамено истураше чешма, а во неограденото и заедничко двориште на црквата и населбата, околу кошарки од врбови прачки, кои беа налепени со лепешки измешани со плева и помеѓу кои се шеташе живина, шумно се роеја улишта. Сето тоа, населбата со избеганите жители, улиштата и живината, како и целата Потковица, како и сето поле надвор од неа а кое и денеска го сочинува нејзиниот синор, беше своина на големиот и прекрасен имот подигнат на западните падини на Зедница, на родно земјиште. Ограден со високи камени ѕидови и масивни дрвени порти, имотот претставуваше војнички предизвик за Турците но, во истата таа мера, се чинеше и неосвоив, па тие не го нападнаа; го заобиколија и дојаваа овдека, во Дупка. Додека некои од војниците, по заповед на садриазамот, ги ограбуваа куќите и со јатагани ја ловеа живината, тој, садриазамот, другите високи военодостојници, исцуцулени во седлата на коњите, стоеја на плоштатката пред црквичката и беа силно завлечени и учудени од идиличноста на местото. И речиси непријатно се изненадија кога во мракот на црковната врата, застанат на прагот и исправен дури догоре до славолакот, го здогледаа клисарот. Старецот стоеше таму и држејќи во рацете нешто покриено со конопна крпа не се решаваше да зачекори напред, накај завојувачите. Очигледно, беше уплашен. Тогаш садриазамот се подисправи во седлото на коњот и со слободната рака, во другата, во десната, го држеше јатаганот, го извика кај себе. Старецот покриеното со крпа го испружи далеку пред себе и со претпазлив ôд на полуслеп човек дојде од десната страна на коњот на садриазамот, се поклони дури додолу до земјата и ко се испрај, пред да го крене високо и пред да му го поднесе на Турчинот, покриеното со крпа го отскри, беше леб и сол. Зошто ти е тоа, се зачуди садриазамот. Леб и сол, рече старецот, така ги пречекуваме гостите. Ние – гости! Се истури во смеа садриазамот а заедно со него и сите од неговата придружба. Потоа садриазамот му подвикна: Каде се луѓето? Таму, рече старецот покажувајќи со рака преку главата на садриазамот на Имотот. Оттука, од Дупка, се гледаше само покривот на господарската живеалишна зграда, Источна Порта и делови од ѕидот лево и десно од неа. Турците, сите наеднаш и во истиот миг и како по заповед се обѕрнаа зад себе и неколку мига останаа така – како да го изучуваа просторот, или како да пресметуваа дали и колку ќе им се исплати ако го нападнат Имотот. За тоа време, пак, додека чекаше да види што ќе сторат сега Турците, старецот загрижено се прашуваше дали му успеа планот, дали успеа да ги смилостиви со тоа што ги дочека со добро дојдовте, со леб и сол, и потем, оти тие не нападнале првин таму, на Имотот, кога веќе тој прв им се испречуваше на патот, туку дојавале овдека, во Дупка? Севишниот Господ Бог ли ги донесе за преку него, преку лебот и солта што тој им ги понуди, да ги увери во беспомошноста и измиреноста на луѓето од Потковицата со нивното насилничко доаѓање, или, пак, тоа го стори Сатаната, за да направи од него предавник, кога веќе ги потскажа луѓето? И не беше ли тој, Сатаната, што го поучи него, лицемерно, да не отиде и да не се сокрие со сите други луѓе на Имотот, туку да остане овдека и да се обиде да ги смислостиви поганците со леб и сол? Да не направеше така, да не останеше сам во напуштената населба, сега без друго ќе беше ослободен од грижата дека ги предал луѓето, и бездруго ако отидеше, со нив, со луѓето, ќе споделеше една иста судбина... Садриазамот се сврти спрема старецот; тоа, да не ја нападне првин главната цел, туку да удри на неа, со сите расположиви сили, дури откако ќе ја обезбеди заднината, беше основа на неговата воена вештина, па сега, упорно загледан во старецот, се прашуваше дали тој не го лаже, дали навистина луѓето се избегани на Имотот? Во секој случај, си мислеше, ако се согласи да му верува, го има потребниот податок, то ест дека никој не е скриен во шумата, како што се сомнева, то ест дека нема кој да го нападне оттаму в грб кога тој ќе нападне на Имотот. Садриазамот, наеднаш и страшно, извика Илјери и во истиот миг на врвот на јатаганот го крена лебот од тарунот во рацете на старецот, го сврти коњот во полукруг и го бодна спрема прудолу, спрема Имотот. По него јурна и сета друга војска. Господе, запази ги животите на луѓето, гласно изговори старецот и го крена погледот спрема пругоре, спрема небото, а тоа модро и проѕирно и извишено потаму од пајажината до која што досегаа неговите кусогледи очи, изгледаше учудено и насила заплатено. Оттогаш, од тие одамнешни и недојаснети времиња, во кои не морало токму вака, како погоре, односно како што било запишано во еферо Акиноски, да се случи завојувањето на Потковицата од страна на Турците, од некогашната малечка населба во Дупка останати се уште само неколкуте старовре- менски куќи, во кои, откако се иселија Аџиоските и Цолеските, едните уште во правата Голема војна во Бугарија, другите сега наскоро, ко се пуштија границите, во Австралија, никој не живее. Но тие и покрај тоа, подигнати од камен и покриени со плочи, а порано и често поправани од стопаните, и ден денеска некако отстојуваат, додека од црквичката и чешмата нема ниту трага. Навистина, во ѕидот што ја оградуваше Дупка од горна страна, од кај шумата и од кај дивината, имаше вградено едно четириаголно куќиче кое однатре беше сето исчадено и на чии ѕидови имаше остатоци од црвени и модри бои. За него старите велеа дека било остаток од некогашната црквичка, божем чадот бил направен од свеќите што ги палеле во црквичката предците на денешниве жители на Потковицата, а боите остатоци од фреските насликани во неа. Но како денеска и од него, од куќичето, и од сиот тој ѕид нема ниту трага, само името на местото, Црквиче, наведува на помисла дека тука некогаш навистина можело да има црква. А што се однесува, пак, до Имотот, иако неговите стопани Акиноските преку глава претурија многу грозотии, во нивната долга родословна историја повеќе пати се случуваше цели колена да бидат истребувани, тој, во градежна смисла, до скоро си остана негибнат, и од забот на времето и од луѓето. Само господарската живеалишна зграда, која не личеше на турска кула, извишена, туку повеќе прилегаше на разгранат манастирски конак, на приземје и кат, со визби, чардаци и многу соби, се урна набрзо по распуштањето на колективите, во средината на педесеттите години на веков. Поправо, тогаш се урна само нејзиното лево крило и покривот од таа страна, но зашто немаше кој да ја поправи (последниот од Акиноските кој живееше на Имотот, Јован Акиноски, уште во почетокот на колективизацијата, уште кога почнаа властите со сила да ги тераат луѓето да стапат во колектив, без трага исчезна од Потковицата) таа продолжи да се урива. А кога, во средината на шеесеттите, со полна тракторска приколка челадија, од некаде на Имотот достаса еден друг Акиноски, Тоде Акиноски, таа одвај дали не беше претворена во тумба зарасната во трева. Затоа Тоде и неговите не се ни обидоа да ја обноват старата господарска зграда, туку си подигнаа други две, помали и модерни, во ливадчето зад некогашниот свињарник, во она што служеше порано за излачување на добиточниот подмладок. Тоа, Тодевото враќање и на неговите на Имотот, силно ги возбуди денешниве жители на Потковицата, од повеќе причини. Прво, во дошлаците на Имотот никој не ги препозна Тодета и неговите па луѓето со право се договараа да ги пријават на властите или сами тие да ги изгонат, и, второ, кога ги препознаа, во чудо се прашуваа од каде достасаа овдека, кај биле досега? А и тоа, препознавањето, начинот на кој стана, и нештата по кои беа препознати, не беа помалку зачудувачки. На Имотот достасаа во време пладнина и само по еден саат време, уште нерастоварени, отидоа да закопаат некого свој на родителските, на Акиноските гробишта. Мртовецот, затворен во железен ковчег, на раце го пренесоа низ населбата, а таму, на гробиштата, го закопаа некако чудно, нехристијански, без камбана и без свештеник, сам Тоде го опеја. После, ко се разјасни сè во врска со Тодета и неговите, се дозна и тоа кој бил умрениот, односно која била умрената и зошто така, не по христијански, ја закопале. Но за да стане уште појасно сè што е во врска со Тодета и неговите, потребно е да се вратиме половина век и повеќе наназад. Кога Турците сопственици на чифлизи почнаа да си заминуваат од сета Пелагонија и од Потковицата и да се населуваат во градовите, тоа стана по бојот помеѓу орлите и штрковите, кој во 1901-та започна на Алилово и се пренесе во Беговски Ливаѓе, односно тоа произлезе од страв од она опачно претсказание што го срочија христијаните по победата на штрковите над орлите, дека му е блиска пропаста на царството, жителите на Потковицата од своите бегови купуваа земја во близина на чифлизите или во дворните места на чифлизите и на новооткупената земја подигаа живеалишни куќи и се делеа на клонови. Делењето на сојовите продолжи, тогаш беше и најсилно, и во времето кога во Македонија почнаа отворено да дејствуваат странските пропаганди. Да го прават тоа, да се делат на клонови, сојовите просто беа натерани. Странските чети, српските и грчките, ако научеа дека некој сој е организиран, односно дека стапил во редовите на Внатрешната македонска револуционерна организација, сите негови возрасни припадници, и мажите и жените, ги исколуваа, ноќе, надопица, на спиење, па сојовите, за да се одбранат од целосно уништување, се делеа на клонови. Притоа одредуваа еден од делениците, тоа најчесто бидуваше најмладиот од браќата, кој да биде непосветен од Организацијата и кој да се грижи за доброто на сиот сој. На тоа, на заканите од странските чети, не се обѕрнуваа само Акиноските, веројатно зашто се чувствуваа силни, зашто беа многубројни, заедно со луѓето кои живееја на Имотот. Но кога во 1913-та српските четници ги исклаа повеќето возрасни од Акиноските, и тие, и Акиноските, за да се заштитат некако, се изделија. Најдо Акиноски, кој им беше син на закланите Михаила и Трајанка Акиноски и кој зашто беше посветен од организацијата и излезен да комитува па остана незаклан, си подигна куќа на северо-источните падини на Горник, веднаш над старата Дамческа куќа, над онаа во која, по делењето, останаа да живеат Дамчевци Џаџовци. На Имотот останаа да живеат, под закрила на Началството на Потковицата и на луѓето кои живееја и работеа на Имотот, сираците на закланите Младена и Спасија Акиноски, шест машки деца и четири чупиња. Најстар од нив беше Крсте Младенов, речиси му беше врсник на братучедот Најда Михаилов, и затоа заедно со него посветен во работата на Организацијата и заедно со него излезен да комитува. Така и се случи и тој да остане незаклан. И кога Крсте Младенов Акиноски стана глава на клонот на Акиноските што остана да живее на Имотот, односно на сираците Младенови и Спасиини,за да има кој да се грижи за нив, си донесе жена, некоја комитка, Султана по име, од костурските села, каде што комитуваа со братучедот. Во 1917-та, кога низ Потковицата помина казнениот полк на полковникот Иванов, кој имаше задача да ги истреби од сета Македонија Србите и србоманите, дали на грешка, војниците се правдаа на грешка, или за одмазда, Крсте одбил да убие некој српски четник од поречките села, ги убија Султана и неговиот син, Јован се викаше детулето. Тогаш Крсте се поштукна од умот и онеме, некои тврдеа војниците му го искорнале јазикот, и отиде да биде овчар во манастирот Трескаец, Прилепско, каде што, педесетина години порано, еден друг Акиноски беше игумен. Три години пред што се случи ова со Крстета, сираците Младенови и Спасиини ги погоди и друга несреќа. Во пролетта во 1914-та, српските окупациони власти во Македонија сета македонска младеж, од седумнајсетгодишна возраст нагоре, почнаа да ја мобилизираат за да се бори на нивна страна против Австроунгарците, а после, во првата голема војна, и против Бугарите. За да соберат што повеќе наши момчиња, српските окупациони власти одеа дури дотаму што ги фалсификуваа црковните и општинските книги, од помлади момчиња ги правеа постари, ги собираа и ги испраќаа во шумадинските градови. Откако таму ќе ги обучеа колку толку, односно откако ќе ги натераа да се заколнат дека ќе се борат за славата на Србија и на Кралот, ги испраќаа во првите борбени редови. Меѓутоа, нашите момчиња одбиваа да го прават тоа, одбиваа да земат заклетва и да отидат да се борат на страната на некого кој ја имаше завојувано нивната татковина. Во една таква буна, во касарните во Крагуевац, српските воени власти ги откриле организаторите, меѓу кои биле и двајцата помлади Крстеви браќа, близнаците Цветан и Јордан, и ги стрелале. Кога се чу тоа во Потковицата, Началството на Потковицата по заповед на Комитетот од Прилеп, плашејќи се за животите на преостанатите деца Младенови и Спасиини, двете веќе возрастни девојки, Марија и Акинија, ги омажи за свои луѓе од делот на Македонија под грчка окупација, во Солун, далеку од досегот на српските власти, а двете помалите, Софија и Нектена, ги испрати во Крушево, кај вујковците. Така на Имотот остана да живеат, пак под закрила на Началството и под закрила на луѓето што работеа на Имотот, двете најмалечките, Неделко и Тоде, зашто постарото од нив, Петар Младенов Акиноски, беше испратено во Бугарија, во Софија, за да се изучи во тамошното воено училиште за офицер. Во 1915-та, кога Бугарите го презедоа од Србите и овој дел на Македонија, заедно со војските и со многумина нашинци, кои во составот на Бугарските војски се бореа на Едрене, во Потковицата се врати и Петар Младенов Акиноски, веќе одрастено момче, сержант. На навалувањето на Началството од Потковицата и на Комитетот од Прилеп и лично на војводите Петрета Ацев и Ѓорчета Петров, бугарските го уволнија Петара, како хранител на помалите браќа, а тие, Началството, Комитетот и војводите за да не се дозапусти сосема лозата Младенова и за да има навистина кој да се грижи за сираците, уште истиот ден го оженија со една Дамческа, со Калина Блажева Дамческа, која пак, се учеше во француското Женско училиште во Битола. Но не ги оставија да живеат на Имотот, ги прибраа кај себе, таму, во Прилеп. Но со тоа не завршија страданијата на Петара и браќа му. Кога заврши првата Голема војна, во 1918-та, која ја загуби Бугарија, Србите повторно го окупираа овој дел на Македонија и беа уште поосилени. Петара веднаш го мобилизира војската, го доизучи и го направи офицер, а Неделка и Тодета, под изговор дека се грижат за воените сирачиња, а всушност со сосема јасни намери, за да ги посрбат, училишните власти ги однесоа – Неделка во Крагуевац, Тодета во Горни Милановац, божем за да ги изучат. По завршувањето на некакво техничко училиште во Крагуевац, Неделко долго службуваше по малечките железнички станички низ Србија и низ Босна, сè додека, во 1934-та, не го донесоа за шеф на Бакарно Гумно. Тоде, пак, најмалото од сирачињата Младенови и Спасиини, по завршувањето на гимназијата во Горни Милановац, по наговор на брата си Петара, кој служеше во кралската гарда во Белград, капетан, заминал во Загреб за да студира на тамошниот медицински факултет. Но студиите не му врвеле најдобро; се здружил со тамошни бунтовни младежи и со нашинци работници печалбари, па, наместо да студира се оддал на политика. Тоа не му било простено од властите; во една студентска бркотница во 1939-та, се чу во Потковицата, џандари му го истерале окото. Набргу потоа, по гласот дека џандарите му го истерале окото, и тој пристигна во Потковицата (Тогаш, во 1939-та, во приквечерието на втората Голема војна, заедно со Тодета во Потковицата се вратија и многумина други нашинци кои беа отидени таму некаде, низ светот) па луѓето можеа да се уверат дека вистина било тоа што се зборуваше за него. Едното око, десното, навистина му беше преврзано со црно кожинче, а и жената што ја донесе со себе навистина беше таква каква што ја прикажуваа некои кои ја виделе со Тодета таму, во Загреб: ластареста и опета и сета лиса – само очите и беа големи и темнозелени. И името и беше чудно, Воскре, па луѓето нагаѓаа дека е Еврејка или дека е од некоја друга вера и раса. И таа, жената негова, поправо тоа што се случи со неа во 1942-та, кога Потковицата повторно беше завојувана од Бугарите, го одреди сиот подоцнежен Тодев живот. Тогаш, во 1942-та, во време вршење, по прв пат во Потко- вицата, по 1915-1918 година, дојде во толкав број војска. Божем војската дојде за да врши маневри, а всушност го реквиираше житото, а офицерите се интересираа, за сè што се случуваше тука. Како да беа вистински ‘ртки па душкаа по гумната, по дворовите, на срецелото, по бунарите и чешмите и изгледа тогаш научиле дека Тодејца не е тукашна, туку дека можеби е Еврејка. Тоа за потпоручникот Куцаров било причина, или изговор, да нареди да му го дотераат врзан Тодета во палатката, за божем лично од него да ја утврди вистината, а намерите му биле други, гнасни. Попладнето, додека војници врзан го чувале Тодета во палатката, тој, Куцаров, со други двајца офицери, отишол на Имотот за да ја сослушува Тодејца. Тоа се отскри на тој начин што братучедот на Тодета, Јован Јанкулов Акиноски, некаде приквечер (се вратил од поле и дознал дека е Тоде затворен а дека Тодејца дома ја „сослушуваат“ офицери) со силна викотница, со пцости и со стап ги спопашка низ сокаците Куцарова и другарите, а тие напиени, распојасани и поревнувајќи се, се разбегаа на сите страни, пукајќи со револверите наслепо. Веднаш потоа, по заповед на командантот на војската, Тоде беше ослободен, а утрото, дали од срам поради тоа што им се случи или од страв, заедно со жената и со чупалето (Илинденка се викаше и таа беше момата, онаа што ја закопаа истиот час кога повторно се вратија во Потковицата) само со еден голем куфер, што го носеше Тоде на рамо, си заминаа од Потковицата. Некои рекоа дека отишле во Софија, други дека Јован ги испратил таму некаде, во Европа, кај свои пријатели. Точно било ова, второво, сами Тоде и Тодејца сега кажуваат. Најпрвин навистина стигнале во Бугарија, во Софија, но потоа со лажни паспорти, и со помош на добри луѓе преку Романија, Унгарија и Австрија, стигнале во Швајцарија. Добро им било таму; добро заработувале, добро живееле и изнародиле осум дечиња, но срцето постојано ги влечело за назад, особено Тодета и Илинденка. Но не смееле да се вратат; се плашеле од колективизацијата, си мислеле дека државата сè им одзела и ништо не им оставила од Имотот. Но кога во почетокот на шеесеттите години, тогаш се пуштија границите и едночудо наш народ замина на печалба во Европа и низ светот, дознале дека тоа не е така, дека земјата лежи напуштена и неизорана, почнале да се подготвуваат за враќање. И само на неколку часа пред враќањето, дали од возбуда, на Илинденка, која и пред тоа си била болешлива, и препукнало срцето. Ја спакувале во железен ковчег, херметички затворен, и ја донесле ваму, во Потковицата, за да ја закопаат на родителските гробишта, таква била нејзината претсмртна желба. Сега, кога се знаат сите овие подробности, се знае и тоа дека Тодејца е навистина Еврејка и дека и Тоде и децата, таму, во Швајцарија, примиле друга вера. Не, не станале Евреи, станале папиштани, ја празнуваат сабота, а не недела. Но добри се, испомошливи, и многу, многу работат на земјата, со машини. А властите во сè им излегуваат во пресрет; настојувајќи преку нив да го вратат животот во Потковицата, покрај што им ја вратија нивната поранешна земја, која ја имаше присвоено Земјоделскиот комбинат од Прилеп, им придадоа и друга. И неколку пати ги извадија на телевизија, како напредни земјоделци. Тоде вели: Ако ние, Акиноските некогаш одамна сме го започнале животот овдека во Потковицава, а тој во меѓувреме и нас нè испусти и сам се запусти, ние и ќе го обновиме. И како се упорни тој и неговите, небаре кртици може и ќе даде Дајбог, ќе успеат. А тоа, отстојувањето на Имотот, во градежна смисла, сè до средните шеесетти години на нашиов век, кога се урна госпо- дарската живеалишна зграда, се должи покрај на отпорноста на градежниот материјал (камен, малтер од негаснета вар и дабово дрво) и на вештината на градењето, уште и на итроста, грижливоста и жилавоста на неговите стопани, а потоа и на една, иако понижувачка, среќна историска околност. Кога Кара Мустафа ги поведе своите војски од Дупка на Имотот, беше решен да го разурне и да го изгори. Но тој и војската уште и не стигнаа до Имотот, Источната порта широко се отвори, а двајцата мажи што излегоа од неа, во господарска облека и невооружени, пријателски му појдоа во пресрет. И сам садриазамот, погодувајќи им ги намерите, ја запре војската. Мажите смерно пристапија пред него, му направија поклон, а потоа, помладиот од нив, (во еферо Акиноски пишувало дека се викал Теодор и дека бил управител на Имотот), на чисто турски јазик го покани заедно со другите главешини да им биде гостин. Тоа направи садриазамот да го измени решението, а кога со уште некои главешини влезе внатре, во дворот на Имотот, силно се учуди од богатството и уредноста што беше насекаде присутна. Заедно со живеалишните и добиточните згради, со живинарниците, кошарите и амбарите, со гумната и оградите за излачување на добиточниот подмладок, со бунарите и коритата за пиење на добитокот и со родните дрвја, Имотот, на садриазамот му се чинеше, се простира до во недоглед. И сè беше уредно, чисто и варосано. Дури и коритата за поење на добитокот, дури и стеблата на дрвјата беа варосани, и тоа догоре, до гранките. Во тој миг, во мигот на завојување на Потковицата од страна на Турците, тоа го спаси Имотот од уништување: богатството, уредноста, пресметаната понизност на двајцата мажи што го пречекаа садриазамот, а потоа и онаа, понижувачка но среќна историска околност. Имено, на 26 септември 1371 година, стар стил, на реката Марица кај местото Черномеј, војските на кралот Волкашин и на брата му Углеша, деспот на струмската област, се судрија со турските војски. Во овој воен поход, преземен на навалување на Углеша чија територија, по затврдувањето во Едрене, Турците непосрдно и постојано ја загрозуваа, турската војска, помногу-бројна и подобро организирана, однесе победа. Заедно со браќата загинаа или беа заробени и поголемиот број феудалци, па земјата остана без одбрана. Во таквата ситуација синот на Волкашина, Крале Марко, кој ја наследи татковата круна и владетелството над централна и југозападна Македонија, ја призна турската врховна власт, а со тоа врз себе зеде обврска да плаќа даноци и да дава воена помош. Сè до неговото загинување во бојот со влашката војска, во 1395 година, кај местото Ровина, Турците вршеа само повремени упади во Марковото вазално кралство, го ограбуваа и го одведуваа населението во ропство, но кога кралството остана сосема небрането, тие презедоа напад и врз него. Наидувајќи само на безначајни оружени отпори од страна на месното население брзо напредуваа и во завојуваните краишта веднаш востановуваа своја, турска власт, која, пак во имотно- правна смисла, барем во прво време ги чуваше крепостите на стариот државноправен систем. А тоа беше во склоп со генералната турска политика: извлекување на што поголеми приходи за потребите на војската, за зачувување на мирот во завојуваните краишта и за придобивање на племството на своја, турска, страна. Имајќи го тоа на ум, и имајќи ги во вид планираните натамошни походи на Балканскиот Полуостров и во Средна Европа, Кара Мустафа не го уништи Имотот, не го разурна и не го изгори. По обиколката на Имотот, при којашто тој и другите главешини (на предлог на мажите што го пречекаа и кои и понатаму го придружуваа) си избраа коњи од ергелата, Потковицата, заедно со Имотот, заедно со стопаните, заедно со сите нејзини жители и со сиот нејзин синор, од свое име и од име на победоносната војска, му ја подари на својот султан, како израз на верна љубов и длабока покорност. Тој, пак, султанот, Мурад I Ходавендекер, во склад со својот лукав и сомничав ум, искажа милост: сомневајќи се дека некој друг ќе може толку успешно да управува со Имотот колку довчерашните стопани, и сомневајќи се дека ќе може некого друг, некој Турчин на пример, да го ограбува колку нив, на Акиноските им го остави Имотот, а заедно со него и титулата и господството над целата Потковица. Но во замена за тоа, покрај со воени давачки (носителот на титулата спахија да учествува во воените походи, плус да опремуваат еден војнички шатор, двајца коњаници и тројца пешооди) ги обврза и половината од приходите на Потковицата, во вредност од 94.000 акчиња годишно, нему да му ја даваат. И за секој случај, за да се заштити од евентуални поткрадувања од страна на Акиноските, за надзирател на работите во Потковицата го одреди прилепскиот сераскер Мехмеда. Оттогаш, од времето кога Потковицата му беше подарена на Мурада I Ходавендекер, Имотот доби други две имиња: Хас чифлиг (Слободен чифлиг) или уште, така, на подбишега, го викаа сами Акиноските и сите жители на Потковицата – Ортачки чифлиг, то ест Акиноските со сила беа натерани да се „заортачат“ со султаните во Константинопол. Но тој во свеста на луѓето, во нивните разговори за Акиноските и воопшто за Потковицата, па и во некои пишани документи си остана познат со старото име – Имотот. Таквиот свој статус, единствени но само формални стопани на Потковицата, и статусот на Потковицата, неподелена, Акиноските го задржаа до 1593-та година. Тогаш, по поразот од австриските војски кај Сисак, Мурад III, на враќање за Константинопол преку Прилеп, Битола и Солун, веројатно подбуцнат од прилепските главешини, изрази желба да се одмори во Потковицата, на „својот“ чифлиг. За таа цел, за резиденција на султанот, од Акиноските беше „позајмена“ господарската живеалишна зграда (тие се преселија кај своите отроци, кај Митровци) и набрзина претворена во вистински царски дворец. Зашто беше истото лето варосана, немаше потреба да ја дотеруваат однадвор, но внатре целата ја наполнија со килими, со свила, со кадифе и со специјални шандани. На денот, пак, на доаѓањето на султанот во Потковицата, жителите на Потковицата, на чело со Акиноските, мораа да излезат дури на Алилово и да ги пречекаат гостите. Сам султанот, со бројната послуга, со харемот и најпочестените високодостојници, се смести во господарската зграда, додека другата негова придружба, соколарите и гардата, распнаа шатори на Зедница и во Дупка. Неколку дена Турците се одмараа, благуваа и ловеа низ полето и во гората. За среќа, полските работи беа завршени, нивното доаѓање се падна во почетокот на есента, па не се сторија штети ни во полето ни по луѓето. Оние, луѓето, жителите на Потковицата, посебно женската челад и младината, не морајќи да излегуваат во полето, се испосокрија по домовите и на сите можни начини ги избегнуваа средбите со Турците. На петтиот ден пред пладнето, кога си одеше од Потковицата, Мурад III го повика кај себе Софронија Акиноски, кој тогаш беше пензиониран спахија. Приемот се изврши во гостинската одаја на господарската зграда, во присуство на многумина турски великодостојници. Мурад, сам и сиот соѕидан со перници, седеше сред одајата, а сите други стоеја простум. И зашто и тој, како и одајата, како и целата господарска зграда, беше натоварен со свила, со кадифе, со злато и бесцени камења, блескаше како нешто неживо, како нешто што не можеше да се спореди со ништо живо. Му беа отскриени само предните делови на лицето – очите, носот, устата и брадата – и само рацете и само тие го прикажуваа како жив човек, кој заповеда. Софрониј му се поклони дури додолу до земјата, а кога се исправи, виде како султанот со рака го повикува кај себе и му покажува место кај да седне – на килимот веднаш спроти него. Софрониј повторно се поклони дури до земја и смерно седна, крснозе, на одреденото место. Очекувајќи да чуе зошто е повикан, од силна возбуда, од нејасни и лоши претчувства, целиот потреперуваше. Мурад заповеда да го угостат, го послужија со татли кафе и студен шербет. Не брзајќи да посигне по понуденото, а плашејќи дека ќе го навреди домаќинот ако го откаже сосема, Софрониј направи благ и неодреден поклон нанапред спрема филџанот. Во истиот миг султанот зеде да зборува, гласот му беше мек, бавен и циничен – очигледно, се обидуваше да биде разложен и недосеглив – а речникот китен. Ги фалеше сите Акиноски – да им се умножат достоинствата – носители на спахиска титула, во тој контекст лично и него, Софронија, – да му се зголемат гордостите – за успешното управување со Потковицата, за редовното и чесно плаќање на давачките, за лојалноста спрема султаните и за нивното храбро учество во воените походи. Софрониј, – кој одлично го зборуваше турскиот јазик, и покрај силното напрегнување не можеше да ја погоди скриената намера на султановото зборување; си думаше Ова не е тоа за кое сум повикан, па стануваше сè посомничав. И во еден миг, кога му се стори дека почна да насетува на што го подготвува султанот, одеднадеж го опфати треска. Треската не траеше долго, но изгледа достатно за тоа да го забележи и султанот па и тој замолче. Крупни, црни, со жолт отсјај, очите ги запре на Софрониј, се чинеше дека ги проучува мените на неговото лице, дека во нив бара потврда за тоа како било разбрано и до каде допрело неговото зборување. Меѓутоа, имајќи ја десната рака положено на срцето, Софрониј продолжуваше да молчи. Тоа како да го разгневи султанот, па кога повторно прозбори, гласот му беше наполно изменет. Наместената мекост и подбивност исчезна, а некоја отворена и груба жестина, која постојано се надолеваше, почна да ја заплискува одајата. Софрониј брзо сфати дека тоа не се однесува на него, ниту, пак, на некого од неговите, туку на некого таму, па успеа да се успокои. Мурад на некого од високодостојниците му мавна со рака, овој пристпи кон него држејќи в раце перниче на кое имаше положено одликување прикрепено за синџирче. Мурад, пак, со рака, му даде знак на Софрониј да стане. Во истиот миг стана и тој, го досегна одликувањето од перничето и застана пред Софрониј; пред да му го обеси одликувањето на гуша, му соопшти, не без искрено сочувство, дека неговиот брат носителот на спахиската титула, Георгие Акиноски – Алах да му ја направи миризлива земјата – загинал во бојот со Австријанците. Купот од текстил, од злато и бесцени камења, застанат пред Софрониј, се заниша и се заврти и целата одаја се заниша и се заврти, но Софрониј, вложувајќи силни напори брзо се созеде; десната рака ја положи на срцето и изусти: Голема е и високославна волјата на господарот на светот. Потоа, во исчекување да му биде предадено одликувањето, несвесно ја поттури главата нанапред, спрема Мурада, а кога и тоа го направи, односно откако Мурад му го обеси одликувањето, ја исправи главата и изговори: Алах да му ги умножи славата и удопствата на Прагот на среќата и лично вам, наш високославен султану. Евала, рече Мурад, направи благ наклон спрема Софрониј и пак со рака го покани да седне на одреденото место на килимот. А кога и тој седна, сега веќе не внимавајќи ни како седи ни дали му е одмерен гласот, почна отворено и грубо да им се заканува на тие таму, во Европа; дека нивните градови ќе ги претвори во урнатини, а нивните полиња во гробишта, дека... Раката негова е силна и војската негова непобедлива. Но за тоа, за пресудниот бој со нив, со Европејците, тој, Мурад III, веќе издал високославна заповед да се зголемат давачките. И тие немало да се плаќаат како досега во стока, туку во пари, потребни за да се купат некои работи за војската кои ги немало тука, во царството, туку ги имало таму некаде, во дуњата. А како Потковицата била богата, имала големо и плодно поле а малку луѓе што го обработувале, по негова заповед тука ќе се доселеле заедно со многу раетини и четворица високодостојници, Турци. Тие, новите спахии, заедно со нив, со Акиноските, за секој воен поход ќе опремувале пет војнички шатори, односно секој спахија по еден, пет коњаника и десетмина пешооди, односно секој спахија по еден коњаник и по двајца пешооди. Се разбира, не сметајќи го во тој број спахијата носител на титула. Овдека Мурад III замолче но веднаш потоа му соопшти на Софрониј дека неговиот најстар син, Димитрија Акиноски, да му се умножат достоинствата, го одредува за носител на спахиска титула. Алах да ви ја умножи благоста, највисокодостоен, рече Софрониј и зашто мислеше дека приемот е веќе завршен, направи движење кое ја потскажа неговата намера – дека е готов да си отиде. Тоа Мурад го забележа и забележа дека Софрониј не ги ни обиска кафето и шербетот, го обзеде силна лутина против него. Спротивно на својот карактер, спротивно на своите вообичаени султански постапки и навики, многу време изгуби со него. И беше, а тоа најмногу го лутеше, неразумно говорлив. Можеби затоа ѓаурот, сметајќи го тоа за негова, Мурадова слабост, му се потсмевна – Алах да ви ја умножи благоста највисокодостоен господине. Пих, ќор оглу! Причувувајќи се да не искаже и друга слабост, изблик на неконтролирана лутина, Мурад III одмавна со рака, а со тоа на сите во одајата им даде на знаење дека старецот му станал здодевен и дека може да си оди. Софрониј стана; метанисувајќи и отстапувајќи назачки, погрешно се упати кон вратата што водеше на чардакот – тоа Турците ги насмеа – па мораше, пак метанисувајќи и отстапувајќи назачки, да се враќа назад – за да излезе правилно: низ вратата што направо од гостинската одаја, односно од горниот кат прудолу по скалите водеше во тремот на долниот кат и оттука, низ Голема врата, во Предното двориште. Но тука, пред Голема врата, само што го пречекори прагот, му се стресе телото, однатре, и веднаш потоа го покри темница... Турците испратија по неговите да дојдат и да си го земат мртовецот. Дојдоа двајца постари мажи и синовите на Софрониј; го завиткаа во веленце и го однесоа дома кај Митровици. Го положија на одарот во гостинската одаја и зашто добија заповед да не смеат да тажат, за да не го вознемират султанот, запалија свеќи, ги склопија дланките и чекајќи го времето кога ќе си отидат Турците од Потковицата, немо молеа за душата на покојникот. Истиот ден, во време пладнина, Мурад III си замина од Потковицата. Како дар од нејзините жители и од Акиноските, понесе пет канти со мед, пет канти со овча маст, толку со сирење и восок, неколку јунци и повеќе шилежиња – за да има пресно месо до дома, до Константинопол, а како спомен од себе, покрај двете смртти на браќата Акиноски, го остави и она одликување кое во домот на Акиноски, во едно дрвено ковчеже, заедно со други семејни реликвии, на полиците во гостинската одаја се чуваше до целосното пропаѓање на Имотот, во времето на распуштањето на колективите. Тогаш, во општото разграбување на Имотот и на покуќнината Акиноска, зашто немаше кој да брани, веќе никој од нив не живееше тука, Борис Енда, кој беше раководител на месната канцеларија, мислејќи си дека е ковчежето полно со злато, го украл. Го завиткал во едно веленце, а да не се досети некој дека сокрива нешто скапоцено, и го однесол дома. Таму, скришум од Бона, од жена си, и од децата, го скршил катинарот и го отворил ковчежето. Но кога видел дека внатре нема ништо што да е вредно, од злато или од сребро, се налутил и го џитнал низ прозорец. За ова нешто сам тој на шака расправаше, после, ко помина фуртуната и ко се растури месната канцеларија, а тој ништо потоа не беше. Си стана обичен, како порано, како пред војната, пртал пискул. Читателот бездруго се прашува што било во меѓувреме во Потковицата, што се случувало таму од времето кога таа беше завојувана од Турците, во доцните деведесетти години на 14 век, па до доаѓањето на Мурад III, во раните деведесетти години на 16 век, во есента 1593 година? Па, сосема е извесно: како стара византиска господа и како христијани, Акиноските не беа во особена милост кај султаните. Но како храбри војници на нивна страна и редовни исплатувачи на давачките, полезни, дури и повеќе од муслиманите носители на титули и земјишни поседи па затоа и заштитувани. Па, сепак, за да не стават знак на еднаквост меѓу нив, меѓу едните и другите, Акиноските не ги уживаа почитта и почестите кои им припаѓаа. Судските чиновници, разните надзорници и собирачи на даноци, војската, на еднаков начин ги третираа со другата. немуслиманска раја и на еднаков начин ги ограбуваа, па за животот на само неколку колена нивната госпоштина сосема ја истопија. Од сите поранешни привилегии им ја оставија само таа, да живеат на Имотот и да управуваат со Потковицата, да не мораат, како другата христијанска раја, да работат на полето, но и да опстојуваат делејќи го со неа, со своите довчерашни отроци, тоа што ќе преостанеше по толкуте давачки: покрај приходите од полето, од шумите, од ливадите, од лозјата, ним, на султаните, мораше да им се исплатуваат давачки и за патиштата, и за поилата на добитокот, па дури и за блатата и мртвиците во кои жителите на Потковицата ловеа риби и береа шамичишта и врбови прачки за кошари и кошеви. Сепак, Акиноските, претприемчиви луѓе, сопрво излегуваа некако на крај со толкуте давачки. Сетики ќе изнајдеа некој нов извор на приходи за кој, по правило, султанските надзорници дури отпосле дознаа, а кога тие ќе дознаеја – веќе беше доцна: Акиноските го напуштаа него и смислуваа друг. Тоа, таквиот натпревар, траеше сè додека не стигна султанска заповед, без нивно одобрение на „нивниот“ дел од Имотот и воопшто во Потковицата да не смее ништо да се врши (ни столарски, ни ковачки; ни свеќарски, ни некој друг занает) освен дејностите врзани за поледелството и сточарството. Поправо, сами тие, Акиноските, го отпочнаа своето осиромашување. Не можејќи со постоечката работна сила да ги намират давачките, а не сакајќи ни да си скусат од својата господштина, своите отроци, во чија работливост и преданост безгранично веруваа, за да ги врзат уште повеќе за себе, од Дупка ги преселија на Имотот. Добиточните згради, од Северната до Западната порта ги претворија во живеалишта за нив, им доделија по нешто ограѓе, добиток и живина, а во нивните куќи во Дупка доселија преселници од приморска Македонија. Нив, преселниците, ги обврза да го плаќаат султанскиот дел, а од она што ќе им преостане да го обезбедат својот поминок. Тоа скапо ги чинеше. Најпрвин, по заповед на Портата, мораа да му исплатат обештетување на стопанот на пребеглиците, некојси солунски високодостојник, Турчин. Потоа, Портата, поаѓајќи од умножената работна рака, им ги зголеми давачките, и трето, поради каквата-таквата заштита од самоволијата на приватните спахии-Турци, на Имотот почнаа да се доселуваат елевери. Така, некогашната населба од само неколку многучеладни домаќинства, – Митреските, Перуноските, Ендоските, Бозоските и Ѕвездакоските – излезе од Дупка и непречена од никого, а не смеејќи да запоседнува обработлива земја, се искачи на најниските, неплодните, падини на Горник. Горе над населбата, на зарамнетото на Горник само на две-три стотини метри јужно од Извориште, жителите на Потковицата засноваа гробишта, се обидоа да подигнат и црква. Но тоа законот изречно им го бранеше, па тие обележија место на кое кога-тогаш, се надеваа, ќе ја подигнат црквата. Овдека, на обележаното место, до подигнувањето на црквата, во времето на Преробаа, под отворено небо ги вршеа религиозните обреди и ги опејуваа своите мртви. Овој податок укажува на тоа дека црквичката во Дупка веќе уште тогаш, во тие одамнешни времиња, загубила на своето значење. Може дека населбата нараснала па таа не можела да одговори на својата намена, а може дека подјадена од староста, а под забрана да се поправа, луѓето ја напуштиле. Ваквата тројно и четворно зголемена работна рака и давачки, бараа нова организација на производството и постојан надзор, па Акиноските, за да бидат поблиску до Потковицата, од Солун се преселија во Битола и оттаму, во екот на полските работи, доведуваа сакимии. Портата, пак, незаситлива и вечно сомничава дека Акиноските, заедно со собирачите на приходите, ја поткрадуваат, одново ги зголеми барачките. Тогаш, на Акиноските не им преостана ништо друго туку да се преселат, засекогаш, на Имотот. На тоа ги притегна и една друга несреќа: на празникот на новата Месечева година, 823-та, ајдути ги обраа нивните магази во безистенот во Битола. Плашејќи се одново да започат со веќе ризичната трговија, и не сакајќи да ги изложат животите, истата година се доселија на Имотот. За многумина од жителите на Потковицата нивното доаѓање беше вистински настан, по прв пат ги гледаа своите господари. Беа тоа луѓе сосема поразлични од нив, и во облеката и во ликата и во однесувањето. Мажите беа средни по раст, витки, цврсти и не многу зборливи, жените пак, дотерани во свила и кадифе, со високи и натаврени шапки на главите, прилегаа на светиците и болјарките од фреските и иконите во црквите. Се чудеа и ги жалеа отроците: зарем тие, такви, слабодушни суштества, дошле да си го вадат поминокот работејќи на полето. И не беа помалку изненадени кога ги видоа мажите како, качени на покривот на господарската живеалишна зграда, ги преуредуваат керамидите, како сами ги поправаат чардаците и ги кастрат родните дрвја. Од никого, дури ни од луѓето што живееја на Имотот, не побараа помош не дури ни совет, ни алат. Сè, се чинеше, си донесоа со себе: и умеење и алат и решеност, сите работи сами да си ги свршуваат. И никогаш ниту тогаш, кога се доселија, ниту некогаш подоцна не се замешаа во животот на населбата, сите односи со нејзините жители ги решаваа преку некого од луѓето кого ќе го одредеа за субаша. Преку нив, преку субашите ги поучија другите како да се одбранат од данокот во крв – на новородените да им врежуваат крстови на скришни места, под мишките, или направо на челата. Така Турците не ги собирале да прават од нив јаничари. Тогаш, кога Акиноските за прв пат се доселија во Потковицата, се пронесе глас, но тоа не беше вистина, дека султанот, Мустафа Челеби, Лажниот Мустафа (1419-1421 година) за да им го остави Имотот, им понудил да преминат во исламска вера, но кога тие го одбиле, се разгневил и им заповедал на властите да им ги оберат магазите во безистенот во Битола и да ги протераат во Потковицата – за заедно со другите раетини да работат за него. Таквата помисла, за преминување во ислам, ни на крајот на умот не им паѓаше ниту на султанот, ниту пак, ним, на Акиноските. Тие, Акиноските, горди и довчерашни лути непријатели на Турците, многумина нивни блиски соплеменици паднаа во боевите против турските завојувања на Македонија, ниту не можеа да помислат на исламизирање; беа длабоко уверени дека единствено е добра и исправна верата христова и силно и беа предани нејзе, а Лажниот Мустафа, пак, за сè добро известен, како да негуваше одредена почит за нив, како да не сакаше да ги понижи повеќе од што беа понижени со самиот факт што тој, туѓинец, господари со нив, довчерашни византиски господа. На тоа, да не настојува да ги преведе во ислам, го тераа и неговите материјални интереси: сепак, повеќе им веруваше на Акиноските, на нивната традиционална благородничка обреченост на чесност и достоинство, отколку на разните свои турски високодостојници и собирачи на приходи – сите скородојденци, па според тоа и грабачи и утајувачи. Затоа, за да се заштити и себеси и нив, божемните господари на Потковицата и нивните поколенија во иднина, издаде бера со кој себеси и сите идни султани ги прогласи за муевелии на Потковицата, а нив, Акиноските, за нејзини вечни стопани. Впрочем, тоа беше во склад со турските закони: сите имоти, сета земја, освен башинаа, правото над неа се докажуваше со тапија, беше сопственост на државата, на централната власт, а на сето тоа врховните господари султаните: според својата волја и заслугите на другите делеа и одземаа имоти. Сепак, за да им даде на знаење на Акиноските да не полагаат премногу надеж во неговата наклонетост, а веруваше дека на тој начин пред своите високодостојници ќе ја нагласи и својата лукавост, Мустафа Челеби, преку разните свои собирачи на приходи, им порача да си знаат дека не ги потурчува не зашто не сака да го стори тоа, туку дека си има своја скришна сметка: ако ги преведе во ислам, ќе мора да им додели турски благороднички титули, а со нив да им ја остави на целосно уживање и Потковицата, или да им додели нов имот, а тоа, за него, ќе значи загуба на сигурни приходи, толку потребни лично нему, на Портата, и на војската, за честите воени походи во Европа. Вака, неисламизирани, може да ги држи во постојано напрегната ситуација, на исто рамниште со другата христијанска раја, и да ги исцедува колку нему му се сака. Значи, на „својот“ дел од Потковицата, по престојот во неа во 1583 година, Мурад III насели четворица турски военодостојници – Албеговци, Јаузовци, Муслиновци и Мустафовци. За да не се здружат четворицата против Акиноските, меѓу сите нив раетините ги подели така што на секого од нив да му се паднаа подеднакво број глави. На Акиноските им ги остави нивните поранешни отроци, петте домаќинства, со околу триесетина глави – Митроските, Ѕвездакоските, Бозоските, Ендоските и Перунските; новите жители на Дупка Станкоските, Аџиоските, Цолеските и Јанческите им ги додели на Јаузовци; Ризеските и Мицкоските на Муслиновци; Џокоските и Бубичоските на Алибеговци, и на Мустафовци Велјаноските. Новите спахии, пред што се доселија засекогаш, во Потковица испратија голема тајфа мајстори-ѕидари и еден главен мајстор-архитект, Турчин од Солун. Овие, заедно со потковичаните во тек на две години, долу, под населбата, на обработлива земја и во рамна линија со Имотот, им подигнаа чифлизи... Подигањето на чифлизите стана така што мајсторите и потковичаните (нив, на последниве, тоа посебно тешко им падна: покрај што беа катадневно ангажирани во градежните работи, кршеа и довезуваа камења, сечеа плитари, бичеа греди, газеа кал и мешаа малтер, мораше да се грижат уште и за исхраната на мајсторите, за полето и за домазлакот) најпрвин го одредија просторот на кој требаше да бидат подигнати идните чифлизи, потоа истиот тој простор од Имотот и од селото го издвоија со широки сокаци и високи камени ѕидови. Тоа ѓо сторија во првата година; во втората, пак, откако со исто такви ѕидови, во кои како некој вид проток, вградија капиџици, тој голем и легнат од север на југ правоаголник го поделија на четири еднакво големи и исправени од исток на запад правоаголници, пристапија кон подигање на зградите. Соѕидаа пондили, трла, гојдарници, коњарници, кочини, живинарници, амбари, а во средината на дворните места извишија четири еднаквообразни кули. Кулите, и ден-денешен го имаат тогашниот изглед: надвор немаат балкони и покриени се со старовремски ќерамиди; внатре, пак, на најгорниот кат, имаат една единствена одаја со четири, на секоја страна по еден, големи шимшир прозорци и камени поѕидоци – минерлаци. Овдека, во горните одаи, а во склад со своето сфаќање на спахиското достоинство, агите, одлачени од семејствата со тесни, речиси вертикални дрвени скали, во мир и тишина го благуваа својот живот. И оттука, низ прозорците, ја контролираа рајата на полето, а понекогаш, за да се разгалат и за да ја потплашат неа, рајата, фрлаа со пушки. Сепак, не се случи, или, подобро барем во првите години беше така, не се случуваше тоа од што најмногу се уплашија жителите на Потковицата – Турците, како и стопаните дотогаш, не ги злоставуваа. Напротив, ги заштитуваа од вонредните порези, од данокот во крв, од грабачи: единствено што бараа беше работа, работа, и само работа. Покажаа и интерес за населбата. Со нивна поддршка и согласност на султанот, по барање на потковичаните, а за потребите на чифлизите, на Акиноските им беше допуштено да подигнат дуќани – ковачки, налбатски, коларски и еден мешан, самарџиско-ортомџиски – и да доведат мајстори од Прилеп, од Битола и од Солун. Сè што бараа агите за себе, впрочем на тоа никој и не можеше да ги натера, беше да не ги плаќаат услугите во дуќаните. Со тоа, се чинеше, населбата поделена на два дела, на христијански, што го чинеа потковичаните и Акиноските, и на турски, што го чинеа чифлизите, конечно го доби својот ропски изглед и дефинитивно го заживеа својот мирен ропски живот, на кој никој, ниту поробените ниту, пак, поробувачите не можеа да му го предвидат крајот, па, упатени едни на други, заеднички го изградуваат. Имено, потковичаните, дојдени или доведени од сите краишта на Македонија, лека полека се свикнуваа едни на други и лека полека ги прифаќаа, како свои, традициите на староседелците: почнаа да им се придружуваат во чествувањето на светите води и места, ги прифатија обичаите сврзани со Латинска Црква, го прифатија Свети Никола Летен за заеднички селски сведен, а Турците се однесуваа како сето тоа да се правеше во нивна чест. Само стопаните на Имотот, Акиноските, останаа излачени. Впрочем и нивниот имот, подигнат под падините на Зедница, остана некако понастрана од населбата. Никој не можеше да каже што се случува таму, зад ѕидовите. Се знаеше, а тоа можеше и да се види, кога доаѓаа или си одеа, дека многумина од нивните млади мажи учат или попуваат некаде во Битола, во Солун или во Света Гора, дека кога требаше да му се исплатат давачките на дворот, сами тие му ги носеа, дури во Константинопол. Се дозна и тоа дека немаат намера ни своите мртви да ги закопуваат тука, на гробиштата на Рамник на Горник. Им умрело, го клоцнал некој коњ, едно малечко; никој не слушна да го реа но сите видоа кога умреното, затворено во ковчег и натоварено на кочија, го изнесоа од Имотот. Кочијата, во која покрај ковчегот имаше уште четворица мажи и, една жена, мајката на умреното, се упати по Пазарџиски Пат, тогаш во тие оддамнежни времиња, сè уште неразгазен, кон Прилеп, но кај Алило, после се дозна за тоа, скршнала десно, кон Битолско Џаде и по него, по Битолско Џаде, го однесле малечкото во Битола и таму, на тамошните христијански гробишта, го закопале. Но токму тогаш кога населбата, со своите дуќани, почна да станува привлечна и за другите околни, некој вид центар, една ноќ, во долот помеѓу Ѓокоските и Бубичоските, на од никого небрането земјиште, како од небо да се истоварија Дамческите. Имаа од рошки подигната колиба, а на падините на Горник, под гробиштата, пасеше многубројна нивна стока; низ неа се разбркуваа весели и јадри дечишта. И сите тие, и мажите и жените, беа јадри и русокоси. Пукнаа за нив два гласа: едниот, што подоцна се потврди за точен, го ширеа христијаните, но никој жив не можеше да каже како допрел до нив, дека се тоа мирни работливи селани, кои, пред опасноста да бидат потурчени, дури од Мелничко стигнале ваму, а другиот, што не можеше да се провери, а го ширеа Турците, дека е тоа ајдутско племе, кое, на пат за ваму, попленило и запалило неброени чифлизи. Па, сепак, и покрај таквите гласови за нив, никој не отиде да ги пријави на кадиите во Прилеп или во Битола. Христијаните не сакаа да ги имаат на душа а Турците се плашеа да не им сторат некој зулум. Затоа на сите им олесна, сите ја одобруваа неговата постапка, тоа го сметаа за најдобро решение, кога Мусли бег отиде и им понуди, ако сакаат, да работат на неговиот чифлиг. Дамческите веднаш прифатија но побараа да им биде допуштено тука, каде што им се подигнати колибите, да си соѕидаат куќа, а тој, Мусли бег, ако сакаат да работат за него, да им додели земја што самите тие ќе ја обработуваат и да издвои добиток и друга живина што само тие ќе ги одгледуваат. На Мусли бег тоа му одеше во прилог, веруваше дека на тој начин меѓу чифлигарите ќе се закоренат некој вид натпревари, па кон нив и нивните предлози пројави особена наклоност. И може да се рече дека е нивна заслуга, на Мусли бег и на Дамческите, што, по нивниот пример тргнаа и другите спахии – меѓу своите раетини ги разделија своите земјишни поседи и својот добиток и ги задолжија сами да се грижат за приносите. И пак само на Имотот ништо ново не се случи, сè си остана по старо. Ниту раетините ниту, пак стопаните не покажаа интерес за постапката на Турците, Првите, реатините, како и дотогаш, продолжија да работат заеднички и плодовите од својот труд да им ги отстапуваат на стопаните, а овие на Портата, односно да ги делат со неа. Во сличен однос со нив, со Акиноските, беа и мајсторите од дуќаните; за нив може да се рече дури и тоа дека беа некој вид нивни послушници. Како ни раетините, што работеа на Имотот, ниту тие не покажуваа ни најмал знак на нетрпеливост спрема Акиноските. Причини за тоа, главно, имаше две: и едните и другите беа задоволни што работат за свои, христијански, гази, и – втората – што газие беа такви, добри, и не ги тормозеа: во сè, во сите работи им веруваа, како тие ќе им ги прикажеа така беа и прифаќани. Тоа, задолжувањето на сојовите од страна на спахиите со поделени парцели земја и издвоенни стада говеда и овци, беше првото корисно раздвижување што дојде во Потковицата со Дамческите и за тоа и едните и другите ги благословуваа – на тој начин навистина приносите двојно се зголемија. Но нивните други активности, со прво, или барем само во текот на изведувањето на работите, ги разгневуваа христијаните, а потем, кога ќе беа завршени, гледајќи ја ползата од нив, пак ги благословуваа. Така беше со водата за пиење; Дамческите ја пронашле горе, на сртот на Станкоски Рид, и предложија да ја доведат во населбата. Нивна е заслугата што и ден-денешен во населбата, и во најжешко лето, три чешми, низ месингени – шепурки, истураат студена вода – една на срецело, друга пред портата на Јанческите, а третата на влезот во населбата, пред Велјаноските. Истото се случуваше и со Долга Чешма. Пронашле Дамческите вода горе, на сртот на почетокот на западниот лак на Потковицата и предложија да ја симнат долу, на патот. За да имал добитокот да пие чиста вода, кога ќе одел изутрина на паша, долу, во ливаѓето, и навечер, кога ќе се враќал оттаму. И нејзе, и на Долга Чешма, христијаните ѝ подарија една цела пролет. Иако, додека траеја работите, постојано бошотеа дека нив не им е потребна чешма, зашто тие немаат добиток што да пие од неа, туку добитокот е спахиски, но после, кога ја подигнаа, со три тулејки и со корито на кое одеднаш да можат да се напојат и педесет грла, не можеа да им се изнаблагодарат на Дамческите – тие, христијаните навистина немаа свој добиток што да пие од неа, но таа, чешмата, беше нивно дело. По Долга Чешма, ги штрекна умот Дамческите, горе, кај Зајачки Рид, токму над Алилски Вир, да ја премостат Алинска Река. Тоа, премостувањето, не бараше дабови стебла од едниот на другиот брег на реката, врз нив да се нафрлат земја и камења, па христијаните без многу отпор се прифатија за работа. Као и спахиите и тие ја согледуваа непосредната полза од мостот: и во есен, кога ќе надојдеше реката, и во зима, кога ќе нападнеше снег и сè ќе замрзнеше, прилепскиот пазар им стана попристапен. Тоа, да, макар и со отпор, некако, согледувајќи корист и за себе, христијаните го прифатија. Но, кога Дамческите предложија да се обноват лозјата, со специјални сорти лози, што тие сами ќе ги набавеле и ќе ги донесле дури од Мелничко, речиси се побунија против нив. Но на страната на Дамческите, како и секогаш, беа спахиите: сето тоа нив ништо не ги чинеше, туку само им користеше, па во тек на неколку години сите лозја во Потковицата, освен оние што му припаѓаат на Имотот, беа ископачени и засадени со нови лози. Од сите работи што ги вршеа христијаните предводени од Дамческите, како и од сè друго, само стопаните на Имотот и нивните отроци и понатаму остануваа настрана. Тоа го предизвика стариот Дамчета, тврдоглав, бистар и грамаден селанец, да отиде кај нив и да ги укори. Беше приквечер, во лето; на сонцето, големо колку две педи, му остануваше уште само остен или уште само остен и половина за да се опушти зад Плоштина. Стопаните на Имотот, возрасните, беа собрани на чардакот, тој гледаше на запад, во сонцето; мажите редеа некакви дрвца, различни фигури, на ишарана табла, а жените везеа на гергев, додека децата нивни растрчуваа низ дворот. Го посадија Дамчета во плетен, од шамак, и удобен стол спроти сонце. Можеше непречено да гледа во дворот, преку ѕидовите во полето, на горите и на залезот. Го послужија со слатко и со некаков пијалак што мирисаше на сушени јаболка. И никој, како што очекуваше тој, ниту некој од помладите, ниту некоја од жените, не стана да си отиде. Тоа го збуни, очекуваше да води доверлив разговор со некого од главите на домаќинството. Па, сепак, и покрај силното препотување, и покрај тоа што се му се сплетка и измеша во главата, и покрај госпоштината со каква тој по прв пат се сретна и се уплаши од неа, реши да остане упорен и да ги прекори. Инаку, си мислеше, ќе го сметаат за смешен будала. Или за уште полошо, налуничав натрапник. И иако никако не му поаѓаше од рака да го одбере вистинскиот збор, што му беше најпотребен во мигот за да го отпочне нападот, кога проговори му се стори дека ја стрефи право целта. Но уште веднаш сфати дека сам се порази. Човекот што зеде да му одговори, помлад од него, имаше толку тврд поглед, и, воопшто, целиот изгледаше толку решителен, што тој, Дамче, изгуби волја да му возрази, макар само со еден збор. Му премале снагата, му се пресекоа и здивот и мислите. И стана да си оди; се симна по скалите и преку дворот излезе низ портата. На сокак, без двоумење, донесе решение никому да не кажува што му се случило а своите да ги поучи да се клонат од стопаните на имотот. Никогаш, никогаш во својот живот не натрапал, на некого или на некои, за кои му се стори ако не со машка снага тоа со духовна можат сè и секого да го здробат. Само што тој, Дамче, цивна дека тие, стопаните, се однесуваат како да не гледаат што сè прават другите потковичани, се истури поганијата врз него: И слушаме и сами гледаме што се случува. Вие градите и подигате на туѓ имот, зашто имотов е наш а не на Турците, ним даден им е само на уживање. Кога ќе ги снема, а ќе ги снема, зашто ќе мораат да си отидат, тогаш сè ќе биде по старо. Па и да не биде по старо, нема да биде како што е сега, некако поинаку ќе биде. А тоа, што се тие тука, е само едно, беда повеќе за вас будалите. Отсега ќе ви се зголемат давачките, ќе морате да плаќате даноци за сè што подигнавте. Сами сте си виновни. Колку повеќе им ги отворате устите, толку повеќе ќе орате да ставате во нив. Значи, очекувате да си отидат, се огласи тој, Дамче. Му се молиме на бога што побргу да се случи тоа. Само му се молите на бога, се обиде да ги праша. Можеш да им се заколниш на агите дека само тоа правиме. Ако тие те испратија да душкаш зад ѕидовите. Дамче се почувствува и понижен и навреден. И веднаш во неговото срце шибна омраза спрема него, спрема сите од Имотот. Можеа да го сметаат за будала, да го исмеат можеа, но тоа, да го нападнат како турски загар – ги преврши сите мери. Го стави стапот на крстот, ги префрли преку него рацете, ги стисна тупаниците, и така, исправен и гневен, уплашен и збунет, исполнет со еден единствен копнеж, да му го дознае името на проклетникот, стигна на срецело и се отпушти меѓу поседнатите на камењата пред ковачницата. И ништо не прозбори; само што рече Добра вечер се вслуша во жегалците, што жегаа тука, наоколу, и во жабите што крекаа-корнеа, долу, во бавчите и во блатото Боротинско. Уште една ропска ноќ, со толку можности во себе за правење чудесии, си мислеше, се спушта врз мене, ме завиткува во себе, ме поплатува. Што знаат овие за мене, воопшто што кој знае за мене, на што се надевам, на што сум спремен? Пес, рече огорчено во себе за соговорникот од Имотот и уште еднаш зажали што не му го знае името. И по непријатното искуство на Дамчета со стопаните на Имотот, тој и неговите, како за нивни инает, продолжија да ги подгонуваат христијаните на заеднички работи и да им се наложуваат. И така се однесуваа, како поим да немаат за зулумите што од нивното доаѓање зачестија во синорот на селото, а за кои, потајум, сите веруваа дека токму тие, Дамческите, ги прават. Сомневањата во нив особено ги закрепна куќата што ја подигнаа – вистински манастирски конак, околу наоколу утврден со повисоки и подебели камени ѕидови од оние на чифлизите и на Имотот. И што беше посебно предизвикувачко, место бунар со геран, имаа чешма. Тука, горе, над куќата, надвор од ѕидовите, пронашле извор и ја спровеле водата внатре, во дворот. Се прашуваа луѓето: Од каде ним толку пари, толкава самодоверба и дрскост, да постапуваат така, ако не во решеноста да тераат до крај, то ест да ограбуваат, додека не бидат фатени. Имено, во синорот на селото се случуваше тоа што често бидуваа претепувани и ограбувани, христијани и Турци, кои доаѓаа во дуќаните во селото или одеа на пазар во Прилеп, а грабачите никако не можеа да бидат фатени. Тие, зулумите, особено зачестија откако од походот на Маџарско се вратија постарите спахиски синови и се заканија дека тие ќе ги уловат зулумџиите. Особено влеваше доверба најстариот син на Мусли бег, црн, висок и едноок мирелај. Но колку повеќе дружината, до заби вооружена и на коњи, крстосуваше низ полето, толку грабежите бидуваа почести, а сторителите остануваа неоткриени. Значи, претпоставуваа потковичаните се работеше за опитни ајдути, какви што можеа да бидат само Дамческите. Тоа, зборувајќи по совест, крстосувањето на вооружените Турци низ полето само тие, Дамческите, не го одобруваа и како да настојуваа отворено да се потфатат со нив. Таква опасност постоеше особено кога Турците ќе загазеа низ делот од полето што го обработуваа Дамческите, а што не доаѓаше до сфатка, и едните и другите имаа да му заблагодарат само на непознавањето на силите на противникот. Имено, Турците не беа сигурни дали Дамческите не сокриваат пиштоли во пазувите а Дамческите не знаеја колку се вешти Турците со кубурите набиени во појасите, па, само откако ќе се поздравеа, се одминуваа. Но случајот сакаше да ги стави во отворено искушение, од што на сите во Потковицата им се пресече здивот. А кога, сепак, до потајно посакуваната пресметка не дојде, луѓето си го повратија дишењето, но, конечно, излезе на видело дека Дамческите навистина на сè се решени. Беше тоа при крајот на жетвата, во она исто лето кога по својот поход на стопаните на Имотот, се врати Дамче оттаму посрамотен и јадосан. Се жнееше пченицата, долу, под чифлизите. За време ужина Дамче отиде во населбата за да донесе вода за своите. На чешмата на срецелото затекна мноштво деца, христијанчиња и Турчиња, насобрани околу старецот Јанчески, кој дошол тука за да се олади и за да си ги накваси опинците. Зашто беше полуслеп и зашто беше толку остарен што не можеше да ги спопашка, дечиштата го тргаа за ресачката и го галатеа: Никола­серикола, врзи кучка за ирек; Никола ури, кучка сери, Никола бери! Никола­серикола ! Никола­серикола ! Му падна жал на Дамчета за старецот и ги спопашка децата. Но едно од нив, внучето на Мусли бег, синот на Арслан бег, но оној едноокиот, веројатно потпирајќи се на осиленоста на татка си, не само што не пофте да бега туку грабна камен и му го зафучи покрај глава. Дамче го потфати и му залепи две трешници па тоа лелекајќи отпраши дома си. Дамче веднаш сфати на што може да излезе сето тоа па и тој побрза да ги подготви своите. И не се излажа; само што стигна на нивата, од кај селото се зададоа на коњи шесмина вооружени Турци, а пред нив, со пушката в скут, јаваше Мусли бег. Кога стигнаа Турците на само дваесетина метри од жетварите, Дамче, откако им даде знак со рака на своите да бидат мирни но и на штрек, сам се испречи пред Турците, викна: Се лутиш, Мусли бег, сум ти го удрил внукот. Па, слези од атот, може ќе ти помине лутината ако позборуваме. Мусли бег не беше подготвен така брзо да го прифати предизвикот на Дамчета, но и не сакаше неговите да помислат дека се уплашил, па, не испуштајќи ја пушката од раце, рипна од коњот. Се лутам, ете, рече. Децата и старците не се делат на христијани и Турци, Мусли бег, тие се само деца и старци. Зашто да се делеа така, на Турци и христијани, сега и тие како нас ќе стоеја едни спроти други со пушки а немаше сите заедно да го пашкаат старецот Јанчески. Може внукот не ти кажа за тоа, но јас токму за тоа го удрив. Мусли бег без волја ја призна вината на детето но додаде дека никој не смее да крева рака на неговите, особено не на внуците негови. Од тоа искушение, им порачува на сите, да се припазат. Зашто тоа значело исто како да удирале на него, на Мусли бег. Да мислев дека удирам на Мусли бег а не на едно дете, рече Дамче, не знам дали не ќе се направев и слеп и глув за маките на старецот Јанчески. Не знам ни дали само така, со голи раце ќе нападнев на поганците, како што го сторив тоа со децата. Ќе го извадеше кубурот, викна Арслан бег. Возрасните се разумни и без причина не напаѓаат постари од себе, мирно рече Дамче. Отвореноста на Дамчета, разумноста на Мусли бег, очигледната решеност и на едните и на другите да не отстапат и опасноста поради неа да се испоубијат, направија сите да се оладат. Мусли бег ги отпушти своите и сам, водејќи го коњот по себе, отиде под сенката на сливата. Таму на меѓата, покриен со влажна ‘ржаница, за да не се стопли водата, лежеа два букара. Не толку заради што му се исуши устата од силна возбуда, туку и за да провери дали букарите навистина, легнати така еден до друг и завиткани во влажна ‘ржаница ја држат студена водата, побара да му дадат вода. Откако, пред тоа го врза коњот за стеблото и седна на меѓата, Дамче побрза да го услужи. Како е полето, враќајќи му ја копаницата, праша Мусли бег избегнувајќи, овој пат, да му се обрати по име. Изнароди, рече Дамче. Некој од неговите скорна еребица; мајката, вабејќи ги по себе малечките, го претрча стрништето и се сокри во нежнеениот дел на нивата. Никој не се загна да ги лови малечките. Цркнал некој скот, рече Мусли бег и покажа кон Алилово. Таму, ниско над ливадите, павтајќи со крилјата, се спуштаа и извишуваа мршојадци. Кон таму, забрзано јаваа шестмината вооружени Турци. Ќе го истурат бесот врз нив, врз мршојадците, јали врз воларите, воздивна Дамче. И не мислеше повеќе на Турците, туку на стопаните на кои им цркнало говедото. Ги жалеше за загубата но ги осудуваше за постапката; претпоставуваше дека само го одрале пцовисаното, ја зеле кожата, а мршата ја оставиле таму. Тоа можеше да биде опасно, да се заразат сите други говеда. Не е на одмет, мислеше, в недела да отидат на Коритница и да ги исчистат коритата; луѓето се слободни па ќе биде можно да се соберат. Ке треба само да позборува првин со домаќините а потоа и со спахиите. Ќе им објасни дека во вакви жештини секакви животинки се ведат во водата па може да се изразболи добитокот. Таму, на Алилово, одекна истрел. И уште неколку еден по друг. Орлите се разлетаа на сите стрни, но не се разбегаа; се вратија да кружат тука, високо под небото над Алилово. Мусли бег стана, ја стави раката над очи и се загледа натаму. Ништо не рече потем; го одврза коњот, го јавна и прекутрупа го потера кон чифликот. Дамче се врати кон своите, им рече дека веќе прекршила ужина и дека треба да почнат да собираат полози и да врзуваат снопје. За сфатката помеѓу Дамческите и Турците уште истиот час се расчу. Оние излезените во полето по работа, се сретнуваа на кладенците, на поилата за добитокот, каде што намерно одеа да киснат ‘рженица за јажици, на бунарите во бавчите, во колибите по бостаните и итро избегнувајќи да се определат за едната или за другата страна си докажуваа едни на други дека кога-тогаш меѓу скараните ќе дојде до отворено крвопролевање, а оние, што беа останати во селото, редовниците, старите и болните, за неа дознаа од децата. И едните и другите беа загрижени; претполагаа дека кога се вакви, разбеснети, Турците на секого можат да му навасаат. И погледнувајќи во сонцето, посакуваа што побргу да се стемни за да можат да се приберат дома, сите на куп, и да се замандалат. Лека полека стравот од непредвидливоста на Турците толку многу нарасна што ја поплати целата Потковица. Особено, и сосема видоизменет, се вгнезди во душите и срцата на момите и невестите. Во Потковицата сè уште се немаше случено, но за слични злодела денизден пристигаа вести од околните села: Турците грабеа моми и невести и ги носеа на чифлизите; таму ги турчеа и се женеа со нив или сè до старост ги чуваа во харемите, а кога ќе остареа, огрубени и обесчестени, ги падеа. Некои и такви се враќаа во семејствата, каде што, кобејќи си ја умирачката, живееа поттурнати, како дошлаци. Други, пак, чувствувајќи се понижени и посрамени пред семејството, и чувствувајќи се виновни пред него што не сториле ништо за својот спас – можеле да се убијат, да се отрујат, да скокнат од кулата прудолу – одбиваа да се вратат, дури и кога ќе се најдеше некој таков во семејството, брат или сестра, што ги викаше. Се обидуваа да најдат засолниште во манастирите, нудејќи им се за измеќарки, да служат колку само за лебецот и сонот под суво. Но и оттаму, сметајќи ги за испоганети и недостојни да ѝ служат на верата Христова, ги пашкаа. Нив им остануваше само можноста да станат на старост божјачки. Или да се задават со сопствените коси и шамии. Или да се удават во некоја вода, во некој бунар. Затоа невестите и момите почнаа да им се доверуваат на постарите жени дека се плашат, а овие навалуваа на мажите да ја остават работата и да си отидат дома уште со видело. Се изговараа со стравот на младите, измислуваа куп работи што останале дома незавршени а што требало да се сторат. Мажите точно знаеја што го предизвикува навалувањето на жените, но знаеја и дека одењето дома, предвреме, крие непријатности во себе. Спахиите можеа да ги вратат назад, а можеше и да се случи тие што ќе си дојдат по нив да ги земат на подбишега дека од страв од Турците побегнале од полето. Погледнуваа скришум во сонцето и колнејќи ги во себе Дамческите, Турците, судбината христијанска, ги наговараа жените да се стрпат и да почекаат додека да се попристемни. Сепак, уште со првите зорнини на самракот, кога од зад Усекот и од кај Алилово се зададоа воларите, тие беа деца и нив никој не можеше да ги исмева за стравот од Турците, со нив и по нив, обвиени во думани од прав што ја креваа говедата, почнаа да се враќаат една по една и тајфите од полето. Последни, како и секогаш, се прибраа Дамческите. Во полето, горе по ридиштата, останаа само овчарите, со своите стада и кавали. Но тие беа мажи и сами можеа да се грижат за себе. За нив сите знаеја, и христијаните и Турците, дека носат оружје со себе, дека се во дослух со горските самовили и духови и, воопшто, со дивината според чии недофатливи закони честопати и се однесуваа. Затоа, таа вечер, притиснати од стравот, момите и невестите не отидоа, како дотогаш, придружувани од малите братчиња и сестрички, да наполнат вода од чешмите; се задоволија да се исплискаат со вода на бунарите, да си постојат таму, да се изразговараат и оттаму да донесат вода за домаќинствата, а редовниците уште со видело поставија за вечера. И не постелија, пак како дотогаш, во лето, во дворовите, туку спиеја по тремовите, а кои имаа куќи на кат, на чардаците и во горните одаи. Но и покрај таквиот, голем уплав, многумина од мажите, пољубопитните и похрабрите, уште при враќањето од поле, остануваа на срецело. Таму, Турците, ‘Рслан бег и другари му, донесле два орла, еден картал и еден крсташ; ги убиле и такви, мртви, ги фрлиле во правта пред ковачницата. На едниот од орлите му дале име на некој крал од Маџарско, со кој тогаш војуваа, а другиот го крстиле Дамче и пред насобраните селани, пред своите татковци, помали браќа и синови биеја шега со нив. Дамче не го симнуваше погледот од крсташот, него, клоцајќи го, Арслан бег го викаше „Дамче“. Крсташот, и таков, убиен, раскрилен во правта и со закопана глава во неа, изгледаше непобеден. На Дамчета му стана криво за орелот, но јасно сфаќајќи дека со тоа што му го дале неговото име, Турците постојано помислуваат или посакуваат и него, Дамчета, да го видат таков, убиен, па предизвикувачки возрази: Убаво си го суредил, Арслан бег. Ти останува уште само да го шпиртосаш. Е, а како се прави тоа, шпиртосувањето? Никогаш не сум штавувал птици, само сум слушал за тоа. Треба да му ја извадиш утробата и сосе пердуви да го ставиш во солило. Сам ќе ти каже колку му е достатно стоење во солилото. Потоа исправи го на чатал и чувај го на полица. Да ги плашам децата? На досетката на Арслан бег заедно со него се насмеаја и насобраните. Арслан бег се наведна, го дофати орелот за нозе и го крена, нишкајќи го, му ја одмеруваше тежината. Барем десет оки тежи, рече. Толку и сол ќе ми треба за да го штавам. Го фрли орелот во правта и очекувајќи некој од христијаните да му понуди сол, строг и љубопитен го пренесуваше погледот од еден на друг. Христијаните, оние што стоеја простум, само ја пренесуваа тежината на телата од едната на другата нога а седнатите се правеа божем премногу се забавени со орлите. Погаѓајќи му ги намерите на Арслан бег и јасно чувствувајќи го неговиот предизвик, повеќе упатен нему отколку на другите, некое време Дамче се колебаше дали да му возрази. Го симна стапот од половината и го исправи пред себе; левата дланка ја положи врз врвот негов, десната врз неа, па откако ја отпушти врз стапот и целата своја тежина, кусо изговори: Толку, ако не е повеќе сол, Арслан бег, ќе си најдеш на чифлигот. Арслан бег не го сфати најдобро Дамчета; смеејќи се гласно си ги разоткри намерите: Ќе си најдам, тики ако сите вие ми дадете само по еден филџан сол, мене ќе’ми се собере цело буре. Не еден, не само овие двава, едно јато орли ќе штавам. Грдо е да се убиваат орли, се огласи Богоја, брат на Дамчета. Помлад и за една глава понизок од брата си, но многу поплеќест и молчалив, се чинеше и многу поопасен од него. Уште поопасен изгледаше Богоја и затоа што тој секогаш, ама секогаш беше во друштво на двајцата свои помали браќа, близнаците Петара и Павлета. Народот верува дека убивањето на орли донесува несреќа, се доизјасни Богоја. Мусли бег наеднаш остина. Иако не сакаше така да си помислат христијаните сам чувствуваше дека така зборува, како да ја пади од себе, од Арслан бег и од Турците во Потковицата несреќата: Оти високо летаат и грабаат па си мислат ќе ги смилостиват ако не ги убиваат, или оти ги мислат за божји птици па веруваат дека ќе ги стигне несреќа ако ги убиваат, праша. Оти знаат дека убивањето на орли донесува несреќа. Отсече Богоја, како Турците да не убиле орли, туку нешто негово, родено. Впрчем тој така и си мислеше и така чувствуваше: овдешните орли се овдешни, своина на овдешното небо и на овдешните луѓе, па ако тие велат дека не треба да се убиваат, не треба и – толку! На Мусли бег и пазувите и папокот му се наполнија со пот; грашки пот му избија на челото, на лицето. Среќа, си мислеше, што е замрачено и што тој седи така, наведнат и загледан пред себе, во жарчето на цигарата што ниту угаснуваше ниту се разгоруваше на врвот на долгиот килибарски чибук, па никој не можеше да насети што се случува со него и во него. Колнат овој Богоја, си мислеше, не му е јасен. Се лути дека Арслан бег и другари му ги убиле орливе или пак навистина верува – Јаз’к, олкаво мажиште! – дека убивањето на орли донесува несреќа? Ова, другово, него го гајлетисуваше. Уште денеска можеше да се потврди дека не е празно верување, и тоа на двапати... Кога се врати дома, по сфатката со Дамческите, за да се успокои, не се качи горе, во харемот, туку нареди да му постелат под црницата и таму да го услужат со татли кафе, локум и студена вода а потем заповеда и Коранот да му го донесат тука. И токму во часот кога, откако се ослади со локумот, се пресигна по Коранот, се огласија харемкините, некоја свиреше на ут, другите пееја. Не можеше да се разбере, и колку да се напрегнуваше. Сè околу него се заврти, се измеша и почна да се губи, да се преселува некаде другаде, далеку, влечајќи го и него со себе. Потоа сè се престори во проѕирна и жолтеникава празнина што му искреше од очи и пак во нив, во очите, некаде зад нив, во тилот, се купчеше. Кога се поврати од бунилото, сиот испотен, како да претрчал планини и планини, и додека си ги собираше душата и силите, наеднаш сфати дека денеска можеше да биде убиен; во гневот заборавил да ја наполни пушката и така, со празна пушка, се истопори пред Дамческите. Да дојдеше до пукање, прво него ќе го симнеа од коњ. Евала, евала, илјада пати, милиони пати евала... Не мора да се арчи толку сол, може и со помалку; ќе се истрбушат одзади, ќе се истребат добро, ќе се посолат однатре и ќе се стават во некој сад со солило; кога ќе се извадат од солилото, ќе се наполнат со слама, за да не се сплескаат. До свеста на Мусли бег бавно се пробиваше гласот на некого од христијаните. Приспособувајќи се на него, на гласот, Мусли бег лека полека сфати дека зборувањето се однесува на орлите, и воопшто на штавувањето и напрегнувајќи се да открие кој е тој што зборува стутулен понастрана од другите, е ли некој од неговите раетини или е туѓ, си помисли дека тоа може да биде добар изговор да се намами Арслан бег да не ги тера христијаните да му даваат сол па разврза за некој соколар што постапувал така, со сол што ги штавувал убиените птици, тоа било и поевтино и посигурно. Арслан бег се смееше. Ти Јанче, праша, имаш дома штавени орли? Немам, рече Јанче. Нејќеш да ја плашиш чупата, а? Арслан бег мислеше на најпрвата убавица во Потковицата, на Руса Јанческа и на христијаните им се прекасаа здивовите. Сите знаеја, сите го имаа видено како им се натрапува со дружината на Јанческите, но и сите се крепеа на мислата дека не ќе смее ништо лошо да ѝ стори на чупата зашто Јанческите беа раетини на Јауз бег, а тој беше и највиден и некако најнеповредлив од Турците во Потковицата. Но, сепак, каков беше Арслан бег, осилен и скудоумник, сè можеше да се очекува од него, и најпоганото. Разговорот стана напнат и зазорен и во еден миг сосема се прекина. Тогаш Мусли бег, плашејќи се да не се изроди кавга, на своите раетини им заповеда да си отидат по домовите. Зашто утре, рече, ве чека работа на полето. Постапката на Мусли бег, погаѓајќи му ги намерите, ја прифатија и другите спахии па срецелото брзо опусте. Но таа ноќ во Потковицата, поплатена од страв, никој не заспа. Во христијанските куќи, по дворовите, во тремовите, на чардаците, под покривачките, а на чифлизите во кулите долго се прераскажуваа настаните во изминатот ден и нетрпеливо се исчекуваше новиот, кога христијаните во ропскиот труд ќе можат да ги потопат стравот и неизвесноста а Турците да пазат на нив и да се испазат од нив. Но веќе уште утрото стопаните на Имотот, Акиноските, им приредија ново изненадување. Својот старец, се расчу, го однесле во гората и таму, покрај некој кладенец, го оставиле сам да умре. Нивната постапка на никого во Потковицата не му се допадна, но и зашто никој не ги познаваше Акиноските ниту нивните обичаи, сите со притаена сомничавост исчекуваа да видат што наумиле тие со тоа. А кога во време мала пладнина оттаму, од гората, се разнесе лелекањето на старецот (лелекаше и молеше тој за христијаните паднати во бојот со Турците на Марица и за сите христијани паднати во боевите со нив, лелекаше и ги колнеше Јована Кантакузен и Григорие Паламас, кои, за да се одржат на престолот на веќе разнебитеното византиско царство, се сојузи со нив, со поганците, а тие, пеколниците, кога се нашле еднаш на небранет пат, пред ништо и пред никого немало да запрат додека сè не изгореле и не испоганиле) сите го ожалија; си рекоа старецот, оставен сам таму во орманот, се поштукнал од умот и сега гласно си го кажува тоа што не смееше ни да го шепоти додека си беше прикрепен на умот. И уште повеќе ги презреа и ги замразија Акиноските. А Арслан бег, кој си имаше потајни намери со нив, со Акиноските, им подидуваше на христијаните, особено на Дамческите и ги навртуваше сите заедно, предводени од него, да отидат во орманот и да го вратат старецот на Имотот. Имено, Арслан бег, кој беше заслужен воин и кому, како на таков, според турските закони, му беше ветен чифлиг некаде во Битолско, не сакаше да се исели од Потковицата. Живеејќи на чифлигот на татка си потајно демнеше згода за која ќе може да ги наклевети Акиноските пред султаните во Константинопол и да им го одземе Имотот а нив да ги направи свои раетини. Но кој можеше да му верува нему таков, скудоумник и силник, дека се сожалил на некого туѓ, и згора на тоа старец. А тоа, со старецот Акиноски, зошто неговите го однесле во орманот, и покрај што наредните настани брзо го разјаснија, денешниве жители на Потковицата го раскажуваат со страв во душите. Притоа, тврдат, до нив допрело од еферо Акиноски, односно од тефтерот преку нивните предци и до нив. И намерно не знаат како се викал, едни го крстат Григорие други Георгие, и намерно не знаат ни од кое колено на Акиноските бил, дали од првото што се доселило во Потковицата или од некои од подоцнежните (и покрај што настаните, видовме, укажуваат на првото, врзано е за првите доселеници Турци во Потковицата, конкретно за Арслан бег, но кога човек ќе му обрне внимание на тоа, тие, за да му дадат уште поголема зачуденост на сето ова, за да ја изедначат сета таа историја со божје претсказание, си плукаат во пазувите, крстејќи се бошотат нејасни зборови и избегнувајќи да одговорат или да го продолжат разговорот, итро и брзо ја менуваат темата) но бил стар, мошне стар, и праведник. И бил задолжен за еферо Акиноски, како најстар од нив. Последно што запишал во тефтерот, пред да отиде и да стане пустиник (тоа, да отиде и да стане пустиник, била негова желба) бил еден сон кој подоцна, во текот на вековите, во Потковицата, станал ретка и морничава традиција. Имено, оттогаш, откога бил еднаш запишан во тефтерот, истиот тој сон им се сонил уште на шест различни лица во различни времиња и секогаш се обистинувал. Последен пат му се сонил на Јована Акиноски и бил во врска со Јанчевци Крстевци. Тоа било веднаш по последната Голема војна, во 1945-та. Најмалиот од трите Крстеви синови, Тодија, тогаш со секира си ги уби брата си Трајана, средниот, снаата Босилка, која беше трудна во седмиот месец, и првиот нивни син, Драгомана. Тогаш во 1945-та и сонот го добил своето „научно“ толкување, го дал пак тој, чудакот Акиноски, Јован. Навистина, жителите на Потковицата и дотогаш знаеле дека сонот значи смрт, насилно и грубо искоренување, па затоа и сонувачот и тие на кои се однесувал сонот живееле во постојан страв, во постојана одземеност и малодушност, сè до извршувањето негово, но никако не можеле да си ги доизјаснат значењата на симболите во него, а тоа, како учен човек, го сторил Јован Акиноски. Објаснил дека сонот може да се однесува на едно единствено лице, како и на цел еден сој, како што било на три пати со нивниот, Акиноскиот, и како што било, тогаш одамна, со Муслиоскиот, и како што било, во последната Голема војна, со Мицкоскиот Голушкоскиот, како и на една цела населба, како што било, населбата во Потковицата во време на Балканските војни и првата Голема војна – или на цел еден народ – како што било тоа со нашиот, македонскиот народ, по поделбата на Македонија, и како што беше со еврејскиот народ во Последната голема војна. Имено, тој, Акиноскиот, што молел на Молитвена вода, сонувал дека во дворот нивни, на Акиновци, изникнало едно дрво, круша, сето начичкано со грлести круши; некои луѓе, кои тој не можел да ги распознае во сонот, така било запишано во тефтерот, влегле од Северна порта и ги исчукале крушите. Само некои, дребните, останале сокриени меѓу лисјата, и само една голема, која лека полека, во сонот, се престорила во топка крв и се исушила потоа. А тоа Јован Акиноски вака го објаснил: Крушата значи живот, зашто крушата има облик на земјата, то ест зашто земјава не е тркалезна ни рамна, како што учат едни или како што учат други, туку има облик на грлеста круша, па кога ќе падне круша на земја, значи крај на животот, значи изедначување на животот со земјата – од земја си и земја се сторуваш. Бездруго вака го протолкувал сонот и Јовановиот одамнешен предок, оној прв што го сонувал и прв што го запишал во тефтерот и потоа отишол да стане пустиник. Може, уверен во својата праведност, хранел надеж дека ќе го смилостиви бога да го земе во заштита неговото семејство, може оти верувал дека ќе окае некој грев, во незнаење сторен, па тогашните жители на Потковицата две недели пред злосторот и цела година потоа, и по бел ден и сред ноќ, ги слушаа неговите лелеци, неговите клетви и молитви. А кога тие, неговите клетви и молитви секнаа, (точно на годината откога бил извршен злосторот и точно во истиот месец, во време вршење) ден, два, потоа, во ливадите во Три Дабје се јави еден глас; беше сред ноќ, беше јасна месечина, туку грмна, како од земја да изникна, дотогаш на никого непознат во Потковицата: Море огреала, огреала јасна месечина, море шо е време, шо е време коњи за краење, моми за љубење. Море не е време, не е време коњи за краење, моми за љубење, Море ук е време Турци за губење... Потоа гласот наизменично редеше песни и ги галаташе сите Турци, а најмногу него, дури може да се рече дека само него, Арслан бега; го набедуваше дека тој, Арслан бег, со дружината ги исклал Акиноските и го повикуваше на мегдан – ако е јунак, како што се прикажувало за него, и ако му јади газот стодрам барут. Првин, жителите на Потковицата си мислеа дека се свампирил пустиникот Акиноски и дека таков, повампирен, бара да си ја врати крвнината, макар и од погрешен човек, макар од кого и да е, па престрашени ја избегнуваа гората, (дури и овчарите уште од зајдисонце се прибираа дома) а тој, Арслан бег, со пушката в скут, на коњ, со дружината по себе, акаше низ полето, но само од изутрина до навечер; и не одбираше ни од изорано ни од посеано, ни од ендек ни од дол, божем за да се сретне со него, со створот што го галатеше, а всушност ги вијаше и ги поткупуваше воловарчињата и аргатите да извардат и да му кажат кој се крие зад гласот. Но тој, гласот, толку многу се изитри во скривањето, божем беше вистински дух, што не оставаше никаква трага по себе. И секоја наредна ноќ се појавуваше од различно место од гората, а едно време и толку многу се прежали себеси што почна да се јавува дури и под ѕидиштата на чифлизите. Жителите на Потковицата, сите од ред, и христијани и Турци, и мало и големо и машко и женско претчувствувајќи зло од двете страни, од гласот и од Арслан бег, кој, небаре померен, продолжуваше да ака низ полето и да стрела во празно и во сè што ќе му се присенеше пред очи, претрнати од страв да не им се стори пакост на некого од луѓето, нетрпеливо очекуваа да се изврши веќе еднаш тоа, споделувањето на мегдан помеѓу нив двајцата. Христијаните молеа во пресметката да ја изгуби главата тој, Арслан бег, не само зашто беше опачен и неприкрепен на умот, туку и дека она во кое до појавата на гласот само се сомневаа, сега, благодарение на него, на гласот, сосема веруваа, а Турците – Арслан бег да го надвие гласот. Порано, пред да се појави гласот, поради една околност, жителите на Потковицата и жителите на сите околни населби и чифлизи, и самите власти, веруваа дека злосторот на Акиноските го извршил еден нивни, еден Акиноски. Имено, кога се дозна за злосторот, беше рано изутрина, беше Света недела и точно две недели по сфатката на Дамческите со Муслиовци. Од зад ѕидовите на Имотот се зададоа детски писоци и се зададоа писоци на луѓето што живееја и работеа на Имотот – некој, преку ноќта, ги исклал возрасните од Акиноските. Жителите на Потковицата, и христијани и Турци, од сите страни се сјатија во дворот на Имотот; до пладнина достасаа и жителите од околните чифлизи и села, а до вечерта и властите од Прилеп и Битола. Не беше шака, исклани беа царски луѓе, стопаните на Имотот, и никој не можеше да претпостави, при недостиг на вистински виновник, врз кого од нив ќе се истури гневот на султанот. Арслан бег и дружината негова се обидоа да ги набедат Дамческите, врз нив се спушти тешка закана, но некој од селаните на Имотот изјави дека еден труп недостасува, другите, седумнаесет на број, со преклани грклани, искрвавени, беа изнесени во дворот и испружени на веленца. Тогаш, властите, со помош на селаните од Имотот и со помош на сите жители од Потковицата, утврдија дека недостасува трупот на Владимира Акиноски, инаку, млад, дваесетгодишен човек, мирен и постојано задуман. Така, од Дамческите и од сите други жители на Потковицата беше отстрането сомнението, а властите испратија, на чело со Арслан бега потера по него, по Владимира Акиноски. Но зашто и покрај толкуте акања низ гората и полето потерџиите не му влегоа во трагот, го баталија, уверени и уверувајќи го султанот во Цариград дека наскоро ќе му ја испратат главата Владимирова. Во меѓувреме, на другиот ден по злосторот, христијаните од Потковицата ги натоварија труповите на Акиноските на коњски коли и ги однесоа во Битола, за да ги закопаат на тамошните христијански гробишта. И не помина ни цел месец од злосторот, кога на Имотот достаса еден Акиноски, бил свештеник во Светогорскиот манастир, и тој ги презеде сите обврски врз себе – да ги чува и израсти децата, да раководи со Имотот и да ги плаќа давачките. Така, возбудите околу тоа на кого ќе му биде доделен Имотот за да управува со него, и возбудите околу злосторот почнаа да спласнуваат, а жителите на Потковицата, христијаните, под постојаниот товар на ропскиот живот, грижи и страв за поминокот, и спахиите под товарот на постојаните благувања, почнаа да го забораваат Владимира Акиноски. Се до појавата на неговиот глас, немаше сомневање, гласот беше негов, на Владимира Акиноски, и Потковицата одново ја поплати страв. Христијаните стравуваа да не Турците, за да пружат докази пред властите дека навистина тој, Јован Акиноски, е злосторник каков што не ќе се роди друг во царството, одново искасапат некое христијанско семејство, а Турците, татковците, веќе уверени дека колежот над Акиноските го извршиле нивните синови, да не гласот за тоа допре до султаните во Константинопол па и едните и другите молеа бога да отпочне нов бој со Маџарско, за тоа веќе и се зборуваше во царството, и сета таа грозна историја да пропадне во заборав. Особено беше загрижен Мусли бег: Јован Дамчески, синот на помалиот брат на Дамчета, на Богоја, русокосо и тенко момче кое служеше на неговиот чифлиг, инаку лика сосема спротивна на татко си и на сиот сој Дамчески, сонил сон сосема ист со оној што го запишал пустиникот Акиноски. Во дворот на чифлигот Муслиоски израстело едно дрво, круша, турено со грлести круши, дошол некој непознат, облечен во црвено, и почнал да ги чука крушите; некои паднале а тие што останале на дрвото, станале црвосани и суви и сами од себе окапале. Тоа силно го потресе Мусли бег; тој, единствен, имаше сигурна причина да верува дека вината и гревот за злосторот над Акиноските паѓа на душата на Арслан бег и на брат му Салија. Повеќе пати пред да бидат исклани стопаните на Имотот, Арслан бег, лично нему, на татка си, му докажуваше дека султаните не прават добро што толкав имот отстапуваат на христијани, дека, по правдина, Имотот треба да биде негов, Арслан бегов, зашто тој со крв го заслужил. Ова недвојбено укажуваше на него како на извршител на злосторот, па Мусли бег, загрижен од одмазда на дворот врз сиот негов сој, се опинаше да го наговори Арслан бега да се откаже од потерата по Владимира Акиноски и да моли, и да измоли заедно, со помош на беглербегот битолски, нивни роднина, што побрзо да му биде даден ветениот имот во Битолско. Но со изминувањето на летото, и со секој нов ден на есента, бездруго поради студовите, се случи или, подобро, почна да се случува нешто од што на сите во Потковицата им олесна. Гласот, односно Владимир Акиноски, почна да се оддалечува од чифлизите. Навистина, тој и понатаму, со ајдучки песни и со галатење на Турците, секоја ноќ се јавуваше од различни места на Потковицата; сопрво од полето, потоа од гората, па од сртовите за најпосле, кога навистина стигнаа студовите, сосема да се изгуби некаде зад неа. Но токму тогаш во Потковицата стигна глас, го донесоа воловарчињата, дека некој вооружен човек, кој зборувал чисто христијански и кој не бил сам, заедно со него јавала и една мома, го поздравил Арслан бега и му порачал да дојде таму, на Блатото Чипиговско, кај местото Плазики, за заедно да ручаат „јуначки ручек“. Немаше сомневање, жителите на Потковицата веднаш се согласија, тоа беше Владимир Акиноски, а момата со него Јаника Перуноска, што минатото лето, во времето кога беше извршен злосторот се изгуби некаде без трага да остави од себе. Арслан бег, кој не беше ни малку загрижен поради што беше набеден дека тој ги исклал Акиноските, туку повеќе го јадосуваа понижувањата и галатењата на Владимира, изјави дека веќе уште наредниот ден ќе му ја испрати главата Владимирова на султанот во Константинопол и дека чупата Перуновска ќе ја грабне за себе. Но не се случило така. Другиот ден, уште во темни зори, Арслан бег со дружината стигна на Плазики и од другата страна на блатото забележа два дората но од стопаните на коњите немаше ни трага. Тоа многу ги збуни и многу ги загрижи потерџиите. Имаа скроен план први да стигнат на мегданот, да зафатат пусија и да го изненадат Владимира, но очигледно беше дека сами се фатија во стапица. Да го поминат тука блатото не смееја, беше најполноводно и најшироко, а да се вратат во Потковицата без главата Владимирова и без чупата Перуноска исто не смееја, зашто не сакаа да се изложат на нови подбивања на христијаните. И да останат тука и да чекаат сам Владимир да се јави, беше опасно. Може ајдутинот беше сокриен тука некаде, во врбиците, и ги држеше на нишан. Решија, одејќи по брегот на блатото, да изнајдат газило и да прејдат на другата страна; најпрвин, ако стигнат, да ги уловат коњите, потоа да бараат, да го пребараат сето поле и да го фатат жив Владимира. Нешто подолу од Плазики над Чипиговска Тумба, десетина минути јавање на коњ, блатото се разлева и Арслан бег нареди тука да го прегазат. Но само што тие прејдоа на другата страна и само што ги боднаа своите коњи кон ајдутските, од некаде од врбјаците истрчаа тие, ајдутите, Владимир и чупата Перуноска; се фрлија одозгора на коњите и преку чаирите ја трештија спрема врбјаците, спрема Мртвиците Чипиговски. Потерџиите во силна трка по нив, не познавајќи ја природата на мртвиците, не знаејќи дека, поради живиот песок, низ нив може да се движи само извежбан ајдутин, кој си изградил своја патека, продолжија да ги гонат и понатаму. А кога навлегоа и едните и другите длабоко внатре во мртвиците, одекнаа два скришни истрела и Сали Муслиоски и Даут Мустафовски се струполија од коњите во живиот песок. Нивните коњи се вкопаа на место, за’ржаа само и заедно со труповите на стопаните пред тоа паднати, почнаа да тонат. Другите четворица Турци, престрашени, не можеа ниту да отстапат ниту да напредуваат; само пукаа во празно и заедно со своите коњи тонеа во живиот песок. Нивното тонење траеше долго и беше мачно, и се случуваше пред очите на Владимира и на чупата Перуноска и пред очите на орлите кои долетаа од сртот на Потковицата, од Камен, и кружеа тука, над главите на несреќниците. Последен во живиот песок потона Арслан бег. Него, преку влевање на лажна надеж, со подавање на врбови гранки, божем за да го избават од сигурната пропаст, чупата Перуноска и Владимир Акиноски целиот тој ден го измачуваа. И додека му се случуваше тоа, пропаѓањето во живиот песок, и тоа, изгубеното око во боевите, му плачеше, од под црната преврска прудолу по лицето се тркалаа крупни солзи. Сето ова што е во врска со погубувањето на Арслан бег и дружината го раскажа сам тој, Владимир Акиноски. Уште истата ноќ, кога Арслан бег со дружината потона во Чепиговски Мртвици, додека за тоа уште се немаше расчуено, заедно со чупата Перуноска, потајум, дојава на Имотот и на својот соплеменик, на истиот оној што дојде од Светогорскиот манастир за да ги исчува Имотот и сираците, му го раскажа само за тоа, само за да биде запишано во тефтерот. Потоа, заедно со чупата, пак ноќум, одјава некаде и уште еднаш за него во Потковицата не се слушна. Како спомен од него и на него во Чипиговски Мртвици остана Влаимирова Паека, или, уште како што ја викаат, Ајуска Паека. Направена од врбови прачки, трева, шамачишта и трски, гнила и иструлена, постоеше сè до педесеттите години на овој век, кога беше извршено исушувањето на мртвиците во сето Бакарно Гумно. И ретко кој се решаваше да помине по неа. Само најхрабрите, и тоа само за облог, или само кога одеа на лов на диви пајки и жерави. Први ја открија татковците на погубените Турци, кога, наредниот ден, заедно со христијаните од Потковицата, заминаа во потрага по синовите. Почнуваше од самиот почетен раб на Мртвиците и низ нив водеше до една колиба од шамачишта и врбови прачки, а од колибата, пак низ мртвиците и врбиците и преку Блатото и преку Црна право на запад, право кон Железнец. Тоа лето, мачно и зовриено, дотогаш мирниот ропски живот во Потковицата, сосема го разгрна своето опачно лице и злосторничко срце. Пред да биде погубен Арслан бег со дружината, додека акаше низ полето за да го дофати Владимира Акиноски, во време жетва, беше наумил да ја грабне за брата си Салија најпрвата убавица во Потковица, Руса Јанческа. Руса беше петнаесетгодишна момичка, сирачка и една на мајка. Татко ѝ нејзин, Јончета Јанчески, го убија Албанците уште додека сојот нивни живееше таму некаде, во Западна Македонија. Сами Јанческите ги открија намерите на Арслан бег. Секогаш кога, во потрага по Владимира, ќе достасаше дружината на полето каде што тие жнееја, ќе поседеше на полозите а тој, Арслан бег, наредуваше таа, Руса, да им подаде вода. Стариот Јанче, ситно, загрижено и постојано уплашено човече, не слутејќи ништо добро во таквите постапки на Арслан бег, отиде да побара заштита од својот господар, од Јауз бега. Никој не смее да грабне моја раетинка, му одговори Јауз бег, строен и крепок воен високодостојник. Ако ја сака Арслан бег чупата за Салија, треба да дојде и да разговараме да ја купи или да ја замени со една од нивните. Нам, Јанче, за работа во полето потребни нѝ се луѓе. И после, тука во прашање сум јас а не кој и да е раетин. На Јанчета му се стегна срцето. Сфати дека чупата, ако не биде грабната, ќе биде продадена или заменета со друга. Не го исчував најстариот син, си рече, ете сега опасност да го изгубам и неговото единствено дете. Единствена спас и надеж му беа Дамческите. Јован Богојов, оној што слегуваше кај Муслиовци, и чупата нивна, имаше Јанче научено, се имаа симпатија. Дамческите, Дамче и Богоја, убаво го примија и од разговорот со нив дозна дека и тие и сите христијани од Потковицата знаат за опасноста што се свила над сојот Јанчески и дека и тие и сите христијани од Потковицата сакаат да помогнат да се мавне таа од нив. Но тоа што го предлагаше Јанче, му рече Дамче, опасно е за двајцата, за Јована наш и за Руса твоја. Арслан бег и брат му Сали бездруго сето тоа ќе го протолкуваат така како што единствено може да се протолкува, дека е извршено за нивни инает, па има опасност и двајцата да ги погубат. А венчавка да направиме мирно, сега, сред лето, во екот на полските работи, е и невообичаено и нема никаква можност. Мусли бег нема да го испушти Јована да премине на чифлигот Јаузоски, припратен е по него како по свој, го научи турско писмо, го изучи да свири ут и го изучи да го толкува Коранот и му има повеќе доверба од на синовите. Ни Јауз бег нема да сака да премине Руса кај нас, односно кај Муслиовци. Ние сме за да платиме, но тој ќе бара замена, човек за човек. Јанче долго молчеше со погледот закован во трпезата, разговараа тие тројцата сами, во гостинската одаја, а кога го управи на Дамческите, во нивните очи виде иста таква беспомошност каква што го имаше него навасано. Без гнев во душата рече: Единствено што ми останува е да се надевам во бога, но каква е неговата милост, кога по изгубениот најстар син, по толкуте опасности низ кои го изведов мојот сој, сега одново ме изложува? Премногу сум стар, премногу сум сам, изнемоштен и уплашен за да можам да се кренам против злото, но со него, со бога, би излегол на мегдан. Би ја грабнал од него, од бога правдината и би ја распоредил така што секој створ на земјава да има еднаков дел од неа и да има еднакво право на неа. Замолче и пак продолжи. И гласов што ми се поткажува, божји глас е или е на сатаната? Ако е божји, ако е бог тој што ме поучува да го осакатам убавото што го создал за своја радост, за радост на создадениот за радост и среќа на ближните, тогаш бог не е никаква сила туку е некој на кого треба да му се помага. Друго нема. Стана, Дамческите, Дамче и Богоја, го испратија до портата. Таму, поздравувајќи се со него, уште еднаш му рекоа да не брза, да не прави нешто што може да ѝ напакости на чупата. Некој, јали бог, Јали Владимир јали некој трет може ќе го сопре Арслан бега, само тој нека попричека. Беше Света недела, беше рано изутрина, беше Божје изображение, ден кога во Потковицата се обискуваат првите плодови на летото, лубениците и грозјето и беше само два дена по разговорот со Дамческите, кога во гостинската одаја влегоа Руса и мајка ѝ. Јанче уште некое време остана вудвосан под Исусовото распетие, прикрепено на источниот ѕид, потоа, кога се исправи, уплашен и расплакан, во нивните очи побара согласност. Уплашени и покорни Руса и мајка ѝ му ја дадоа, но тој не се реши веднаш да го стори намеруваното. Ја погали, со треперлива рака, Руса по лицето и дур откако ја прекрсти со врвот од ножот што го сокриваше во ракавот на левата, од долниот раб на нејзиното лево око преку усните, меки и набабрени, до коренот на брадата направи секотина; веднаш потоа направи уште една таква на другиот образ и на истото место. Од лицето на Руса, која не трепна и не офна, шикна крв, тој ја поклопи со дланките. Бог нека те исчува убава и чиста во срцето, рече, а проклетства нека удрат на мене кој те нагрдив. Поинаку не можев да те заштитам – и повеќе не издржа; се расплака на глас, го фрли ножот, истрча во тремот, извика таму Да не видам огледало во куќава и преку дворот избега некаде во полето. Во дворот Јанчески дотрчаа жителите на Потковицата и никој, освен Турците, не веруваше во приказната што лелекајќи низ дворот ја огласуваа Јанческите: Руса нивна во визбата, на некоја шајка, си го огрубела лицето, за малку и виделото ќе си го осакатела, но и никој не ја оспори гласно. Сите знаеја дека таа им е наменета на Турците: христијаните, за да ги сочуваат од грабнување, на женските деца им ги огрубуваа лицата, на машките им извртуваа нога или рака, и такви, огрубени, ги чуваа покрај себе и ги имаа на душа. И бог беше голем и милостив во својата љубов за нив, не ги накажуваше и заедно со нив трпеше. Барем така веруваа тие, поробените христијани. Откако по огрубувањето на Руса избега во полето, стариот Јанче, ден, два, акаше таму и лелекаше на цел глас, на третиот го најдоа удавен во вировите на Голема Вода. Само што го закопаа него, не помина ни тој ден, почина и стариот Никола, па глава на нивниот сој стана Тодор, најстариот, по Јанчета, од преостанатите пет живи Николови синови. Тодор исто не даваше да се чува огледало во куќата, но стрина Спасија, мајка ѝ на Руса, која беше исто убавица, не можеше да го прежали огрубувањето на ќерка си. Секогаш кога ќе ја погледаше Руса, се стрчуваше кон неа, ја заграбуваше и плачеше и колнеше на цел глас. Се колнеше себеси што даде согласност да ја огрубат Руса, го колнеше Јанчета кој, велеше, помалку и поплитко можеше да засече во лицето на Руса, ги колнеше Дамческите што не дадоа помош, го колнеше Арслан бега и сите Турци, го колнеше сиот божји свет, христијански и турски. И ништо не помогнуваше што Руса, гушејќи се во неа, и велеше Не плачи, мајко; поарно да сум огрубена и да сум со тебе отколку да бев лична и да му бев робинка на Салија. Но стрина Спасија уште погласно пиштеше и си ја корнеше косата, зашто од очите на Руса и течеа солзи право прудолу по секотините и право прудолу по секотините се чинеше ќе и истечат и очите со боја на модар јоргован и големи колку филџани, толку што беше огрубена. А кога се дозна за погубувањето на Арслан бега и дружината во Чепиговски Мртвици, стрина Спасија рече: Ете, можевме да се стрпиме уште малку, и се штукна од умот. Ја извади шамијата, ја расплете косата и таква, неприбрана, ден, два, талкаше низ Потковицата и тажеше, потоа, по Пазарџиски Пат замина незнаено каде. Руса остана да живее кај своите, но еднаш, во време брање дрва за огрев (еднаш во годината, во октомври, жителите на Потковицата ја кастрат гората и берат дрва за огрев) дали некој ѝ рекол или сама дошла на таква помисла, дека Јован Дамчески и таква, огрубена, ја чека дома за да ја земе за невеста и отиде кај Дамческите. Но тој, Јован Дамчески, веќе беше изгубен за неа, и за сојот Дамчески и за сиот христијански свет; падна во сплетките на Мусли бег и се потурчи. Го нарекоа Али Ахмед, ги зеде за жени Мунивер, единствената ќерка на Мусли бег, и жената на Арслан бег, некоја потурчена Гркинка, и заедно со нив, за да биде што подалеку од Дамческите, зашто можеа да го убијат за одмазда, се пресели во битолското село Чаирлија, таму да господари со чифлигот што му беше ветен на Арслан бега. Тогаш, во таквата ситуација, Дамческите не знаеја што да направат со Руса. Од срам, или од жал, не ѝ рекоа дека Јован нивни се потурчил, туку дека го зеле во војска и дека кога ќе се врати бездруго ќе ја повика неа за да ја земе за невеста. Но Руса не се врати дома, кај своите; горе, над куќата Дамчески, на падините на Горник, си направи колиба од рошки и од ‘рженица и тука се настани. И чекаше, седеше пред колибата од наутро до навечер и, вардејќи, на Пазарџиски Пат и на Голем Пат, по едниот или по другиот, чекаше да се врати Јован од војна. Во тоа, да им поверува на Дамческите дека Јован нивни не е потурчен туку е земен војска, Руса имаше основана причина. Тоа лето, по погубувањето на Арслан бега и дружината негова во Чепиговски Мртвици, Турците за прв и последен пат зедоа војници од христијаните во Потковицата. На тоа ги натера нуждата. Имено, во царството постоеше закон кој ги обврзуваше сите спахии, зависно од имотот, да опремат војници и да ги испратат во царската војска, која, таа есен, презеде, којзнае по кој пат, поход на Маџарско. Кој не ќе се одѕвиеше на законот му беше одземен имотот; сам тој погубуван и неговиот сој паѓаше во царска немилост. Но како спахиите од Потковицата ги изгубија синовите а немаа други возрасни синови за да ги испратат на војна, се решија со сила да потурчат дванесет христијани од Потковицата (христијани, во тие одамнешни времиња, не смееле да служат во царската војска) и да ги испратат на војна против Маџарско. Секој спахија од Потковицата беше обврзан да воружни еден коњаник и двајца пешооди, па така од Потковицата во поход на Маџарско заминаа дванаесет млади потурчени христијани, четворица коњаници и осуммина пешооди. Но и кога земените во војска не се вратија, стигна абер дека останале да лежат таму на бојните полиња за слава на империјата и неговото височество султанот, Руса пак продолжи да го чека Јована. Стричејте нејзини, а и Дамческите, ја хранеа и ја заштитуваа од злонамерници. Но од тоа немаше потреба, Руса сама изнајде начин како да се заштити и себеси и сите христијани во Потковицата, се прогласи за маѓосничка. Со цветно венче на главата, со распуштена руса коса дури до појас, со огрубено лице, со полна кошница босилкови кивчиња и шарени предена одеше низ Потковицата и на сите крстопати и покрај сите води, и кладенци, каде што поминуваа, каде што пиеја и каде што пладнуваа Турци, правеше маѓии, па така никој, ниту Турчин ниту христијанин злонамерник не смееше да ѝ излезе во пресрет, не пак да ја земе на подбишега и да ја злоставува. И велеше дека го чека Јована Дамчески да се врати од војна и дека кога ќе се врати тој, таа одново ќе си стане лична и млада и тогаш ќе се венчаат со Јована. Стотина метра потаму од јужниот ѕид на Имотот, на падините на Зедница, точно по средината на Градишки Пат има еден неголем бел камен. Мазен е како јајце и е со облик на јајце, кое, во висина, досегнува 60-70 сантиметри а во должина метар до метар и дваесет. Го викаат Бел Камен а и месноста околу него по него се именува, Бел Камен. Сите кои одат во гората, или во општината во Тополчани, на одење и на враќање, на него седнуваат. Не толку за да се одморат по долгиот и напорен пат, туку колку за да ги освежат сеќавањата на легендата врзана за него а која се однесува на Руса Јанческа и на Јована Дамчески. Беше лето, во време вршидба, и рамно по триесет години откако Јован Дамчески си замина од Потковицата. Некој топол и брз ветер, кој уште од изутрина задува по Градишки Пат оттаму, од кај гората, чинеше, потрчај, заграби пепел измешана со плева и таков, усукан и извишен, рашири ги грстовите и развеј ја пепелта и плевата на сите страни. Пепел и плева грабеше од водоскоците жито што во гумната на Имотот и чифлизите еден за друг прскаа право пругоре (раетините го вееја житото а спахиите, во сенките на дрвјата и во сенките на новите копи што со секој изминат час нараснуваа и нараснуваа, се сладеа со шербет, студена вода и татли кафе) и ги развеваше на сите страни, па воздухот во Потковицата беше исполнет со пепел и плева, со мирис на младо жито и тишина. Се слушаше само аргатското: Дииијјј! Ајде, ајде, машко! Или: Одврши! Или: Заврши! И коњите, по неколку во вравот врзани еден за друг еден до друг, ако дотогаш вршеа налево од стожерот и до крајот на ортомата, одвршуваа надесно од едниот до другиот крај на ортомата. И пак одново, односно налево. Ете тогаш, во тој час, по Градишки Пат се зададе еден коњаник и на жителите на Петковицата им го сврти вниманието на себе. Сите се чудеа кој е тој што ака сам по патиштата во погано време. Едни си помислија дека некоја нужда го спотерала да дојава во Потковицата, да си го поткова коњот или да купи нешто од дуќаните, други дека е некој бестрашен ајдутин или Турчин зулумџија. И уште повеќе се зачудија кога наближи. Беше во турски облечен но не личеше на Турчин. Не носеше фес на глава, имаше руса коса, бело лице и големи модри очи кои се смееја. Наместо кубури и јатаган за појас, напред пред себе, на коњот, со двете раце прикрепуваше ут и свиреше на него. Одјава право спрема средселото, не обѕирајќи се на ветерот кој и натаму заграбуваше пепел и плева и ги џиткаше на него. Таму, на срецелото, на чешмата, завари неколку момички, во друштво на помали братчиња и сестрички лееја вода за вршачите. Им рече Бог напомош девојки и пред тие да успеат да му речат Бог ти помогнал, аго, рипна од коњот, беше тенок и усукан, а турската облека, стегната во појасот, го правеше уште потенок и поусукан, го издолжуваше. Го наврте коњот на коритото, а сам тој испи, едноподруго, неколку копанчиња пресна вода, потоа се изми и преку срцелото, покрај ѕидовите Дамчески, одјава пругоре на Горник. И веќе до вечерта сите знаеја: Јован Дамчески се врати во Потковицата! Но место да се прибере кај едни од своите, кај Дамческите или кај Муслиоските, тој отиде да живее кај Руса Јанческа. Тоа, Јовановото враќање во Потковицата, надалеку го потврди верувањето во маѓосничката и претскажувачка моќ на Руса, но за него, за Јована, се проширија гласови дека во меѓувреме се померил од умот. Зашто тој и Руса, таа веќе престана да носи цветно венче на главата и во рацете кошница со шарени предена, по цел ден, Јован секогаш напред и пред себе со утот, на кој постојано свиреше, акаа низ полето и низ гората. И беа безгрижни и слободни, небаре птици. На сè, ама на сè се радуваа: на луѓето со кои се сретнуваа во полето, на полето, на облаците, на птиците, на небото, на сонцето. И секогаш се одморуваа таму, на Бел Камен, стотина метра зад јужниот ѕид на Имотот, на падините на Зедница. А навечер, кога ќе зајдеше сонцето, на мажите пред дуќаните, седнат и тој како нив, крснозе на тревата, и одвреме навреме свирејќи на утот, Јован им раскажуваше: Не може секој да издржи цел живот да биде Турчин. Треба да мислиш само на војни, на палежи и колежи, на грабење моми и на јадење слатки и секакви други работи. А јас повеќе не можам да бидам ни христијанин. Не може секој да издржи цел живот да се плаши и да мисли само на покорност и на работа. Ми одговара вака, да бидам слободен, како птица. Со синовите и со ќерките мои и со жените мои се погодивме тие да ме пуштат да си отидам а јас, за вратка, да им го оставам имотот. А бог, кога ќе ме повика кај себе, нека ми пресуди за сè што сторив и што не сторив на земјава. Но сè ми се чини дека тука бог ќе се измами. Ќе му суди на некого друг, на некого кој ќе биде мртов, а не мене жив. И се смееше. И велеше потоа: Попитомо поле и небо од ова во Потковицата и над Потковицата нема, затоа се вратив. И за тоа дека враќањето свое ѝ го должам на Руса. А пред моите, пред Дамческите, за ништо не сум виновен. Не се потурчив сам, од своја волја, и сам, од своја волја не заминав од Потковицава. На сето тоа многу други работи му претходеа. Таа, Гркинката, Анастасија, жената Арслан бегова, секогаш кога ќе ме издемнеше сам на чифлигот, се раскопчуваше пред мене и ми се отскриваше. И Мунивер, дали за инает на Анастасија или наговорена од неа, истото го правеше, ме издемнуваше сам и ми се отскриваше. Изгледа сето тоа го знаел Мусли бег, па кога ги изгуби синовите во Чепиговски Мртвици, првин мене, потоа моите, стрика ми Дамчета и татка ми Богоја, ги заплаши дека ќе бидат погубени и тие и сите христијани во Потковицава ако не дадат да заминат на војна, наместо погубените турски синови, дванаесет млади христијани. А овега, вашиов, рече Мусли бег, јас нема да го дадам да замине на војна. Ќе премине во нашава вера, ќе стане бег, и ќе му ги дадам Мунивер и Анастасија за да се ожени со нив. И, така стана, мене ме однесоа во Битола, ме пееја оџи во џамија и ме прекрстија, ми ставија име Али Ахмед. А другите млади христијани, кои заминаа на војна на местото на погубените Турци, како што знаете, никој од нив не се врати. Тажната историја за Руса Јанческа и Јована Дамчески а заедно со неа и сеќавањата за љубовта и воопшто за тие одамнешни и проколнати времиња во Потковицата, овдека завршуваат, на Бел Камен. Оттогаш, од тоа мачно и зовриено лето, па сè до нашиве модерни времиња кога отпочнаа буните и војните и кога се измешаа народите, друга слична историја не се случила во Потковицата. Барем денешниве жители на Потковицата не знаат, никој не им раскажал. А љубовта, за сето тоа време, како да била нападена, заборавена или забранета. Луѓето, од страв од Турците, да не биде грабната невестата а момчето убиено, и во склоп со моралиите обичаи, наметнати од стравот, се мажеле и се женеле невидени, со стројници, зад затворени порти, на штрек и вооружени. А после, ко отпочнаа буните и војните, и ко се измеша народот со војските, неколку љубовни истории од корен ја потресоа Потковицата. За нас, за нашава историја на Потковицата, сите тие љубовни истории важни се не само зашто се интересни сами по себе, од книжовна и психолошка страна, туку и дека фрлаат светлина врз меѓучовечките односи во Потковицата, врз политичката определба на луѓето, врз нивните социјални положби, и, пред сè, затоа што најмногу тие го осветлуваат односот на жителите на Потковицата спрема завојувачите. Но нив, за да бидат раскажани, не им е местото овдека, туку некаде понатаму, во времињата во кои се случиле и кога ќе раскажуваме за нив. Овдека треба да ја доведеме до крај тажната историја за Руса Јанческа и за Јована. Беше пролет, беше пладнина. Јован и Руса седеа на Бел Камен, Јован свиреше на утот а Руса плетеше венчиња, кога одоздола, од житјата грмна пушка и го погоди Јована право во срцето. Јован падна покосен, а Руса списка и пиштејќи ги собра на местото сите жители од Потковицата, христијани и Турци. Дотрчаа тие и кога го видоа стореното, се дадоа во потера по убиецот. Но него никогаш не го најдоа, а Јована, зашто не беше ни христијанин ни Турчин, се здоговорија да го закопаат тука, на Камен. Руса, пак, цела една седмица потоа, и дење и ноќе седеше тука, го китеше каменот со цвеќиња, палеше свеќи и го тажеше Јована. А едно утро и неа ја најдоа мртва испружена покрај каменот. Нема податоци за тоа, никој и не си споменува дали било нешто слично запишано во еферо Акиноски, дека и таа, Руса, е закопана тука, покрај каменот, но него, каменот, покрај со едното негово име, Бел Камен, го именуваат уште и со две други: Јованов Гроб или Турчинов Гроб. И сите се однесуваат кон него со почит, како кон вистински гроб на вистински добросовесник. Крај на втората книга 7. Просторот, пак, што го оградува Потковицата, иако е земјиштето истородно со она во цела Пелагонија, алувијално, во многу нешто, во однос на конфигурацијата и вегетацијата, е поразличен од сите слични во неа. Од почетокот на западниот лак, околу наоколу долж целата Потковица, по средината на падините, само прескокнувајќи го Станкоски Рид, кој е наполно гол, населен, и кој е средиштен дел на источниот лак, се протегнува, сè до Зајачки Рид, односно сè до Алилово, амфитеатрално распоредена, некогаш пазена и грижливо одгледувана, сега сосема запустена, дабова гора, овде-онде прошарена со дренови дрвја, диви рози, глогови, диви круши и диви јаболкници. Тоа најубаво може да се види и почувствува напролет, поради различната боја на цветањето, и наесен, поради различното жолтеење на лисјата. Тоа што е необично со оваа гора не е дека расте само по средината на внатрешните падини на Потковицата (сртовите се извишуваат голи; обрастени со високи ридски треви тие се, сè до назимо, сточни пасишта, а подножјата нивни, односно подножјата на гората, се ливадско земјиште) туку дека таа на целиот живот во Потковицата, и социјален и духовен, му имаше удрено свој печат. Многу практични потреби им разрешуваше на жителите на Потковицата, многу тајновити нешта, многу легенди, многу остатоци од цивилизациите и војните што поминале тука сè заплатиле во неа па и ден-денеска се во жив натпревар со времето. Се прикажуваше меѓу старите, а и во еферо Акиноски било така запишано, дека некогаш, и не така одамна, и сртовите на Потковицата и надворешните падини биле покриени со убава дабова гора. Но во 17. век Власите сточари, за да отворат пасишта, ја запалиле, а Турците сопственици на чифлизи, за да се одбранат од ајдутите што се криеле во гората, ги насрчиле жителите на околните села да ја исечат за огрев и градење. И до неодамна слични нешта се случуваа. Имено, се случуваше некој тополчанец, или некој тројкрстчанец, или некој веселчанец да се префрли ноќе преку рид и скришум да пресече некој даб. Но тој, ако го откриеја жителите на Потковицата, не поминуваше неказнет. Јали овца, јали цел вол ќе му се загубеше, јали убаво ќе му го изнатепаа момочето. Сега, меѓутоа, не е така; никој не ја брани гората но изгледа и никој не ја кради па буи таа слободно, и во ширина и во висина, станата е вистински орман. А порано, само до пред десетина и повеќе години, ех – тогаш сè беше поинаку. Секое домаќинство во Потковицата си имаше свој забран од гората, но на никого не му беше одобрено да ја сече, да ја уништува. Никој не смееше ни оган да запали таму; само да се зададеше троа чад оттаму, од кај гората, сите поттрчуваа натаму за на самоти место да го фатат непослушникот, а вечерта го изнесуваа на срцело и го срамотеа. Човек можеше, и смееше, само наесен, во октомври, да набере дрва за огрев. И тоа да го направи така што само убаво да ги искастри дрвјата, но не и да пресече некое цело. Некој даб, ако тераше сосема накриво, јали ако беше исушен, или заболен, можеше да го пресече, за колку преку ноќ, назимо, да му држи жар во амуро. Гранките од искастрените дрвја, или уште како што ги викаат овдека рошки (поправо, додека не се исечени, додека се на дрво, ги викаат гранки, а после, ко ќе ги пресечат од дрвото, ги викаат рошки) со коли или со нарамници ги пренесуваа во дворовите, блиску до излезните врати од куќите, или ги настожуваа во кошарите и од нив дрва за огрев насекуваа само толку колку што беше потребно за да се помине денот и ноќта. За наредниот ден и за наредната ноќ нови дрва насекуваа. Тоа жителите на Потковицата не го правеа од скржавост, или од мрзливост, туку дека беа економични спрема гората. Зашто дечиштата, колку ќе имаше насечени дрва, толку ставаа во амурие, за да им плапотат. Во полските села во Прилепско, па и во цела Пелагонија, сè до Лерин и околијата, употребуваат два вида пампури, високи и легачи. Високие, кои побрзо и повеќе затоплуваат, некои ги употребуваат дури и таму каде што немаат гора, но во Потковицата, зашто се легачите поекономични, исклучиво само нив ги употребуваат. Имаат две до три оки, па во исто време на нив може да се готват две јадења. Зборот е турски, и, изгледа, има ономатопејско потекло. Кога ќе се наложи амуро со потсушени дрва, и кога ќе ги подземе дрвата огнот, тој, амуро, сиот усвитен, почнува да прави Пам- пам-пам-пам, а кога ќе зафучи и ветер во оџакот, на она Пам- пам-лам-пам се надоврзува и едно продолжено уууууррр, па оттука и амур. Барем вака жителите на Потковицата си го имаа протолкувано овој турски збор. Во замена со него, Србите, кога ќе ја завојуваа Потковицата, донесуваа друг збор, еќ, и така ги учеа децата во училиштето, да го исфрлат од употреба турскиот збор и да го прифатат нивниот, односно српскиот. Но како можеш да наречеш еќ, нешто во кое и на кое ништо не печеш? Тоа, навистина, кога е усвитен амуро можеш сам да се испечеш на него, но и за тоа, зошто и од таа страна не прифаќаа да ги викаат амурие еќи, жителите на Потковицата си имаа објаснување. На усвитен амур можеш да се изгориш, и тоа случајно, ако си невнимателен, но не и да се испечеш. Зашто, не си будала цел да влезеш в амур и да се печеш; тоа едно и второ: се знае, ништо не е испечено цело и докрај ако само еден дел од него е изгорен. Вака жителите на Потковицата, на подбишега, им објаснуваа на учителите и на чиновниците на завојувачите кога тие нив и нивните деца со сила ги тераа амурие да ги викаат пеќи, и продолжуваа да си се греат на амури. А за тоа, за печење леб, зашто ништо што е погано не смее да дојде направо во допир со лебот, а погано е сè што не е природно, за завалување на фурните и вршниците, употребуваа слама, измешана со суварки, или со дрвени трње. За големо прање, пак, и за готвење на јадења, кои бараат постојан и силен оган, ги користеа лепешките од гојдата, и тоа само од биволите и воловите и само пролетните: коњските и магарешките заметни се за газење и воопшто не горат, туку само чадат и го загаснуваат огнот. Тогаш, напролет, тревата е најбогата со состојки, стоката по цел ден пасе, а и сонце има достатно па лепешките можат убаво да се исушат до наесен. Тие, гоедските суви лепешки, развиваат таков оган, тивок, постојан и јак, и кој не бара стално да си врзан за него, зашто нема опасност изненадеж да пламен или сам од себе да изгасне. Има повеќе видови јадења, кои кога се изготвуваат, бараат токму таков оган, од исушени гоедски лепешки. Чомлеко, на пример; редовницата уште одвечер ќе го наполни грнецот со дробенки од гоедско месо, само удина, ќе стави многу кромид, цел грст нелупени чешниња лук, една рака суви везени пиперки, црна пипер, сол, две-три дрвени лајци сало и ќе го поклопи; околу наоколу поклопот убаво ќе го залепи со тесто за грнецот, за да не туши, и така спремениот грнец ќе го намести на огниште. Потоа дури до горе, до грлото, ќе го соѕида грнецот со суви лепешки, а потоа ќе ги потпали лепешките, јали со суви кочанки, јали со троа борина, и ќе го стави да вари. Преку ноќ нема потреба да станува, освен ако не сака да проверува дали не загаснал огнот. Другиот ден, пред самиот ручек, ќе го симне грнецот од оган, ќе го извади поклопот, ќе му тури потпршка, троа брашненце и црвена пипер, и – ете ти јадење од кое немаа најаска силниците кои доаѓаа, божем по работа, уште одвечер во Потковицата и заповедаа да им се зготви утре за ручек чомлек. Јанија, од гоедско месо, лута, ако се готви одвечер, на ист начин се припрема. Со многу суви везени пиперки и узреани црвени домати во земјен грнец, убаво поклопен, убаво околу наоколу залепен со тесто и на оган од суви гоедски лепешки. Само што во неа не се клава лук, а кромид, колку за да има миризба, може малку, во потпршката. Грав со асрма, – сеедно дали телешка, дали овчка, или козја, исто се готви одвечер, во земјен грнец и на оган од суви гоедски лепешки. Освен суви, пиперки, ноктец и малку нане ништо друго во него не се клава, а се потпржува само со троа кромид и црвена пипер, без брашно. Има два вида бакрданик, варен и врен. Вртениот се припрема на брза рака; откога ќе зоврие водата во котелот, во која пред тоа има турено сол и неколку дрвени лајци сало, полека се сипа царевно брашно и со сукалото постојано се врти, затоа и се вика врен. А кога водата сосема ќе изврие, то ест кога убаво ќе се згусне масата, бакрданикот е готов. Најсладок е да се јаде со свинско пржено и кисело млеко. Тој се приготвува на брз оган, на пампур, во есенските и зимските денови. Варенио бакраник, пак, бара многу време и многу тивок, постојан и силен оган. Затоа се припрема одвечер и на оган од суви гоедски лепешки. Ќе се насложат лепешки во огништето, над нив, на камушките, припремени горе на таванот или на гредите, ќе се обеси котелот, ќе се тури во него вода, сол, и неколку дрвени лајци сало, потоа ќе се потпали огнот под него. Додека се чека да зоврие водата, се замесува тесто од царевно брашно. Тестото, кога ќе биде готово, се собира во платнено цедило и кога ќе проврие водата, се спушта во котелот, но така што да не го допира дното, односно со конопен конец се врзува за рачката на котелот или за камушките и се остава цела ноќ да врие. Рано утрото заедно со цедилото се вади од котелот, добро се истрива со дланките, се направува грутчиња, грутчиња, и пак заедно со цедилото, и потпржен со повеќе сало, се враќа во котелот, за да потпржува со сало, и се изнесува на синија. Добар е и вака да се јаде, со џимиринки, со сирење или со кисело млеко, но многу е посладок ако пред тоа се потпече, во тепсија, заедно со џимиринките, или со сирењето. Има уште многу други јадења кои се готват на оган од лепешки, а самите лепешки, пак, почнуваа да ги собираат, на одредено место во дворовите, уште од првиот ден кога напролет, пред Благоец, ќе ги истераат гојдата на пасење во ливадите. Насобраните на куп лепешки, пред да започне жетвата, неколку дена по ред постојано ги потураа со вода, за добро да искиснат, а на четвртиот или петтиот, жените почнуваа да ги газат. Постојано додавајќи вода и плева, оваа, плевава, ги стегнува и им дава цврстина на лепешките, постојано газејки ги и со мотики претурувајќи ги од едно на друго место, од купот лепешки правеа еднородна маса, која, после, лесно можеше да се тутка и да се лепи под стреите, спроти сонце. Тогаш, во време газење лепешки, не беше згодно да се ѕирка во дворот на соседот, зашто нозете на жените им беа засукани догоре, до пушталките, па нивните бутови, обли и бели, зашто никогаш повисоко од колената не ги фатило сонце, дури до таму беа избрбешкани со лепешки. И домашните мажи, за да не го гледаат тоа, то ест за да не ги гледаат жените така засукани, намерно излегуваа во полето, или го поминуваа денот, во меѓусебни разговори, на срецелото. Некој, туѓинец, кој не видел жени вака избрбешкани со лепешки дури догоре, дури до ушалкие, сигурно ќе се згнасеше кога ќе ги видеше. Но тој не знаеше дека додека младите газеа лепешки, бабите, во пондилите, топлеа полни котли вода, во која имаа ставено и боливач и босилек, за приквечер, кога снаите и чупите ќе ги изналепеа лепешките, да се измијат. Се затвораа во кошарите и се триеја, откако пред тоа ќе се насапунеа со миско саунче, првин со суви кочанки, а потоа и со памучни крпи. Од тоа, од сапунчето, од водата, од мирудиите и од триењето, нивното бело месо стануваше миризливо, младо, се стегнуваше некако, па крцкаше и се лизагаше низ прстите на мажите. 8. До Балканските војни, првата и втората, Сојузничката против Турците и Меѓусојузничката, кога Србија и Грција стапија во сојуз против Бугарија и до крајот на првата Голема војна, светската, на местото на денешните ливади под шумата се простираа надалеку прочуени лозја. Но војските и филоксерата ги уништија. Како дар на времето, да се паметува, тие, војските, и горе над шумата и долу во ливадите, оставија мноштво окопи кои и ден-денеска полека се затрупуваат од ветриштата кои дуваат од север и од северозапад, од кај Прилеп и од кај Крушово, направо низ влезот на Потковицата, и од наносите на пороите. Напуштајќи ги, пак, ливадите, во правец кон населбата во Потковицата, која е сместена на Станкоски Рид и под неговите подножја, или во правец кон излезот од Потковицата, иако земјиштето е рамно како дланка, човек е приморан да прескокнува многу долови и ендеци. Тие, ендеците и доловите, (над кои, овде-онде, построени како мали војнички дружини во поход, се надвиснуваат врби и тополи) заедно со меѓите на нивните и бавчите, го раздробуваат дното на Потковицата и го прават тешко пристапно. Во пролет и во есен доловите и ендеците се поројни, преку зима замрзнати, а налето само тенка водна нишка, која никогаш не стигнува и да пресуши, се протегнува низ нив. Овдека, на дното на Потковицата, низ бавчите, како огромни клунови од огромни птичишта, одлетале некогаш некаде и си ги заборавиле тука, задумано стрчат многубројни герани. Посебно убав овој пејзаж беше во рана пролет, кога низ штотуку потераните никајци ќе потрчаа и ќе заблееја јагнињата, и доцна напролет, пред што ќе узрееја житата, ‘ржта и пченицата, и, патем, во зрело лето, кога во веќе узреаните жита, со своите живописни носии и гласовити песни, ќе се појавеа жетварите. Таа, жетвата, без оглед на честите војни и реквизиции на животот, без оглед на суровоста на режимите на завојувачите, високите даноци и, самоволијата на даночниците и чифлик- сајбиите, и без оглед на тоа што таа сама по себе е макотрпна работа, во Потковицата од памтивек се извршуваше како нешто што налева сокови направо во жилите на животот. Сè во врска со неа, за сето време додека траеше, од првите денови на јули, па сè додека не паднеше и последната ракатка, некаде при крајот на месецот, во неа се вградуваше како нешто ритуално и на еден помалку пагански начин се прославуваше – со пригодни песни. Можеби тоа беше давање одушка од макотрпната работа, можеби беше терање инает со војните, со реквизициите, со даночниците и чифликсајбиите, но жителите на Потковицата, со вкоренет оптимизам на луѓе прикрепени за земјата, односно со докрај изјаснета свест дека таа, мајчичката земја, раѓајќи одново и одново го обновува својот и нивниот живот, односно дека освен неа и нив ништо друго и никој друг не е вечен, па сè во врска со жетвата му дава одреден празничен призвук. Уште откога ќе ќе залебеше житото, некаде при крајот на мај, ако беше сушна годината, во дворовите на домаќинствата се појавува ооларки а низ полето одочесници, или уште како што ги викаа во Потковицата, окрси. Првите, додоларките, жени и девојки, накитени со зеленило, одеа од двор во двор и додека тие пееја: Ај излези, чорбаџико, а оглеај во ворови, какви иа, какво воа, какво воа сираченце сираченце, голо, босо, голо­босо, расашано, расашано, бушоглаво. Дарувај нè, чорбаџико, арувај нè со сиоо а е сиа гоинаа, арувај нè со чесина, а е чесна гоинаа. – Вај ооле, мили боже! Дај боже ож, ај боже ож! домаќинките ги потура со жито од скутините, од земјени ваганки, од сита, и со вода од ѓумови, од кобли и од грнци. А одочесниците низ полето, како и додоларките накитени со зеленило, со венци од младо жито и од полски цвеќиња, опремени со крстови и икони, пееја своја песна: Крси носам, бога молам: Госои омилуј! Госои заврни! Да заросни сина роса, сина роса бериќена; а наваи бериќео, бериќео – ченицие: ченицие – о ојаси, а ржие – о среие, царевкие – о греие; о ва класа – шиник жио, о ве зрна – ва куела, о олео ме и млеко, ме и млеко, вино, жио; а се рана сиромаси, сиромаси, сирачина. – Вај ооле, мили боже! Дај боже ож, ај боже ож! Од средината, пак, на јуни, во неделните денови и во празниците, на коњ или пеша, главите на домаќинствата почнуваа да го обиколуваат полето; триејќи класје меѓу дланките и, потем, долго џвакајќи ги солупените зрна и топејќи ги со плуканица утврдуваа дали е стасано за жетва. Ако беше стасано, то ест ако беше зрното испечено, за уште еднаш посигурни во својата неискоренливост, приквечер се враќаа дома со преполни срца и со преполни заграби полски цвеќиња, подарок за женската челад, идните жетварки. А вечерта, на срецелото, со главите на другите домаќинства, по долги меѓусебни разговори и откако врз основа на долгогодишни искуства ќе ги утврдеа временските прилики, сигурни дека и ова лето нема да ги изненади со невреме, ја прогласуваа жетвата. Во меѓувреме, во пазарните денови, кај ковачите во Прилеп, за стасаните принови во домаќинствата за жетва, набавуваа нови српови и ги остреа ланските. Тогаш, кај дрводелците, ги набавуваа и другите алатки потребни за успешно извршување на жетвата: вилите, набоние и вилие. Набоние, всушност, се дрвени лостови, долги до два метра и повеќе. На горниот крај имаат два рога, кои се долги до пет-шест сантиметри. Со нив се набодуваат снопјето, кога се пренесуваат од место до место, кога се прават стогови, или кога се товараат на колите за да се однесат на гумната. Со нив, со набодните, ракуваат најснажните во домаќинството, додека со вилие највештите. Не затоа што се витлите сложени алатки, напротив, многу обични се, но голема мајсторија е да врзиш сноп кој, при пренесувањето, нема да се растури, а витлите за тоа служат за врзување снопје. Тоа се обични колци, од здраво дрво, бука или дрен, убаво измазнети и нашилени, а горе, кај што се држат со раката, бездруго за да не се лизгаат од потта, изрезбарени. Долги се педесет до шеесет сантиметри а дебели не повеќе од пет. Непосредно пред жетвата, ден, два, пред рвио ср, главите на домаќинствата им заповедаа на мажите што во домаќинствата по ранг стоеја веднаш до нив, тоа беа обично помладите браќа или најстарите синови, да ожнеат неколку снопови ‘рж за правење јажици. Овие тоа сами го правеа, сами одеа во полето, сами окосуваа малку ‘рж, а зошто јажици сè уште немаа, требаше допрва да се направат, од штотуку окосената ‘рж, сноповите ги врзуваа со ортоми и на набодни ги пренесуваа во дворовите. Тука, со специјални чукала, или со ражните од колите, удирајќи по класјето, ги истеруваа зрната од нив. Потоа, откако исчуканото жито ќе го извееја и пресееја, низ рмон па низ решето, и додека другата челад го прибираше во амбарите, тие ‘ржаницата ја носеа на бунарите, ја положуваа во коритата за поење на добитокот, а потоа коритата ги наполнуваа со вода. Од така потопената во вода ‘ржаница, откако добро ќе искиснеше, наредниот ден, околу мала ужина, правеа јажици. И тоа, правењето на јажици, како и врзувањето на снопје со нив, беше мајсторија што не знаеше секој да ја прави, туку само најопитните. Првите јажици ги правеа тука во дворовите, на бунарите, и на набодни ги пренесуваа на нивите каде што жнееја. А другите јажици, во екот на жетвата, ги правеа таму, во полето, каде што ќе имаше вода, во доловите и ендеците, но најмногу, речиси сите жители на Потковицата, на Алилово. А тоа, да ги гледаш јажичарите, наредени еден до друг и расприкажани, како врзуваат, од кај класјата, две ракетки ‘ржаница, односно како прават јажици, беше милина. Иако во Потковицата жетвата се смета за женска работа, први зажнејуваа главите на домаќинствата. Откако ќе ја ожнееја првата ракатка и ќе го отвореа полето, срповите им ги предаваа на тие од кои ги зеле, а сами седнуваа под сенка и плетеа капели, или заминуваа низ полето за да одредат друга нива за жнеење. А самата жетва поминуваше со многу радосни возбудувања: сè, ама сè ги развеселуваше жетварите: скоривањето некоја птица од седелката изградена во житото, јали некој зајак, јали некоја лисица. Сето тоа првин беше обзнанувано со радосни извици, што ги подземаше сето поле, а потоа следуваа песни. Посебно убав беше крајот на жетвата. Кога ќе останеше последната нива за дожневање, жетварите се натпреваруваа кој ќе дојде прв до крајот, односно кој ќе ја ожнее последната ракатака. Тоа беше крчмаа и најчесто, договорно и преќутно, се оставаше да ѝ се падне на најмладата невеста или на некоја од чупите стасани за мажење. Таа што ќе ја направеше крчмата, имаше и привилегија да ја направи и брадата. Тоа беа убави плетеници од стеблата на житото, кои се закитуваа со полски цвеќиња и од кои право прудолу се бесеа неизронети класје, слично на брада. Браие се чуваа во гостинските одаи, сè додека сами од себе не се растуреа, а крчмаркаа, за среќа и бериќет, од главата на домаќинството добиваше на подарок огледало, белило и црвило. Таа од првото ново брашно добиваше и колаче, мало бесквасно лебче, или ушалка, бесквасна кифла. 9. И од оваа страна, како и од надворешната, Потковицата обилува со знаменити води. Но тие овдека не се најдуваат на некое бележито место, под осамена оскруша, под осамен глог, или под осамен џбун од диви рози, туку се таат во некој густеж во шумата. И освен за две од нив, за Кладенец и Самовилец, за ниедна друга не е врзана конкретна лекарствена практика. Може дека се поблиско до луѓето и нивните секојдневни потреби па животот ја ставил на преден план ползата од нив, а за умноста и разните чудотворства ги префрлил преку рид и ги обвил со тајновитост. Тргнувајќи од почетокот на западниот лак, од Долга Чешма, и одејќи само по сртот на Потковицата, по еден саат одење пеша, се стигнува на Камен, односно се стигнува до четири грамадни гранични спили, сите четири наредени една до друга. Всушност, тие се оние истите спили што во 1901-та, кога војуваа со штрковите, на орлите им служеа за прездив. По нив, по спилите, местото околу нив, неколку квадратни километри, се именува Камен. Неколку стотини метри право надолу од спилите, одејќи по разгазено патче, низ шумата, на нејзиниот долен раб, двајсетина метри десно од Латинска Црква, се најдува Кладенец, лесно студена и лековита, од уроци, вода. Поточето што истекувајќи од Кладенец тече низ скалести корита, некогаш дрвени сега претворени во обични вирови, долу, а во рамницата, во бавчите, се влива во Голема Вода и е поило на дивината, добитокот и овците. Сиот тој крај поради нив, поради коритата, го викат Коритница и е археолошки локалитет. Сите власти, освен турските, и српските и бугарските, па дури и однадвор, од странство, Германци и Французи, доаѓаа тука и вршеа ископувања. Но тој отсекогаш си беше на грижа на жителите на Потковицата. Црквата, од којашто останал уште само еден полупрстен од куполата, колку за да ги премостува урнатините зарастени во трње, капини, глогови и диви рози, чиј под, поплочен, порано беше редовно чист, е свето место. Како и кладенецот десно од неа, како и гробовите лево од неа. Со неа, со Латинска Црква, и со одржувањето нејзино беше врзан еден обичај, безмалку пагански. Една недела пред Свети Никола Летен се паѓа на 2 јуни стар стил, и е заеднички сведен на жителите на Потковицата, чупите, со еден ерген што сами тие ќе си го одбереа и кој задолжително требаше да знае да свири на к’рнета (кларинет), уште од раното, пеејќи и предводени од свирачот, одеа да ја исчистт црквата. Таму, на Латинска Црква, додека свирачот, седнат на некој камен, им свиреше со к’рнетата, тие, пеејќи, цел ден ја чистеа и ја дотеруваа црквата и нејзината околина. Ги ископуваа трњето и капините, го сметуваа подот на црквата, ги варосуваа дрвјата наоколу, ги изрибуваа и ги поправаа коритата, и приквечер, пред зајдисонце, се распрснуваа во шумата и додека оттаму се слушаше само нивното Ихии, свирачот продолжуваше да седи на каменот и да свири на к’рнетата. Во тоа време, додека чупите растрчуваа низ шумата, овчарите ги дотеруваа овците на Камен и со повремени извикувања Ихуу и со свирње во кавалите, ја зголемуваа веселоста. Доцна вечерта, со полни заграби киселица, полски цвеќиња и дабови гранчиња, дар за домашните, чупите се враќа во населбата во Потковицата. На сведенот, пак, рано утрото, околу осумте часот, домаќините и гостите, овие уште одвечер доаѓаа, се упатуваа кон Латинска Црква; тргнуваа од срецело, откако пред тоа, со една пригодна песна, што ја пееја чупите, ќе беа поканети: Ајее, браќа селани, Ајее ’ојме на црква, Лаинска... Напред, пред гостите и домаќините, одеа ергените, пред нив чупите, а пред нив, сам, свирачот; чупите пееја: Фрли го, луо, шеширо, ои е месо нагорно, ои ќе се луо исоиш, Ихиии!.... Марови а ергените одговараа, исто на шака: Фрли го, Досо, орегачо, ои е месо каменливо, ои ќе се, Досо, засонеш, Ихууу!... Сите, и старците, и бабите, и децата беа закитени со кивчиња од џунџуле и босилек, ги носеа на капите, на дартмите, во косите над десното уво, на облеката на градите, а чупите на главите носеа венчиња од маслиново дрво и полски каранфили и во рацете црвени рози. На Латинска Црква остануваа до пладнина. Играа, пееја, со вода од кладенецот, што ја црпеа со лејки, со бардињата што ги понесуваа од дома и кои како и момите беа закитени со маслинови гранчиња, со полски каранфили и црвени рози но и со плодови од цреша, се одмиваа – за здравје, за среќа и за личота. На пладне се враќаа во населбата на ручек, а во бардината понесуваа вода, од Кладенец, која не ја пиеја; ги затнуваа бардината и ги чуваа на темно и студено, сè додека не се исушеа гранчињата, цвеќињата и црешите на нив, а тогаш, кога тие ќе се исушеа, пред изгрејсонце, во недела, чупите ја истураа водата на куќните прагови, на портите, пред пондилите и трлата и на крстопати – овој пат за здравје, напредок и личота на домазлакот. 10. Тргнувајќи, пак, од Камен и одејќи пак само по сртот на Потковицата, може по повеќе од еден саат одење пеша, се стигнува над Самовилец. Се најдува лево од малечката заветрина Три Дабје, која е безводна и која ја сочинуваат почетокот на јужниот лак на Потковицата и крајот на западниот. Се таи во најбујното на гората, во еден густеж од дренови дрвја и диви рози заплеткани во бршлен. Од сртот, од Плоштина, до водата се стигнува по едночудо разгазени патчиња, а од населбата во Потковицата само по едно кое е добро натратено и кое, откако ќе ги прегази Мала Вода и Голема Вода, се издвојуваа од Градишки Пат и низ Деркова Дрма трга право пругоре. Местото е толку диво, студено и мрачно, што еднипати, во некои опачни години, таму и преку лето може да се најде снег. Имаше верување, некаде до крајот на последната Голема војна, оттаму и името на кладенецот, дека таму, на Самовилец, живеат самовили и дека ноќе, на месечина, горе на Плоштина, играат ора со овчарите. Па од страв од самовилите, освен нив овчарите, уште само некоја куражна баба, ако ѝ беше таква нуждата, крајна, и ако можеше да јамчи за својата безгрешност, смееше да отиде таму. Луѓето веруваа дека водата лекува од ветроштини, и тоа само дечоани, чупиња од таа возраст и невести, навеани во првите шест месеци по заневестувањето. Болните, пред да се напијат и пред да се потурат со вода од кладенецот, во него треба да пуштат паричка, железна, и трипати едноподруго да изговорат една молитва што тука, на лице место, ќе им ја каже бабата и пак така, ноќе, потајум, никој да не ги види и да не ги сети, заедно со бабата, да се вратат во населбата во Потковицата – ако сакаат да им се фати лекувањето. Така беше до крајот на последната Голема војна. Тогаш, кога ги протераа од Потковицата и од сиот овој дел на Македонија фашистите и кога стапија на власт комунистите, младежта, подгрејувана од нив, од комунистите, ја зафати едно неверување во бога, во црква, во самовили и во сè во што, научени од дедо и предедо, нивните татковци веруваа. Чупите одбија да одат и да ја чистат Латинска Црква, заедно со браќата и сестрите се противставија да се празнуваат Божиќ и Велигден, не даваа да се вапцуваат јајца, одбиваа да се венчаваат в црква, со поп, туку одеа во Тополчани во општината и таму матичарот ги регисрираше. Без сватови, со што-годе музика, партизанска, и против волјата на родителите. Воопшто, животот во Потковицата ја загуби рамнотежата, стана некако невесел, нечист, па ти се чинеше на патерици се влечка низ сокаците, дворовите и гумната. Но и покрај тоа, никој од обезверените и силниците не се решаваше сам да отиде, дење или ноќе, на Самовилец. Од страв од самовилите, да не, кога ќе ги види, се поштукне од умот. А таквиот, штукнатиот од умот, знаеја поганците, на сите им служеше за подбишега, сите го сожалуваа, па нејќеа да се најдат во таква положба. Зашто во тоа време, кога животот во Потковицата сосема се обесвети, уште само Самовилец остана неиспогането место, старите со него, со Самовилец, ги крепеа младите на умот. Кога на конференциите, организирани против бога и верата, некој од младите ќе се осилеше отповеќе, старите му довикнуваа Ајде де, ако ти стиска, ако си толку маж, отиди сам на Самовилец, а раководството на младината му одговараше нему: За ширење на антинародна пропаганда знаеш кај можеш да отидеш. Но ништо повеќе од тоа не правеа, пак од страв од Самовилец. Во 1950-та, заедно со законот за колективизација, како негов претставник и спроведувач, во Потковицата пристигна и Блаже Алексоски – Пената. Млад, неопитен и запален како и тукашните младинци, туку зеде по цел ден да држи конференции и да ги вие луѓето да стапат во колектив. Но како никој, ни копуците, како што беше Борис Енда, не се согласуваше да влезе во колектив. Пената, на една конференција организирана за влегување во колектив и против бога, фати облог со мажите дека тој, ако се согласат тие да влезат во колектив, и за да им докаже дека веруваат во глупости, сам, ноќе на полноќ, ќе отиде на Самовилец и оттаму, за доказ дека бил, ќе го донесе копаничето со кое луѓето црпеа вода од кладенецот. Мажите, повеќе на подбишега а и за да ја проверат јунаштината негова, го прифатија облогот. Тоа на жителите на Потковицата им донесе големи несреќи. Не зашто потоа сосила беа натерани да влезат во колектив, туку дека за она што му се случи на Пената, тие беа земени на одговорност. Беа наклеветени дека на подмолен начин го убиле Пената. А немаше никакви траги од убиство. Уште истата ноќ, на полноќ, Пената отиде сам на Самовилец и повеќе жив не се врати. Другиот ден, во време пладнина, овчарите го донесоа мртов. Никој не знаеше да каже одошто му пукнал дувот, но, кажуваа, го нашле на само неколку чекори од кладенецот ничкосан и со главата брцната во браздата што истекувајќи од кладенецот и кршкајќи низ гората, долу, во бавчите, се влива во Голема Вода. И, јасно, смртта на детиштето мораше да се разјасни. Достасаа Озновци од Прилеп, претставници на власта, на Партијата и од Прилеп и од Битола; иследуваа, сослушуваа, држеа конференции и кога не им појде од рака да посочат кој го убил Пената, прогласија дека реакцијата во Потковицата има исфрлено комити во шумата, дека тие, комитите, дење си седат дома и работат во полето, а ноќе бегаат во гората и убиваат, па ја вооружија младежта и почнаа да ја пребаруваат шумата. Во меѓувреме, овчарите што го донесоа мртов Пената, ги осомничија дека тие го убиле и ги затворија, а заедно со нив затворија и уште неколкумина мажи. Сето тоа го правеа божем за да го фатат убиецот, кој всушност не постоеше, зашто Пената не беше убиен, си умрел сам, му пукнал дувот, а во стварност тоа им беше начин да ги натераат жителите на Потковицата да влезат во колектив. Први на тоа се досетија војводите, а најпрв Најдо Акиноски, се здоговориле меѓу себе и тргнаа од глава до глава на домаќинствата да ги наговараат да се согласат да стапат во колектив. Ако сакаме да се спасиме од напаства и ако сакаме да нѝ ги пуштат луѓето од затворите, мораме да влеземе во колектив, им велеа. И така би, жителите на Потковицата стапија во колектив. За претседател на колективот го поставија Најда Акиноски а на предлог на учителката, Зорка Маѓероска, битолчанка, на колективот му го дадоа името од администраторот – БЛАЖЕ АЛЕКСОСКИ – ПЕНАТА. Така се смири Потковицата. Но не за долго. Само што си издојдоа затворениците и само што заживеа колективот, не поминаа ни три години, излезе нов закон, властите ги растурија колективите. Не биле наше дело, биле руско масло. Така луѓето одново си ги повратија имотите, животот одново се врати во Потковицата. Луѓето одново почнаа да си идат и да си одат на гости, чупите одново почнаа да ја чистат Латинска Црква, момчињата одново почнаа да одат со овците и во полето и в црква. Туку речи одново почнаа да се разбираат што е закон и вера, што е сведен, света недела и делник. Но и понатаму тешко се живееше. Давачките за државата беа големи, ништо не можеше да се купи без купон, а сите не добиваа купони. Тоа многумина натера да си заминат во градовите, да се заработат таму што и да е, само за да добијат купони. А после, ко се пушти одењето на печалба, многумина фатија усвет, заминаа во Америка и во Австралија. Па, така, од тие здивени времиња, кога многумина настрадаа на богдуша, во Потковицата останаа само споменот за администраторот, за Блажета Алексоски – Пената, и сознанието дека, сепак, не е препорачливо да се оди на Самовилец, туку така. 11. На Градишки Рид, кој е, всушност, јужен лак на Потковицата, стотина метри источно од Градишки Пат, незабележливи на прв поглед, зашто се сокриени во шумата, затрупани со земја и сосема непознати за дошлаците, има остатоци од стара населба – расфрлани камења, покривни плочи, парченца ќерамика и слично. Сиот тој предел жителите на Потковицата го викаат Градиште и сè што е во негова близина така го именуваат: Градишки Пат, Градишка Корија, Градишки Пасишта, Градишки Трла и така натаму. Ако за дошлаците овој локалитет е непознат, за завојувачите, меѓутоа, не беше: само српските власти, помеѓу двете војни, помеѓу првата и последната Голема војна, во повеќе наврати овдека вршеа ископувања. Тоа го правеа во истото време кога копаа и на Латинска Црква, и во Чепигово (Стибера), и во Бучин. Што најдуваа, може само да се претполага, зашто тие копаа скришум од жителите на Потковицата, забранувајќи им, со џандари, и да приѕрнат на Градиште. Ете тука, на Градиште, во една спила, како во сандак, десетина метра долг, толку широк и не многу длабок, од памтивек ниту пресушува ниту се излива Градишка Вода. Од неа, од Градишка Вода, истекува мала бразда, која спуштајќи се низ падините, во шумата ги собира попатните води од другите, помалите и безимени извори, и долу, во полето ја формира Голема Вода. Оваа, пак, долу, во бавчите, ја прибира Мала Вода и влечејќи ја низ нивјето, во Торојца, од оваа страна на мостот на железничката линија, во непосредна близина на новата железничка станица, се влива во Алинска Река. Со неа, со Градишка Вода, и со самиот поим Градиште, врзани се повеќе преданија, кои, жителите на Потковицата пренесувајќи ги од колено на колено, ги измешале до непрепознатливост. По едно од тие преданија, а тоа укажува на предвизантиските, на римските, па можеби дури и на античките македонски времиња, Градиште бил убав, утврден град. Во неговото среде се најдувал денешниов кладенец, кој тогаш, во тие одамнешни времиња, бил поприлично голема вода, поради што и денеска некои, понекогаш, го викаат Езерце. Во езерото се удавил синот единец на заповедникот на тврдината, па тој, таткото, поштукнат од умот од болка поради несреќно загубениот син, заповедал да се разурне градот а водата да се испушти од езерото. Буицата, покрај тврдината, ги уништила и ковачките, валавничарските и кожарските работилници подигнати на бреговите на долот, па оттука и името на средниот дел на Голема Вода, на оној од газилото па до долниот раб на шумата на Градишки Рид: Коачки Дол, Кочов Дол, односно Ковачки, односно Ковачов Дол. Најгорниот ток на Голема Вода, пак, оној во шумата и сè до Градиште, се вика Бабунски Дол, а со тоа име се врзува едно друго предание, кое се измешува со историјата и си има своја поткрепа во неа. Имено, на бреговите на долот и во урнатините на Градиште, богомилите, кои науката, зашто смета дека потекнуваат од планината Бабуна, прилепско, ги препознава уште и како Бабуни, во времето на царот Самоил, тука засновале своја населба. Но неа, во 11 век, Европејците, се мисли на Крстоносците од првиот поход, оние, предводените од Боуменд Тарентски, ја уништиле. Откако ги изубијале луѓето, Градиште со земјата го срамниле и го запалиле и на западниот лак на Потковицата, на Коритница, подигнале друга, своја населба. Меѓутоа, други материјални сведоштва, за некаква населба, освен Латинска Црква и гробовите околу неа, на Коритница нема. Материјални сведоштва нема ни за тоа, барем науката не располага со такви, дека Градиште некогаш било богомилска, односно бабунска населба – освен долот кој се именува по нив и освен еден погрден збор, бабун, со кого денешниве жители на Потковицата означуваат некого кој се изопштил и од луѓето и од бога. А дека Градиште можело и да биде богомилска населба, одредени податоци, иако од науката неутврдени – поправо не е утврдено точно која била и точно каде била лоцирана односната населба – пружа Виљем Тирски: Наушајќи го Косур, рицарие на Боумен наанале ена укреена населба во биолско­рилескио крај, која била населена со „ереици“ – богомили. Окако ја презеле и ја разурнале населбаа, заено со куќие ги изгореле и жиелие. Но, покрај многуте неизвесности, неизвесно е и тоа: како се случило, кој им го оставил во завет на овие православни верници, на денешниве жители на Потковицата, да го честуваат она инородно светилиште, Латинска Црква? Можно е, пак само претполагајќи, и пак потпирајќи се само на општите историски податоци, зашто конкретни, веќе видовме, нема, дека Солунското кралство односно Латинското, во времето на Бонифациј Монфератски, во 1204 година, кога го завојувало и овој дел на Македонија, со поткуп, со принуда, или на превара претците на денешниве жители на Потковицата ги превело во католичка вера, но по неговото исчезнување од историската сцена, нивните потомци, во текот на времето, одново се вратиле на православни верски традиции, а како драг спомен на своите претци, и на тие можеби добродетелни времиња, ја запазиле и ја честуваат Латинска Црква? Па, сепак, кои биле градишчани, ако морале да бидат уништени од Европејците, и ако односот на Европејците и претците на денешниве жители на Потковицата бил таков, дружељубив? Пријатели на Византија?! Еретици? На втор ден Водици, или уште како што ги викаат во сета Пелагонија Женски Водици (дека за разлика од првиот ден кога на посета кај роднините и светијоните оди машката челад сега одат жените и децата) во 1857 година, кога го закопуваат, Ангела Јанчески, последниот старец од петтото колено броејќи наваму од населувањето на првите Турци во Потковицата, гробишата на Рамник на Горник се прилично намножени, и може, мерено од око, во должина и во ширина покриваат простор и до триста метра. Околу наоколу заградени со трње, со ендек и без вратниче и зашто не се ѕидани како денешниве туку се обични копи од земја, сега покриени со снег и над кои се извишуваат безимени дрвени крстови, едни изгнилени други и трети искривени или ничкосани во снегот, изгледаат пусто и очајувачки. Попусто и поочајувачки, кога човек подлабоко ќе се замисли за својот живот и за животот на своите блиски, дури и од она О земја си и ак во земја ќе се враиш. Човек слично или исто може да си мисли и за луѓето кои собрани на куп и кои иако завиткани во кожуви се измрзнати и молчат несреќни и јадосани – дека се безумни, очајници кои, ете во коложег дошле да копаат ‘рвеник на пуста.рида без вода, или да откопуваат нему нешто незнајно – да не е тоа, неговото, Максим Акиноското, ѕвонливо и постојано повторувано во веавицата Алилуја, алилуја, алилујааа! И да го нема пред нив отворениот гроб и да го нема покрај гробот, испружен на носила, него, мртовецот. Тоа зашто никаде тука во близина, ни на местото што христијаните од Потковицата го одредија уште кога населбата нарасна, излезе од Дупка и се завкачи по падините на Станкоски Рид, и никаде на друго место во Потковицата нема подигнато црква ниту некој друг знак што да укажува дека на тие простори живеат христијани, или дека, воопшто, живеат луѓе, од бога дадени. Секаде до каде што допира погледот, и горе, по сртовите на ридиштата, и долу, на дното на Потковицата, и во воздухот, помеѓу земјата и небото, се преметнува и небаре изгладнета глутница завива сиво бела пустелија... А бог, закатанчен во своето име, и закатанчен таму горе на небесата и зад веавицата, не ни призрува на земјата да види што се прави и да пресуди... А луѓето ги губат животите во миговите на смртта извикувајќи го неговото име и повикувајќи ја неговата правдољубива и одмаздничка рака... Само оттаму, од под падините на Станкоски Рид и од под стреите на четирите турски кули, кои се бело варосани и чии покриви се побелени од снег, единствени и одвај, одвај видливи низ вејавицата небаре истопени парчиња мрак, темно модри се чепатат нивните пенџериња... Алилуја, алилуја, алилујааа! Алилујааа! Ааалилууујааа!... А оттогаш, кога за прв пат христијаните од Потковицата ги преселија гробиштата од Дупка на Рамник на Горник и малку понасевер од нив, над Извориште, одредија место за ѕидање црква, може изминаа повеќе од триста години. И еве како десет и повеќе години – напролет, пред да започнат полските работи, и наесен, откако ќе завршат тие – петмина одбрани мажи, заедно со него, со Максима Акиноски, ги абат праговите на властите во Прилеп и Битола и молат да им се издаде одобрение да си соѕидаат црква. И поткрепа имаат од прилепските и битолските првенци, и согласност од овдешните Турци, и мајстори кои ќе им ја соѕидаат црквата, и човек кој ќе им го направи живописот внатре во црквата, и камење и вар, и песок и сè што е потребно за ѕидање црква имаат дотерано на Рамник на Горник, и иако одовде до Стамбол имаат сè поткупено, и турско и каурско, одобрение за ѕидање црква не стигнува од Стамбол, од султанот. Знаат христијаните од Потковицата, како што знае и сиот христијански свет во европска Турција, дека ако порано турските закони сега фанариотите, кои имат големо влијание врз султанот, им бранат на славјаните во Македонија да ѕидаат цркви и училишта – ако не се согласни со нив да се проповеда и да се учи на грчки и ако не се согласни да бидат под покровителство на Патријаршијата. А ни вистински свештеник немаат жителите на Потковицата; грчки не сакаат, свој немаат, па таа работа, откако го врати бог во Потковицата, ја врши тој, Максим Акиноски – мртвите ги опејува на отворено, на Рамник на Горник на обележеното место за ѕидање црква, на отворено, во дворовите зад авлиите, ги венчава младите, а по куќите, во гостинските одаи, крштева деца. Додека Јанческите, пак, дека се најбедни и за да се прикрепат колку толку со тоа што им го даваат другите ги вршат останатите црковни работи: клисарската и ги чуваат црковните вешти: крштелникот, крстот, клепалото, носилата и слично. И токму како таков, како клисар стрико Анѓел Јанчески, син на Јанчета синот Тодоров син на Никола Јанчески и брат на Јанчета Николов Јанчески, вчера, на прв ден Водици, на Алилово го изгуби животот. Имено, откако се паметува во Потковицата, нејзините жители, христијаните, секоја година празнувањето на Водици го започнуваат на Алилово. На прв ден Водици, уште во раното, го кршат мразот во Алилски Вир и во направената дупка го фрлаат крстот, кој е дрвен, лесен и кој плива во водата, за оттаму да го извади некој од младите. Обредните работи околу фрлањето и вадењето на крстот, со припомош на Јанческите, ги вршат тие, Акиноските. Но има неколку години како се припрати, со бројна дружина составена од Турци и ѓакони вооружени со пиштоли, со топузи и со крстови, прилепскиот грчки поп, некојси Хаџи Ташку, Влав, и се натура тој да ги врши обредните работи и околу Водокрстот и околу сите празници во Потковицата – така било од памтивек, вели, сите работи во врска со христијанската вера во Потковицата ги вршеле грчки попови и на грчки јазик. Но таа, верата, не ги интересира нив, грчките попишта; сакаат да ги држат Славјаните во своја духовна власт, да ги погрчат и тие да ги собираат даровите и парите што ги даваат верниците. За таа цел, за да ја наложат својата волја, грчките попишта прибегнуваат кон разноразни лукавства и насилства. Сопрвин го плашат народот со фрлање на анатема, со чуми и болести, а потоа, ако не успеат со тоа, сосила му ги растураат празненствата или го кодошат кај турските власти и беговите за божемни бунтувања. И вчера, на прв ден Водици, така се случи. Кога зараното и предводени од него, од Максим Акиноски, жителите на Потковицата стигнаа на Алилово, таму, од оваа страна на бреговите на вирот, растоварени од коњите, ги најдоа Хаџи Ташку и дружината. Жителите на Потковицата се направија дека не ги познаваат кои се и дека не знаат зошто се дојдени тука, па заобиколувајќи ги, стапија на мразот на вирот. И токму стрико Анѓел одредуваше место кај да го скршат мразот, кога еден од дружината на Хаџи Ташку, Турчин, се загна од зад него и од надопица го зеде со топуз по тил. Старецот не ни офна; само како што беше наведнат се нурна напред и акна со лицето на мразот. Тогаш отпочна еден бој, во кој многу глави распукаа и целиот снег на брегот на вирот, покрај што беше, в час беше изгазен и со крв се ишара. Мажите од Потковицата извадија од пазувите кој стап, кој кресло, кој жегол и удрија по силниците. Тие, пак, откога беа надвиени, се фрлија на коњите и по Пазарџиски Пат побегнаа накај Прилеп. Дури тогаш жителите на Потковицата имаа време да се запрат над стрика Анѓела; го превртија на грб и со викање, со триење на вратните жили се обидуваа да го освестат. Но старецот, од што беше лошо и силно удрен, никогаш уште еднаш не се освести. Целиот тој ден, прв ден Водици, дома, во гостинската одаја, каде што го донесоа, собираше душа, кутриот, и доцна вечерта си премина. Алилуја, алилуја, аалилујааа!... Сега во век и во вечни векови прими раба твоего Анѓела и душа его од руках чуждих упокоившивсја насилнически, изговорува Максим Акиноски, замавнува уште еднаш со кадилницата, ја затвора книгата, ја прибира под мишка и иставајќи се од над главата на стрика Анѓела вели: Дајте, луѓе положете го в гроб, зашто после не е добро да го сохраниме во снег. Двајца мажи влегуваат во гробот, кој нема како денешниве рамно дно, туку на дното на гробот ископана е правоаголна дупка, нешто како гроб во гроб и во неа го положуваат стрика Анѓела, откако пред тоа го подземаат од други двајца кои им го подаваат завиткан во веленце. Потоа, двајцата влезени во гробот над главата на стрика Анѓела ставаат барде со вода, на градите проскура завиткана во крпа и земјена ваганка со овоштија, па прикрепувајќи се еден со друг и подземани за рака од другите мажи излегуваат од гробот. А кога тие излегуваат, прв Максим Акиноски заграбува од ископаната земја од гробот, ја целива и ја фрла внатре во гробот, врз покојникот, изговарајќи Лесна му земја. По Максима Акиноски и сите другите заграбуваат од ископаната земја од гробот, ја целиваат и ја фрлаат внатре во гробот врз покојникот и тие изговарајќи Лесна му земја. Потоа четворица мажи брзо го затрупуваат гробот и кога го извишуваат над земја со лопатите го плескаат одозгора и од страните прават правоаголна копа од земја а врз неа сеедно и сеедно се сипа снег и завива веавицата и тажат ќерките и снаите стрико Анѓелови. Потоа на гробот од стрика Ангела, од кај главата, забодуваат крст, самоделски и од дабово дрво, а Максим Акиноски откако истура вино врз гробот и откако го прекрстува, и мавтајќи со кадилницата одново оптегнува Алелуја, алелуја, ааалеелууујааа! И додека Максим Акиноски ги врши последните обреди околу закопот, ги опејува гробот и покојникот Сега во век и во вечни векови, најстариот Анѓелов син, Никола Анѓелов Јанчески, кој отсега натаму е и глава на сиот сој Јанчески и клисар, оди од човек до човек и шепотејќи ги кани да повелат да дојдат кај нив дома за, како што носи редот, да се облажат за душа на стрика Анѓела. Ете, луѓе, работата што ја свршија Хаџи Ташку и дружината, ние му ја претставивме на небото, па тоа сетики има очи да види и ум да пресуди, вели Максим Акиноски кога го завршува обредот и затварајќи ја книгата и гнетејќи ја потоа в пазува под мишки. Го убија стрика Анѓела, на правдина, се провикнува наеднаш и наеднаш замолчува, ги гледа луѓето измрзнати, лути и завеани, и сам изѕемнат, лут и сиот завеан со снег и се двоуми дали да продолжи да зборува и да им го каже тоа што го има на душата, што му е, што му тежи на срцето. На сам ден Водици, вика, на крвави Водици! По тоа ќе се запомнат годинашниве Водици во Потковицава, што беа крвави, го убија стрика Анѓела! Се доизвикува и наврапито се завртува спрема гробот, се прекрстува и откако изговара Бог да го прости, зачекорува да си оди. Уште еднаш и за последен пат и сите другите се прекрстуваат спрема гробот и во редица по еден кинисуваат по стапалките на Максима Акиноски, преку Рамник и низ падините на Горник и преку срецелото одат дома кај Јанчевци. Веавицата завива по нив, ги шиба од сите страни, ги преметнува и им ги затрупува стапалките. Јанческата гостинска одаја, истата онаа во којашто во оние одамнешни времиња, набрзо по населувањето на првите Турци во Потковицата, дедото Јанче, за да ја одбрани од ‘Рслан бег, ја нагрди Руса и веднаш потоа се штукна од умот и по два дена го најдоа удавен во вировите на Голема Вода. Бело е варосаа и рамно од подот и покрај ѕидовите има подѕидоци, исто бело варосани и послани со веленца и рогузини. Горе на ѕидовите и на само половина метро подолу од таванот и точно над подѕидоците прикрепени се дрвени полици, кои се натоварени со дуњи, јаболка и петтопрсни тиквиња, а долу под полиците, врзани во снопчиња и обесени на ѕидовите, висат мисирски кочани, исушени полски цвеќиња, треви и чаеви. Има три мали пенџериња (едното гледа на југ, на дворот и гумното, другото, западното, преку сокакот на авлијата и во портата Јаузоска, и третото гледа на север на срецелото: четвртиот, источниот ѕид е внатрешен и ја одделува одајата од другите простории во куќата која е сета на едно рамниште – приземна) и сите три се зарешетчени со железни прачки дебели колку прст. Ноќе и во лето, кога се домашните во полето, пенџерињата се поклопуваат со дрвени капаци но тие во мигов се раскрилени па низ замрзнатите џамови во одајата навлегува, зрачен, самракот: во меѓувреме надвор стивна виулицата, стегна сув студ и сега на небото и во воздухот се најавува јасник. Светлината што доаѓа однадвор од самракот внатре во одајата се меша со светлината на четири големи свеќи, на источниот ѕид под исусовото распетие горат за душа на покојникот, и на поседнатите околу трпезата, се протега од јужниот до северниот ѕид, осветлувајќи им ги лицата, груби и јадосани, им дава чуден неземски изглед. Повелете, блажете се за душа на татка, вели Никола поттурнувајќи пред Максима пагурче со ракија. Максим, седи на чело на трпезата, од кај пенџерето што гледа на југ, на дворот и гумното, го достигнува пагурчето, вели Бог да го прости но не отпива како што носи редот и како што очекуваат другите; вртејќи го низа раце пагурчето претура низ главата и одбира мисли и зборови со кои ќе може да ги натера другите да се согласат со она на кое мисли да ги повика, а пак да изгледа како тие него да го повикале да се согласува со нив. И додека тој го сучи пагурчето и, молчејќи, претура низ главата, легачот поставен сред одајата, шумно плапоти. Топлината што се шири од него шумно се меша со мирисот на дуњите и јаболката и со мирисот на исушените полски цвеќиња, треви и чаеви и уште еднаш ја потврдува неговата предишна помисла дека сите тие заедно прилегаат на неземски суштества, на духови кои не седат овде, во Јанческата гостинска одаја, туку блудат некаде другаде, на некое друго место под небесата. Нема што, како што вели на подбишега народот, татко го фати крстот, се огласува Боше, најмладиот од четирите Анѓелови синови, кој зошто е овчар никогаш не стигнал да биде ни на свадби ни на закопи (од малечко ака со овците Јаузоски низ полето и по ридиштата) па не се одбира од ред, не знае дека кога се седи со постари на една трпеза, само се седи и се слуша тие што зборуваат. И тоа токму на Водици, додава. А требаше тој да го „фати“, Хаџи Ташку, вели од него постариот брат, Атанас. Јас арно се натокмив да го земам со стапот по глава, ама еден друг ми се подметна, Турчин, вели Бошо. Јанческите млади мажи седат на опашката на трпезата, од кај пенџерето што гледа на север, на срецелото, и пак се забораваат дека кога седат таму, последни, и последни има да зборуваат. Но овој пат сите им проштеваат, од болка за татка си не можат да се додржат да не зборуваат. Сам бог одредил да биде така, на Водици татко да го изгуби животот, скрушено ги прекорува Никола браќата и свртувајќи се спрема Максима Акиноски, зашто е домаќин седи од левата Максимова страна, вели: Да сака со нас во Прилеп да дојде и Тахир бег па и тој заедно со нас да бара од властите да го накажат Хаџи Ташку за злоделото. Татко беше нивни раетин, Јаузоски. Никој не рече дека ќе правиме поплака кај властите во Прилеп, вели Костадин Дамчески кој е старешина на Потковицата и кој зашто е старешина и тој седи на чело на трпезата, од десната страна Максимова. Оваа работа, како лани и како оломлани, сами ќе си ја вршиме, додава. Лани и оломлани беше друго, вели Никола кој зашто изненадеж стана глава на сиот сој Јанчески се чувствува одговорен за сите нив и за сите нив стравува. Сега, за да се оправдаат за злоделото, можат нас да нè наклеветат. Можат да речат дека први ние сме ја почнале тепачката. Ние не им бевме таму, во Прилеп, вели Боше. Тие дојдоа кај нас за да го извадат нашиот крст. Крстот е еден, Боше, вели Никола, божји. Крстот е еден, тики татко имаше два живота, вели Боше. Никој нема два живота, вели Максим пуштајќи пагурчето да шета од човек до човек, ни небото. Вечни се силите што го крепат, високо над нас. Така е и со луѓето; тие доаѓаат и си одат, едни оти им дошол денот и саатот, други оти душмани им ја истуриле крвта, но животот и народите остануваат. Дека си имаат свои засебни сили, јазик, писмо, вера, црква. Треба само да се свесни за тие сили и да ги чуваат. А кај се чуваат тие засебни народни сили, прашува Боше упрекнато зашто однапред знае дека Максим ќе му одговори нешто што нема да го задоволи или што тој нема да го разбере докрај. За Максима Акиноски општопознато е во Потковицата, Боше никогаш не разговарал со него но од други слушал, дека никогаш не ги кажува работите направо. И сите со кои разговара знаат, и сам тој знае точно на што мисли кога разговара, но секогаш прави така, откако ќе ги повлече еднаш другите, нив ги остава да разговараат за тоа тој што си мислел. Народите сами си ги чуваат, вели Костадин Дамчески. Во главите, во душите и во срцата. И таму, и најмногу таму, вели Максим, во главите, во душите и во срцата. Но и во училиштата, во писмото, во книгите, во црквите. Неговиот прилепски учител, некојси стружанец, Димитрија Миладинов се вика, кај Тимона на дуќан сам расправаше дека зашто се учел на грчки, сосема си го заборавил мајчиниот јазик и се однародил. И да не се сретнал со некој руски учен, кој му разјаснил дека не е Грк, никогаш не ќе земел да изучи наше писмо. Затоа нас Грчиштата не нè оставаат да си отвориме свои училишта и свои цркви за да нè погрчат, вели Лазар Перуноски. Затоа ние час поскоро треба да си отвориме свои училишта и свои цркви и во нив да си поставиме наши учители и наши свештеници, вели Максим. Од горна страна на срецелото можеме да си соѕидаме и општина и училиште, вели Костадин Дамчески. Така и срецелото ќе нѝ стане поуступно, од сите страни заградено. Свештеник си имаме, вели Лазар Перуноски. Треба уште учител да си најдиме. Јас не сум свештеник, вели Максим. Мене никој не ме ракоположил за да бидам свештеник. И додава, со некоја пукнатина во гласот: А и сам јас некако поинаку си мислам за божјите работи, откако што се тие запишани во книгите. Учител, ако сакате, додека да најдеме некој вистински, ќе ви бидам, бесплатно. Но сега за друго зборуваме. За татка, дочекуваше Боше. Некој треба да му го пресретне патот на Хаџи Ташку. Замолчува и брзо додава: Јас им правам поклон на ајдутите, каков што бил Владимир Акиноски. Тие знаеле што да прават. За тие работи не се зборува на трпеза, пред векот луѓе, го прекорува Бошета Костадин Дамчески. Се здоговорува уште еден или уште двајца и работа се сторува, молченката. И во одајата настанува молчење. Никој дури ни не посига во ваганките и по пагурчето. Сите знаат дека штом така рече Костадин Дамчески, тој, Костадин Дамчески, Боше Јанчески и уште – кој трет што ќе го одреди старешината ќе му го „пресретнат“ патот на Хаџи Ташку? Но третиот ниту сам смее да се јави, ниту, пак, некој друг смее јавно да го посочи или да го предизвика сам да се јави. Освен за Костадина и за Бошета, за сите другите тој ќе остане тајна. Овој јавен и само навидум необврзан начин на договорање во Потковицата е прастар. Никој не знае да каже кога почнале нивните стари да го ползуваат, но со текот на времето се озаконил и се одржал до ден-денеска, кога, тукуречи, Потковицата е испустена. Зашто сите вакви и слични договарања се јавни, никој од потковичаните не може да го избегне, но зашто и никој не успева да го осознае докрај, не може ни да го урниса. Затоа и никогаш не се најде некој таков, песји сој, кој, притиснат од властите или купен од нив, се согласи да изврши предавство. Таквиот однапред знаеше дека ќе се најде во големи неволи. И пред бога, дека требаше да се заколнува во вистинитоста на своето кажување, и пред своите најблиски, и пред сите жители на Потковицата. И, што е најважно, во големи неволи ќе се најдеше сам пред себеси, никогаш не ќе беше уверен дека го посочил токму вистинскиот. На пример, кој можеше да се заколни дека тогаш кога стана збор да му се „пресретне“ патот на Хаџи Ташку, прв Боше Јанчески намниса. Костадин Дамчески, старешината на Потковицата, отворено го искара, отворено му рече дека зборува детинштини, дека тие работи не се прават така како што ќе му падне на умот нему или на некого нему сличен, туку така како тој, Костадин Дамчески, што поучува. Но зашто и тој не рече дека навистина треба да му се „пресретне“ патот на Хаџи Ташку, и сам Боше и сите другите сфатија дека Боше лавна што-годе и повеќе никој не отвори уста. Сите задумани само буцкаа во ваганките пред себе, чиниш требеа нешто оттаму, а кога зедоа повторно да разговараат, разговараа за други работи, за црквата, за општината и за училиштето што требаше да се изградат. И затоа кога истата таа година, во летото, во време пред да почнат жетвите, го најдоа Хаџи Ташку со здробена глава на ничиј синор, ни на веселечки ни на кадиноселски, туку точно на местото каде што денеска Пазарџиски Пат за прв пат ја прегазува железничката линија, никој освен потковичаните не се досети кој можел да му го „пресретне“ патот. Пукна глас дека некој од неговата дружина, или целата таа, за да го ограби, го суредила, па властите се вдадоа во потера по нив, по другарите Хаџи Ташкуви, па така Потковицата, што се вели, со едно мавнување се ослободи од две зла, од Хаџи Ташку и од неговата дружина... Но дотогаш, додека Хаџи Ташку не беше насила испратен на оној свет, тој уште многу зла им нанесе на потковичаните и на другите свои парохијани. И речиси тој прв ќе го испратеше таму, на тој свет, Лазора Перуноски. Само за толку не стана тоа за колку Јосиф Акиноски со нажежен анџар му го извади куршумот од плеќите. А дека било вистина тоа на што си помислуваа тогаш христијаните на Потковицата, дека некои од нивните му го „пресретнале“ патот на Хаџи Ташку, се дозна многу подоцна, во времето кога се востанови егзархијата грчките попови повеќе немаа смелост да се мешаат во работите на Потковицата. И пак оттаму, од тевтерот Акиноски. Имено, таму било запишано дека Костадин Дамчески, Лазор Перуноски и Атанас Јанчески Цицко, брат му на Бошета Јанчески (животниот пат на Бошета, поради една изненанда околност, уште од истата ноќ зеде друга посока, го однесе далеку од Потковицата и никогаш уште еднаш не го врати назад) скриени во житјата на реченото место го издемниле Хаџи Ташку со дружината и кога овие им се доближиле на само педесетина метри истрелале сите тројца наеднаш во нив. Дружината Хаџи Ташкува и коњот Хаџи Ташкув, тој откако го фрлил овега, од што силно се исплашиле, му ја летнале по Пазарџиски Пат назад накај Прилеп. А тогаш, кога останал Хаџи Ташку сам во пепелта на Пазарџиски Пат, тројцата излегле од житјето и зашто не бил доумрен, му ја здробиле главата со пушките. Потоа прекутрупа и низ житјето си дошле во Потковицата. Овој недосеглив начин на договарање во оние погани времиња, кога првин странските пропаганди, а потоа и војските од сите страни се грвалеа во Потковицата, се истребуваа една со друга, се сменуваа една по друга, колку што им по- могна толку и зла им нанесе на жителите на Потковицата. Не можејќи да откријат кој ги организира луѓето да не даваат продукти за војската, да не ги извршуваат нејзините заповеди, командантите ги претепуваа или ги истепуваа повидните мажи, ги палеа куќите и копите, ги грабеа добитокот и живината. Особено тешко беше во рвоо и вороо србско. Џандарите не успевајќи да дознаат кој ги организира момчињата да бегаат од српската војска, или кој рекол да се сокрие добитокот и живината, или житото и добиточната храна, ги собираа мажите на срецело и душмански ги тепаа, на живо им ги солупуваа кожите. Или ќе ги забереа пред пушка и ќе ги отераа во џандармериските станици во Алинци или Тополчани, или во Прилеп или во Битола, ќе ги држеа во тамошните затвори неколку дена, неколку недели или неколку месеци и кога ќе ги пуштеа да си дојдат дома, си идеа посинети од ќотек и со искршени ребра, раце и колена. Тогаш, во Вороо србско, во 1929-та, неколкумина мажи од Потковицата, Горе Најдоски, Митре Ѓокоски Шаро, Ордан Велјаноски и Блаже Ризески, беа осудени во Битола, а потоа отерани во затворите во Србија и во Хрватско и никогаш уште еднаш не се вратија. Властите испратија абер во Потковицата дека пребегале во Бугарија, но никој до денеска не се јавил да каже дека ги видел или дека слушнал од некого оти нашинците се најдуваат таму, во Бугарија. Али да запалам вивка, прашува Никола. Надвор се замрачи, а и во одајава не се гледаме. Да палиш вивка нема потреба, Вели Костадин Дамчески, време е да си одиме. Но никој не пофтува да стане и да си отиде. Сите чекаат, таков е редот, прв тој, старешината, да стане и да се збогува со домаќините, Или ако не тој, тогаш Максим Акиноски, нему сите му имаат чест. Не само дека врши свештеничка работа, и не само дека е Акиноски, туку и дека прв тој од сите Акиноски излезе од Имотот, се вмеша во работите на Потковицата и повеќе од десет години ја закрилува со својот ум, со своето богатство и со честа што му ја имаат и тука, во Потковицата, и надвор од неа: во Прилеп, во Битола па дури и во Солун. Но тој, така се чини, и не помислува да стане и да си отиде од кај Јанческите. Откако пушти да се рашета пагурот по трпезата и додека сите другите посигаат во ваганите, тој налактен на масата и имајќи ги прстите од двете раце испреплетени и потпирајќи се со брадата на опачината нивна, само молчи и само гледа пред себе сиот насвесен. Капаците на пенџерињата, можеш да ги затвориш, вели Костадин. И додава: За тоа се поставени таму, за да се затвораат ноќе. Може некој, вели Боше – сака да рече Може некој не ѕирка, но Максим Акиноски не му остава време за да се доизрече: Ништо скришно не правиме, вели и му вели на Бошета да го послуша Костадина Дамчески, да стане и да ги затвори капаците на пенџерињата. И додека Боше и брат му Атанас Цицко ги нажапчуваат капаците, откако пред тоа првин ги отвораат, а потоа и ги затвораат џамовите, (за тоа малку време во одајата шибнува студен воздух и за час го растерува чадот од цигарите и мирисот од восокот на свеќите) тој намерно зборува полека, намерно развлекувајќи ги речениците, за да остане помеѓу зборовите празнина во којашто, се надева, другите ќе имаат време да се досетат за што зборува и да размислат за тоа што зборува. Како побегнаа Хаџи Ташку и дружината, сигурно не знаат што сторија, сигурно не знаат дека го убија стрика Анѓела. А како е и времево закатанчено, сигурно никој не дошол и не отишол од Потковицава, па и за злоделото се нема расчуено. Сите внимателно слушаат што зборува Максим Акиноски но никој не може да се досети дали Максим мисли дека е добро што не знаат што сториле Хаџи Ташку и дружината или, пак, нив, жителите на Потковицата, ги наговара, ако Хаџи Ташку и дружината не знаат што сториле, тие да нададат глас дека Хаџи Ташку и дружината го убиле стрика Ангела Јанчески. Зима е, вели Костадин Дамчески, а и празник. По вакво време и на празник луѓето непара се решаваат да излезат од дома. До сабота не остана уште многу, уште само три дена, вели Максим, може некој се готви в сабота да отиде в град за да купува? Костадин Дамчески и Максим Акиноски се загледуваат по луѓето, но никој од нив не вели дека има потреба в сабота да замине в град за да купува. Таквиот, вели Максим, ако се замеша таму со повеќемина луѓе, сигурно ќе научи нешто за стореното овдека. Сега сите добро насетуваат што им зборува Максим Акиноски: и ако отиде некој в сабота в град за да купува, или ако отиде по некоја друга работа во некое друго место надвор од Потковицата, да не шлапа таму што годе туку да си го држи јазикот стиснат за заби. Никој не мислиме да одиме в град, вели Лазор Перуноски. Важно е, вели Максим, да не дознаат Грчиштата што сме се договориле, дека ако не нѝ стигне до напролет одобрение за ѕидање црква, сами ние ќе отидеме во Стамбол и ќе го молиме Султанот лично тој да нѝ издаде одобрение. Ама тие, Хаџи Ташку и дружината, вели Никола, може рекле кај властите за тепачката, може нè наклеветиле дека први ние сме почнале. Ништо за тоа, вели Костадин Дамчески. Ние ќе речеме дека стрико Анѓел си умрел од своја смрт, од што беше остарен и изнемоштен. Оти ако се замешаат властите во ова, можат да нè обвинат дека сме зеле да се бунтуваме, па ни црква, ни општина, ни училиште не ќе ни дадат да си отвориме. Пусти татко, воздивнува Никола, не смееме да кажиме ни од што умре. Не е за да те тешам, Никола, вели Костадин, но сам гледаш, така се стори, стрико Анѓел мртов не собра дома кај вас за да се поучиме што нѝ е потребно да правиме за понатаму. Ако има господ и за нас, таму кај себе, од десна страна ќе го држи. А за крвниците рековме, времето и некои што им го имаат акот, тие нив ќе ги пресретнат. Чул те господ, вели Никола. И вели Да не остане татко неодмазден. Од твоја уста во господој уши, Никола, велат главите на сојовите, а Цветан Велјаноски додава: Само да не се случи одмаздата да се изврши на наш синор, туку на ничиј. Зашто знаете какви се Турчиштава, на чиј синор ќе се најде убиениот, тамошните луѓе оддеваат: Имало и такви случаи, вели Костадин, кога господ бил и на наша страна. Но за тоа треба сами ние да се припазиме. Ноќеска секој нека се позаварди. Зашто катилите можат да се вратат и да изгорат некоја куќа, јали наша јали турска, па и за тоа ние да оддеваме. Прав е Костадин, вели Максим Акиноски, треба сите да се повардиме. И не само за ноќеска, и за понатаму. Од пазувите го вади часовникот, откако погледнува во него и ставајќи го пак в пазува вели: Време е да ги оставиме домаќиниве да се соземат малку. Изненадеж ги снајде, кутрите, додава. Збогувајќи се со мажите Јанчески главите на сојовите од женската одаја си ги собираат домаќинките и заедно со нив преку тремот (од горни крај на пондилата, врзани за јаслите дремат над нив неколку добичина, разделен е со куќното огниште над кое, прикрпени за гредите, висат камушки, а на нив, во секое време на денот и ноќта и откога се паметува котел со топла вода) и низ Мала врата излегуваат направо на срецело, ги дочекува зрачна вечерна зора. На сонцето, сето вцрвенето, уште само чепорок му треба за да се сокрие зад Плоштина, но небото е толку изјаснето и таму, на западната страна, прекриено со црвени облаци, па се чини дека изгрева нов ден, а не дека овој зајдува. Таквиот впечаток, дека сонцето изгрева, сеедно што изгрева однаопаку, од кај запад, го надополнува младешта. Во отсуство на свирки поради убиството на стрика Анѓела Јанчески, а за да си дадат оддушка на лутината и за да го отпразнуваат некако Дено, од горните падини на Горник момчињата со санки се спуштаат и преку срцелото стигнуваат сè до пред вратите на дуќаните Акиноски. И, притоа, вреват и се довикуваат како во празнично утро... И долга редица жерави, доаѓајќи од кај север, од кај Прилеп, и кликтејќи јадосано ја прелетуваат Потковицата и преку Градишки Рид одат натаму на југ. Крвави Водици, си мисли Максим Акиноски застанат пред Мала врата Јанческа и трудејќи се со еден опул да го опфати цело срецелото, сосе чифлизите и дуќаните од долна страна и сосе полето таму во далечината зад дуќаните и чифлизите, и небото, тоа над Потковицата и тоа по Пазарџиски Пат и сè до прилепските планини и над нив. И гледајќи како главите на сојовите одејќи си секој дома пред себе ја забираат, секој својата, и младешта, се домислува: Под крваво небо, во крвава земја и во крвави времиња. Да си одиме, му вели гласно на Лазора Перуноски кој е старешина на сојовите кои живеат и работат на Имотот и негов доверлив човек. И прв, пред Лазора Перуноски и пред главите на сојовите имотски, зачекорува по сокакот заграден, од долна страна, со чифлигот Јаузоски, а од горна со куќата и авлијата Јанческа. Снегот, нападнат до над колена, само тој се слуша: во меѓувреме замрзнал, фатил корка па сега, пропаѓајќи, крцка под нозете. Уште кога го видов снегот на Алилово сиот искрвавен ми дојде да извикам Крвави Водици, но за да не ги исплашам луѓето си премолчив, вели Максим гласно и не свртувајќи се наназад, спрема Лазора и спрема другите. Денеска на сите едно премреже нѝ прејде преку глава, вели Лазор трудејќи се точно да згазува во стапалките Максимови но зашто е многу покрупен од него па и многу, многу покрупни траги остава во снегот од неговите. Сака уште да рече Можеше да се случи секој од нас да биде убиен, но се премислува: Само стрика Анѓела не го одмина кутриот, вели. Сите треба да се припазиме, вели Максим. И за ноќеска и за понатаму, додава. Сака да рече Вчера стрико Анѓел, утре или некогаш другпат некој од нас или сите ние можеме да бидеме убиени ако не престанеме да се бунтуваме, но за да не ги исплаши луѓето ја изменува реченицата, задржувајќи ја притоа смислата: Ако не мислиме да бидеме како досега без црква, без општина и без училиште. Не мислиме, вели Лазор. Како и сите овие години наназад, ние пак ќе се растрчаме да си го бараме нашето. Само да затреви земјата, додава. Имотските луѓе стигнуваат пред Северна порта, Максим го крева ѕвекалото и удира со него. Некое време чекаат да се отвори портата и да ги прими внатре на Имотот, а потоа однатре, од зад портата, се слуша гласот на Васила Митрески, тој е втор доверлив Максимов човек на Имотот и, дека е алипен на едната нога, чувар е на сиот куќен имот Акиноски, па затоа единствен тој во овие погани времиња ги има во себе клучевите од сите имотски порти и визбите: Вие сте, господару, прашува Васил. Ние сме, вели Максим, Васил ја отвора портата и вели Добра вечер, а потоа, крстејќи се, вели Го испративте стрика Анѓела, бог да го прости. Го испративме, вели Максим, лесна му земја. И вели Ти, Василе, сите порти ги имаш затворено? Сите, вели Васил. Денеска, откога отидовте вие, освен Северна порта друга порта и не отворивме. Затоа и снегот од сокаков не е изринет. Ако, вели Максим. Оттука, од Северна Порта, се отвора поглед на сиот простор заграден со имотските ѕидови, а преку нив, преку ѕидовите, се гледа цел западниот лак на Потковицата и јужниот сè дотаму до западните падини на Чауле. Сонцето веќе завлегло зад Плоштина но уште позацрвенето ждрака руменило врз сртовите на ридиштата и врз небото над нив. Оттаму, од ридиштата и од небото над нив, Максим го враќа погледот на Имотот. Снегот од дворните места е изринет и настожен на буништата, а таму, кај гераните и на гумната – изгазен. Имотските луѓе, си мисли, и покрај сè, и покрај вејавицата стигнале да го накрмат и да го напојат добитокот. Помислува и на овците, време е кога се јагнат, и си помислува и за нив да го праша Васила, но при ненадејна помисла на убиството на стрика Анѓела Јанчески и при помисла дека тој и другите имотски луѓе штотуку се вратија од неговиот закоп, сето тоа му се чини толку дребно и толку себично од негова страна што само изустува Добра ноќ и по патеката направена во снегот зачекорува кон господарската зграда. Добра ноќ, изговоруваат по него главите на сојовите кои живеат и работат кај него, на неговиот имот, и поздравувајќи се меѓу себе и со Васила Митрески, тој останува пред Северна порта за да ја затвори, си одат дома си, капнати од умор и јадосани. Откако по враќањето од кај Јанчевци главите на сојовите ги испратија мажите, вооружени со секири, да вардат на чифлизите, во трлата кај овците, во пондилите кај добитокот, во кошарите и амбарите, а сами со пиштоли в пазуви отидоа да ги пазат копите на гумната, ниту една поотпркната христијанска душа во Потковицата не спие. Женската челад и поодраснатите деца (додека дудачињата и малечките спијат во скутовите на мајките и тетките) собрани во женските одаи околу легачите и при светлина од конопени вивки натопени во борова смола се грижат за излезените од дома и му се молат на утрешен Свети Јован Крстител – тој да ги заштити, првин сите другите после и нивните. Притоа, длабоко во себе, таат надеж дека ако Хаџи Ташку и дружината не нападнаа вчераноќ, веднаш по тепачката на Алилово и кога Потковицата беше сета завеана со снег, а луѓето поматени од убиството на стрика Анѓела, сигурно дека ќе се плашат да го сторат тоа ноќеска. Надвор толку силно грее месечина, човек може, гледајќи низ пенџерињата во дворот и на сокаците, да ги разпознава стапалките на живината во снегот, и толку е студено – да ги ожали ѕверовите во гората. И тивко е; само кобењето на утките од под стреите и на бувот од Камен му ги разбиваат и душата и срцето и умот. Ууут! Ка-ка, ка-ка-вау! Ууут! Ууут! Ка-кавау! Ка-ка-вау! Ууут! Уут! Бууу! Буууу! Буууу!.. Максим Акиноски се истава од прозорецот, оди кај масата, се наведнува над цртежот прострен на неа со намера да продолжи да црта, но веднаш потоа со брзи и долги чекори пак се враќа на прозорецот и лут на себеси, првин што се зафаќа да ги слуша гласовите на лишките, а потоа што подлегнува на народските верувања во нивната способност да искобат нешто лошо, го гледа Васила Митрески кој постојано навалувајќи се на лева страна, на страната на покусата нога, откај ‘рвениците и низ огратчето оди кај копите во гумното. По него, по Васила, влечкајќи ги муцката и опашката по снегот, оди Караман. За нив двајцата, за песот и Васила, да не ги познава отпорано и да не знае колку Васил е честит, би си помислил дека пеколот ги испратил ноќва во Потковицата и на Имотот. Гледани одозгора од кај него, Акиноската гостинска одаја се најдува на горниот кат на господарската куќа и го зафаќа целото северно крило, изгледаат малечки и црни и убоги, небаре белези, а нивните сенки плоснати и издолжени небаре мистрии стружат по кората на снегот и чиниш го рамнат. Од нив, од песот и од стопанот негов, погледот го преместува на живеалишните куќи на имотските луѓе. Светлината што џарка од нивните дворни пенџериња, сите еднакви, еднакво мали и поредени едно подруго во долга и права низа од Северна Порта до Западна, се растопува во светлината на месечината, па одвај, одвај да може да се рече дека таму има пенџериња и дека тие светат. Никој не спие, си мисли. Како на бадник. Или како на Василица. И си додава во мислите: Зашто нема закон а ни сила која да ги брани, сами ноќеска си чуваат стража, мисли на сите христијани од Потковицата. Од живеалишните куќи на имотските луѓе погледот го пренесува на западниот лак на Потковицата, го задржува на Камен. Четирите спили, побелени од снег и огреани од месечина, како огромни запци се исправаат и се извишуваат една до друга на сртот, а нивните сенки, исто шилести небаре запци, прудолу по падините на ридот и преку шумата се смолкнуваат дури додолу до Коритница. Ги стајува мислите и решен овој пат до крај да отстои за сам на себе и сам за себе да ја обиска моќта на кобта, чека повторно да се одѕвие оттаму од Камен единствената жива и единствената омразена легенда во Потковицата, бувот. Откога се паметува, а овдека се паметува и од времето на времињата што биле пред ова, живее сам таму, во првата спила на Камен. И макар што ништо од сè што се раскажува за него не излегува надвор од природниот начин на живеење на птиците грабливки, сè е претерано зголемено, грозно и злокобно. Максим никогаш не бил таму, но од други слушал дека воврен во спилата со отворени очи спиел, а ноќе – саноќ бувта. Подмолно и кобно, чиниш направо од срцето на сите болештини на сиот ропски живот. И не некои прокоби вперени против некого од силниците или против сето царство, туку се некои,.... – пропаст или смрт на некого на христијаните од Потковицата. Затоа тие го мразат, зашто го имаат како заштитник на ропството и вестител на сите зла што извираат од него, од ропството. Од неговата седелка прудолу по спилите имало исушени бразди крв, а секаде наоколу биле развеани коски, клунови, стапала, клопчиња коса и пердуви. Јасно, си вели Максим, од птиците и од животинките со кои се храни, нешто кое е природно но кое во непросветените души и умови на жителите на Потковицата попримило белези на заумно. И направо, со сè што се раскажува за него и со своето вистинско постоење, таму, на Камен, виновен е за најновата несреќа на Јанчевци... Нив бог како да ги бележал, како намерно да ги казнува. Уште одамна, уште од кога станало она со Руса нивна, со ‘Рслан бег и со Јована Дамчески... Ланската година, во пролетта, кога Јаузоските раетини кршеа камен за новата кула Јаузоска, Андон Анѓелов Јанчески, вториот Анѓелов син, бил искачен најгоре на спилата и како што измавнувал со чеканот, однатре од спилата бувот му се џитнал право в лице и додека Андон се тркалал прудолу по спилата, тој, бувот, како од праќа фрлен, се изгубил во шумата под Камен. Оттогаш Андон Анѓелов Јанчески, кутриот, лежи дома улогаен, со скршен ‘рбетник. Затоа и не беше денеска на закопот на татка си. Затоа и после го немаше во гостинската одаја, меѓу мажите Јанчески. Кого ли ноќва ќе искоби? Бууу! Бууу! Буууу!... Одненадеж одекнува подмолно и промолкнато оттаму од Камен и чиниш право во прозорецот, право до душата и во срцето Максимово, па тој, штрекнат, ја мрднува главата влево, небаре ја засолнува, но веднаш потоа чувствувајќи се понижен и лут на себе ги попритиснува стапалата на подот и останувајќи пред прозорецот чека повторно да се огласи кобникот од Камен. Но само утките подбивно и кобно штракаат надвор под стреите: Ка-ка-ка-ка-вау! Ка-ка-ка-вау! Ка-ка-ка-вау! Ууут! ‘Ууут! Ка-ка-вау! Ууут!... Поганштилак и празни верувања, си мисли, но оти сè е безнадежно и оти и ноќва е трудна со неизвесности, и тој е обеземен од тоа. Се истава од прозорецот и некое време шета од едните во другите прозорци на одајата, од тие на западниот ѕид, пред кои до пред малку стоеше, до другите на источниот ѕид. Потоа седнува на столот спроти оџакот, вграден е во источниот ѕид помеѓу прозорците, и со нога ги поттурнува цепаниците навнатре во жарот. Првин, имајќи го постојано на ум едниот, почетниот, крај, убиството на стрика Анѓела Јанчески, се обидува да го намота клопчето на мислите за потоа да почне да го одмотува сталожено и лека полека сè до основата, сè до часов сегашен, во кој тој се обидува да го нацрта планот на населбата во Потковицата, – цртежот оставен на масата на средината на одајата тоа означува, план на населбата во Потковицата, заедно со црквата, со општината и со училиштето, кои треба допрва да бидат изградени – потоа, не станувајќи од столот, гледа низ едниот па низ другиот прозорец. Но зашто тие се најдуваат од кај страната на Градишки Пат, кој минува веднаш под нив, то ест од кај страната од којашто постојано се заканува опасност, зарешетчени се со железни прачки па дури и да стане и да ги отвори, пак не ќе може да се подаде низ нив и да го види цел Станкоски Рид, – ги гледа само јужните падини на Горник, Дупка и западните падини на Зедница – заедно со Горник и со гробиштата на Рамник на Горник. А потребно му е да може да го види цел Станкоски Рид, со Горник и со гробиштата на Рамник на Горник, заради цртежот. Без нив, без Горник и Рамник, планот на населбата во Потковицата изгледа непотполен и неуверлив. А не може да ги нацрта не дека не ги гледа, или дека не запомнил како изгледаат, или дека нема замисла како, туку дека умот му е раштркан, па наместо да се задржи на нив и на планот, го тера за сенешто да размислува... Лут на бувот зашто го штрекна среде размислувањето и цврсто решен еден ден лично тој, Максим Акиноски, да го убие, скокнува од столот, оди кај масата, го зграпчува цртежот, го тутка и го фрла во огнот во оџакот, почнува нов. Општината и училиштето ќе бидат овдека изградени, на долните падини на Горник и од горна страна на срецелото. Општинта од север, од кај Џокоските, ќе биде заградена со висок ѕид, а општината и училиштето меѓу себе ќе бидат разделени со исто така висок ѕид – еве го и тој ѕид. Околу наоколу општината и училиштето ќе бидат заградени со еден ист ѕид – еве го и него. Сега срецелото се затвора и од горни крај но воедно се затвора и досегашниот пат за на гробишта. Отсега натаму на гробишта и в црква ќе се оди само по еден пат, пругоре по сокакот што ги дели Џокоските и Дамческите. Станкоските и сите други кои живеат во Дупка, ако не сакаат да заобиколуваат толку многу, ќе мораат да си разгазат нов пат – овдека, над училишниот и општинскиот ѕид и накосо по падините на цел Станкоски Рид. Еве го Горник, еве го Рамник, еве ги гробиштата, еве ја црквата. – Се исправа, замижува и настојува цел да го опфати цртежот со погледот. Не е убав, не е дотеран, но барем е јасен. Треба да ги нацрта уште, од јужна страна на срецелото, куќата Јанческа, а од долна, од западна, чифлизите и дуќаните. Еве ги едните, еве ги и другите. Го враќа перото во шишето со мастило, повторно го опфаќа цртежот со поглед, потоа, држејќи ги рацете на грбот, шета низ одајата. Некое спокојство, измешано со сонливост и умор, го плави однатре од утробата. И вслушувајќи се со ослабнато внимание во утањето на утките од под стреите и на бувот од Камен, и чувствувајќи се некако, победител над нив и над сè што тие можат да искобат, гласно повторува: Значи така, значи така, тој, Максим Акиноски се обидува да го припокрене мракот од душите и умовите на славјаните во Потковицата и да пушти светлина во нив. Тоа го прави повеќе од десетина години, од истиот час и ден кога се врати од Света Гора. И наеднаш, и нему за чудење, клопчето на мислите почнува да се отточкува само од себе, спокојно и правилно. Речиси отточканото може да го проверува и по стопати, да го врти и да го разгледува од сите страни, да го мери со педи, со лакти, со сажни... Набрзо по 1834 година, кога се распадна военоспахискиот поредок во империјата, и по 1839-та кога со Џилханскиот Хатишериф беше гарантирана личната безбедност, имотот и вероисповедта, а со тоа создадени и можности за преселување на луѓето од едно место во друго, од селата во градовите и од помалите градови во поголемите, во Потковицата се случија некои промени кои, подоцна, имаа големо влијание врз севкупниот живот во неа. Акиноските, стриковците и братучедите Максимови, кои дотогаш и не ја напуштаа Потковицата, освен во исклучителни случаи, кога одеа да закопаат некого свој во Битола, или кога одеа во Прилеп или во Битола да оженат или да омажат своја челад, преку Прилеп, Битола и Солун, се раштркаа, во Софија, во Цариград, во Русија. Едни отидоа таму за да се изучат и уште еднаш никогаш не се вратија во Потковицата, други заминаа да бидат учители по градовите и манастирите, трети, таму, во Солун, во Битола, во Прилеп станаа трговци. На Имотот, на кој остана сам татко му негов, Јаков Акиноски, син на Владимира, син на Гаврила Акиноски, доаѓаа ретко и само за празници, или преку лето ги испраќаа семејствата. А кога сето тоа, управувањето со Имотот, му здотежа на татко му негов, инаку болежлив човек, и тој се арниса, целото време му поминуваше во играње папаски, дама и табли со Ибрахим бег, татко му на Тахир бег Јаузоски. Во тоа време, кога немаше кој да управува со Имотот, и мајсторите од дуќаните се отселија во Прилеп, а заедно со нив и еден клон од Дамческите. Набрзо по отселувањето на мајсторите и Дамческите, од Потковицата си заминаа во Прилеп и Муслиоските, потомците на Кемал бег, син на ‘Рслан бег син, на Мусли бег. Тие, Муслиоските, пред да си отидат од Потковицата, на своите раетини им го распродадоа добитокот, стадото, живината, алатките, а тоа што го задржаа за себе и ден-денеска им го даваат под наем на Дамчевци: коријата, земјиштето, додека со кулите и со дворните места, управува Амди ага кој е воедно и падар на сиот синор на Потковицата. Со нив, со Муслиовци, во пролетта 1838-та, веднаш по Велигденските празници, од Потковицата замина и тој, Максим Јаковов Акиноски, тогаш петнајсетгодишно момче. Тоа беше најтажниот, воопшто најтажниот ден во сиот негов досегашен живот, за првпат се делеше од своите блиски и од своето родно место. Потковицата, сета раззеленета и расцветана, и сета облеана од младото пролетно сонце, небаре ѕвечалче ѕвонеше од блеењата на јагнињата прснати во житјата, сè уште незалебени и сè уште неоплевени. Мноштво божурики се извишуваа и се вееја од двете страни на Пазарџиски Пат, а над нив, над јаганцата и житјата, високо во воздухот и до под самоти небо, зуејќи и црцорејќи сноваа инсекти и птици. По нив, по кочиите со кои се селеа Јуслиовци, сè до Алилово, одеа мноштво довчерашни нивни раетини, а од двете страни на кочијата во која седеа тој, Максим, Неби бег и уште некои од децата Муслиоски, одеа неговите: татко му, мајка му Софија Јаковова Акиноска и сестрите – сите три помлади од него: Елена, Теодора и Зоица. Мајка му, држејќи го за раце него, Максима, и плачејќи го молеше Неби бег тој лично да им го предаде на делениците во Прилеп и да ги моли од нејзино име и од име на татко му лично тие да го испратат до манастирот Трескаец кај стрикото Ефимеј, игумен на манастирот. Неби бег, и сам разжален од преселувањето, криејќи ги очите од неа и од децата, постојано повторуваше: Немај грижа, немај грижа, невесто, не оди на војна, оди да учи, господ ќе го чува. Таму, на Трескаец, за првпат го откри, а потоа, во Света Гора, и го домисли она што и ден-денеска го сокрива од луѓето и поради кое мисли дека е неподобен за вршење на свештеничка работа. Имено, гледајќи како калуѓерите од различни тревки прават лекарства за себе и за селаните кои доаѓаат да бараат помош од нив, еднаш се запраша зошто бог кога ги создал луѓето не им ги открил и лекарствените тајни на билките? Како што го сторил тоа со зрната, со плодовите и со зелјата, кога ги поучил луѓето дека едните смеат да ги употребуваат за исхрана, другите не. Или, можеби Бог и посочил кои билки за што служат, но луѓето оттогаш досега заборавиле па сега одново мораат да го учат она што некогаш го знаеле. Или Бог во случајот со лекарствените тајни на билките постапува како и во случајат со себе – им се открива само на одбраните? Но тоа е неправедно, така луѓето стануваат зависни едни од други и потчинети едни на други. За сето време додека беше на Трескаец, за сите тие пет години оваа своја размисла мораше да ја сокрива од другите манастирски воспитаници, од калуѓерите и најмногу од стрикото Ефимеј. Но кога, на негова препорака стигна во Света Гора, кај вујкото Антим, ја пушти на волја и таа сосема се изврте против бога. Бог, таков каков што си го замислуваат луѓето, не постои: постои некоја сила, натприродна, која управува со светот, додека луѓето се управуваат според својот сопствен разум и според своите закони. Тогаш сосема се одврати од верското образование и почна да копнее по световно. Во врска со тоа, во врска со својот копнеж за световно образование, скришум од вујкото, му испрати писмо на братучедот Јосифа да прејде кај него на атинскиот универзитет и како него и тој да изучи за лекар. Но токму тогаш мораше од сè да се откаже и да се врати на Имотот. На денот на празникот на манастирот, од Солун достаса стрикото Онисим и без да заобиколува му изложи дека треба и зошто треба веднаш да се врати во Потковицата. Уште наредниот ден, заедно со стрикото пристигна во Солун, преноќева кај нив, а на другиот ден, вечерта, со едни прилепчани, кирајџии, пристигна во Битола, кај тамошните деленици, за третиот ден, напладне, да пристигне во Потковицата. И сè беше така како што му изложија стрикото Оносим и делениците од Битола. Имотот, освен дуќаните кои останаа затворени уште од времето кога се отселија мајсторите, благодарение на грижите и работливоста на имотските луѓе, сè уште некако се одржуваше, но семејството сосема се разнебитило. Мајка си ја затекна тешко разболена; имаше уште само толку денови и сили да го благослови и да му ја каже својата последна, претсмртната желба – да не ја закопуваат како сите Акиноски дотогаш на гробиштата во Битола, туку да ја закопаат тука, во Потковицата, на гробиштата на Рамник на Горник. Рече Порасна далеку од мене, па барем мртва да сум ти во близина. Тоа силно го трогна, по првпат некој од Акиноските оставаше завет да биде закопан тука, во Потковицата, на Горник, заедно со луѓето со кои го поминал векот. Мајкиниот гроб е првиот ѕидан гроб во Потковицата и првиот Акиноски гроб во Потковицата, а по него и набрзо потоа дојде оној до него, на татка му... И фала му на Бога, што до овој час се само тие двата... Максим ни тогаш, додека беше жив и додека се расправаа, и ни сега, иако сите нешта него го посочуваат како единствен виновник за таквата состојба на Имотот и на семејството, не му се лути на татка си. Само се чуди како се случило тоа, кои биле нештата што го довеле до тоа, некогаш умен и разборит човек, сосема, сосема да му се подведе на еден дошлак и да се оттуѓи од ќерките и сопругата. Осаменоста ли, кукавоста ли на овега, или пак тоа го сторил за инает на браќата и братучедите од кои никогаш не престана да се чувствува предаден – управувањсето со Имотот му го препуштил нему, на Сима Симиќ, српски пропагандист, а сам со неколку книшки што ги Донесол со себе Симиќ, се здал да ги „просветува“ потковичаните. Овој пак, Симиќ, ползувајќи се со довербата и закрилата негова, со сила и измами од имотските приходи и од луѓето успеал да изнуди пет илјади лири, божем за ѕидање на црквата, кои пари, пак, под изговор, им ги давал после на беговите со мамење. Секое јавно искажано сомневање во неговата работа, или секој обид на спротивставување, лично тој, Симиќ, го казнувал со биење или со клеветење кај беговите за божемно бунтување и поткраднување на нивните имоти. Тоа и довело, осиленоста на натрапникот, сестрите да се преселат кај делениците во Прилеп, за уште еднаш, сè до смртта на мајка му, да не стапнат во Потковицата. Тие неколку, дена, додека умираше мајка му, подготвувајќи се за закопот, се готвеше и за пресметка со натрапникот. Имотските луѓе, делениците кои беа повикани од Прилеп и од Битола и сестрите насетувајќи ги неговите намери го советуваа да биде претпазлив. Зашто, велеа, покрај поддршката на стариот и на тукашниве Турци, Симиќ има поддршка и од властите во Прилеп и Битола. Тоа, моќта Симиќева, воопшто не го уплаши, го загрижи рамнодушноста на делениците: како Имотот да беше само негов, Максимов, а не и нивни, па во еден миг, во часот кога премина мајка му, сосема се обескуражи. Но утрото, кога се готвеа за закопот и кога тој, Максим, ја облече свештеничката одежда, неочекувано за сите, Симиќ грдо го нападна. Рече Максим не е никаков свештеник, него никој не го ракоположил да биде свештеник, па според тоа нема ни право да врши свештеничка работа; закопните обреди, како што ги вршев и досега, рече, пет-шест години наназад, јас ќе ги извршам. Тогаш тој, Максим, пламна; го вцрпи за корилот и викајќи дека ни тој, Симиќ, не е свештеник, дека со народски пари го купил грчкиот владика од Битола, за да го ракоположи да биде свештеник, дека е натрапник и никаквец, го истурка од одајата и го истркала прудолу по скали. Притоа им заповеда на имотските луѓе да го затворат во амбарите и да не го пуштаат да си отиде додека не се вратат од закопот. А таму, на Рамник на Горник, над отворениот гроб на мајка си, одржа една проповед во која првин ги нападна грчките владици и писмо, а потоа ги искара и татка си и сите потковичани што допуштиле да бидат измамени од еден туѓинец. Собраните пари божем за ѕидање црква, рече, Симиќ ги собирал за себе; тој подмолно лаже кога вели дека тие пари за да се умножат со мамеле им ги позајмувал на беговите; луѓето се живи и не се преку море, како јас што ги прашав може и секој друг да ги праша, па сам ќе се увери дека не зеле ниту еден грош од Симиќа. Оваа итрост пресметана на предавничката душа на парите, по закопот за малку не му ја скина главата на Симиќа. Беговите, за да си ја одбранат честа, но бездруго и за да не ги вратат позајмените пари, се фатија на мамката, заповедаа да го изнесат Симиќа на срецело и за казна што ги галател да му удрат за секого од нив по десет стапови по гол газ, и уште други десет за сите излажани од Потковицата. Но тогаш се дозна, татко му негов, Јаков Акиноски, го пуштил Симиќа да избега. Накај Прилеп, свикаа некои кои божем го виделе како бега јавајќи на коњ и се загнаа по Пазарџиски Пат да го достигнат; други, за секој случај, тргнаа по Голем Пат да го бараат накај Долга Чешма, а трети, кои тргнаа по Градишки Пат, го бара низ гората и во полето. Беше тука некаде, сред лето, житјата уште не беа ожнеани. Беше тоа вистински лов на ѕвер, сите жители на Потковицата, и беговите и христијаните, едните искачени на коњи другите пеша, вооружени со пушки, со пиштоли, со вили, се здадоа во потера по Симиќа. Сепак, други, веселчанци, околу мала ужина, го дотераа врзан на срецело. Од Алилово скршнал накај селото, отишол дома кај Бришковци и Ордана нивни, за кој се зборуваше дека е ајдутин, и со кого бил пријател, го кандисувал ноќта на полноќ да нападнат на Имотот. Му велел Знам стариот кај ги чува парите; него е лесно да го измениме, Максима ќе го знаколеме, на бегање ќе го запалиме Имотот и додека тие гаснат, ние за ден, два, прекутрупа ќе се префрлиме преку граница во Србија. Но Ордан Бришкосии, кој бил пријател со Акиноските во Прилеп, откако го нагостил убаво, го врзал, насобрал свои соселани, и преку рид, околу мала ужина, го дотераа на срецело. Тоа брзо се расчу и сите кои беа отидени во потера по Симиќа, за час се најдоа на срецело. Освен татко му негов, освен Јаков Акиноски, никој не се најде да каже арен збор за Симиќа. А и сам Симиќ, кога виде дека му завршија и лагите и молбите и клетвите, се заплати и чекаше да чуе каква казна ќе му биде одредена. Првин му беше наредено да каже кај ги сокрил парите што ги собрал божем за ѕидање црква; Кај мене се, бегу, рече; извади од пазувите едно кожено кесе и му го тутна в нозе на Ибрахим бег Јаузоски; Сите земи ги, бегу, викаше, само не оставај да ме понижат ајдутиве. Тоа многу го разлути Ибрахим бег, го зеде кесето и уште во истиот миг му го предаде нему, на Максима. Да ги чуваш за кога ќе ѕидате црква, му рече... Потоа заповеда првин Амди ага, потоа Лазор Перуноски, потоа Ордан Бришкоски, секој од своја страна да му удри на Симиќа по гол газ рамно по петнајсет стапови, а потоа да го исфрлат што подалеку од синорот на Потковицата. Недотепаната змија, рече, многу е поотровна од нетепаната. Се заврти и си отиде накај чифлигот. Така тој, Максим Акиноски, послужувајќи се со итрост, го спаси и Имотот и целата Потковица од Сима Симиќа, српски пропагандист во летото во 1846-та година. Оттогаш до денеска ништо се нема чуено за Симиќа; Лазор Перуноски уште тогаш му кажа дека тие тројцата, тој, Лазор, Амди ага и Ордан Бришкоски го одвеле дури до Галичка Река и откако му удриле уште по некој стап, го оставиле на брегот на реката, близу до водата. Истата таа година, во 1846-та година, точно на денот кога ѝ вадеше три месеци на мајка си, од Атина се врати и засекогаш остана на Имотот братучедот Јосиф Оносимов Акиноски. Максим многу се израдува на неговото враќање, се понадева дека двајцата многу побрзо и многу полесно ќе ги доведат во ред имотските работи, но Јосиф, кога му рече за тоа, како што седеа на чардакот, стана и се прошета од едниот до другиот крај. Потоа, не свртувајќи се кон него, се потпре на гилендерите и молчејќи гледаше накај Плоштина. Беше приквечер, во средината на септемврн; шумата беше сета пожолтена и облеана од светлината на залезот, па се чинеше уште пожолта – позлатена. Потоа се сврти спрема него, очите му беа полни со солзи: Јас, братучеду, рече, нема да ти бидам од полза, не дека не сакам, не можам. Офтикосан сум; Нему, на Максима, му дојде да се расплаче. Врсници се со Јосифа, заедно пораснаа и оттогаш до вечерва ниту имаше повтено да му намниса за некаква работа. Но вечерва, кога се врати од кај Јанчевци, му изложи што се здоговориле, да соѕидаат општина и училиште, и се обиде да го наговори да се согласи него да го постават за учител. Јосиф, седеа овдека, во гостинскава одаја, првин се задума, потоа ги крена веѓите, дури најгоре на челото, и на крајот рече: Не чини за децата да ги учи некој кој е разболен. Стана и си отиде во својата одаја, во јужното крило на господарската куќа. Навистина, и ако е за право да се зборува, Јосиф не е неполезен. Како незавршен лекар, со различни мевлени и билки, што сам ги прави или ги набавува во Прилеп и Битола, кога оди таму да шие европејска облека, бесплатно ги лекува луѓето... Во меѓувреме, точно на годината од смртта на татко му негов, Максимов, Јосиф се ожени (тогаш и сестрите се омажија, тогаш и тој, Максим, се ожени) и за никоја друга туку за Петра Василова Митреска, здрава, многу убава и цели десет години помлада од него момичка. Со неа изнароди деца на кои, спротивно од обичаите Акиноски, кои се крстуваат со имиња од светци и светици, им даде прости, световни имиња – Јанкула, Веселка, и на двете, последните, на близнаците, Недела и Неделко. Но и покрај тоа, и покрај жената и децата, тој е секогаш сам. Освен неа, освен Петра никого друг не припушта да му се приближи, никого друг не припушта во својата одаја. Има свои чинии, своја лажица и вилушка со кои јаде, свое ѓумче и чаша од кои пие вода... Лесни и брзи чекори кои доаѓаат од зад внатрешната врата на одајата, од ходникот, го изместуваат од зглобот на мислите и упатувајќи се натаму, накај вратата, си мисли дека е Параскева или дека е некое од децата. Често се случува кога ќе се задржи овдека, во гостинскава одаја, некое од нив да се разбуди, сонувало лош сон, да дотрча ваму, па побрзува да отвори и – силно се изненадува: нагрнат со веленце, по чорапи и со свеќа во рацете доаѓа Јосиф. Причекува да влезе Јосиф во одајата потоа тивко ја затвора вратата. И додека Јосиф силно возбуден, свеќата му игра во рацете, се обидува да изусти нешто, него илјада умишта го штрекаат. Дека му се случило нешто на некое од децата, или дека му се случило нешто нему, на Јосифа, или дека, или дека, а кога Јосиф со испрекасан здив изустува Некој дојде во Потковицава, по Градишки Пат, една единствена помисла, еден единствен ужас, оној од пред толку години, кога ‘Рслан бег и другари му ги исклале сите возрасни Акиноски, му ја згрозува душата и му ги посекува нозете во колената. Прикрепувајќи се на ѕидот оди и седнува на столот спроти оџакот; загледан во огнот, скоро на ништо не мисли, само некако оддалеку и против волја ги слуша кобењата на утките под стреите и на бувот од Камен. Сите погани работи околу полноќ се случуваат, си помислува и го вади часовникот од џебот на елекот – скоро ќе биде полноќ, уште само неколку минути, а значи ли тоа дека само по неколку минути ќе се обистинат кобењата на лишките? Го враќа часовникот во џебот на елекот и станувајќи му се обраќа на Јосифа: Сам беше, прашува. Сам, вели Јосиф. Накај отиде? Покрај Имотов натаму отиде, накај срецело. Чудно, вели Максим, ниту едно куче не залаја. Да, чудно, вели Јосиф. И вели Првин си помислив дека е Глувиот Џокоски или дека е некој кој бил на Молитвена Вода и сега се враќа оттаму, но потоа убаво видов дека не е нашинец. По себе водеше коњ, а в раце држеше нешто завиткано како дете. Максим размислува: Глувиот Џокоски, високо и силно човечиште, и глуво и немо но многу изитрено и вооружено со примки и секира лови низ шумата ѕверови чии кожи ги продава на пазар во Прилеп, но тој не јава коњ, секогаш оди пеша. А да бил некој кој бил на Молитвена Вода или на Самовилец, тој пред полноќ не би се вратил, тоа не би било во склад со верувањата кои кажуваат дека сите молитви и сите магии се врзуваат ако бидат изговорени или направени точно на полноќ. Може е некој, заусти да му рече на Јосифа Може е некој Тополчанец кој има болно дете па го донесол кај тебе но не знае кај живееш, но го запрува и гласот и мислите и дишењето; тешки, бавни и завлечени стапалки се качуваат пругоре по скали на чардак. Истави се од прозорецот и угасни ја свеќата, му вели на Јосифа а сам го извлекува пиштолот од масата, оди, застанува зад вратата што води од одајата на чардак, чека... Стапалките колку повеќе се приближуваат толку повеќе се чини дека се умножуваат, дека не е само еден човек или само еден ѕвер, туку дека се двајца. Тој час некој или нешто се засенува од таа страна на прозорецот, потоа тивко и претпазливо тропка на џамот. Максим го вперува пиштолот натаму во прозорецот, но не стрела, чека. Јас сум, господару, Васил Митрески, допрува од таа страна на прозорецот. Максим ја отвора вратата, Влези му вели на Васила и додека држејќи ја вратата отворена чека да ги избрише Васил опинците првин од штиците на чардакот потоа и од чергичето пред прагот на одајата, пред него пред Васила во одајата, прерипнувајќи го прагот, влегува Караман. Се стресува, се истрива од колената на Јосифа и тивко квичејќи оди кај оџакот, се испружува покрај огнот, муцката ја положува на предните и загледан во огнот се грее. Изѕемнат е, си мисли Максим и си мисли глупаво песиште, штом не го сетило дошлакот, гледајќи го Васила кој влезе во одајата и кој е, се чини, изненаден што го гледа тука и во ова време зета си. Добра вечер, му вели на Јосифа, а потоа свртувајќи се спрема Максима, кој ја затвори вратата и со пиштолот в раце остана да стои зад него, вели Некој дојде во Потковицава, по Градишки Пат. Се искачив на копата за да извидам дали гори некаде нешто и го здогледав него, уште додека беше таму, зад Зедница. Веднаш се симнав и отрчав на Јужна порта, да видам дали е добро затворена, а потоа го ѕиркав низ клучалката. И додека тој одеше од таа страна на ѕидот, јас рамно со него одев од оваа страна, сè до овдека, до Источна Порта. А потоа, додека јас ја заобиколував куќава за да стигнам на Северна Порта, тој беше пристасал на срецело. После го видов, ко се поткачив на ѕидот. Добро, вели Максим. И му вели на Јосифа Ти, Јосиф, ако не ти се спие, седни покрај огнон, а јас и Васил ќе слезиме долу за да извидиме. Само да се облечам, му вели на Васила. А после, додека следени од Карамана слегуваат по скалите и потоа додека одат во трлото кај Лазора Перуноски, си мисли дали да претрчаат до Зедница и да ги запалат вивките и така сè живо во Потковицата да кренат на нозе, или да претрчаат до Костадина Дамчески и да му кажат дека некој јабанец дошол во Потковицата. Но веднаш потоа си помислува дека така можат да згрешат, во забуната да се случи некој да пукне и да го убие човекот, а тој може е некој несреќен намерник, некој кого нуждата го натерала по ова време да дојде во Потковицата. Слушаш, господару, вели Васил. Што, вели Максим. Уткиве саноќ кобат, вели Васил. А и оној од Камен саноќ коби. Лишки, вели Максим мислејќи си дека ако се случи нешто погано ноќва може да се случи утре да биде протолкувано како дело на волјата на утките и на бувот од Камен, па ниту тој ниту некој друг ќе може да ги увери потковичаните во спротивното – дека лишките се лишки и дека нивните гласови не можат да им нанесат зло на луѓето. На вратата на трлото кое заедно со сите добиточни згради се најдува на западната страна на Имотот, то ест кое заедно со сите добиточни згради го сочинува западниот ѕид на Имотот и кое како што се тие поредени една до друга се најдува прво до Западна порта, со запалена вивка в раце ги пречекува Лазор Перуноски. Вели шест се објагнија и ниту една засега немаме изјаловена и низ овците (едни стојат и ги дојат јагнињата, други лежат свиткани небаре обрачи и имајќи ги свиткани и вратовите муцките ги имаат положени на предните плешки, а очите, темномодри, им светат во темницата) и преку средината ги одведуваа на другиот крај на трлото. Таму, на другиот крај на трлото, пред јаслите, Нове Перуноски, најмалиот од браќата Лазорови, ѝ помага на една овца да се објагни, а Крсте Лазоров Перуноски, најстариот од синовите Лазорови, му свети држејќи запалена вивка в раце. Нове тукуречи го измолкнува од мајката малечкото, а после, додека го чисти од слузта триејќи го со ‘рженица, вели Оваа е седма што се облизни годинава. Се наведнува, го става малечкото пред мајката и додека таа ја продолжува Новевата работа, го лижи новороденото, првообјагнетото цица сучејќи со опавчето. Во трлото е топло, задушно и остра реа измешана со здивот на овците и мирисот на сеното штипи во ноздрите. Максим помислува да се упати натаму, надвор, но помислува добро е да чујат и Нове и Крсте, па вели: Некој дошол во Потковицата, по Градишки Пат. Го виделе Јосиф и Васил. По себе водел коњ, а в раце носел нешто завиткано како дете. Перуноските се погледнуваат меѓу себе и се замислуваат, а Лазор се наведнува и го исправа на нозе малечкото кое пред тоа мајка му лижејќи го бутна на сламата. Ако бил сам не е опасно, вели откако се исправа. Но ти знаеш какви се, вели Васил, секогаш првин пуштаат еден сам и од една страна, за да ги залажат луѓето, а потоа сите другите заедно напаѓаат од друга страна. Лазор погледнува спрема пругоре спрема гредите, како да сака низ ќерамидите да види што се случува таму надвор, или како да сака да го види господа сокриен зад ќерамидите и на небесата и да го праша кои му се намерите за ноќеска. Вие двајцата останете овдека, во трлово, им вели на Новета и на Крстета, а потоа им вели на Максима и на Васила Ние ќе излезиме за да извидиме наоколу. И тргнувајќи пред Максима и пред Васила легнатите овци ги пречекорува, а тие кои стојат туркајќи ги со колената ги растерува, (нивните чакарки, кога се преместуваат од едно на друго место, кусо и отсечно ѕвонат), а кога излегуваат надвор пред вратата на трлото, гледајќи во небото, вели: Небаре е дење. И зазорено е. Оттаму од гората прудолу по падините на ридовите и низ полето и врз Имотот и врз сета Потковица се истура студена тишина во која, им се чини, освен нив тројцата, утките под стреите и бувот на Камен никој друг и ништо друго не живее, не дише. Од замрзнатата кора на снегот, која е оптегната небаре штавена кожа и врз која расчаталените сенки на дрвјата изгледаат како гребаници, во воздухот се креваат осилки и боцкајќи во очите предизвикуваат солзи. Чудно, вели Васил, како сè да изумрело, како чумата да зацарила на земјава. И погледнувајќи го Карамана, кој стои меѓу нив, вели: И пциве како да оглувеле. Тој кај кого можат да се кријат Хаџи Ташку и дружината, вели Лазор, може да биде Амдија Муслиоски или Џафер бег Мустафовски, тие имаат роднини во Прилеп, а за веселчанци треба да научиме кои им се пријатели. Хаџи Ташку и дружината се кријат кај некого во Потковица или во Веселчани?! Гласно се чуди Васил. Не мора да е вистина што зборувам, вели Лазор, но ние нешто не обмисливме добро. Некни, пред Водокрст, ние ги набркавме а тие вчераутро пак се најдоа таму, на Алилово. По овие студови за само еден ден не можеле да отидат дури во Прилеп и да се вратат назад. Може се кријат кај некого во близина. Но додека не научиме кај кого, треба да си молчиме. Ако се тие и ако запалат некого наш, вели Максим, ние повеќе ќе му придодадеме после, јас лично ќе му придодадам многу повеќе. Но ако запалат некого од Турциве, или ако убијат некого, сеедно кого, вината можат да ја фрлат на нас. На имотов сме триесет, четириесет врзани мажи и толку возрасни момчиња, вели Лазор, тие тоа го знаат и затоа нема да нападнат. Ендоските вардат во Пондилите, Бозоските во амбарите, Ѕвездаковците во кошарите, ние во живеалишните куќи, а ти Васил, со твоите треба да ги вардите портите и господарската куќа. Таму се вели, Васил, вардат. За тоа и дојдовме јас и Васил кај тебе, вели Максим, да им кажеш сите да бидат на штрек. Кажано им е, вели Лазор, на штрек се. Не требало да доаѓате само за тоа по овој студ. Освен агите и кодошите кој може друг да спие во вакво погано време, кога секој час може да се случи да запалат или да убијат некого. И не дочекувајќи согласност од двајцата преку дворните места на живеалишните куќи на имотските луѓе ги поведува кон Северна Порта. Намерата му е првин да проверат дали се сигурни тие, портите, а потоа ќе ги проверат и добиточните згради и гумната. Па, сепак, и покрај што сите христијани во Потковица беа будни, освен Јосифа Акиноски и Васила Митрески, и, се разбира, освен нив, Јанческите, никој друг, ниту тогаш ниту некогаш подоцна, го виде човекот што таа ноќ, во простата 1857 година, во вторникот спроти среда, помеѓу Богојавление и свети Јован Крстител, засекогаш го однесе од Потковицата Бошета Анѓелов Јанчески. Не се најде дури ни некој таков, кој, после, ко се дозна за тоа, барем само да речеше дека му се присторило нешто така, како да поминува некој по сокаците, но од што умот му бил зафатен на друга страна, да пази на тоа за кое бил одреден да пази, не се сторил ниет ни да помисли дека некој може, ако не е лично Хаџи Ташку со дружината, да се крене на пат по такво време. А дека ни Хаџи Ташку ни некој друг не дошол во Потковицата и не поминувал по сокаците, сите зборуваа, можело да се мисли по тоа што од никаде немало ни пес да залае ниту пак нешто друго, што е живо, да даде глас од себе. И затоа кога во зорите, нешто посетне од трети петли, Јанческите со запалени вивки и гламни истрчаа на срецело и нададоа лелеци дека ајдутин го одвел Бошета нивни. (Велеа на измама; божем само за да го изнесе на пат за Прилеп, а оттогаш, од сред полноќ и покрај што изминало толку многу време, Бошета го немало да се врати, а за јамка дека ќе се пушти да се врати им оставил едно чупале, петгодишно и сето завиткано во коприна и во кожуви, небаре е цариче, и еден коњ, ат, исто небаре е царски.), сите, трчајќи накај срецело, велеа Ама ајдутин, ни пците, ем што се пци, не го сетија, не пак човек кој е со помали дарбини од нив за тие работи, да го сети! – И во тоа гледаа божие претсказание: или дека човекот бил некој добросовесник кој ќе го пушти Бошета да се врати па Бог го заштитил на тој начин што сè живо во Потковицата престорил на оглувено и онемено, (зашто ако го насетеле тие, потковичаните, како што биле насрчени против Хаџи Ташку и дружината, можело да се случи да го заменат со некого од нив и да го убијат) или дека тој, Бог, ги бележил и ги казнува Јанческите за нешто одамна сторено и преку нив и сите други христијани во Потковицата ги поучува да се припазат од правењето лоши работи. Дури и Турците, кои како и христијаните кога ги слушнаа лелекањата на Јанческите дотрчаа на срецело, тие вооружени со пушки и со пиштоли, во тоа видоа божји знак и само велеа Ај Алах, ај, Алах! Дури и Тахир бег Јаузоски, кој, зашто Боше беше негов овчар и најдобар во Потковицата (само да и го земеше вимето на сјагнета овца во грстот веднаш ќе ти кажеше кога точно ќе се објагни, дали по еден саат, дали по два дена, или по една недела) им беше многу налутен на Јанчески што допуштиле ајдутин да им го земе од постела, во тоа виде божие претсказание па помирливо рече Господ нека ви се смилува вам Јанчевци: ланилето еден ваш се вулогаи паѓајќи од Камен, завчера стрика Анѓела го закопавте, ноќеска ајдути трет ви грабнале и заповеда сите возрасни веднаш да се дадат во потера по ајдутинот. На неговата заповед, одоколу, се спротиви Максим Акиноски. Имајќи го на ум ноќешниот разговор со Лазора Перуноски, дека може Хаџи Ташку и дружината се кријат на чифлигот јали Муслиоски јали Мустафовски, рече Најарно е, Тахир бег, ние првин да извидиме дали ајдути не се кријат кај некого овдека, во Потковицава, без тој да знае, јали во плевната, јали во копите, зашто и ајдутите не се баш толку мажи па да ајдутуваат по вакво време, и тие носат еден живот, а не повеќе, и нив може да ги замрзне студ јали волци да ги раскинат, а потоа, ако не ги фатиме овдека, ќе тргнеме во потера по нив. И им издаде заповед првин на своите, на имотските луѓе, а сетне и на сите христијани да се дадат во потера. И Турците се острелушија; се уплашија дека ајдутите навистина можеле ноќеска, несетени од никого, да се префрлат преку авлиите на чифлизите, па и тие, на чело на своите раетини, се дадоа во потера. И за час, сè по ред во Потковицата, и христијанско и турско, беше превртено тумбе. А кога не се најде трага ни од Хаџи Ташку со дружината, ниту, пак, од некои други ајдути, ко се дораздени убаво (небото изгреа ведро и дури и поцрвено од сношти, но сега на другата, на источната страна; и што удри една цибрина, срцето на човека да му распукне во градите) сите одново се собираа на срецело. Се образуваа две потери; бидејќи така рекоа Јанческите, дека ајдутинот што го зел со себе Бошета го зел за да го изнеси на пат за Прилеп, едната, на чело со Тахир бег Јаузоски и со Максима Акиноски, по Пазарџиски Пат тргна накај Алилово и натаму, а другата, на чело со Костадина Дамчески и со Реџепа Салиоски, преку Веселечки Рид и низ Веселчани се упати спрема Џадето и спрема Алинци. Но и едните и другите, во време на пладнина, со празни раце се вратија. Тие што тргнаа преку Веселечки Рид уште еднаш, штом се завкачиле по падините на ридот, виделе дека попусто ќе одат и понатаму: во снегот немало никакви траги, ни човечки ниту, пак, од некој ѕвер, но зашто била издадена таква заповед, се префрлиле преку рид и низ Веселчани и по Џаде дури до Алинци стигнале, а другите, кога дошле до Галичка Река, решиле да не одат понатаму: од Алилово натаму снегот по патот бил сиот разгазен и колку повеќе се приближувале до градот тој толку поразгазен станувал, па зашто никој не можел да одреди кои стапалки чии се, дали од другиот селски пазарџии или од ајдутинот и од Бошета, и тие се вратиле. И не знаејќи што да прават сега, кога не најдоа траги од ајдутинот и од Бошета, и тие се вратиле. И на знаејќи што да прават сега, кога не најдоа траги од ајдутинот и од Бошета, се здоговорија уште в сабота да заминат неколкумина во Прилеп и таму по роднини и кај светијоани да се распрашаат да не би тие ги виделе или начуле нешто за нив, за Бошета и за ајдутинот, а потоа сите заедно отидоа дома кај Јанчевци за да му се чудат на чупалето и коњот. Коњот навистина беше таков, небаре царски. Висок, тенок, ѕифт црн, со бело чело, со позлатени узди и седло и пресно поткован. Него си го присвои Тахир бег Јаузоски. Вие, Јанчевци, рече, не знаете да гледате. За гледање на ваков коњ потребни се многу работи, потребна е чиста пченица, а јас зашто за една година загубив тројца ваши луѓе, за загубата ви го одземам коњов. А чупулето, и тоа навистина беше небаре царско, небаре вистинско цариче, сето облечено во коприна и бело на лице, го остави кај нив, за ако не се врател да си го зема татко ѝ, тие да го пораснат. Човек кој остава ваков коњ и вакво чупале, рече, сигурно не е ајдутин, сигурно е некој чуен трговец кој навистина мислел да го врати Бошета ваш, и сам да се врати по коњот и чупалево, но може поради снегов и студов го згрешиле патот па сега двајцата заедно лежат удавени или замрзнати, јали во некој дол јали во некој вир. Но за тоа напролет ќе дознаеме, ко ќе се истопи снегов и ко ќе затреви земјата. А кој знае, како е Господ не е никој, дотогаш може тие живи ќе се вратат. И така тие крвави Водици во Потковицата, во простата 1857 година, според како што си мислеа другите жители на Потковицата, и христијаните и Турците, зашто никој од нив не веруваше, штом не им се најдоа трагите, дека некогаш ќе се вратат Боше и ајдутинот, за Тахир бег Јаузоски завршија со ќарен царски коњ, а за нив, за Јанчевци, со две човечки загуби. Па, сепак, во тоа што Јанческите го кажуваа за Бошета и за ајдутинот само донекаде можеше да се верува, само дотолку што навистина Боше нивни беше заминат од Потковицата, што навистина, себап со неговото заминување, Тахир бег Јаузоски се стори со царски коњ, и што навистина едно чупале, дотогаш ни видено ниту чуено, преку ноќ се најде и остана да живее кај Јанчевци и во Потковицата. Ако се придодаде на ова и тоа дека навистина таа ноќ во вторникот спроти средата, помеѓу Богојавление и Свети Јован Крстител, Јосип Акиноски и Васил Митревски видоа човек кој во Потковицата дојде по Градишки Пат, по себе водејќи коњ а в раце носејќи нешто завиткано небаре дете, сè друго остана да биде зачудувачко и да биде тајна. И тоа што Јанческите не знаеја или не сакаа да кажат како изгледал и што зборувал ајдутинот, (велеа од што биле обземени од жал за стрика Анѓела и од што се стаписале од страв кога влегол ајдутинот низ Мала врата, сега додаваа сам си отворил, не виделе како изгледа, дури одвај и разбрале што им зборува.), и тоа што не лавна ниту пес и што не шавна ништо друго што е живо, и тоа што утрото не се најдоа никакви траги ниту од Бошета ниту од ајдутинот. Од сето ова и поради сето ова неуките и набожни души исковаа чудна приказна – дека тој што го одвел Бошета не бил обичен човек, бил светец, сам свети Јован Крстител, сам тој направил така, ги замелушил Јанческите за да не го препознаваат кој е. И не го сторил тоа, не се запрел кај нив, и не го одвел Бошета нивни, и не им ги оставил коњот и чупалето дека тие, како што се зборуваше дотогаш, имале нешто одамна згрешено пред Бога, туку затоа што биле праведници. Зарем стрико Анѓел нивни не го изгуби животот на свето место, на Алилово, и тоа токму на прв ден Водици и борејќи се за светата наша славјанска црква. Се најдоа и некои такви, од жените, кои тврдеа, навистина не најаве туку на сон, дека го виделе свети Јован Крстител како иде по Градишки Пат во Потковицата водејќи по себе коњ и носејќи в раце нешто завиткано небаре детуле, и како се запира кај Јанчевци, и како потоа, излегувајќи од кај нив, не Боце нивни туку тој свети Јован Крстител преку срецело и низ гробиштата и преку Горник оди напред, не допирајќи ги земјата и снегот притоа, и покажувајќи му пат на Бошета и учејќи го како да гази, а да не остава траги во снегот. И како веродостоен доказ за вистинитоста на својата приказна ја земаа месечината – Бог направил така, таа ноќ испратил да грее во Потковицата и на земјата јасна месечина, јасна небаре јасно сонце, за да им го осветли патот на праведниците, на свети Јован Крстител и на Бошета нивни: сега веќе не Јанчески, туку нивни, од Потковицата. И зашто никој од нив не знаеше да посочи кај можел свети Јован Крстител да го одведе Бошета – Сигруно не на небо, зашто, што бара таму жив човек? – сите тие, кревајќи ја раката, велеа Натаму, од кај што не угрева сонце. И сите заедно, и тие што ја кажуваа оваа приказна, и тие кои не веруваа ни во неа ни во јанческата, нетрпеливо очекуваа да дојде сабота па да чујат какви гласови ќе донесат од Прилеп неколцината одредени да отидат таму за по аништата, кај роднини и светијони да се распрашаат за Бошета и ајдутинот. – А кога и оттаму, од Прилеп, стигнаа гласови, ги донесоа Максим Акиноски, Костадин Дамчески, Лазор Перуноски и Никола Анѓелов Јанчески, дека никој ниту го видел Бошета ниту чул нешто за него и за некаков ајдутин. Јанческата приказна, за божемното насилно Бошево заминување од Потковицата, сосема беше надвладеана од таа за Бошета и за свети Јован Крстител. Сеедно што, ако беше така, ако свети Јован Крстител го одвел Бошета, остана отворено прашањето кое беше чупалето – Божја ќерка?! – кое беше лично како цариче и кон кое и сами Јанческите и сите другите се однесуваа како да е навистина цариче, (Јанчевци од залакот си делеа за да го облекуваат во коприна; дури и градски кревет му купија, го поставија во женската одаја, веднаш под пенџерињата што гледаа во дворот и на гумното и двојно ги зарешетчија), а тоа заедно со децата Јанчески и заедно со сите деца од Потковицата си играше и си растеше со ништо не разликувајќи се од нив, ниту во игрите ниту, пак, во говорот. И, најпосле, кој беше коњот, кого Тахир бег навистина убаво го гледаше но на кого му кладе турско име, Мурад? Ако беше божји коњ, то ест христијански то ест сеедно дали ајдутски или лично од свети Јован Крстител, како се согласуваше да го викаат Мурад и да биде јаван од Турчин, од ништоверник? Е, тоа со коњот, раката на срце, на сите жители на Потковицата, и на христијаните и на Турците, не им беше толку чудно, тие како што зборуваа, колку што им ги исполнуваше срцата со завист. Таков коњ, се зборуваше, немало друг во царството, немале дури ни султаните во Стамбол. Зависта особено им нараснуваше кога ќе ги сретнеа, Тахир бег искачен на него, на коњот, а него, коњот, како гордо и ситно оди под него – иако божји, иако христијански. Тогаш скомина ги фаќаше и потајно ги силеа Јанческите да го тужат Тахир бег и да бараат да им биде вратен коњот. Та сеедно кој, дали ајдутинот што го одвел Бошета нивни или сам свети Јован Крстител, ним им го оставил, но Јанческите мудро одговараа: Таква нѝ била судбината, на сам прв ден Водици да нѝ го отепаат татка, да ни го земат Бошета и да ни ја остават Драганка за ние да ја порастиме. А, коњот, ете, бил таксан за Тахир бег. И додаваа. Добро се согласуваат, то ест Тахир бег и коњот добро се согласуваа. Дека не ајдутин туку дека свети Јован Крстител го одвел Бошета, може и ден-денеска ќе се раскажуваше во Потковицата – ако во животот на Јанческите не почнеа да се случуваат некои дотогаш незамисливи промени. Имено, кога се навршија три години од Бошевото заминување, а од никаде не стигна глас за него и Јанческите одбија, како што ги советуваа некои и како што носи редот христијански, да му ископаат гроб и да закопаат во гробот нешто што беше негово, колку за да се знае дека го имало на земјава и дека останало нешто по него, и згора на тоа во истото тоа време се случи да купат од Салиовци првин нива во Чекутки, а набрзо потоа и ливада и корија во Три Дабје. На многумина им стана чудно и од каде ним толку пари за да купуваат земја и им даде за право да си помислат и да почнат да зборуваат дека Јанчевци точно знаат оти Боше е жив и оти точно знаат кај се најдува, само, зашто така им одговара, кријат. Имено, се појавија гласови дека онаа ноќ Боше не насилно туку доброволно се здружил со ајдути и сега оттаму, од каде што ајдутувал, на домашните им испраќал пари. Овие гласови, како да беа здоговорени, ги пресретнаа Тахир бег Јаузоски и Максим Акиноски. Тахир бег, знаејќи за наклонетоста на Јанческите кон него и за да им се оддолжи за Мурата, од благодарност рече Пари јас им позајмив, зашто се добри и вредни раетини и зашто сакам да ги ослободам од чифчифството, а Максим Акиноски рече Нешто пари јас им позајмив, за да им помогнам да ја одгледаат Драганка. Се разбира, сите се посомневаа дека тоа така било, дека тие – двајцата им позајмиле пари на Јанческите. Жителите на Потковицата беа уверени дека Тахир бег и Максим Акиноски рекоа така само за да ги одбранат Јанческите од властите кои почнаа да доаѓаат дури од Прилеп и да душкаат околу нив. Имено, токму тогаш, токму таа година се случи одново да заживее ајдуството во Прилеп, во сета Пелагонија и во сета Македонија, ајдути се појавија и во гората во Потковицата и во Чипиговски Мртвици, па врз Јанческите, со право падна сомнение дека тие го испратиле Бошета да стане ајдутин, а сами станале ајдутски јатаци. Но и токму тогаш и токму таа година од Прилеп, од Дејкови, стигна глас, им пишал синот нивни, Никола Дејков, дека Боше Анѓелов Јанчески од Потковицата заедно со татко ѝ на чупалето што било оставено кај нив, кај Јанчевци, се надјува таму, во Бугарија, но дека ни едниот ни другиот не можат да дојдат по него, по чупалето, зашто се зафатени со револуционерна работа, па преку него, односно преку нив, преку Дејкови, им испраќаат поздрави. Тоа, писмото Николово, помогна властите да ги остават на мира Јанческите и да почнат, неколку години по ред, од рана пролет па до доцна есен да чуваат стража најгоре на Чауле, а потоа таму, најгоре на Чауле, да подигаат и нешто како касарна. Но зашто и тие, и војниците сместени најгоре на Чауле не можеа да се одбранат од ајдутите, во 1873-та, кога беа изградени општината и училиштето, се симнаа во Потковицата и горниот кат од општината, речиси целата општина, ја претворија во ујќумат. А од нивната касарна, таму најгоре на Чауле, како сведоштво за немоќта на војската да се одбрани од ајдутските напади, и ден-денеска се расфрлаат камења и старовремски ќерамиди. Тогаш, кога се дозна со кого точно заминал Боше онаа ноќ, (со татко ѝ на Драганка, значи со жив, овоземски човек, а не со некој светец, а не со свети Јован Крстител) и кај се најдува и што работи таму, во врска со него и со Јанческите и во врска со татко ѝ на Драганка и со Драганка во Потковицата останаа, главно, три неодговорени прашања. Првото: навистина ли татко ѝ на Драганка со сила го одвел Бошета, како што кажуваа Јанческите, или пак, сам Боше, од своја волја и со Јанческа согласност отишол со него; второто: кој бил татко ѝ на Драганка, некој прочуен ајдутин, војвода, или, пак, како што рече Тахир бег Јаузоски некој богат трговец? И покрај што некои набрзина заклучија дека бил и едното и другото, штом можел да има такво чупале и таков коњ, небаре царски, мнозинството потковичани сомничаво ги собираа рамењата. Оставајќи на времето, тоа да го даде одговорот, велеа Ако се врати некогаш да си ја земе Драганка, значи е трговец, но ако не се врати по неа, то ест ако ја остави, зашто не е крвна рода Јанческа, да се омажи за некого од нивните, значи дека бил ајдутин и дека ги оставил коските некаде по планињето. А третото, то и најмногу ги копкаше жителите на Потковицата – од каде на Јанческите толку пари за да можат да купуваат земја? Зашто, и покрај отвореното сомневање на властите дека станале ајдутски јатаци, а тоа никако не можеше да им се докаже, Боше и татко ѝ на Драганка беа далеку од Потковицата, тие не само што продолжија да купуваат земја, туку и од Тахир бег се откупија и уште додека беше жив стрико Никола нивни се наредија да бидат трет сој, по богатство и по влијание во Потковицата, веднаш по Дамческите и пред нив Акиноските. Се разбира, ако не ги сметаме овдека Турците кои на чифлизите си живееја свој живот и господареа со рајата. Во врска со тоа, од кај им се парите на Јанческите, додека времето не ја донесе вистинската приказна, во две различни времиња во Потковицата заживеа една иста приказна, но во две варијанти и со две различни главни личности. Во пролетта во 1870-та Максим Акиноски и Костадин Дамчески правеа список кој од сојовите колку ќе даде пари за ѕидање на општината и на училиштето, а Никола Анѓелов Јанчески даде рамно 100 лири, по педесет за општината и за училиштето. Тогаш само од себе се разнесе првата варијанта на приказната за тоа од кај им се парите на Јанческите. Божем на стрина Николица нивна ѝ се сонил еден сон дека на Градишка Вода, чекор десно од кладенецот, има закопано златници. Човекот што ѝ дошол на сон и рекол на никого да не кажува за сонот, сама да отиде на Градишка Вода и да ги откопа парите точно кога ќе се појави сонцето од зад Горник, зашто ако ги откопаш пред или по изгрејсонце, ѝ рекол, парите ќе се сторат ќумурчиња, а ако кажеш за сонов и ако полвината пари не ги дадеш за ѕидање на општина и на училиште, сиот сој Јанчески ќе го јавне голема несреќа. Се најдоа дури и свидетели кои тврдеа дека ја виделе стрина Николица како копа сама на Градишка Вода, но зашто тогаш не знаеле за сонот, си помислиле или дека се померила или дека станала вештерка. Во овој вид приказнава живееше сè до есента во 1871-та; тогаш, зашто не дојде татко ѝ да си ја земе, Драганка како што кажуваа Јанческите, на двајсетгодишна возраст се омажи за Анѓел (крстен на деда си) Атанасов Анѓелов Јанчески. За свадбата Јанчевци на Драганка ѝ купија нива, ливада и корија од Мустафовци, а тоа ја измени и приказната. Некој рече, а другите го подзедоа и го раширија реченото дека парите не ѝ се сониле, на стрина Николица туку на Драганка. И не биле парите закопани на Градишка Вода туку на Латинска Црква. Се најдоа и свидетели, овчари, кои тврдеа дека ја виделе Драганка како копа, точно при изгрејсонце, на Латинска Црква, чекор, два, погоре од Кладенец и точно по средината на кладенецот. А тоа што немаше ниту трага од некакво копање, никого не го интересираше. Поправо, сите се согласија дека Драганка ископаната земја и бозјето врз неа толку вешто пак ги вратила наместо, што не оставила никаква трага. Попусто, додаваа, не била ајдутска крв. Оваа приказна, во двете нејзини варијанти, уште тогаш ја оспоруваа некои кои беа поитри. Парите на Јанчевци, за нив и за Драганка, им ги оставил татко ѝ нејзин, велеа, уште тогаш, кога го одвел Бошета. Затоа сега Јанчевци на Драганка ѝ купуваат земја, за да го извршат заветот на татко ѝ. А не зашто нејзе ѝ се сониле пари на Латинска Црква, додаваа. Ова, нивново, на поитрите, заедно со приказната за тоа од кај им се парите на Јанчевци, најдолго се задржа во Потковицата и единствено тоа се доближи до вистината, но се потврди многу, многу подоцна. Првин далеку од Потковицата и во чудни околности, а потоа и овдека, во Потковицата. Но тогаш, кога се потврди тоа, веќе целиот Бошев живот, од часот на заминувањето од Потковицата па натаму, до неговата погибија во Српско-бугарската војна од 1885, во која Србите беа победени, беше познат. Во 1899-та, за сведенот на Потковицата, Свети Никола Летен, заедно со деленците Акиноски од Прилеп дојдоа и членовите на Централниот комитет на Внатрешната Македо-одринска револуционерна организација, Ѓорче Петров и Пере Тошев. Пере Тошев, кој заедно со Бошета и со многумина нашинци во оваа војна се борел на бугарска страна, на Јанчевци им донесе две бугарски ополченски одликувања од времето на Руско-турската војна од 1857 година, едно Бошево друго од татко ѝ на Драганка. Тој тогаш го раскажа она што со свои уши го чул од нив, од Бошета и од татко ѝ на Драганка, кога, како нашинец отишол да ги посети во воената болница каде што, подоцна, и двајцата умреле од раните. Веднаш штом стигнале во Бугарија, таа година 1857-та, се префрлиле во Влашко, а оттаму со ајдутски дружини навлегувале во Бугарија и се бореле против Турците. Учествувале и во бугарското Априлско востание, во Руско-турската војна од 1878-та, кога и биле одликувани од бугарското кнежество за покажаното геројство, во македонското Кресненско востание 1878-та, кога по задушувањето на востанието, одново се вратиле во Бугарија за да ги изгубат животите во 1885 година во односната Српско- бугарска војна. Овие одликувања, кои сами Боше и татко ѝ на Драганка му ги предале на Перета, за тој да ги донесе во Потковицата и да им ги предаде на нивните, во куќата Јанческа се чуваа сè до 1924, кога, при еден претрес, српските џандари ги најдоа и ги зедоа со себе. Во 1915-та, во Првоо бугарско, заедно со бугарските војски во Потковицата се вратија Ристе Јанчески Газилајна и Тодор Велјаноски. Тие кажаа како станало навистина Бошевото заминување, онаа ноќ, од Потковицата и од кај им се парите на Јанчевци. А тоа станало вака, кажуваа Ристе Јанчески Газилајна и Тодор Велјаноски: кога си отишле од кај нив, од кај Јанчевци, главите на сојовите кои биле на закопот на стрика Анѓела нивни, тие, Јанчевци, за да не горат оган во сите одаи, се прибрале во гостинската, таа веќе била затоплена, а во сите други одаи, спред верувањето дека душата на покојниот и по смртта, до четириесеттиот ден, шета низ куќата, оставиле да горат вивки и свеќи. И како што си седеле така, некаде околу полноќ било, нешто или некој потропал на капаците на пен- џерињата од кај сокакот. Првин сите се острелушиле, а потоа стрико Никола се доближил до пенџерето и прашал кој тропа. Патник, рекол човекот однадвор. Кој патник, прашал стрико Никола. Христијанин, рекол човекот. Христијани се и Грците, рекол стрико Никола, а вчера, на сам прв ден Водици нѝ го отепаа татка. Бугарин, рекол човекот. Тогаш стрико Никола се задумал малку а потоа рекол: Оди на Мала врата, од кај срецело, ќе ти отвориме. Потоа му рекол на Бошета Ти, Боше, земи ја секирата и скриј се зад врата; ко ќе отворам јас ако ти се стори нешто шубеливо, земи го со секирата по чело. Така и сториле. Но кога ја отворил стрико Никола Мала врата, на месечината веднаш се видело дека човекот не е некој поганец; в раце држел детуле, сето завиткано во кожуви, а по себе водел коњ, и го пуштиле да влезе внатре. Коњот го врзале в пондила, а него и детулето ги однеле во гостинската одаја. Таму стрина Николица на гостите им сварила млеко и им дала да се напијат, за да се затоплат. Потоа откако стрико Никола ги пратил домашните на спиење, ним, на стрика Никола, на стрина Николица, на Атанас и на Бошета човекот им кажал кој е, од кај иде и кај оди. Дали заборавил да си го каже името или намерно не си го кажувал, туку рекол Од Бугарија сум, од Јамбол. Бев учител во Солун, меѓу нашите луѓе го ширев нашето славјанско писмо, но сега бегам оттаму, фанариотите ме наклеветија дека сум ги бунтувал луѓето против султанот. Чупалево ќерка ми е, Драганка се вика; мајка ѝ умре ланска година и нејзиниот гроб таму остана, во Солун. Кај вас, во Потковицата, ме испратија Ончевци, (деленците Акиноски кои живееја во Солун по стрикото Максимов Онисим, нагалено Онче, се викаа Ончевци и таму, во Солун, го држеа Бошњак Ан), тие ме испратија кај своите деленици во Битола) а тие овдека, на Имотот, за да го засолнам чупалево. Зашто јас немам никого свој во Бугарија, а ко ќе стигнам таму, не мислам да бидам учител. Ќе се префрлам во Влашко, таму се собрани сите наши револуционери. Но како од страв, да не ме сетат кодоши не смеев да се јавам на Имотот, а како кај вас уште оттаму, од брдото, (од Зедница) видов дека свети, и како сте вие прва куќа после Имотот, решив кај вас да се јавам и вам да ви го оставам и коњов и чупалево. Христијани сте и Славјани па ако нѝ сторите зло мене и нејзе, господ нека ви плати. Тогаш извадил од пазувите едно кожено ќесе, го отворил и почнал да брои на трпезата жолтици. Откако изброил на едно купче рамно сто жолтици, ги турнал пред стрика Никола и рекол Овие ви ги оставам вам за ваша издршка и за издршка на Драгана. Потоа пак зел да брои жолтици и пак откако изброил рамно сто, пак ги турнал пред стрика Никола; Овие, рекол, ви ги давам за ко ќе порасне Драганка и за ко ќе ја мажите. И по трет пат зел да брои жолтици; и пак откако изброил рамно сто, пак ги турнал пред стрика Никола: Овие рекол, ви ги давам за ко ќе ѕидате црква јали училиште. Тогаш го заврзал ќесето, го ставил в пазува и станал. А сега, рекол, дајте ми еден ваш човек за да ме изведе на пат за Прилеп, натаму, како господ ќе ми даде. Во истиот час кога станал ајдутинот, станал и Боше; Николице, ѝ рекол Боше на снаа си, стави во дисаѓите цели два леба, стави и сирење и пастрма, за да му се најдат по пат, а јас ќе го испратам до Алилово. Го облекол кожувот, ја зел секирата под кожув, го пикнал пиштолот в пазува, ги префрлил дисаѓите преку рамо, божем се токми за на пазар во Прилеп, и излегле со ајдутинот. Но кога пропеале трети петли и ко почнало да се разденува а Бошета уште го немало да се врати, стрико Никола сиот се вомјазил да не му се сторило нешто лошо и заедно со стрина Николица и со Атанаса ги разбудиле сите домашни и сите заедно, со запалени вивки и гламни, истрчале на срецело и надале гласови, троа навистински троа од навал, за сите да чујат каква нова несреќа ги снашла и да тргнат да го бараат Бошета. Ова нешто, кажуваа Ристе Јанчески Газилјана и Тодор Велјаноски, таму, го чуле, во Бугарија, во војската. И тоа лично од Димитар Зојчев, внук на Зоица Акиноска, кој бил капетан. А тоа се случило вака: кога во 1914 година Србите заедио со другите и нив ги мобилизираа, ги отерале првин во Крагуевац, таму кај што ги стрелаа бдизнаците Акиноси, Цветана и Јордана, а потоа ги отерале во Војводина, на фронтот со Австријанците. Но зашто и тие како и сите нашинци не сакале да се борат на српска страна, пребегнале кај Австријците, а овие ги предале на Бугарите. Бугарите некое време ги проверувале дали се српски шпиони а потоа кога научиле дека не се, то ест дека пребегале на бугарска страна за да се борат против Србите, ги испратиле во 12. полк, кој бил составен од нашинци, во четата на овега, на Димитар Зојчев. Кога ги зел тој кај себе, за уште еднаш да ги провери дали ја зборуваат вистината, извадил една тетратка од сто листа и од неа им ги читал имињата на главите на сојовите од Потковицата. А кога дошол, кај Јанчевци, тука запрел и го погледнал Ристета. Ти се прозиваш Јанчев, му рекол. Да, рекол Ристе. Што ти е Никола Анѓелов Јанчев? Никола Анѓелов Јанчев, рекол Ристе, ми беше дедо, но тој е умрен сега. Јас му сум син на неговиот најстар син, на Јордана и се прозивам Ристе Јорданов Јанчев. Насила бев мобилизиран да служам во српската војкса. Тогаш Димитар Зојчев се насмеал, ја затворил тетратката, ја оставил на масата и станал; се прошетал низ канцеларијата, потоа застанал пред Ристета, му ја ставил раката на рамо и му рекол: Во времето ко се ѕидаше црквата, во 1895 година, јас бев учител во Потковицата и го водев списокот на сите кои даваа пари за ѕидање на црквата. Еден ден дојде кај мене во училиштето дедо ти, изброи рамно сто жолтици и ми го раскажа ова што јас сега тебе ќе ти го раскажам. Повторно седнал на масата и му го раскажал сето ова што го раскажавме погоре, и потоа го прашал дали е жива Драганка, зашто разбрал дека многу убиства извришиле Србите во Потковицата. Жива е, рекол Ристе. Таа ми е стрина, мажена е за стрика Анѓела. Нивниот син, мојот прв братучед, Крсте Анѓелов Јанче е војвода. Тогаш Зојчев повторно станал и им рекол Вас двајцата, зашто сте чисти Бугари, и зашто сте толкави јунаци, ќе ве испратам на работа во кујната, потоа ќе видам што ќе правам со вас. Сега сте слободни. И кога тие се свртиле за да си одат и кога стигнале до вратата, повторно ги викнал да се вратат. Што мислите, момчета, ги прашал со солзи во очите, ќе ги испадиме ли враговите од нашата мила родина? Ќе ги испадиме, господин капетан, рекле двајцата наеднаш. А тогаш кога Ристе Јанчески Газилајна и Тодор Велјаноски ја раскажаа оваа приказна, во пролетта во 1915 година, баба Драганка Јанческа за спомен на татка си и за спомен на Бошета Анѓелов Јанчески даде да се соѕида камбанаријата, дотогаш во црквата во Потковицата се служеше со клепало. А тогаш кога се соѕида камбанаријата и токму што се соѕида таа, на фронтот во Битолско се чу, загинало писарчето од 8. рота 12. полк, во кое, после се дозна, била вљубена Веселка Митрева Џокоска, па некој во врска со тоа и дека за прв пат камбаната биеше за мртовец, ја испеа оваа песна: Камбана бие, мамо, камбана бие. За кого бие, ќерко, за кого бие? За исарчео, мамо, за исарчео, о 8. роа, мамо, 12. олк... Но тоа е друга приказна, која се врзува на оваа за Бошета и која се врзува за сите приказни настанати во Потковицата и за Потковицата. А дотогаш, додека времето не ја донесе вистинската приказна за тоа како станало Бошевото заминување од Потковицата, кој бил татко ѝ на Драганка и од кај им биле парите на Јанческите, многу поројни води протекоа низ Голема Вода и многу нови патчиња разгазија потковичаните по ридиштата и низ полето. И многу работи се случија, далеку од Потковицата и внатре во неа кои од корен им го изменија животот на луѓето. Едни заминаа во градовите и во европејските престолнини за таму да се изучат, други властите насила ги одведоа и ги потоманија во затворите, трети од своја смрт си умреа, та така и гробиштата на Рамник на Горник се изменија – уште повеќе се намножија, станаа ѕидани, одозгора добија мермерни или обични покривни плочи и камени крстови со врежани имиња на покојниците, а околу наоколу висок ѕид со убава порта од северна страна, односно тогаш од кај местото обележано за црква. Зашто таа, црквата, поради противењето на битолските грчки владици, поради работите што станаа со Хаџи Ташку тогаш во 1857-та, и поради многу други работи кои се случија потоа, беше најодзади соѕидана, многу, многу подоцна од општината и од училиштето. Во пролетта во 1864-та умре Јосиф Оносимов Акиноски. Неговата смрт ја предизвика неговото затворање, првин во прилепскиот а потоа и во битолскиот затвор. Тоа, Јосифовото затворање стана во есента 1863-та и го држеа до прв ден Велигденски Пости во 1864-та. Кога го донесоа, Максим со кочија го донесе, беше кожа и коски сторен. Го легнаа на креветот во неговата одаја во јужното крило на господарската зграда и уште еднаш не се крена; по цели ноќи и денови кашлаше и со кашлањето исфрлаше и крв. Набрзо по Велигден почина. На закопот дојдоа мајка му и татко му од Солун, делениците од Битола, делениците и сватоштините од Прилеп и некои прилепски првенци. Го чатеа лично Максим и еден прилепски поп, прота, а неговите, Јосифовите ученици пред отворениот гроб испеаја една песна која беше сам тој ја озвучил за да ја пеат. Во 1857-та, во пролетта, на Максимово навалување и на навалување на главите на сојовите Јосиф се прифати да биде прв учител во Потковицата. Тоа, неговото учителствување, и едно писмо кое беше го испратил до еден цариградски весник, а во кое ги исмејуваше Грчиштата, грчките попишта, грчкото писмо и јазик, беше причина за неговото затворање. Гркоманите беше го наклеветиле на властите дека го бунтува народот против султанот и ништо не помогнаа ни поткупите, ни молбите и ниту, пак, вистинските и чесните свидетели. Тоа, Јосифовото објавено писмо во цариградскиот весник, многу христијани во Потковицата и во Прилеп, и некои кои знаеја книга и некои кои не знаеја, едни од други наизуст го изучија, како Оче наш, и секогаш кога ќе се ставеа со гркомани, за да ги лутат, го кажуваа: Господине Гајдарјо! Мошне ми дојде харно, като видех некне, как сте почнали и вие да свирите со гајдата от Цариград, за да поразбудите длабокозаспалиот окајаниј наш народ. Овдеа има лјуге, што се мошне радуват, като чуха свирнјата на твојата гајда. Сполајти Господи! Дано сполучите со неја, да завршите нешто добро за миличкиот наш народ!... Знам, как ке се најдат лјуге, които ќе ти пуштат нешто песни, за да ги свирите со гајдата си, но аз оште од млади години, като си милвам гајда, пак, и од друга страна като ми ет мило за нашиот бугарски народ, кладох се да напиша нешто, за да го свирите. Но не се надајте, как мојата песен ке развесели твоите читатели, не, таја ет жална, зашто ако да бехме на харно, кој ке ти пишеше жално: на харното кој може да вели как ет лошо? Сполајти Господи! Това може ли вака да биде? Но като се навогјаме на така, за ошто да не се поплачиме? Сполајти Господи! Нека чујат и другите наши братја Бугари пак може да му се најде крајот да испаднеме на харен пат. Сполајти Господи! „едното ет едно а двете се помногу“, друго ет умот на еден човек, а друго ет на помногу лјуге. Сега мака, што тргаме овде, ет от проклети Грци, погани фанариотски владици и од разскапаната влашиштина, сполајти Господи. Овиа проклети Грци, незнам што ке им се предате, та тако нѝ газат немилосно татковината и народноста, ке се испокинат, трудејќи се, со што можат и като им прилегни да нѝ сгрчат дума и свет им ет да нѝ преврнат на грчкото. Ој сполајти Господи! Стопанот нѝ миловал, та нѝ оставил на векот славен Бугарски народ от 5 милиони, со хубав и сладок јазик бугарски, со хубава книга, от којато толку други славјански племена црпат наука, та сега да си оставим нашата мила татковина, нашата народност, сладокот наш јазик и хубавата наша златна бугарска книга, пак да се погрчем? Не дај Боже? Чувај Боже!... Ово не го сториха нашите татковци, деди и предеди, та ние ли да го сторим? Сполај Господи! на ошто време доживјахме да си превртуеме народноста и јазикот? Нешто што нито ет споменувало на умот на нашите предеди, то ово да го сториме ние??! Немојте, бракја Бугари, немојте да се сгрчите ке станем за присмех и за порогание на векот. Кршете глава на овој грчки јазик. Протерајте из между вас проклетите свија Грци, фанаристи и куци Власеве, учете си јазикот, пазете си народноста, заштото ет грех од бога и срамота од лугјето по векот... Море синче, отвише ми ет мака и мошне се лјута като ке појда на црква да се прекрста, като ристјане лјуге што сме: ке фати црква, ке почнем да се крстим, та сполајти Господи! ке почнат попоите да ти пејат, да вјасаат! кажуејки кир – оласин, кир – оласин! после ке го свртат да хитаат, да вјасаат! кажуејки ќор-олсун! Ќор-олсун! ќор-олсун!... ке ми рипни (да ми прости Господ, пригрешам) срцето, ќе се налјутам, па на место да се молја, ќе постапа ово, да ти карам грци-фанариоти и влаиштина, та не им оставам ни влакно неразкарано. Сполајти Господи! за што овија грци да ни карат вака во нашата черква? Анатема им коската, ако сакаат да се карат, нека се карат во црквите си, ако сакаат да си извадат и очите. Но што бараат во црквите нѝ? Ние немаме ли јазик? Ние немаме ли си книги, во които можиме да си пејме јазикот нѝ? Нека кршат врат овија проклети Грци от помежду нас, терајте јазикот им от црквите нѝ и от училиштата нѝ, нека иди повраги и безтрага, имаме си ние јазик и книга, некеме грчкото, некеме да се грчиме. Море синче Гајдарино, надуј харно гајдата, отвори големо брчало, та дано чујат и разберат харно нашите бракја и да изринат скапаната ова грчиштина. Сполај Господи! не се трпат веке пусти овија грци, терајте ги, море синче, терајте ги. Мошне сет за жалене овдеа кутрите селјани, наши бракја, што сет по другите села; фати овдеа селата во Битолска каза, во Прилепско, во Охридско, на многу села из Кучовско, това по Тиквешкото, по Воденско, по Струмишкото и по други кази оште на тамо, както на вамо, по сичките цркви што сет по селата се пеит по грчко: а во гореказаннити кази и во други оште мнооооого градови и села из Македонија, нема баре половина Грек. Сполајти Господи! За ошто вака? За ошто да трпиме един јазик от кого не отбираме ни буки? За ошто да оставјаме да нѝ карат во кукити нѝ и во црквити нѝ? За ошто да учим грчкиот јазик, а нашиот да оставјаме настрана? За ошто да газиме народноста си, татковината си и мајчиниот си јазик ние сами со нозете си така немилостиво? Грците, има ли негде во некој град или во некое село или во некое от црквите им или во некоја кукја, да прозборат по јазикот нѝ? А ние, когато сме на татковината си, за ошто да се учат децата нѝ пак на грчки? Зашто да им пеим јазикот во црквити си??? Сполајти Господи!“... Од него, од Јосифа, освен споменикот на гробот што му го подигнаа родителите и Максим, ништо не остана во Потковицата. Татко му негов, Оносим, веднаш по закопот ја зеде Петра заедно со децата кај себе, во Солун, за да му биле внуците поблизу до срцето и за да ги изучел. Дури во Вороо срско, некаде околу 1930-та во Потковицата, од напролет до наесен, почна да се појавува неговиот внук, синот на неговиот најстар син, на Јанкула, Јован Јанкулов Акиноски. Овега, Јанкула, беше го испратил дедо му во Петроград во Русија за таму да се изучи за доктор, но тој беше преминал во Швајцарија и таму се оженил. Оттаму, од Швајцарија, или некаде од Европа, Јован идеше во Потковицата, и секогаш кога ќе дојдеше првин одеше право на гробишта и таму на гробот на деда си оставаше ракатка полски цвеќиња, патема набрани. Смртта Јосифова многу ги разгори потковичаните, и против гркоманите, кои го наклеветија, и против властите, кои не одбираа од правдина, а Максим Акиноски, за инает и на едните и на другите, додека на местото од Јосифа не доведе нов учител, се зафати тој да ги учи децата. Во истата одаја во господарската зграда во којашто ги учеше Јосиф. А кога го доведе учителот, некој си прилепчанец, речиси и не се сврти во Потковицата. Водејќи го со себе Лазора Перуноски акаше во Прилеп, во Битола, во Солун – за да моли и да поткупува да им се издаде одобрение на потковичаните да си соѕидаат црква, општина и училиште. А еднаш, со гемии, по море, од Солун, беше ти отишле и во Стамбол за истата работа. Но и таму не сториле ништо, само што добиле ветување, од некого од везирите, дека ќе им биде издадено бараното одобрение. Тогаш, тие години, гледајќи го расфрлан на сите страни и неприбран дома, не со злорадост туку со жал за него, некои пуштија глас дека од што се вдал по одобрението, Максим се померил од умот. На тоа, на померувањето Максимово, како причина, го нададоа бувот од Камен. Имено, уште тогаш, уште во пролетта во 1857-та, некои овчари го нашле убиен, и иако никој не знаеше да каже зошто и како, никој и не рече гласно, но сите помислија дека го убил Максим и дека зашто убил пиле, сеедно дали погано или добро, важно пиле, кое ниту му јаде ниту му пие, го стигнала казна. И тогаш кога го убија Максима во 1874-та, истите тие рекоа дека се извршила казната, за дека го убил пилето. Во 1870-та, кога беше востановена егзархијата, стигна и султаново одобрение дека смеат потковичаните да си соѕидаат општина и училиште, а не и црква. Зошто само општина и училиште а не и црква во одобрението не пишуваше, но и потковичаните многу, многу не се допрашуваа; си рекоа Сега општина и училиште, в година и црква и се дадоа да ги превезуваат камењата од Камен на долните падини на Горник, над срецело. Во меѓувреме, Максим и Костадин Дамчески доведоа и две тајфи мајстори, од Крушовско, едната работеше на ѕидање на општината, другата на училиштето. На мајсторите им помагаа сите христијани од Потковицата, и мажите и жените, и децата, па дури и мајсторите од дуќаните Акиноски. Максим им заповеда да ги затворат дуќаните и заедно со сиот потребен алат таму да отидат, на ѕидањето на општината и на училиштето, за да им бидат од припомош на мајсторите. Уште не беше довршено ѕидањето на општината и на училиштето, а во Потковицата се расчу дека Максим се раскарал со некои прилепски и битолски првенци. Тоа беше на втората година откога почна ѕидањето; чатиите беа поставени и на општината и на училиштето, требаше уште само да се постават ќерамидите и да се изработи дрвенаријата, подовите, вратите и пенџерињата. Во Потковицата, сред недела, дојдоа две кочии прилепски и битолски првенци, за да бараат од Максима пари и согласност за да се испрати човек, кој да ја претставува сета битолска околија на црковниот собир кој таа година требало да се одржи во Цариград и кој требало да расправа за тоа како да се уреди бугарската егзархиска црква. Човекот бил избран, Тодор Кусев, прилепчанец, од Максима се барало само да даде пари и согласност. Максим се согласи тој, Тодор Кусев да им биде на битолчани и прилепчани претставител, бил спремен и пари да даде, но само едно нешто барал од претставителот: да настојува на Собирот во Македонија да се постават тукашни владици, македонски, наши; Зашто рекол, не ги бркаме грчките владици за да дојдат други, од јабана. Кусев и првенците истото го мислеле но не сакале да му јамчат; Првин, рекле, да си ја уредиме во целина црквата, а потоа ќе ги средуваме внатрешните работи. Во расправијата, зошто Максим не попуштал, велел Ако постапиме така егзархот може да нѝ изигра, некој, непретпазлив, му рекол Ти да не ја крепиш грчката страна, нешто што многу го налутило Максима па тој ги набркал гостите. Овој разговор се водел дома кај Акиноски, во гостинската одаја, на него присуствувал и Костадин Дамчески, па сетне тој раскажуваше како било тоа. А за црковниот Собир што се одржа истата таа година во Цариград и на кој како битолски претставител присуствуваше Тодор Кусев, белградскиот весник „Једининство“ од 19.5.1871 година ја донесе следнава дописка: „Цариград, 7 мај. Сметаме дека ќе биде интересно за вашите читатели ако им ги соопштиме имињата на оние бугарски претставители кои по 450 години на 15 март 1871 г. се собраа во престолнината на некогашната византиска слава и величие за братски да се посоветуваат како да си ја уредат својата црква на која до пред десетина години ѝ се закануваше опасност да стане плен на фанариотите; таа и денеска од нив страда насекаде во несреќна Македонија. Претставителите, чии имиња ќе ви ги набројам подолу, на вашите читатели бездруго ќе им се чинат многу малку, кога се има предвид статистиката на бугарскиот народ. Навистина е така, но не треба да се чудите зашто нашите браќа Бугари се собраа и од многумината кои беа дојдени избраа 32 најистакнати и за да не ги излагаат на големи трошоци општините решија секој од нив, да претставува од 3 до 5 општини. Сите овие лица се предани на делото, некои од нив веќе се истакнале на книжевно поле, други како учители, а меѓу нив има и такви кои многу работеле на изгонувањето на фанариотите. Јас ќе ви ги набројам нивните имиња, со исклучок на царските комесари и на владиците: претставител на Охридска епархија – Манојло Ќурќи; Битолска епархија – Тодор Кусев; Велешка епархија – Констатин Шулев; Скопска епархија – иконом поп Георги и Стојан Костов; Струмичка епархија – поп Тодор и Константин поп Гутов; Воденска епархија – Георги Гогов; Неврокопска епархија – Коста Сарафов; Ќустендилска епархија – Димитар Ангелов и иконом поп Апостол; Самоковска епархија – Христов; Софиска епархија – Хаџи Мано и Христо Стојанов; Нишка епархија – архимандрит Виктор; Пиротско-нишавска епархија – Коста Даскалов; Видинска епархија – Никола Прванов; Врачанска епархија – Никола Занкинов; Ловчанска епархија – Миро Павлов; Трновска епархија – Петар Ангелов, К’нчо Кесаров, Н. Михајловски и Џ. Савов; Рушчушка епархија – поп Петар Арнаудов; Силистарска епархија – Димитар Тодоров и Сава Доброплодни; Варнеска епархија – Х. Иванов; Преславска епархија – Величко Х. Савов; Сливенска епархија – Чинтулов и Стеван Стеванов од Бургас; Охридска епархија – Јаков Геров; Пловдивска епархија – Георги Груев и М. Д. Балабанов.“ Тие се работите кои направија таа година 1872-та, при крајот на летото, да биде убиен Максим Акински и заедно со него и Лазор Перуноски, а неколцина мажи отерани од Потковицата на заточение некаде во Азија, Максимовата преголема љубов да си соѕидаат потковичани црква, општина и училиште и неговото противење на Грчиштата. А не тоа што го убил кобникот од Камен, како што веруваа суеверните. Битолскиот Грчки владика Партение беше начул за скарувањето Максимово со битолските и прилепските првенци, како и околу што било скарувањето, па скроил план како да го добие Максима за себе за од него да добие согласност тој да ги освети општината и училиштето и така да ги направи грчки, па почна во Потковицата да испраќа свои луѓе, некои битолски трговци гркомани. Овие, гавазиве, кога ќе дојдеа во Потковицата, одоколу, ги фалеа сите христијани од Потковицата, а најмногу него, Максима Акиноски, дека се вистински мажи, христијани, штом решиле со свои пари и без ничија друга помош да си соѕидаат општина и училиште. А некогаш наскоро и црква, велеа, зашто неговото првосвештенство се согласува со тоа и ќе настојува, кај султанот и секаде кај што треба, да добиете одобрение и за ѕидање црква. Жителите на Потковицата, христијаните, поучени од Максима и од Костадина Дамчески, не само што не им веруваа, туку и не разговараа со нив; само што ќе ги наручаа, изговарајќи се дека ги чека работа на полето и на ѕидањето, брзо, брзо ги испраќаа. Но тие, лукави, кога не успеаја да ги купат христијаните, се обидоа кај Турците; за големи пари, после се дозна, беше успеале да го купат Амди ага, за тој, кога ќе бидат готови, соѕидани општината и училиштето, да појде во Битола и да го извести лично владиката. Планот му бил на овега, на Партениј, и тоа отпосле се дозна, кога ќе бидат готови, соѕидани општината и училиштето, да дојде во Потковицата и ако не се согласи Максим милум и за поткуп, со сила да ги освети пред да го стори тоа некој егзархиски свештеник. Така и стана; при крајот на летото зградите беа довршени, се чекаше уште да привршат и полските работи па да стане тоа, освештувањето. Но токму тогаш, кога беше сè подготвено за освештувањето, одненадеж, рано во недела, достаса во Потковицата Партениј, божем за да го собира владичиниот, а навистина за да го изврши осветувањето, милум или насила. Во тоа време, кога одеа да го собираат владичиниот, грчките битолски владици, од страв од ајдути, а и за да го натераат народот да го плати данокот, одеа опкружени со големи тајфи составени од заптии и ѓакони, а Партениј, за оваа пригода, беше се зајакнал уште и со некои свои послушници. Додека повеќето од тајфата одеа пешки, вооружени со пушки, со стапови, со крстови на стапови и со торби, за да имаат во што да грабаат од народот, сам тој, Партениј, јаваше на бел коњ, сиот позлатен и накитен со мониста и со пувки од коприна. Првин сакаа да се истоварат кај Акиновци, а потоа кај Дамчевци, но зашто не ги примија ни едните ни другите, се собраа на срецело. На измама и со сила ги дотераа таму луѓето, за да присуствувале на осветувањето на општината и на училиштето. Тогаш, кога слушнаа дека владиката ќе го изврши осветувањето, веќе никој не требаше да им кажува на потковичаните што треба да прават. Мажите награбаа вили, стапови, коси, набодни, а жените и децата камења и сите заедно удрија по натрапниците. Се започна еден бој, каков дотогаш немало ни на Алилово, во кој надвиени беа тие, дошлаците. За да се избават од гневот народен, поганците отстапија на чифлигот Муслиоски, сам Амди ага, кој отворено прејде на нивна страна, ги повика таму. Едни се испоскрија во копите, други во пондилите и трлата, а Партениј избега дури горе на кулата. Но уште и пред да успее Амди ага да ја нажапчи портата, дворот муслиоски се наполни со разјарени потковичани, предводени од Максима, а него, Амди ага, тука, на портата, Атанас Јанчески Цицко со секира го исече. Тогаш, кога јурна народот во дворот, еден куршум истрелан од копата, го удри Максима право во срцето и го кутна на земја. Лазор, кој го штитеше Максима, силно разјарен, се бодна кон копата и за час оттаму извади еден заптија, наденат на вилата. Го бутуриса овега од вилата и уште повеќе разјарен, продолжи да шиба со вилата во копата, и оттаму, од сламата, наденат на вилата, извади и друг заптија, го крена високо и токму сакаше да го акне од земја, го покоси еден куршум, истрелан од пондилата. Тогаш, во истиот миг кога падна Лазор Перуноски, во дворот муслиоски, искачен на Мурата, достаса Тахир бег Јаузоски и стрелајќи во воздух викаше да престанат да се бијат, зашто лично тој сите ќе ги избие. Така заврши бојот, по заповед на Тахир бег Јаузоски, со петмина убиени и со многу исчукани глави и ребра. Владиката сиот тресејќи се од страв, се симна од кулата, си ги собра своите, ги натоварија своите убиени на коњи и по Пазарџиски Пат, од кај Алилово, ја спраштија назад во Битола. Потковичаните ги пренесоа Максима и Лазора на Имотот и сите на глас, и мажи и жени и деца, зедоа да ги тажат. Но уште истиот ден, приквечерината, достасаа од Прилеп заптии; од бавтана ги забраа Атанас Јанчески Цицко, Котета Ризески, Новета Лазоров Перуноски и немиот Велјаноски и ги потераа по Пазарџиски Пат, натаму, накај Прилеп. Се што се слушна после за нив беше тоа дека веднаш на другиот ден ги отерале во Битола, оттаму во Солун, а оттаму – едни велеа дека ги осудиле како бунтовници и ги наденале на кол, други, пак, дека ги оковале на гемии, за да бидат до смрт веслачи. За сите овие настани живиот дух на потковичаните исковал едно чудо приказни, а животот до денденешен ги додржал. Се врзуваат една за друга, се плеткаат една низ друга, си противречат една на друга. Човек, раскажувајќи ги, ако не земе да ги сведе под знакот на една, на онаа, главната, за роп- ството и за борбата против поробувачите, лесно може да се заталка во раскажувањето и да се заборави што зборувал, односно да заборави што раскажувал и кој му бил зборот, па слушателот да си отиде од него со уверување дека си го изгубил времето слушајќи некого кој ниту знаел да раскажува ниту што раскажува. Но таквиот, неблагодарен слушател, за вратка брзо ќе си чуе дека е бујца, односно овца со булка над челото, најглупава што може да биде, која од ништо не се одбира, безмалку и брлива, и која се двои од стадото. А таквата, додава насрдениот раскажувач, ако не ноќеска, некогаш друг пат ќе ја изеде волкот. При сето тоа, при поругите и клеветите изговорени на сметка на неблагодарниот слушател, а за потврда на вистинитоста на своето раскажување и за потврда на својата раскажувачка вештина, зема да набројува дати и личности уште од пред времето за кое раскажувал, кои на овој или оној начин удриле свој печат врз животот во Потковицата и врз животот на сета Македонија. И додавајќи дека сето тоа било точно запишано, точно како што се еден и еден два, во тефтерот Акиноски, кој тој лично не го видел но од друга слушал дека постоел, вели Шоона, не знаеле ли старите наши како што знаеме ние денешниве, кога се збратимувале де со едните де со другите, дека ако ти го извади брат окото, има да ти го извади најдлабоко што може да биде? Притоа мисли на Србија и на Бугарија, а колку за Грција – со нив, со Грчиштата, поинаку треба да се разговара, машки, отворено, а не да се фаќаат владите една со друга под скутина, за никој да не ги види кај се држат. А таа година, во простата 1857, времето многу рано се стопли. Од средината на сечко задуваа јужни ветрови, тивки и постојани, и еве до денеска, Свети 40 маченици, деветти март, сè уште не престанале. Навистина, сè уште не го скорнале сиот снег од Потковицата, сè уште се белее на Чауле, на Самовилец, во усоите и негдегоде низ орманот, но небото се отвори, земјата затреви и замириса воздухот, па уште од раното оживува полето. Човек, во делничните денови, уште од раното може да види орачи во полето, деца кои напасуваат јагниња во никајците и овчари кои по ридиштата напасуваат стада, а во неделите и женската челад која по ендеците и меѓите собира полжави и коприви. Сето тоа убаво го гледа Лазор Перуноски кој од Тодорова Сабота наваму уште од раното се искачува најгоре на Зедница и испружен на колк на зарамнетото се загледува низ полето и по ридовите. Но иако со секое делче на душата чувствува дека настапува пролетта, дека на земјата и во Потковицата се враќа животот, внатре, во душата не му е весело. Иако убаво знае од кај иде тоа, да му биде грдо и омразно, зашто си е така создаден, ништо не може да направи спротивно. Освен да се залажува божем да не мисли на тоа... По две недели ќе биде Свето Благовештение; дотогаш во ливаѓето и оградите ќе стаса зелјето па за да зготват жените за празникот Риба на зелје о вршник, тие, мажите, ќе мораат да отидат на Црна и во Блатото за да изнафатат риби. После, по една недела, ќе дојдат Цветници, а само две недели по Цветници, ете ти го Велигден. Тогаш, два дена пред празникот, на Вели петок, ќе ги отераат јагнињата на пазар во Прилеп... Ако не му текне пред тоа на Максима него и Васила Митрески да ги испрати кај делениците во Битола со полна кола јагниња, за тие половината од нив да ги препратат кај другите деленици, во Солун. Ете тоа него го јадосува, одењето в град. Дека е тој толку голем, што да му нема друг рамен, а Васил спечурен и крив, а тие се постојано заедно, граѓаните, здружени и со ѓупско и со турско, како по мечка се собираат по нив и ги задеваат. Особено него, Лазора. И особено тие, дечиштата градски. Се смеат и бегаат од него како од страшило. И от таму, од далеку, фрлаат со камења по него и му викаат Дрезге! Лапнибивол! Тогаш му иди да потрча по нив, да зграпчи некое и да го акне од земја, ама не смее. Од пусти срам, и од страв да не му донесе кавга на Максима, молчи и си ја голта лутината. А има прилики и кога, од немај каде, заедно со другите, и тој сам си се прави будала. Така стана минатата сабота, на Тодорова Сабота. Главите на сојовите од Потковицата, речиси сите, заедно со Максима и со Костадина Дамчески уште од вечер отидоа на пазар во Прилеп, главно за да купуваат коприна, мониста, пулејки и друго што е потребно за везење и за украс на жените. Максим и Костадин Дамчески отидоа да спијат кај делениците а сите другите останаа на ан кај Богатиновци. Кога седнаа да вечераат, во меаната се најдоа и некои џамбази, измешани христијани, Турци и Ѓупци, и почнаа да бијат шега, првин со сите потковичани а после само со него, со Лазора. Од некаде се створи и Хаџи Ташку со дружината и тој се наврти на него. Од збор на збор го подбидоа да фати облог дека на еден здив и отпростум ќе испие три ока вино и ништо нема да му биде, сакаше да им покаже колку е силен и затоа да престанат да го задеваат. Богатин го донесе виното, полна кофа, и тој зеде да пие. Кога го потера виното до половина, пред очите и во главата му се замагли, повеќе од мирисот одошто од самото вино, но се докрепи на нозе. А кога ја испразни кофата до капка, ја акна однаопаку пред Хаџи Ташку. Ете, рече Испив три оки вино на еден здив и отпростум за душа на стрика Ангела Јанчески. Оти, рече Хаџи Ташку чкрапајќи му со око на Богатина да не му го дава облогот, зарем умрел стрико Ангел Јанчески? На Водици, рече тој, од уплав. Ко ве виде вас собрани на Алилово, му пукна дувот. Ко не виде нас, му пукна лејката, рече некој од дружината на Хаџи Ташку и сите, освен потковичаните, се смееја. Дајте ми го облогот, рече тој, рамно двајсет грошеви. Десет мои и десет што го добив облогот. Стрико Ангел Јанчески не требало да умира, рече Хаџи Ташку сега чкрапајќи им со око на другарите. Ние грчките попови меѓу вас славјанобугарите шириме божји мир и култура, а не умирачки. Се направи божем се лути и му подвикна: А второ, рече, вие само за да не платите за закопот, стрика Анѓела сте го закопале без свештеник, без мене. Затоа сега, дека ми должите, ти нема да ги добиеш ни твоите десет грошеви ни облогот. Ти на стрика Анѓела му ја отпеа песната на Алилово, рече тој, веќе сфаќајќи дека греши што го спомена стрика Анѓела, но оти од виното и од лутина не можеше да се додржи, се доизрече: Ама и тебе ти се пее песната. Се сврти спрема Богатина, го грабна за раце, му ги свитка одзади и му ги зеде и своите десет грошеви и другите десет од облогот. Тогаш рипнаа Хаџи Ташку и неговите и кој знае како ќе завршеше сето тоа да не се замешаа џамбазите и Богатин. Може тој, како што беше налутен и ошумоглавен од виното ќе отепаше некого, но само го бутуриса Хаџи Ташку од патот и заедно со другите потковичани си отиде од меаната. Целата таа ноќ не заспа. Само што ќе го навалеше дремка, едни те исти мисли дека згреши што се обложи, дека згреши што го спомена стрика Анѓела, дека којзнае што ќе излезе сега од сето тоа, дека кога ќе дознаат за тоа Максим и Костадин Дамчески крај нема да му има на срамењето, го штрекнуваа и го седнуваа во постелата. Така го раздени Тодорова Сабота, ненаспан, насекиран и ошумоглавен. Не чекајќи да се доразбудат другите излезе во дворот за да се исплиска на чешмата, а таму му дојде Богатин. Што ти требаше, му рече, да се караш со нив. Ги знаеш какви се, за десет гроша човек отепуваат. Ете, рече тој, мене не ме отепаа. Му ја стави раката на гради, мислеше само да го потурни за да си направи пат, но Богатин, иставајќи се наназад, сам од себе си падна, изгледа се засопна и падна. Но дали од што се удри при паѓањето, или се престраши да не почне сега и да го тепа, тики се развика божем тој го турнал и за час дворот се наполни со луѓе, а меѓу нив и двајца заптии, па нему не му остана ништо друго туку да избега. А кога истрча на улица, не знаејќи кај да оди, се усмери на дуќан кај Тимона; вчеравечер, кога се разделуваа, Максим им рече дека ако им притреба за нешто во текот на утрешниот ден, то ест во саботата, таму да го побараат, на дуќан кај Тимона. Како и Хаџи Ташку и Тимон е Влав, но дека во цел Прилеп единствен тој знае да шие европејски алишта, а сите Акиноски така се облекуваат, европејски, пријателуваат со него, делејќи ги Власите на погани и добри, то ест на продадени на Грците и на Турците и на Власи. На тоа си мислеше трчајќи накај дуќанот Тимонов и дека како и други Власи и Тимон може да биде неверен но дека за атер на Максима ќе го земе во одбрана, ако не е таму Максим. Но во дуќанот, бездруго зашто беше рано, освен калфите, го разгоруваа пампурот, никого друг не најде. Не знаејќи што да прави, а мислејќи си дека е срамота да оди толку рано кај делениците Акиноски и да го извикува Максима само за да му каже што го снајде, со чувство на спопашкан пес отрча на дуќан кај Зојчевци: најмалата Максимова сестра Зоица, беше омажена кај Костадиновци па жителите на Потковицата сите Костадиновци по Зоица ги прекаруваа Зојчевци. Но и во дуќанот Зојчески освен калфите не најде никого друг, па сиот очаен и помислувајќи си да се врати на ан кај Богатина, си рече Што сака нека биде и само што го пречекори прагот на дуќанот, оттаму од кај Богатиновци се зададоа заптиите, а по нив и Богатин и цела сурија народ. Тогаш си помисли дека можат врзан да го отераат на ујќумат и му ја летна, по другото сокаче, од кај сааткулата, од кај бавчанџиите, по Дабничка Река и покрај Дачова Воденица и назад по Пазарџиски Пат стаса назад во Потковицава, што се вели како од праќа фрлен. И уште истиот час се искачи ваму, најгоре на Зедница; цел ден чекаше да се зададе потера од кај Алилово... Оттогаш, од Тодорова Сабота, секој ден уште од раното бега ваму најгоре на Зедница и постојано завардувајќи дали не ќе се зададат еднаш заптии од кај Алилово, само на тоа си мисли: што ќе прави тогаш, ако навистина дојдат заптии по него, ќе им се предаде или пак ќе му ја летне да бега па пак да му се смеат луѓето? И останува до доцна навечер а кога се симнува не оди дома, кај луѓето, како што го носи редот секој домаќин, туку во трлото кај овците. Одненадеж поплатен од чувство на срам и лутина се превртува на грб и гледа во небото, а тоа ведро и проѕирно, небаре од срча направено, рамнодушно си стои таму, високо. И повторно штрекнат од истото чувство на срам и лутина седнува; свртен со лицето спрема прудолу спрема Имотот се труди да не мисли на тоа што се случи на Тодорова сабота и на тоа што може допрва да се случи... Хаџи Ташку сигурно не седи со скрстени раце по она што му го рече, дека и нему ќе му биде испеана песната... Ако продолжи времево да биде вака топло, некаде сред недела ќе треба да се извадат пампурите од одаите и да се варосаат куќите, и однатре и однадвор... За да се одбранат од бубачки и за празникот, за Велигден, и дрвјата ќе треба да се варосаат, одоздола од земјата и дури догоре, до гранките. И – му се насмевнува душата. Источна Порта се отвора и на Градишки Пат излегува Јосиф; го преминува патот и по падините на Зедница, одејќи полека и застанувајќи понекогаш, се искачува спрема пругоре спрема кај него. Во едната рака носи дрвено троножно столче а во другата книга. Не иставајќи го погледот од него, Лазор не знае што да си мисли, поправо не знае дали право си мисли. Максима го сака, работата на Имотот ги изнесува постојано да бидат заедно, но Јосифа го чувствува поблизок, разговорот со него му е поускладен. Кога Јосиф ја изодува пругорнината повеќе од половина, си помислува да слезе и да го подземе и станува, но веднаш потоа, зашто знае дека Јосиф не е дете па тој да може на раце да го пренесе ваму, се премислува и останува да стои најгоре на Зедница на зарамнетото. А уште малку, уште само некој чекор, му довикнува. Јосиф застанува, гледа во него. Лицето му е истанчено, проѕирно, бело, а од болеста и од сонцето уште побело и уште попроѕирно – Човек да му ги види коските преку кожата, си мисли. – А косата, долга и со боја на ‘рженица, му ја развева ветерот. Од кого си побегнал дури таму, најгоре, му довикнува Јосиф. Од никого не бегам, вели Лазор непријатно штрекнат. Одовде сè се гледа. Си можел да седнеш некаде подолу, вели Јосиф, и пак да видиш кога ќе дојдат заптии од Прилеп. Јосиф се насмејува и продолжува да оди спрема пругоре спрема кај него. Кога стигнува му вели Добар ден и свртувајќи се со лицето спрема прудолу спрема Имотот тешко и забавено дише. Потоа го наместува столчето на зарамнетото и седнува. Лазор, извишен над него, и сега не го истава погледот од него. Се чуди од кај знае Јосиф дека тој бега ваму, најгоре на Зедница, оти се плаши да не дојдат по него заптии од Прилеп. Потоа се испружува на колк и загледан пред себе ја скуби тревата од пред себе. Не е право, вели во еден миг, ние сме врсници а ти си болен. За тоа не си ти виновен, вели Јосиф сè уште загледан спрема прудолу спрема Имотот. Знам, вели Лазор, не сум виновен. Но јас го знам лекот а ти нема да се согласиш. Јосиф се свртува спрема него, некое време го гледа насмевнат и љубопитно. Што знаеш, вели потоа, може ќе се согласам. Кога бев на деветнајсет, двајсет години, вели Лазор, одненадеж почнав да кашлам и да плукам крв. Веднаш знаев што ми е и за да не ги разболам другите отидов да спијам со овците. За една година и кашлицата престана и крв престанав да плукам. Ти и сега, има една недела, спиеш со овците. Спијам, вели Лазор, криејќи го погледот од Јосифа. А не кашлаш и не плукаш крв? Не кашлам. Јосиф одненадеж се засмејува и смеејќи се закашлува, а кога престанува да кашла малку време се одморува потоа одново се смее. Спиењето со овците те оздрави, вели. Ме оздрави, вели Лазор. Јосиф повторно одненадеж се засмејува. Знаеш, вели, може ќе те послушам, може ќе дојдам да спијам со овците. Одново се засмејува и го гледа Лазора кој од под веѓи гледа во книгата положена на неговите, Јосифовите, колена и потисната со рацете. Што си мислиш, вели. Ја гледам книгата, вели Лазор. Нова е, вели Јосиф. Вчера ја донесов од Прилеп. „Горски патник“ се вика, за ајдути раскажува. Лазор се замислува. Вчера тој не отиде во Прилеп, Максим не го повика. Место него отиде братучедот, Богдан, и тој изнакупи што е потребно за везење и за украс на жените. Ја исправа главата и гледајќи го право в очи Јосифа си мисли кој знае што сè станува и што сè се зборува сега таму, во Прилеп, по она што тој го направи на ан кај Богатиновци. Ти заблазнувам, му вели на Јосифа, ти секакви книги можеш да читаш. А ти никакви, вели Јосиф. Оти не си писмен. Оти не знам да читам, вели Лазор. А да се потпишам, знам. Максим ме научи. Јосиф се насмевнува и вели: Не е добро да седиш на земја, ќе се разболиш. Суво е, вели Лазор. Погледите им се крстосуваат и двајцата се насмевнуваат, Јосиф гласно и отворено, Лазор безгласно и лабаво. Ама признај, вели Јосиф, тоа што не знаеш да читаш, тебе ти е последна грижа на веков? А која ми е прва грижа, прашува Лазор сомничаво. Заптиите, вели Јосиф. Ја отвора книгата и скриен зад неа преку неа го гледа Лазора кој се обидува да му го фати погледот. Потоа Лазор, задуман, си го чеша темето со врвовите на прстите на десната рака. Тоа си думам, вели, ко ќе почне за празнициве да талка по селава, да му залегнам во некој ендек и да му ја скинам сенката. Друго не ми останува. Сакаш да речеш на Хаџи Ташку да му ја скинеш сенката? Нему, вели Лазор. Јосиф ја затвора книгата, ја положува на колена и врз неа ги положува рацете. Притоа не го симнува погледот од Лазора. Ако не дознаат кој го сторил тоа, никому ништо, вели. Но ако дознаат, на кол ќе те наденат. Јали ти сам ќе мораш да побегнеш во Бугарија. Не бегам дури таму, вели Лазор, овдека ќе станам ајдутин. И вели Како, што станал некогаш ајдутин Владимир ваш Акиноски. Гледај, му вели Јосиф и со рака му покажува натаму, накај населбата. Од сокакот помеѓу оградата Јанческа и чифлигот Јаузоски се задаваат браќата Јанчески, Никола и Атанас, и братучедите Ризески, Тодор и Коте. Четворицата на грбовите преку половината носат стапови, ги прикрепуваат со рацете префрлени преку нив и свиткани во лактите; и додека подлактиците и дланките им се маваат небаре скршени, полите на ресачките им ги развева ветерот. Кога излегуваат од сокакот, наредени еден покрај друг, одат по средината на Градишки Пат, а кога стасуваат до Источна порта, место да продолжат натаму накај полето, како што си мислеше Лазор, тие скршнуваат спрема пругоре спрема кај нив. Ваму идат, вели Јосиф. Лазор не вели ништо; го истава погледот од четворицата и се завардува по населбата. Одејќи исто како првите четворица и, носејќи ги стаповите исто како нив, преку половината на грбовите и прикрепувајќи ги со рацете свиткани во лактите, од кај срецело се задаваат други четворица: Митре Џокоски, Ристе Бубичоски, Цветан Велјаноски и Костадин Дамчески. Навлегуваат во сокакот помеѓу оградата Јанческа и чифлигот Јаузоски и кога излегуваат од него и тие одат право по средината на Градишки Пат и право пругоре, право спрема кај нив. Во истиот миг кога тие скршнувајќи од Градишки Пат се завкачуваат по Зедница, од Дупка се задаваат други двајца, Богоја Станкоски и Спасе Мицкоски. Тие, пак, право спрема пругоре и право спрема кај нив одат прекутрупа по падините на Зедница. Го обзема зазор и го преместува погледот на Имотот, на Источна порта. Со притаен здив чека да види дали ќе се отвори портата и кој ќе излезе од неа, а кога таа се отвора и на Градишки Пат излегуваат Васил Митрески, Недан Бозоски, Цветан Ендоски, Стеван Ѕвездакоски и заедно со нив и Максим (тој во едната рака носи долга тутурка од книга а во другата дрвено троножно столче, исто такво какво што донесе Јосиф) и кога и тие се завкачуваат пругоре по Зедница, зазорот се претвори во треска. Ова не е празнична седенка на главите на сојовите, си мисли. Зашто да беше тоа, ќе се собереа на срецело а не дури ваму, најгоре на Зедница. Ако доаѓаат за да ме ругаат мене, вели, не ми треба. Сам си знам што направив. Кажано било, вели Јосиф, никој да не споменува кој го уби стрика Анѓела Јанчески. Ме налутија, вели Лазор. Те испијаниле. Не се испијанив, вели Лазор. Јас го добив облогот. Јосиф се насмејува и смеејќи се вели: Си се докрепил на нозе. А утрото, ко ти поминало пијанството, си размислил што може да те снајде за тоа што му си се фалел на Хаџи Ташку дека ќе му ја испееш песната и си му ја летнал назад во Потковицава. Затоа сега не спиеш дома, туку со овците в трло. И затоа уште неразденето бегаш ваму најгоре на Зедница, чекаш да дојдат заптии по тебе. Лазор престанува да ја скубе тревата од пред себе; ја исправа главата и го гледа Јосифа право в очи. А тие може нема да дојдат? Може Хаџи Ташку не направил поплака кај властите? Максим и Костадин Дамчески поарно ја знаат таа работа, вели Јосиф и вели Но ти од срам бегаш од нив. Главите на сојовите како пристигнуваат така им велат Добар ден, првин на Јосифа и на Лазора, кои седат, а потоа и на придојдените, кои не седат – свртени со лицата спрема прудолу, спрема Градишки Пат и спрема Имотот, стојат и чекаат да дојдат имотските луѓе, а со нив и Максим Акиноски. Во меѓувреме, додека тие пристигнат, и Лазор станува; извишен над сите и преку сите и сиот растреперен гледа право во имотските луѓе. Зашто меѓу нив нема никого Перуноски, поточно; зашто го нема братучедот Богдана, си мисли Максим не се изменил кон него; го оставил и понатаму да биде старешина на сите имотски сојови и глава на сиот сој Перуноски. Но треба да почека па дури тогаш, откога ќе слушне што ќе рече Максим, да се увери дали право си мисли, дали е навистина така како што си мисли. Не му е важно да биде старешина на имотските сојови (а да не биде глава на сиот сој Перуноски не може, зашто е најстар и од браќата и од братучедите) но ако не го сменил од старешинството сигурно нема и да го руга, а тоа, да не го руга пред луѓево за она за кое сам тој не може да престане да не се руга, најважно му е од сè. Поправо, важно му е исто толку колку што му е важно и понатаму да остане најдоверлив Максимов човек. Од тоа, да се биде најдоверлив Максимов човек, се нема никаква полза, само повеќе работа и повеќе грижи од другите, но не знае што ќе си стори и не знае што ќе стори друго, засигурно ќе го отепа Хаџи Ташку, ако му рече Максим дека се покажал недостоен и затоа го откажува од старешинството. Имотските луѓе, кога пристигнуваат, сите наеднаш и на сите наеднаш им велат Добар ден а Максим вели уште и Седнете луѓе. И дури откако сите другите седнуваат тој го наместува столчето до Костадина Дамчески и, некое време, како да се двоуми дали да седне а потоа, кога седнува, свртен со лицето спрема Лазора Перуноски и испулен во него в скут ја држи тутурката и молчи. И сите другите молчат, испулени во Максима Акиноски. Сето тоа Лазор го гледа од под веѓи и зашто отпорано знае што има нацртано на внатрешната страна на тутурката, планот на Потковицата, си дума и се надева дека можеби не се собраа за да го ругаат него, дека можеби и овој пат ќе разговараат за тоа за кое од смртта на татко му на Максима наваму секоја година ова време разговараат – за барање одобрение за ѕидање црква, а годинава за барање одобрение за ѕидање и на општина и на училиште. Но Максим не му остава ни место и ниту време и понатаму да се залажува, зема да зборува а зборува и спротивно на својот досегашен обичај, не прави починка меѓу зборовите и гласот му е лут, отсечен и подбивен. Е, Лазор, вели, бега, бега и добега. Денешни Свети 40 Маченици те стигнаа најгоре на Зедница. Оти тоа сме сега ние, маченици, по она што го направи ти на ан кај Богатиновци. А ти ниту ајдутин стана па човек да ти носи торба со леб во орманот, ниту на Имотот те има за да си ја гледаш работата. А јас не сум ујќумат, а не сум ни Мустафа ефенди за да испраќам потера по тебе. Требаше сам ти да дојдеш и да кажеш што си мислиш да правиш сега, а не ние да доаѓаме кај тебе и како на дете да ти велиме да не го правиш она што го правиш – да не бегаш од нас. Ништо не мислам да правам, вели Лазор кубејќи ја тревата пред себе. Ни не можам нешто да направам. Среќа твоја, вели Максим, што не им се здало на заптиите да пукаат. Зашто да пукале, сега место ти што седиш со нас овдека најгоре на Зедница, ние ќе бевме собрани на Рамник на Горник и ќе ти вадевме седум дена. Лазор, чувствува, сиот се смалува: тогаш кога бегаше од заптиите ни не се сети дека тие можат да пукаат, но откако стигна назад во Потковицава, со некое скришно делче на умот, постојано на тоа се присетува дека ако пукаа заптиите засигурно плеќите ќе му ги наполнеа со куршуми. И си додава во мислите И добро е што тогаш не се сети на тоа, зашто во стравот може ќе се излажеше и ќе застанеше, па заптиите врзан ќе го отераа на ујќумат, а таму... Престанува да ја кубе тревата, го крева погледот и отворено ги гледа првин Максима а потоа и Костадина Дамчески: Ако ги оставев да ме отераат на ујќумат, вели, тие таму ќе ми направеа претрес. Сега отворено и тие го гледаат него, Максим, Костадин Дамчески и сите другите, потоа сите другите се погледнуваат еден со друг отворено и раскаено. Сите знаат едно опасно едно нешто, но никој не се решава гласно да продума за тоа. На христијаните во Турција, под закана од казна со смрт, забрането им е да носат оружје, но, зашто се постојано изложени на грабежи и убиства од страна на муслиманите, сите тие носат оружје. Тоа секој го знае, но и сите добро се пазат да не направат нешто со што ќе ги предизвикаат властите да им прават претрес. Е, тука, Лазор не се испази. Не си требал да фаќаш облог со нив, вели Костадин Дамчески. Добро е тоа што му рекол на Хаџи Ташку дека и нему еден ден ќе му биде испеана песната, вели Јосиф Акиноски. Му рекол оти бил испијанет, вели Костадин. А пијан а непијан, вели Јосиф, Лазор на луѓето им внуши храброст да почнат отворено да зборуваат против Хаџи Ташку и дружината, граѓани и селани. Сам јас ги слушав на дуќан кај Тимона. И Хаџи Ташку не стои со скрстени раце, вели Костадин. Од Мустафа ефенди барал заштита, барал војска да оди со него кога ака по селава, божем за да врши црковни работи. Среќа наша што Мустафа ефенди не се согласил со него; му рекол За да те бранат, доста ти се арамиите што се собрани околу тебе, а ајдутите се моја работа. Оти да му дадел војска, сега и мртви и неродени ќе пиштеа. Тоа едно, а друго сите кои чуле оти Лазор му се фалел на Хаџи Ташку дека и нему ќе му биде испеана песната, како што тој му ја испеа на стрика Анѓела, а и некои кои нè пизмат нас, можат да го отепаат на наш синор, или таков, отепан, да го фрлат кај нас. Така е, вели Максим, Лазор не стави во големи неволи. Хаџи Ташку не е ни драснат а ние сме бележени како негови убијци. Никогаш како оваа година толку многу не утале утките и не бувтал кобникот од Камен, вели Коте Ризески. Лишките немаат врска, со оваа работа, вели налутено Максим и во истиот миг се прекорува себеси што откако се заветува зимоска дека еднаш ќе го отепа кобникот од Камен, а не го стори тоа, не се стори ниет ни да се сети на него, а еве сега, на друго си помислува, поправо зад друга помисла се заскрива: и да го отепаше, и да разгласеше дека е бувот отепан луѓево пак ќе веруваа дека тие, лишките, им ја донесле оваа несреќа, а не тој, Лазор Перуноски, во час на пијанство. Инаку, да не бил Лазор пијан, поправо да не фател првин облог со нив, никогаш не ќе го сторел тоа, за ништо живо на светов не ќе ги потскажел плановите и надежите на своите луѓе. Го гледа Лазора од под веѓи и точно знае и што си мисли и што чувствува сега тој, па и жал му е за него и криво му е што токму тој, Лазор Перуноски, неговиот најдоверлив човек, излегол побудала од еден злодеј. Но за ум за него и за ум на сите другите, за да не прават другпат такви работи, си мисли, добро е што го караме. Двајца луѓе веќе изгубивме, вели, стрика Анѓела Јанчески и Бошета нивни, а еве сега сите можеме да се најдеме на заточение во Азија. Хаџи Ташку не моли само кај властите за да го заштитат од смрт од нас, тој и нè клевети и потплаќа злодеи против нас. Само кога ќе се сетам колку силно кобеа лишките зимоска, не можам да си ја скротам душава да не слути на зло, пак вели Коте Ризески. И тебе и мене да не истераат сред зима под стреи, или да не напикаат во некоја спила, и ние ќе утаме и ќе бувтаме посилно од кој и да е лиод, вели Костадин Дамчески. Затоа сме луѓе, за да не се дадеме да не подземат гласовите на лишките. Стореното е сторено, сеедно кој го сторил, наш човек го стори, сега да видиме како ќе се одбраниме. Моја е оваа работа, вели Лазор, јас ја заматив, јас ќе ја избистрам. Како си думаш да ја избистриш, прашува Максим и вели Сите да слушнеме. Ќе станам ајдутин, вели Лазор. Ќе го отепам Хаџи Ташку и ќе станам ајдутин. Ама нема да го отепам подмолно, во некој дол и на ничиј синор. Ќе го отепам на пазар во Прилеп, сред бел ден, Ако успеам да побегнам, добро, ќе станам ајдутин. Така е најдобро си мислиш, вели Максим, властите ќе знаат кој го отепал и нема што да истезаваат други. И сам знае дека е така најдобро, и знае дека и сите другите си мислат дека е најдобро Лазор да направи така сам како што вели, да го отепа Хаџи Ташку среде Прилеп и среде бел ден, но зашто не сака да го жртвува Лазора, вели Властите можат да си помислат дека ние сме те испратиле да го отепаш, сме ти платиле за да го отепаш, па пак ќе се свртат против нас. Затоа ние сега ќе ти простиме тебе, станало што станало, а ти од Хаџи Ташку ќе побараш прошка. Јас од Хаџи Ташку да барам прошка?! Вели Лазор и потпирајќи се на раце се поткрева од земја, но веднаш потоа присетувајќи се дека дали навистина ќе му биде простено зависи од тоа дали тој ќе ги послуша Максима и Костадина, одново се отпушта на земја и сиот очаен вели А кај ќе го најдам јас Хаџи Ташку за да барам прошка од него? И, сетне, тој нема да ме припушти да му се доближам, не пак да ме остави да му се молам за прошка. До Цветници, кај да е, Хаџи Ташку ќе достаса во Потковицава, божем за да свети вода, вели, Максим. Ако не се измириме дотогаш, тој тогаш ќе се обиде да нè насрчи против себе за после да повика војска против нас. Затоа ние први ќе го испревариме. В сабота ќе му отидеме таму, во Прилеп, и ќе го извикаме јали кај Мустафа ефенди, јали на дуќан кај Тимона, јали во некој ан и ќе му речеме дека било што било, сега сакаме да се измириме. А ти, ако стане за потреба, ќе му дадеш и ветување дека лично ти ќе пазиш да не му се случи ништо лошо на наш синор. Сите ќе си помислат дека сме се согласиле да се грчиме, вели Јосиф. А сетне, со време и сами ќе се свикнеме да се сметаме за погрчени и сите другите ќе не сметаат за погрчени. Ние уште зимоска, уште кога го отепаа тие стрика Анѓела Јанчески, се договоривме што ќе правиме со Хаџи Ташку, вели Костадин Дамчески. Дотогаш, додека не стане тоа, поради ова што стана со него и со Лазора, најдобро е ова што го вели Максим, ние и Хаџи Ташку една страна ќе држиме. А може никогаш и никој нема да се реши да го пресретне, вели Атанас Јанчески. А тој го има татка на душа. Не може да биде никој да не го пресретне, вели Костадин Дамчески. Само првин треба да почекаме да се заборави она што стана со него и со Лазора. Сега сите добро разбираат дека Максим и Костадин друга и поинаква кошница му плетат на Хаџи Ташку од оваа што им ја продаваат ним овдека. И сите добро знаат каква ќе биде таа, а Лазор, зашто е уверен дека кога ќе настапи денот и часот, за да му даде задоволување, Костадин него ќе го повика – И уште кого друг, сигурно Атанас Јанчески? – за заедно да го пресретнат Хаџи Ташку. Ако е така, вели измирен со судбината, ако нашава работа ја оставиме за други да ја извршат, јас, еве, да се потурам со пепел. И ќе му се поклонам на Хаџи Ташку ако е за потребно. Додава, а во душата жали што нема да излезе како што си науми, да го убие Хаџи Ташку среде Прилеп и среде бел ден, а потоа, ако успее да побегне, добро, ќе стане ајдутин. Само така ќе го измие срамот што го насобра кога како зајак бегаше од едни двајца заптии, кои не му беа ни до појас. Од денеска натаму, кој и да го сретнете, каде и да го сретнете Хаџи Ташку, немојте да викате Ујдааа по него, вели Атанас Јанчески. Ќе му пристапите смерно и ќе му целивате рака, како да е вистински наш господар и божји праведник. А ти, Лазор, му вели на Лазора свртувајќи се спрема него, ќе трчаш пред него-зад него, ќе џвакаш и ќе пазиш да не го препали некоја лишка однадопица, како да си му вистински загар. Ти, Атанас, што и да речеш, што и да направиш, нема да го вратиш во живот татка, вели Никола Јанчески. А ние за тоа се собравме овдека, за да се испазиме да не испратиме и друг кај него. Оти никој од нас не е Исус Христос па да воскресне. На небо, вели Атанас, сите воскреснуваат, кој во рајот кој во пеколот. Ама дотогаш и додека не му ја скине сенката на Хаџи Ташку некој кој е од мајка роден, сите ние ќе бидеме како искачени и распнати на крст. Како Исус Христос што бил, брзо додава. Пред посилните од нас не треба само да се петелиме, со ум треба да ги надвиеме, вели Никола и се свртува кон другите: Ако дојдовме, вели, за да се договориме што ќе правиме со ова што стана со Дазора, ќе направиме како што рекоа Максим и Костадин. Ако јас знам дека и за друго дојдовме. Препирката меѓу браќата Јанчески сите ги сневеселува. Навистина, мажите Јанчески, откако загина стрико Анѓел и откако Боше нивни замина од Потковицава, како наеднаш да набубрија, и навистина на две различни страни, на едната Никола и братучедите, кои сè погласно се замешуваат во заедничките работи на Потковицата, а на другата сам Атанас, кој постојано вели Душава нема да ми се примири додека не го видам татка одмазден, но Никола е глава на сиот сој Јанчески па не чини ова што му го прави Атанас, ако продолжи да не му се покорува на брата си, на лошо ќе го истера сиот сој Јанчески. А има и едно друго нешто, или две други нешта кои ги чудат жителите на Потковицата. Никола и Атанас, и покрај што се препираат, постојано се заедно, како да се близнаци, како да го делат старешинството. Тоа е едното, а другото е што кога ќе стане збор за коњот што им го остави ним ајдутинот, а кој си го присвои Тахир бег Јаузоски, сосема се согласуваат, двајцата велат Добро направи Тахир бег што нѝ го одзеде, оти да останеше Мурад наш, досега ќе беше пцојсан за храна. Не чини да се препирате, им вели Костадин Дамчески на браќата Јанчески и вели Измирувањето со Хаџи Ташку и за друго нѝ е потребно. Колку години како бараме одобрение за ѕидање црква, а тоа не стигнува, вели, оти битолскиот грчки владика е против нас. Ако пуштиме за некое време Хаџи Ташку да нѝ биде свештеник и ако се преправиме дека сме зеле да се грчиме, владиката не само што ќе нѝ помага да добиеме одобрение за ѕидање црква, туку ќе нѝ помага да добиеме одобрение за ѕидање и на општина и на училиште. А сетне тие ќе бидат грчка црква, грчка општина и грчко училиште, вели Јосиф Акиноски. А не наши. Ако не оставиме да ги осветат грчки попишта, а ние нема да оставиме, ако писмото во црквата биде наше, а не грчко, ако децата во училиштето се учат наше писмо, а не грчко, ако во општината се служиме со наше писмо и наш јазик, црквата, општината и училиштето ќе бидат наши а не грчки, вели Максим Акиноски и ја зема од скутот тутурката која на краевите и на средината е заврзана со црвена панделка. Потоа му вели на Васила Митрески Донеси четири помали камења и додека Васил оди да донесе камења, тој на другите, покажувајќи им ја тутурката, им вели Ова е планот на работите што сакаме да ги соѕидаме и вели Божем затоа досега не сме можеле да добиеме одобрение за ѕидање, оти не сме имале план. В сабота, ко ќе отидеме во Прилеп, божем за да се измириме со Хаџи Ташку, планов и едно писмо, кое сега сите ние ќе го потпишиме и во кое на султанот убаво му кажуваме кои сме и што сакаме да соѕидаме, ќе му ги предадеме на Мустафа ефенди за тој преку Битола и Солун да ги препрати таму во Стамбол. Ние, јас и Костадин Дамчески, вели погледнувајќи во Васила кој ги донесе камењата и сега држејќи ги в раце стои над него, планиравме оваа година таму, во Стамбол, да испратиме наши претставители и тие да му го предадат планов и писмото лично на султанот, но прилепските првенци не советуваа да не го правиме тоа. Султанот може да се допраша, рекоа, кај валијата, кај битолскиот грчки владика, оти ние наш немаме, дали заслужувате одобрение за ѕидање, а тие налутени дека сте ги прескокнале, да му одговорат дека не заслужувате, па и овој пат ништо да не направите. Значи, вели Цветан Велјаноски, на Мустафа ефенди не му е доста што тој нè одбира, туку нè потклава и пред валијата и пред владиката, за и тие да можат да дрпнат некоја пара од нас. Мустафа ефенди е оварда кога се работи за наши лари, вели Максим и ја преместува тутурката од десната во левата рака; првин полека, претпазливо, ги симнува панделките од неа, потоа се навалува нанапред и со лицето на дланката на десната рака ја чисти, небаре ја мазни, тревата пред себе. Откако го направува тоа, левата рака со тутурката ја положува на земја, а со десната полека, претпазливо, почнува да ја одвиткува тутурката и кога сосема ја одвиткува, на неа останува една друга помала тутурка и исто заврзана со црвена панделка. За неа сите други помислуваат дека е тоа писмото што треба да му го испратат на султанот, а Максим му вели на Костадина Земи го. Значи, навистина е писмото, сите другите се уверуваат и си помислуваат дека Костадин сигурно знае за него отпорано штом Максим му вели Земи го и штом тој го зема без збор, а кога Костадин го зема писмото, за да остане тутурката на земјата таква, одвиткана, односно за да не ја одвее развигорот, Максим, држејќи ја, му вели на Васила Митрески Нареди ги камењата на ќошевите. А кога Васил ги наредува камењата на ќошевите на раздиплената тутурка и кога тој седнува на тревата покрај неа, Максим се исправа на столчето; исправен така на столчето на другите им прави место да можат да се доберат над раздиплената тутурка и да ја разгледаат одблизу. Надвиснати над неа, над тутурката, главите на сојовите отпривин ништо не разбираат, но после, откако ја препознаваат Потковицата, и зашто ја гледаат нарисувана, силно се возбудуваат. Со испружени кажипрсти, притоа не допирајќи ја рисунката, покажуваат што е што и кое кое е. Тогаш пак се замешува Максим, се навалува нанапред и зема да им објаснува: Ова е, вели, црквата со гробиштата на Рамник на Горник и вели. Ова овдека општината е, на два ката и со визба. А ова, последново, продолжува, училиштето е, исто на два ката и со визба, но со повеќе одаи. За некогаш, ко ќе најдиме и учителка, да можеме и девичански одделенија да си отвориме, додава. В црква и на гробишта, вели, нов пат ќе води, пругоре низ сокакот Дамчески и Џокоски, а сите кои живеат во Дупка и на јужните падини на Станкоски Рид в црква и на гробишта ќе одат по нов пат, сами што ќе си го разгазат – одовде, накосо, над училишната и општинската ограда. Ако се согласувате со планов, вели повторно исправајќи се во столчето, да ви кажам уште и тоа дека за начелник на општината го предвидуваме Костадина Дамчески, за учител Јосифа наш Акиноски, а за свештеник, за некое време и за да се полакомат Грчиштата, Хаџи Ташку, па да го потпишеме писмото и да си отидеме по дома. Време ручек е, вели загледувајќи се во сонцето кое е застанато точно над оградите имотски и вели Недела е и празник. Ако не може поинаку да биде, а гледаме дека не може, не можеме да го пречкртаме Хаци Ташку да не нѝ биде свештеник, вели Никола Јанчески, да го потпишиме писмото и да се здоговориме како ќе одиме и кога ќе одиме во Прилеп, – в петок одвечер или в сабота зараното? По мое, вели, најдобро е ако тргниме одовде в сабота зараното, па таму некаде пред Прилеп или точно во Прилеп да нè изгрее сонце. Оти ако отидеме одвечер, вели, може да нè снајде некоја невола, како што го снајде Лазора. Добро е што вели Никола, вели Коте Ризески, да го потпишеме писмото, да се здоговориме за одењето во Прилеп и да се разотидеме по дома. Зашто, вели загледувајќи се нанакај чифлизите, кој знае што си мислат агине гледајќи не вака собрани, може си мислат кој знае за што се здоговараме. Знаат за што се здоговараме, вели Костадин Дамчески. Оти без нивна согласност ништо не можеме да правиме, Максим и јас за сè им кажавме. А за одењето во Прилеп, дали ќе стане в петок одвечер или в сабота зараното, ќе ви се каже. Важно е сите да знаеме дека в сабота ќе одиме во Прилеп и да бидеме спремни. Ех, вели Цветан Велјаноски, ако нѝ успее ова со општинава и со училиштево, отпрвин ќе нѝ служат само нас, ама после, ко ќе ја видат ползата од нив, може ќе се здружат со нас и веселчанци и тројкрстчанци и тополчанци, а може и некои подалечни села. Рано е за тоа да зборуваме, пак вели Костадин Дамчески. Сега е потребно за друго да се здоговориме. Во неделите и во празниците, кој кога ќе има време, да почнеме со кршење камен за општината и за училиштето, за црквата веќе имаме искршено. И нема да правиме како што направивме тогаш, нема да го пренесуваме ваму, на срецело; таму, на лице место, секој сој ќе си прави своја копа, па на крајот сите ќе знаеме кој сој колку дал за општината и за училиштето. Мислам оти да се здоговоривме, вели Максим Акиноски и му вели на Јосифа нивни Акиноски Собери го планот, а потоа на Костадина Дамчески му вели Дај ми го писмото. И додека Јосиф нивни Акиноски го собира планот, откако пред тоа од ќошевите ги истава камењата и додека потоа го прави тутурка, тој, Максим Акиноски, претпазливо, ги симнува панделките од писмото, а за тоа време и после, додека го одвиткува, на сите другите им вели После, откако ќе го прочитаме писмово, кој знае сам ќе се потпише, а тие кои не знат ќе ги потпишеме или јас, или Костадин или Јосиф. Главно, да сме сите на број, вели и вели А потоа ќе си отидеме по дома. И кога сосема го одвиткува писмото, зема да го чита: „Ополномоштително и за осведочение потврдително на општината, црквата и училиштето нѝ во народното соединение и единомислие. Ние, долупотписаните селани, православни от вера, понеже родум Бугари и верни поданици на н. и. в. Султан Абдул Азис, премилостави наш цар и татко, кому всевишни Бог да подарува многуденствие, од кого се удостоивме најсетне и великодушнаго и многогодишно – ожидаема царска милост, за која сме неописимо признателни и молиме бога за благоденствието и свековечението на царството му, единодушно и согласно като се опираме на дадени нѝ царски ферман и правителствените нѝ закони, за свободното и самостојателно обштествено нравствено развитие, за какво си избрахме народна обштина, која сос обштински печати ополномоштјавана и задолжавана да се трудит и работит и кога ет нужда пред чесното правителство да се представја за нас и наше лице и уста да бидит. Задолжителната ѝ работа ет в три нешта. 1-во: да устроит црква, во која си сакаме да си слушаме молитвите и словото божие на јазикот нѝ като сичките нѝ брајка Бугари по царштината. 2-ро: да устрои училиште в кое сакаме да ет мајчинијот нѝ јазик и прво на него да се воспитуваат челадта нѝ наша, сетне на турцки и најсетне, ако имат време и на други. 3-то: затова и основјаваме народната нѝ црковнообштествена обштина, да се устроит, а која колку за управлението има да си устрои устав и правилник, кое нешто да бидит основа на дејствијата и, сообразно со приличните за то правителствени закони и да го представјава народот пред секое званично место, за кое нешто ќе држит редовни преписи на дејствијата си по наша за това запечатена кондика, а решенијата ѝ ке бидат приети од нас като обшто. И оште: Ние се обврзјаваме самоволно да ги подржаваме и подкрепјаваме сос слово, сос дело, сос помоштна рака и заплата речените нѝ Костадин Блаже Дамчев, претседателја на обштината, Јосиф Оносим Акинов, учителја нѝ, Хаџи Ташку, свештенико нѝ, за това и за сичко горереченото потврждаваме като се подписавме сос своја рака.“ Само четиринаесет дена изминаа откако главите на сојовите од Потковицата го потпишаа писмото со кое од султанот бараат да им издаде одобрение за ѕидање црква, општина и училиште, и само седум дена откако му го предадоа на Мустафа ефенди, прилепскиот кајмакам, за тој преку Битола и Солун да го препрати таму, во Стамбол, но и едниот и другиот ден, оној во кој го потпишаа писмото, неделата на Свети 40 Маченици, и оној во кој го предадоа, првата сабота по Свети 40 Маченици, заедно со писмото и заедно со надежите, желбите и намерите содржина во него, никој не ги ни споменува во Потковицата. И машко и женско, и мало и големо, и христијанско и турско, христијаните крстејќи се и во истото време изговарајќи Господ да го дочува во живот Лазора, а Турците, на чело со Тахир бег Јаузоски, кој и заборави да го прошетува Мурата, Ај анасана, ај џган, уште од раното се купчат на портите, на срецело пред дуќаните Акиноски и на чешмата, на бунарите, во дворот и на чардакот Акиноски и само за тоа зборуваат: минатата сабота токму во време пладнина, нивните мажи, главите на сојовите, се нашле таму во Прилеп, на Али Чаир, за со свои очи да се уверат во силата Лазорова, и за потоа со свои очи да го видат нештото кое тука, на лице место и пред сета насобрана народија, ќе му го прекинеше животот на човекот, а кое не го стори тоа, не го однесе на оној свет, само затоа што е Лазор голем и силен како никој друг на земјава, па ножот и куршумите, кога влегле во месото негово удриле на коските и тука се запреле. И само затоа што речиси во истиот час, веднаш штом го пренесле кај делениците Акиноски, Јосиф Акиноски, со усвитен нож му направил операција, му ги извади куршумите. Ете оттогаш, од ова време минатата сабота, откога го донесоа Лазора помешечки испружен на кочијата Дамческа и го искачија во гостинската одаја Акиноска, трае оваа возбуда во Потковицата. Оттогаш, од минатата сабота, Лазор, кутриот, гори во треска, а Јосиф бдее над него, и дење и ноќе, и со разни лекарства му ги плакне раните и му ги ублажува болките. Една од раните Лазорови, онаа со нож убодената, се испоганила од нешто и никако да зацели. Никако и Јосиф да излезе од одајата и да им каже на луѓето што станува со човекот, има ли надеж да прездрави? А еве и овој ден ќе изврви, сонцето ја прејде Голема Вода и сега навалува накај ридиштата. Утрешна Света Недела, нејзе ѝ се молат потковичаните, таа да му донесе оздравување на Лазора, олеснување на неговите и на сите други и несреќа на душманите кои го ранија. Минатата сабота, зараното, (Максим и Костадин Дамчески од страв од незгоди не го поведоа одвечер) главите на сојовите стигнаа во Прилеп, на ан кај Богатиновци: така си мислеа, расправијата помеѓу Хаџи Ташку и Лазора таму стана, па и измирувањето меѓу нив таму да стане. Но таму, во дворот на анот, го затекнаа Хаџи Ташку со дружината и една тајфа Арнаути од Кичевијата. Овие, Арнаутиве, уште во средата дојдоа во Прилеп, со себе доведоа еден пеливан, некојси Исо, на кого цели три дена, акајќи по прилепските аништа, му бараа јунак спроти него, то ест некој кој ќе се согласи да му излезе на Иса на мегдан во борење. Така натрапија на Хаџи Ташку и дружината, а овие, пак, веднаш им зајамчија дека ќе им најдат таков. Само, им рекоа, стрпете се до сабота; тогаш ќе дојде на пазар еден фалбаџија од овдешните села, тој сигурно ќе сака да се фати со Исо. Инаку, ни за мангар не го бива; но зашто е голем, добро ќе му дојде на Иса да го испружи колку што е долг, така Исо ќе си ја умножи славата, без ништо да изгуби, а селаништето ќе научи во иднина да не се перчи дека нема помаж од него. Хаџи Ташку од порано известен од Хаџи Панови, делениците Акиноски, дека в сабота ќе дојдат потковичаните за да се измират со него, намисли да ги состави и да ги збори Иса и Лазора. И плашејќи се да не Исо се исплаши кога ќе го види Лазора толку голем и се откаже од борењето, зеде да го исмева Лазора и да го с’ска Иса против него. Затоа сега кога ги видоа во анот потковичаните и над сите нив извишен Лазора, и едните и другите, и дружината Хаџи Ташкува и Арнаутите, прв Хаџи Ташку, навалија на Лазора да се согласи да се збори со Иса. Лазор, кутриот, сиот онемен и сиот пожолтен, не од страв од борењето со Иса, беше сигурен дека нема, не се родил човек кој не може да биде кутнат од него, туку од еден сон што го сонуваше ноќта помеѓу средата и четвртокот (тогаш, во сонот, од еден џган, од сите вери и раси, насобран на една непозната ледина се зададоа две црни кучиња и едното еднаш го укаса долу во слабината, а другото двапати горе за левата плешка, а од песните и од кажување на стари се знае дека ако те укаса на сон црно куче, значи те укасал душман, поправо те укасал нож или куршум од рака на душман) само гледаше во Максима и затоа се почувствува многу олеснето кога тој рече Не сме дошле да правиме борачки, Хаџи Ташку; имаме да свршиме многу работи а една и со тебе, да се измириме, но првин да ја свршиме оваа со Мустафа ефенди. И знаејќи дека таму кај што има борачка има и плачка, и знаејќи дека таму кај што се собрале Арнаути има и кавги кои секогаш со лошо завршуваат за христијаните, ги одведе потковичаните на ан кај Стомнаровци. А таму, на ан кај Стомнаровци, откако ги отспрегнаа колите и откако ги врзаа коњите во пондилата, во меаната на штрек чекаа да дојде Аџи Пано, стрикото Максимов: по него, за да го извика, Максим го испрати калфата Стомнарски. А кога дојде Аџи Пано заедно со Тодора Кусев и Спира Биолче, заедно со новиот прилепски учител, со Димитрија Стружанецот, и уште со некои прилепски првенци, сите заедно отидоа на општина кај Мустафа ефенди. Тој, пак, Мустафа ефенди, сиот напернат и сиот облечен во срма и кадифе, и од порано известен од страна на прилепските првенци за намерите на потковичаните да дојдат кај него и да му предадат за султанот писмо и план за ѕидање на црква, општина и училиште и за нивната желба да се измират со Хаџи Ташку, ги дочека силно израдуван. Одржа една куса реч во која ги пофали потковичаните што се одѕвале на желбите на султанот, (да му се илјада години и севишниот да му ги умножи блаженствата и радостите) за општествено равненство на народите во империјата, ги прими планот и писмото, (покрај парите за такса Максим му тутна и едно навезано кожно ќесе со лири) и испрати по Хаџи Ташку – милум или со сила да го дотераат; рече Измирувањето со тој кодош има пред мои очи да стане. Не би час и Хаџи Ташку достаса, заедно со општинарите кои отидоа да го повикаат, заедно со тајфата и со Арнаутите од анот Богатиноски. Сите другите останаа долу во дворот на општината, а сам тој бувна во канцеларијата на Мустафа ефенди. Уште додека беше на прагот направи поклон, првин спрема Мустафа ефенди, потоа и спрема прилепските првенци, а кога се исправи, божем силно израдуван што се измирува со нив, лисецот ги прекрсти потковичаните, како да му се верни и вековни парохијани, и изјави дека знае зошто е повикан, дека му се радува на измирувањето, но и дека има нешто да придодаде во врска со измирувањето. Има, рече, во дворов на општинава еден пеливан од Кичевијата кој од пред три дена низ сета каза прилепска бара јунак спроти себе, а нашиот прилепски јунак, кој ќе го надвие кичеецот, еве го, покажа на Лазора. Лазор, кутриот, се сврти наврапито спрема Максима, но Мустафа ефенди, како и сите Турци голем љубител на борењето, рече Јас ставам две лири на нашинецов и веќе немаше кој да одречи да нема борење помеѓу нив, помеѓу Лазора Перуноски од Потковицата и Иса од Кичевско: Мустафа ефенди го испрати протуѓерот да ја разгласи борбата за точно напладне во Али чаир па сите заедно слегоа во дворот на општината за да ги состават борачите. За судија на борбата Мустафа ефенди го одреди прилепскиот кадија Абдурахим Али. Од половина нагоре голи, по целото тело, и преку гајќите, до стопалата на нозете премачкани со шарлаган, борачите тргнаа од Ат Пазар. Лазор, зашто беше таков, гол и премачкан со шарлаган, нешто што беше и срамно и понижувачко, со наведната глава, а Исо, за цела глава понизок од Лазора, но многу поплеќест и подебел, речиси гргулест, ги креваше рацете над глава, плескаше со нив, се вртеше во круг и извикуваше борбено. Напред пред борачите одеа тројца зурлаџии и еден тапанџија, свиреа, корнеа зурлите, бувташе, уриваше тапанот) а по нив сета прилепска чаршија, сите пазарџии, меѓу кои и главите на сојовите од Потковицата. Поминаа низ Бавчанџиско Сокаче, од под Саат, низ Казанџиско Сокаче, покрај Шарена чешма и низ Вишне Маало излегоа на Али Чешма, а таму ги дочека мноштво народ и сите прилепски првенци, Турци и христијани, веќе поседнати во полукруг на тревата на веленца што си ги донесле од дома. На знак на Абдурахим Али и при уште посилно трештење на зурлите и тапанот, борбата отпочна. Лазор, уште позасрамен, само се вртеше во круг како уловен во стапица и чувајќи се да не биде потфатен и уште веднаш, уште и незапочната борбата кутнат, (имаше скроено план ко ќе поодмини борбата, за да си ги прекине маките, сам да му се предаде на противникот) со поглед, меѓу прилепските првенци, го бараше Максима. Кога го најде, со делениците нивни Акиноски и со сватоштините седеше близу до Мустафа ефенди, уште повеќе се засрами: дека имаше скроено таков план, сам да се предаде, то ест да му подвали и на Исо и на сите кои дошле да ја гледаат борбата, особено на христијанштината која очекуваше тој да излезе победител. Се реши да се бори и почна да посига по Иса. И само по две, три, потфаќања се увери дека под убаво измазнетото сало се кријат силни и итри мускули, и уште повеќе се разгори. Но, невешт во борењето, никако не успеваше да го земе Иса на колк и да го удри од земја, ниту пак да го дофати со десната рака за неговата десна рака, горе над дланката, а со левата за неговата лева нога, долу под глуждот, и да го акне од земја. Исо, пак, вешт, силен и сигурен во својата победа, се вртеше околу него, плескаше со рацете, со еден збор тераше подбишега со Лазора. Борбата се повеќе се разгоруваше и колку повеќе се разгоруваше толку повеќе се оддолжуваше. Викањето на сеирџиите и трештењето на зурлите и на тапанот стана толку гласно, што се чинеше го оглушија просторот дури догоре, до небесата. Во еден миг борачите се преграбија преку половина, тогаш на сите им се стори дека е сè свршено, дека Исо ќе го свитка вудве Лазора, ќе му го здроби ‘рбетот, но се случи спротивното: Лазор му се извлече на Иса малку настрана, го преграби одзади за половина и како да беше од лесен полесен го префрли преку левата рака и го акна од земја. Додека Лазор полека се иставаше од местото на борењето, едно Арнаутче истрча од џганот и му удри нож во левата слабина. Лазор рикна како попарен и се загна, со ножот во слабината, по него, по Арнаутчето; го дофати, ги вклеште рацете околу неговиот врат и го поткрена од земја, но тогаш два куршуми, едноподруго, се забија во неговата лева плешка, па Лазор се нурна нанапред и падна на земја, со Арнаутчето под себе. Тој час народот се распиште и се разбега на сите страни, а заптиите и војниците, пред сите Јосиф Акиноски, потрчаа да ги одвојат Лазора и Арнаутчето. Кога го иставија Лазора од Арнаутчето, тој беше сиот искрвавен и онесвестен, а Арнаутчето и живо и свесно но со здробен врат. Тогаш настапи Мустафа ефенди; на заптиите и на војниците им издаде заповед да ги фатат и да ги отераат Арнаутите во апсаната прилепска, а Лазора да го однесат во војничката болница за да го излекуваат, но Јосиф не даде; Сами ќе го излекуваме, рече. Потковичаните го спружија Лазора помешечки на веленцето Хаџи Паново и го пренесоа дома кај нив, кај Хаџи Пановци. Таму, во кујната Јосиф со усвитен нож му ги извади куршумите од плеќите и му ја запре крвта, а потоа, и пак помешечки, го натоварија на кочијата Дамчески, во меѓувреме сам Костадин ја дотера, и ова време, околу мала ужина, ни жив ни мртов го донесоа во Потковицата. Прикрепувајќи го едниот од едната другиот од другата страна, Максим и Јосиф го изнесуваат Лазора од гостинската одаја на чардак. Тахир-бег Јаузоски, Мустафа Салиоски и Костадин Дамчески, силно возбудени, стануваат и секој го турка својот стол нанапред, за да седне на него Лазор, но Максим и Јосиф, двајцата во еден глас велат Вие само седете си, Лазор овдека ќе седне. И го седнуваат Лазора на столот веднаш до вратата, спроти сонце, а потоа и тие двајцата седнуваат на столот, едниот од едната другиот од другата Лазорова страна. А нему, на сонцето, за да се сокрие зад Плоштина, му остануваат уште само два, три, остена... – А тоа време е достатно, смета Максим загледан натаму, накај Камен, да може човек, ако тргне сега од Имотот, од Западна Порта, со ден да стигне на Камен и пред првиот мрак да се врати назад. Часов е како создаден за една таква прошетка: целата Потковица, од сртовите на ридовите, прудолу по падините и во бавчите е раззеленета и како полеана со златото на залезот, воларите веќе се враќаат во населбата, а стадата се симнаа на долните падини на ридиштата. Секој кој ќе го види, или кој чул дека заминал натаму, накај Коритница, ќе си помисли дека излегол на прошетка за да си даде одушка по сите овие возбуди, или, пак, дека отишол да запали свеќа на Латинска црква во слава на оздравувањето Лазорово... Само, како да направи да си отидат луѓето а пак да не изгледа како тој да ги набркал. Ете, вели, сега сите можеме да се израдуваме, Лазор оздрави. Голем е гопод, вели Тахир бег.И нему, и на гопод ќе му беше криво таков јунак од надопица да загине. И вели, извадувајќи од појасот цела лира и подавајќи му ја на Лазора, за побрзо оздравување и оти го победи Иса. Лазор ја зема лирата со треперлива рака и заедно со лирата раката пак му клапнува на колена, толку е изнемоштен. Нурнат малку нанапред со двете раце, десната ступаничена, се потпира на колената, и зашто сонцето му беше право в очи а не свикнал на него, цели седум дена не излегол на сонце, со напор се искосува малку влево. Исо за ништо не е виновен, вели; Хаџи Ташку сакаше да се бориме, тој и го има ова смислено. Така е, вели Тахир бег. Тој поп голем шмеќар е. Се слуша тие го отепале и стрика Анѓела Јанчески, ама оти вие велите дека стрико Анѓел си умрел од своја смрт, јас ви верувам. Многу неволи нѝ прави, вели Костадин Дамчески, а ние во писмото до султанот него го бараме за да нѝ биде свештеник. Ако дојде некогаш во Потковицава, со скршени нозе ќе се врати назад, вели Мустафа Салиоски. Сака уште да рече Ние сме Турци и господари, вие каури и раетини, но сите овдека живееме заедно и право е едни на други да си помагаме, но вели, покажувајќи на Јосифа, Јосиф заспа. Максим се наведнува нанапред и преку Лазора загледан во Јосифа, вели Уморен е, и тој рамно со Лазора не спиеше. Потоа оди во гостинската одаја оттаму донесува две веленца, со едното го наметнува Јосифа, а со другото Лазора и вели Сè уште е студено навечер. Ние сега да си одиме, вели Тахир бег, а си мисли сега, кога помина лошото, ред е и Мурад да се прошета; одовде, по Градишки Пат, смета, ќе отиде до Голема Вода и низ Забелски Ливади преку Коритница ќе излезе на Долга Чешма, потоа низ Торојца ќе стигне на Алилово и довечер по Пазарџиски Пат ќе се врати назад. Да си одиме, вели Костадин Дамчески и правејќи им пат на Тахир бег и на Мустафа Салиоски, (кој поминувајќи покрај Лазора и оставајќи лира во неговата рака вели Утре пак ќе дојдеме) му вели на Лазора Гледај побрзо да оздравиш, Хаџи Ташку сигурно знае дека сакаш да се сретнете. На чардакот остануваат сами. Максим, кој откако ги испрати тројцата до скалите се врати и седна на столот. Лазор кој ја има едната, десната рака ставена на чело, над очи, и гледа накај Коритница, и Јосиф за кого не се знае дали спие или одшто е капнат од умор ја има главната потпрено на ѕидот и замижан гледа некаде во далечината. На Лазора, изненадеж очите му пливнуваат во солзи, а потоа солзите пребликуваат и течат прудолу по лицето. Многу сум ви благодарен, господару, вели, тебе и на Јосифа. Ме спасивте од смрт. Максим, гледајќи го расплакан Лазора, толкав маж, многу се разжалостува – над Лазора, над Јосифа, над себе и над сите потковичани и над сиот нивни живот; со двете раце се удрува по колена и станувајќи вели Го нема Васила, за да им кажеше на твоите дека си оздравен. Плеснува со рацете и почнува да вика по Параскева и децата, за час на чардакот дојдуваат сите Акиноски, а од некаде, од визбата бездруго, заедно со Карамана и Васил Митрески. Ете, вели Максим покажувајќи на Лазора, помина лошото, Лазор оздраве. И вели Некој сега треба да им каже за тоа на неговите, но за такво нешто, сам гледа, нема потреба: од кај живеалишните куќи на имотските луѓе, преку дворните места, трчаат сите имотски луѓе и пред сите нив, со шамијата в раце, Лазорица. Максим влегува во гостинската одаја, од масата го извадува пиштолот, го сокрива в пазува и кога излегува на чардак на Јосифа, кој станал во меѓувреме, и на другите им вели Ко ќе застуди влезете внатре, а на Васила Митрески Ние со тебе, Васил, ќе се прошетаме малку. И правејќи си пат меѓу имотските луѓе, кои сè уште трчаат пругоре по скали на чардак, влегува во визбата; таму, од ѕидот до вратата, го симнува малото секирче, го сокрива в пазува, па кога излегува од визба, на Васила, кој остана да го чека пред вратата, му вели Одиме. Преку дворните места на имотските живеалишни куќи и низ Западна Порта излегуваат во оградите и низ бавчите, прегазувајќи ја Голема Вода, се завкачуваат спрема Коритница, сè со вјасање – Максим за чекор понапред од Васила и од Карамана. Кога стигнуваат на Латинска Црква, веднаш над Кладенец, Максим застанува и се свртува спрема населбата: облеана со боите на залезот, таа изгледа како позлатена, а имотските прозорци и пенџерињата од четирите турски кули ждракаат право натаму, накај Плоштина. На срцело пред Мала врата Јанческа, по сокаците и дворовите разодуваат луѓе. Од куќата Дамческа се крева едно јато чавки, некое време лета над чифлизите, потоа, од кај Имотот, свртува спрема Дупка и таму се спушта на дрвјата. И еден коњаник се задава од населбата и по Градишки Пат брза спрема Голема Вода. Ти, Васил, вели Максим, овдека ќе ме чекаш. Господару, вели Васил, сака да рече Знам што ќе правиш но некако решително и во исто време и молејќи вели. И јас ќе дојдам. Добро, вели Максим, се свртува и зачекорува по патчето што води низ шумата спрема пругоре, спрема Камен. Васил и Караман клинкаат по него, постојано заостанувајќи зад него. Кога стигнуваат пред првата спила, во којашто се најдува седелката на бувот, Максим, испулен спрема пругоре, миг, два, размислува од која страна да се искачи дотаму, до седелката, скришум, за да не го исплаши бувот па тој да излета. Потоа го соблекува палтото, му го подава на Васила и зема да се качува направо спрема седелката, која е водорамна пукнатина во спилата и пред која, од левата страна, расте ниско и осамено дреново дрво; за него, смета Максим ќе се држи кога ќе го убива кобникот. Кога се исправа пред седелката, со левата рака држејќи се за дрвото, а во десната држејќи го секирачето, некое време се навикнува на темницата внатре, потоа, кога го здогледува бувот, исправен и скукален сред седелката, го зема со секирчето од страна, оддесно. Бувот се препрчалува в лево. Максим повторно го зема со секирчето, потоа со сечилото на секирчето го трга накај’ себе и го истуркува од седелката. Прудолу по стената бувот се истркалува пред нозете на Васила и на Карамана, и двајцата го гледаат заплашени. Кога се симнува од спилата, Максим, и не погледувајќи ги Васила и Карамана, го зема бувот за нозете и го запотегалува горе на спилата, таму да изгине. Потоа се свртува и се испулува спрема населбата, а таа, сè уште облеана со боите на залезот, сè уште изгледа позлатено. Еден и најникаквиот столб на ропството, зашто, сепак, бувот е само едно невино пиле, вечерва урна во слава на оздравувањето Лазорово и во знак на решеноста негова и Костадинова некогаш наскоро да го премавнат Хаџи Ташку. Остануваат уште многу такви столбови, незнајни и знајни, мисли на четирите турски кули и на нивните господари, со кои ако не тој и неговите врсници, децата ќе мораат да се потфатат еднаш, зашто се туѓинци и поробувачи. Си одиме, му вели на Васила и зачекорува по патчето спрема шумата над која, на долни крај, како порта низ која се влегува и се излегува од шумата, се извишува полупрстенот останат од куполата на Латинска Црква. Господару, палтово, вели Васил. Максим се свртува, го зема палтото од Васила но не го облекува, го стуткува под мишка и продолжува да граба пред Васила и пред Карамана – што побргу да стигне на Коритница, за таму, во некое од коритата, не на Кладенец, за да не ја испогани водата, да си ги измие рацете и да го измие секирчето, – да не однесе крв дома, меѓу децата, кои сè уште не се пораснати за такви работи. Крај на трета книга 12. Таму, пак, каде што се зглобуваат јужниот и источниот лак, за уште петстотини до шестотини метра над сртот на Потковицата, почнувајќи рамно од него, како некаков глужд, кој настанал поради тектонски шинувања, се извишува Чауле. Врвот е гол, безводен и конусовиден. Со голо око стражари над сето Бакарно Гумно, а со дулбија, долж, Битолско Џаде, односно долж железничката линија, на север и исток сè до Прилеп и Мариово, а на југ и запад сè до Битола и Железнец. Сега таму, на највисокото, сместено е противградобијна станица. Но пред да почнат војните, Чауле им служеше, како прибежиште, првин на ајдутите, а после, кога се организира народот, и на комитите. Откако ќе попленеа и ќе запалеа некој турски чифлиг, ваму бегаа. Турците, додека не сфатија дека се недосегливи бунтовниците, ќе донесоа војска од Прилеп и Битола и ќе удреа на нив. Но штом војската ќе излезеше од шумата, или штом ќе се завкачеше по острите падини на врвот, од тополечка страна или од кај страната Битолско Џаде, веднаш бидуваше косена. Бојот ќе траеше неколку дена, а потоа, ноќе, откако ќе испоубиеја многу турски војници, бунтовниците се повлекуваа. Бегајќи по источниот лак и спуштајќи се низ неговите надворешни падини, низ полето, по доловите и суводолиците, стигнуваа во мариовските планини. Или, пак, бегајќи по сртот на јужниот и западниот лак и спуштајќи се низ нивните падини, преку блатата и мртвиците и преку Црна стигнуваа во Железнец, или пак, во крушовските планини. Оттаму, по истите патишта, се враќаа уште подрски и уште помногубројни. Најпосле, пред да почнат големите буни и востанието, Крушовското, во 1903-та, Турците се досетија да го запоседнат Чауле. Направија нешто како касарни и донесоа војска во нив, но не смогнаа сили и да останат долго таму. Ниту еден од карваните со зајре, наменети за војската, цел не стигнуваше таму; уште од местото на тргнувањето бунтовниците ги преследува. Карванџиите ги убиваа, водата ја испуштаа од мешините, храната ја поганеа, коњите и оружјето го пленеа, а војската, иако горе, на Чауле, гладна и жедна, не смееше да се симне долу, во полето, и да ги ограбува чифлизите: нивните стопани, Турци, имаа власт и над војската. Во сојузничките војни, пак, против Турците по победата над нив на Алинци, во есента 1912-та, прва во Потковицата навлезе српската војска. Но таа не покажа интерес да ги завладее ниту Чауле ниту пак околните ридови. На војниците, лошо хранети, лошо облекувани и лошо обуени, во опинци, повеќе им се исплатуваше да останат во населбата и како знаат и умеат да доаѓаат до храна, топла облека и покрив над главата, а офицерите, повеќе политичари одошто војници, место да поведат сметка за војската, сè преземаа за да ги уништат Началствата, она во Потковицата и од околните села. Тоа, што не го завладеаја Чауле и околните ридови, и што беа погани со народот и со луѓето од началствата, на Србите луто им се одмазди. После, во првата Голема војна, првин бугарските, во есента во 1915-та, а потоа и германските војски, енергични, откако ги прогонија Србите од Потковицата, веднаш ги зазедоа и Чауле и сите стратешки позиции, а падините на ридиштата, и горе над шумата и долу под шумата, ги ишараа со окопи, направија земјанка и чекаа. Кога после, при крајот на војната, српските војски, здружени со француските, се обидоја да ги прогонат, тие целото лето, целата есен и целата таа зима куртулуваа од пешадиските, артилериските и авионските напади. Особено страдаа француските колонијални војници. Лошо обучени, или направо жртвувани од Француската команда, тие ќе јурнеа право пругоре кон окопите, а таму Бугарите на нож ги дочекуваа. Целата населба, секоја куќа, секоја плевна, секое трло се претвори во болница а полето во гробишта. А жителите на Потковицата, оние истите што во Првоо срско, во 1912-та, ги дочекаа со леб и сол, како сојузници и пријатели, сега, по заповед на војводите, со ништо не им излегуваа во пресрет. Истото се повтори и во последната Голема војна. Германците и Бугарите, кога, во 1941-та, повторно ја завојуваа Потковицата, покрај што ги обезбедија сите завои, сите усеци и мостови на Битолско Џаде, па мостовите и завоите на Црна, и мостовите и усеците на железничката линија, Германците, сами, на Чауле поставија осматрачница. Оттаму, во текот на целата војна, со топови бувтаа по сојузничките авиони што доаѓаа да ги бомбардираат нивните колони што по Битолското Џаде и по железничката линија, преку Битола, се точкаа кон Солун а оттаму за Азија и Африка. А понекогаш, дали од уѕур и здодева, дали само за да го потврдат своето присуство на Чауле, или само тераа шака со жителите на Потковицата, туку ќе истрелаа по некоја граната во воздух. Главно, ретко слегуваа во населбата. Само колку за да откупат, или одземат, некоја свиња, некоја кокошка, јајца или алкохол. Вистинското свое лице, цинично и безмилосно, го покажаа на крајот на војната. Македонските војници, млади селани-партизани, во есента 1944-та, јуришаа по голините за да ги освојат нивните утврдувања, а тие, откако ќе ги пуштеа блиску до себе, ги косеа. Потоа, кога нашите ќе отстапеа во шумата, тие излегуваа од окопите, ги собираа на куп убиените, ги натураа со бензин и ги палеа. Таму, на Чауле, на местата каде што гореа нашите војници, и ден денеска не расте трева. 13. Спуштајќи се право прудолу од Чауле и рамно по средината негова, по добро натратено патче, го разгазиле овчарите и сите желници кои од Потковицата се искачуваат на врвот за оттаму да ја гледаат околината, во заветрината што ја сочинуваат јужниот и источниот лак, длабоко во шумата, човек ќе наиде на густеж од диви рози, капини и бршлан. Над густежот се разгранува див орев, на неговите гранки и на капините наоколу скапува разна облека, машка и женска, и според везот празнична, а внатре, во густежот, во една спила, се таи, во усама, Молитвена Вода. Спилата целата е исчадена и искапана со висок, а од кладенецот, место бразда, прудолу низ шумата и низ полето, спрема населбата во Потковицата, води добро разгазено патче. Порано, во последната Голема војна, тука, на Молитвена Вода, и во најнеочекувано време во денот и годината, среде пеколно лето и среде зима, на полноќ, среде јасник, гореа свеќи. Сега ретко кога горат, но исто така во најнеочекувано време на денот, ноќта и годината, некогаш одамна, во земуница, молел и го поминал животот некој грешник (очајник, покајник – или што ли бил) од Акиноските. Долго по него, тука наоколу, се расфрлаа неговите коски, но и нив земјата, невремето, ѕверовите и последната Голема војна сосема ги уништија. Поради него, поради Акиноскиот што молел тука, кладенецот го завикале, а и ден-денеска така го викаат, Молитвена Вода. Од сите знаменити води, Молитвена Вода, откако се паметува, играла најзначајна улога во животот на населбата во Потковицата и на сите околни села. Со својата света неприкосновеност ги регулирала меѓучовечките и социјалните односи, ги прочистувала срцата и душите, го крепнела менталното здравје на луѓето, нивната вера и надеж во бога, во сполуката во бојот, во вредностите и вечноста на човека. Длабоко навредените, оскрбените, грешниците, покајниците, осамените, јадосаните, очајниците, неутешените во љубовта и во загубата на најмилото, луѓето исправени пред неизвесноста и ризикот на следниот чекор, животните корабокрушеници, – сите, сите идеа тука и на дивината наоколу, на небесата над Потковицата, на овчарите и на случајните намерници, лелелкајќи гласно им ги доверуваа своите тајни и несреќи, своите болки и загуби, своите намери и решенија. И никој поради тоа не ги осудуваше, не ги презираше и не ги земаше на подбив. Напротив, стануваа некој вид недопирливи, светии. Едни, по исплакувањето на Молитвена Вода, прочистени, успеваа да се вратат во крилото на семејството и во крилото на заедницата, (таквите беа оставени на мира, како ништо да не се случило со нив и во нивниот живот), други, кои и потоа, и по исплакувањето на Молитвена Вода, не успеваа да си го повратат мирот и спокојството, стануваа тихи и вовлечени во себе, чудаци, трети, длабоко неутешените, или стануваа божјаци, или одеа во манастир, или непречени од никого, заминуваа некаде и не оставаа по себе никаква трага. За сите нив, по нив, остануваа само добри зборови. Последен кој молеше на Молитвена Вода, беше Атанас Дамчески, петто по ред од шесте деца на Ѓорета Дамчески и трет по ред од четирите негови синови. Чудно момче беше тој Атанас Дамчески. Русокос, висок, тенок и убав како нарисан, уште малечок, во 1947-та, кога татко му Ѓоре Дамчески и деленицата нивни Божин Дамчески Штркот паднаа во затвор, беше се завлекле со Методија Андонов Чентото и Ѓорета го осудија на девет а Божина на единаесет години затвор, мајка му, Илинка Дамческа, на која останаа другите пет деца, алипниот свекор – Блаже Дамчески, и сиот немал имот, го даде кај делениците во Прилеп да изучи за ковач, што сосема, сосема не му одговараше на ликата. Па, сепак, Атанас, тих и срамежлив, го изучи занаетот, израсна во вистински далјан. Веќе момите, и градските и тукашните, кога ќе дојдеше на сведен или во Света недела, за да се види со своите, се обѕрнуваа по него, веќе сама мајка му Илинка, загрижена, го потпрашуваше, оддалеку, дали нема некоја во градот, и каква е таа, кога тој, за чудење на сите, предвреме, доброволно, замина војска, морнарица. Кога се врати од војска, по три години, не поседе в град ни три недели, туку еднаш, во делник, сред лето, во време жетва, неочекуван од никого достаса во Потковицата; првин бил дома си, се видел и се избакнал со деда си Блажета, потоа собрал фотографии од сите домашни, и – се огласи од Молитвена Вода. Тој ден, кога Атанас Дамчески молеше и лелекаше на Молитвена Вода, остана за приказ во Потковицата. Се чинеше дека небото, како што беше ведро и извишено, одненадеж се распукна, падна на земјата и се парчоса, дека птиците ги спуштија крилјата и се притаија во седелките, дека се стивна и се заплати, дури и жегалците, а луѓето во полето, жетварите, ги исправија снагите, ги префрлија срповите преку рамо и стаписани го слушаа Атанаса – толку што беше неочекувано, и жалоито, речиси нестварно, неговото лелекање и редење. Го редеше Атанас сиот сој Дамчески, од кој, откако се знае во Потковицата за Дамческите, толкумина паднаа за жална Македонија; го редеше Атанас татка си свој, Ѓорета Дамчески, кој, одејќи по патиштата на дедовците и стриковците, и по патиштата на татка си Блажета Дамчески, уште од младешки години окапа по затвори, за истата таа Македонија, а таа, кога се ослободи и кога тој им беше најпотребен на децата, на жената и на имотот, го затвори; ја редеше Атанас мајка си Илинка Дамческа, на која, при жив маж, и помина животот како на вдовица, во црнина, ги редеше Атанас браќата свои, кои при жив татко беа небаре сираци, потурнати, а кога зеде да ги реди сестрите, Милица и Милјана, е, тогаш – на сите кои го слушаа им препукнаа срцата. Мажите рекоа Тпвуу, ‘бати животот и со голите петици ги нагнетија плуканиците во земјата, а жените и чупите, ги симнаа шамиите, ги распуштија косите и зедоа и тие да редат заедно со Атанаса, зашто тоа што се случи со чупите Ѓореви, со Милица и Милјана, е најжалосното нешто што може да му се случи на родител, на брат, на ближен. И двете беа русокоси, високи и стројни како самовили а умреа во најрадосно време за една мома и за нејзините, кога беа свршенички. Кога наврши Милица двајсет години, со одобрување добиено од татка и Ѓорета од затвор, се посврши за некое момче во Прилеп, а само по еден месец по свршувачката, умре, одненадеж. А потоа, само четири години по неа, кога и таа наврши двајсет години и кога и таа се посврши, само еден месец по свршувачката, умре и Милјана, како и сестра и, одненадеж. Ја закопаа во гробот Миличин, коските Миличини и ги ставија под мишки на Милјана, божем требаше да ги однесе таму, на небо, кај душата нејзина. На закопот беа сите жители од Потковицата, и старо и младо, и машко и женско, и свршеникот и роднините негови дојдоа од Битола, и сите на глас ја редеа. Само, човек се прашуваше: кого ли редат луѓето – дали умрените, дали татко им Ѓорета, кој, поради пуста Македонија, ни за нивната свршувачка ни за нивната умирачка не беше тука, ни да им се изнарадува ни да ги исплачи, дали мајка им Илинка, која, во еден миг, како што стоеше на работ на гробот небаре скаменета и без солзи, туку рипна внатре во гробот, го прегрна ковчегот и викаше, молеше, заколнуваше и неа, заедно со ќерките, жива да ја закопаат... Ех, таго ле, откако се знае Потковицата себеси, небиднината владее со жителите нејзини, таа ги искоренува... А кога се заплати Атанас, во време ужина, главите на домаќинствата им рекоа на своите во полето Доста за денеска и сите, од сите страни, се сјатија во населбата во Потковицата, во дворот на Дамчевци Џаџовци. Си помислија дека таму, во затворот му се случило нешто на Ѓорета, штом Атанас толку силно го плачеше, или дека му се случило нешто, лошо, на некого од Ѓоревите тука, во Потковицата, или, пак, дека нешто лошо му се случило лично нему, на Атанаса. А кога стигнаа во дворот, на прагот на куќата нивна, ги најдоа мајка му Илинка, браќата и деда му Блажета, тихи и скукалени. Веруваа, се надеваа дека Атанас, по исплакувањето на Молитвена Вода, ќе си дојде дома и ќе каже што го натерало толку силно и толку жалоито живи да ги оплакува. Но кога тој таа вечер, наредниот ден и наредната ноќ, не дојде, мајка му, со шамијата в раце, лелекајќи се загна во Прилеп, кај делениците, за од нив да дознае нешто за Атанаса. Но тие ништо не знаеле да и кажат; ја посоветувале да се врати дома си и да чека да види на што ќе излезе сето тоа. Набргу потоа, по враќањето на Илинка од град, по ден или два, од Прилеп и од општината од Тополчани во Потковицата достасаа милиционери и агенти и од човек на човек се распрашуваа што правел, што зборувал и кого го напаѓал Атанас Дамчески таму, во ридиштата. Но таков беше законот во Потковицата, непишан но строг, за сите што молеле на Молитвена Вода никој жив уста да не отвора. Па поради тоа, кога се стивна сета работа, пукнаа два гласа, едниот, го пуштија жителите на Потковицата, дека и него, и Атанаса Дамчески, како и татка му Ѓорета, го затвориле властите и сега кријат од неговите и од луѓето, а другиот, бездруго дојде од нив, од властите, дека Атанас избегал во Грција а оттаму во Америка. Во тоа време имаше такви работи. Многумина од Потковицата, од околните села и од градовите, бегаа таму, во Грција и преку море, па на тоа и се остана – да се чека и да се види што ќе донесе времето. А тоа, времето, истата таа година, пред Божик, донесе писмо од Атанаса – од Австралија, од Перт. Во писмото Атанас испрати две фотографии, во боја, едната им ја испраќаше на домашните а за другата, нив, домашните, ги молеше да му ја испратат на татка му Ѓорета во затворот. Понатаму, во писмото, Атанас ги молеше мајка си, браќата и деда си Блажета да му простат што не им се кажал пред заминувањето, но тоа го сторил зашто се плашел дека ќе го попречат да замине, а тој оттаму, од Австралија, ќе можел уште повеќе да ги помага, зашто му било добро и зашто добро заработувал. По сè што се случи со Атанаса Дамчески, и по распитот, потоа, на властите за сè што тој зборуваше на Молитвена Вода, традицијата да одат луѓето таму и гласно да молат, да лелекаат и да си кажуваат што си мислат, што ги боли, се прекина. Тоа, навистина, некои и потоа продолжија да одат, а некои тоа и денеска го прават, но од страв да не бидат обвинети од властите, молат, лелекаат и проколнуваат тивко, за никој да не ги чуе. 14. Источниот лак на Потковицата понизок е од западниот и јужниот па изгледа како целата Потковица да е навалена натаму, накај изгрејсонце. Поради тоа и поради што е отворена спрема север, нејзините жители имаат лажен впечаток дека кај нив порано изгрева и подоцна зајдува сонцето, но и дека поради студените северни ветришта, е многу, многу постудено од, на пример, во Тополчани и Тројкрсти, кои лежат на надворешните, јужните, односно југозападните падини на Потковицата. Тоа, навистина, поради шумата, поради доловите и усоите, снегот во Потковицата подолго се задржува, и многу подоцна зајужува, но тоа само пролетта ја прави подолга, поубава и поцветна. А и летото не е како она надвор од неа, во полето и ливадите никогаш не стигнува сè и докрај да изгори. Навечер, пак, кога сонцето ќе се спушти ниско над Плоштина, и кога, малку потоа, ќе завлезе зад грбот на Потковицата, па сенките на западниот и јужниот лак ќе се издолжат дури до населбата на Станкоски Рид, а зраците на залезот ќе се прекршат во прозорците на куќите, тоа е навистина неискажлива убавина. Се чини никаде на друго место, освен во Потковицата, нема толку убав, толку цветен, и толку долготраен залез. И никаде толку жив залез, толку многу исполнет со противречни чувства, спомени и размисли. Птиците, по дневните жештини, ги напуштаат седелките и сенките, првнуваат од житјата, од тревите, од короните на дрвјата, и гласејќи се една на друга, почнуваат да го надлетуваат просторот над Потковицата, вршките на дрвјата, покривите на куќите; жабите се огласуваат од ендеците, вировите и блатата, некоја осамена ѕвезда заискрува на небото, и гората зашумува и ветер повејува. Сето тоа во душата на човека налева радосни чувства, но тишината, ох, таа, дебела и напластена, без луѓе, без овчарски свирки и довикувања во гората, без момински одзиви преку песни и смеа од градините, од бунарите и чешмите, без думани прав од гојда кои се враќаат од паша по Голем Пат, разбудува помисла за тоа колку многу човек е поводлив, кревок и неотпорен спрема сè она, убаво, што се случува надвор од него, во природата, додека останува беспомошен да влијае на својот сопствен живот – не успева, или не му е дадено, или не му даваат, сам да го одреди неговиот ток, па се џари во празно со насолзени очи низ самракот, и му се причинува дека тука некаде, над него и околу него, во воздухот, притаено чукаат срцата на отидените ближни, на самовилите, на легендите и преданијата, на војните и војводите, срцето на животот што беше, што се закоренил некогаш одамна тука и се ископачи, па му иде да отрча на Молитвена Вода, да се пласне пред кладенецот и да нададе глас, не против неправдите што му се сторени лично нему, туку против неправдите што му се сторени и што му се прават воопшто на животот... .... Тогаш, до пред десетина и повеќе години, во лето, и додека сè уште не беа раштркани по градиштата и низ светот, жителите на Потковицата излегуваа да спијат надвор, во дворовите, под отворено небо. Мајките уште од раното ќе ги постелеа рогузините, ќе ги навечераа децата и ќе ги полегнеа еднододруго, а тие, дечиштата, до грло покриени со ложниците, до долго во ноќта не заспиваа. Гледаа во ѕвездите и гласно погаѓаа која чија е, а кога ќе му се стореше на некое за некоја од ѕвездите дека е негова, ја прескокнуваше, зашто постоеше верување дека тој што ќе си ја погоди ѕвездата, ќе умре. И возрасните, без оглед на напорите во изминатиот ден, и без оглед на утрошените напори, долго, долго не заспиваа. Којзнае по кој пат го преразгледуваа веќе одамна утврдениот план за работите во полето, потребите за домаќинството, или се грижеа за отидените во војска и во затворите и, притајувајќи ги здивовите, чекаа да се огласи Кобникот од Бучало, или, едноставно, Бучалото. Имено, таму кај што се вливаше Алинска Река во Бучинско Блато, нешто подолу од устието, кај врбите на Свето Враче, во најдлабокото, веруваа дека се сокрива некаков ѕвер, за кој кажуваа дека има мали куси и дебели нозе, кој е мрак, то ест по целото тело обраснат со сива мов, жителите на Потковицата и жителите на сите околни села го викаа Кобникот или само Бучалото. Се јавуваше само пред да започне војна и само додека траеше војната, па според неговото бучење, то ест јачење, луѓето претскажуваа колку долго ќе трае војната и колку крвава ќе биде. Во една таква ноќ, во летото 1941-та, во истиот миг кога се огласи Бучалото, на небото од кај Прилеп спрема Потковицата се зададе нешто светливо и брзо и ги крена на нозе жителите на Потковицата. И уште пред да стигне светливото и брзото на влезот на Потковицата, до нивните уши допре шум на мотор, па тие брзо заклучија дека се работи за аероплан. Но зашто тогаш не поминуваше никаков воз по железничката линија, кој би можел да биде бомбардиран, а не допираа ни шумови на моторни возила што се точкаа по Битолско Џаде, појавата на аеропланот силно ги изненади и ги возбуди. Уште повеќе и за тоа што леташе ниско, над самиот гребен на источниот лак. Аеропланот брзо ја прелета населбата и таму, кај Молитвена Вода, се откина нешто од него и тапо акна во ридиштата. Веднаш потоа аеропланот брзо и лесно се извиши и го прелета Чауле, се изгуби во ноќта. Утрото, беше недела, жителите на Потковицата отрчаа таму, каде што претпоставуваа дека нештото се откина од аеропланот и на Црн Камен најдоа голема бомба, колку еден вол. Дополовина, од кај шилестото, зеленкаста а од половината натаму црвеникава, небаре ‘рѓосана. и навистина, испружена на камењарот, бомбата прилегаше на вол, и така гледаше во нив, тапо и рамнодушно, небаре вол. Неколку недели чекаа да дојде некој од властите од Тополчани, од Прилеп, или од Битола и да се заинтересира за бомбата, но кога се пронесоа гласови дека овчарите, а и некои од дечиштата, оделе таму и ја прерипнувале со стап, или без него, се уплашија да не се стори некоја пакост, па ги одредија Крстета Јанчески, кој во Воро бугарско стана кмет на Потковицата, Најда Акиноски и Горета Дамчески, кој од помладите луѓе изби во прв ред, да отидат во Тополчани, а ако не успеат таму во Прилеп, ако не успеат и таму во Битола, и да бараат да дојде некој оттаму и да ја растури бомбата. И тогаш, и секогаш кога повторно ќе отидеа да бараат да дојде некој и да ја растури бомбата, само им ветуваа дека навистина овој пат ќе испратат некого, но во текот на целата таа година никој не се појави. Дури во пролетта во 1942-та, дојдоа, од Прилеп, со џип, потпоручникот Куцаров и двајца германски офицери; го собраа Крсте Јанчески од дома, го качија во џипот и го одвезоа на Црн Камен. Но таму ништо не сториле со бомбата, само ја разгледале и по ручекот, дома кај Јанчевци Крстевци, си заминаа за Прилеп. Жителите на Потковицата требаше да чекаат уште една цела година па да дознаат што ќе стане со бомбата. Во пролетта во 1943-та, пак од Прилеп, и пак со џип, дојдоа уште одвечер и се сместија кај Трповци, потпоручникот Куцаров и двајца цивилни, агенти. Утрото ги собраа мажите на срецело и пред сите нив му заповедаа на Ѓорета Дамчески да ја натовари бомбата на воловска кола и сам да ја отера во Прилеп. Каде, кај кого во Прилеп, не му кажуваа, но отворено му се заканија дека ако одбие да ја изврши заповедта, не само што ќе го затворат веднаш, туку овој пат нема да го пуштат жив да излезе од затвор. За припомош, само додека ја натоварат бомбата на колата, му доделија двајца копуци, но силни мажи, како него. Алекса Ризески Дикса и Бориза Енда. Тоа, да ја отера бомбата во Прилеп на воловска кола, иако неексплодирана, намерно им го сторија на Ѓорета Дамчески, на Дикса и на Бориза Енда, намерно им направија така. Сите тројца беа осомничени, а во Потковицата тоа секој го знаеше, дека соработуваат со комунистите во Прилеп: собираа пари, обувки, облека, храна и оружје за партизаните, но зашто не можеше ништо да им се докаже, односно зашто имаше кој да го заштитува Ѓорета, деленицата нивни, Божин Дамчески Штркот, кој таму, во Софија имаше своја фабрика за шеќер и врски со дворот, секогаш кога ќе ги затвореа по неколку дена ги пуштаа, а тие, предводени од Ѓорета, пак си ја продолжуваа старата работа. Вака, со бомбата, изнашле начин како да се ослбодат од тројцата наеднаш, но мажите и сите жители на Потковицата отворено се побунија. Не само што не можат тројца мажи, колку и да се тие силни, да ја качат бомбата на воловска кола, рекоа, туку таа, зашто патот до Црн Камен и оттаму до Прилеп е нерамен, полн дупки, при најмал потрес може да експлодира па да ги убие и луѓето и воловите. Но ништо тоа не помогна, полицајците останаа на своето, а сам Ѓоре, после расправаше, во еден миг помислил или да им избега или да ги остави да го затворат, но кога размислил подобро, се откажал од тоа. Се уплашил дека полицајците за одмазда, можат да ја остават бомбата таму каде што се најдува па таа да убие некого од овчарите или од децата и се согласил да ја однесе бомбата во Прилеп. Тогаш, кога Ѓоре Дамчески Џаџоски рече дека се согласува да ја отера бомбата во Прилеп, Крсте Јанчески, војводата, иако во постојани сфатки со Дамческите, дали за инает на полицајците, или за овојпат да си остане таков каков што беше секогаш, праведен, одреди уште петмина мажи, меѓу кои и најмалиот од тројцата свои синови, Тодија, да отидат на Црн Камен и да им помогнат на првите тројца да ја натоварат бомбата на колата. Постелена како за на свадба, со повеќе ложници, здиплени во неколку ката, со осуммина мажи, кои одеа по неа, и со една жена, Трајана Дамческа, мајка му на Ѓорета, која ги водеше воловите, колата тргна од срецело. По неа тргнаа и сите жители на Потковицата и тројцата полицајци и ја испраќаа до Зедница, до Бел Камен. Тука Крсте Јанчески ги запре луѓето; Одовде, рече, се гледа Црн Камен, а ако е за да убие таа некого, доста се овие деветмина што ѝ ги испративме. Седна на каменот, ја симна пушката од рамена, ја стави в скут и се загледа во полицајците, кои, иако се правеа осилени, стоеја настрана од народот, тројцата на купче собрани, и уплашено се ѕвереа на сите страни. Не сте вие подобри од нив, им викна Крсте. Од кои не сме подобри, праша Куцаров. Од Србите не сте подобри, одговори Крсте, а јас од овој час не сум кмет на Потковицата. Донесете си оттаму, од сарие реели некого за да ви биде кмет. Ја извади крпата од појасот и откако си ја избриша потта од лицето, на мајките, жените, сестрите и децата на отидените на Црн Камен, некои гласно лелекаа, други тивко плачеа, им заповеда: А вие престанете да кобите. И додаде: Со нив е Трајана, таа нема да ги остави да се опакостат. Неа, Трајана Дамческа, мајка му на Ѓорета, зашто беше висока како далјан, и зашто навистина беше комитка, уште од пред востанието во Крушево 1903-та, никогаш уште отогаш не го симна чифтето од рамена, сама управуваше со момците, со аргатите и со сиот имот на Дамчевци Џаџовци, жителите на Потковицата, и на сите околни села така ја викаа, Комитка. Таа, Трајана Дамческа, иако беше жена, за сè што ќе се договореа да направат или ќе направеа жителите на Потковицата, имаше свое мислење и по свое го правеше и, мора да и се признае, повеќе пати работите излегуваа на нејзиното. Така и сега постапи; кога се согласи син ѝ Ѓоре да ја отера бомбата во Прилеп, го симна чифтето од рамена, му го предаде на Крста Јанчески и му рече А ти во замена ќе ми ја дадеш пушката твоја, за ако се најде некој будала да ми се плетка во работата по пат, да го стокмам. Потоа отиде дома си, сама ја постели колата со ложници, сама ги спрегна воловите и – ги поведе мажите на Црн Камен. А таму, на Црн Камен, се стигнува по две патишта. Излегувајќи од заветрината на Молитвена Вода и одејќи во источен правец, по средината на падините на источниот лак и низ шумата, и по друг, од населбата во Потковицата преку Зедница и низ Драмчески Ливади. Црн Камен е мал, мазен, заокруглен, црн рид, (веројатно таков, црн, е поради составот на каменот, гранит чиј состав содржи повеќе железо) кој уште од сртот на источниот лак се слизнува во Драмчески Ливади. Од трите страни, од горната, источната, од јужната, од кај Молитвена Вода, и од северната, од кај Станкоски Рид, заграден е со шума, а само од долната, од западната, од кај Драмчески Ливади, сосема е отворен и пристапен. Во неговите подножја, на горниот крај на ливадите, се најдуваат Драмчески Извори, кои се излеваат направо во ливадите и на тој начин, излевајќи се во нив, ги прават постојано зелени и питоми, па жителите на Потковицата сиот тој предел, ливадите и нивјето, го викаат Питоец. Кога стигнале таму, на долни крај на Драмчески Ливади, расправаа после мажите, Трајана му рекла на Тодија Јанчески да остане со колата и таа сама со другите мажи отишла да ја извиди бомбата. Имала намера да ја разгледа, точно да ја одреди капсата нејзина, а потоа со пушката, од стотина метри далечина да стрела во неа, но се откажала од намерата. Може да не ја погодам, рекла, веќе стара сум, а со стрелањето во капсата може само да ја предизвикам за кога ќе ја креваме, или после некогаш, ако ја оставиме овдека, сама од себе да пукне и да убие некого. Затоа викнала по Тодија да ја дотера колата и сите заедно, лека полека, помагајќи си со штрангите што си ги понесоа од дома, ја натовариле бомбата на кола. А тогаш, кога ја качиле бомбата на кола, Трајана ги набркала сите седумина мажи, сина си Ѓорета намерно го испратила да оди двесте- триста чекори напред пред колата, божем за ако има камења да ги отстранува и да ѝ кажува кај има дупка, а сама, откако се прекрстила, ги повела воловите, и – нога за нога право прудолу. Кога стигнала на Зедница, и после, додека минуваа низ населбата, жените со кофи истураа вода пред нив, за да им помине лесно работата, како по вода, а полицајците сè уште уверени дека ќе успеат да ги убијат Ѓорета и мајка му Трајана, некако радосни, скокнаа во џипот и по Пазарџиски Пат одмаглија накај Прилеп. Но Трајана, итра жена, од страв од нив, да не ѝ направат некоја пакост по патот, за да ги избегне под мостовите на железничката линија и песочиштата во реките, на Алилово, до таму ги испраќаа жителите на Потковицата, ја сврти колата низ веселечките ливади. И, прекутрупа, и сè така, Ѓоре двесте, триста чекори напред пред колата, таа водејќи ги полека воловите, излегле на Битолско џаде, кај Алинци. Луѓето, што ги сретнуваа патем, кога ќе ја виделе бомбата искачена на кола, им викнувале Кај ја носите бомбата, будалишта; ќе се убиете сами и други ќе убиете и заостанувале далеку зад нив, или истрчувале далеку напред пред нив, или скршнувале од џадето. Во Прилеп, пред касарните на Црвени Брегови, Стигнале околу четирите часот попладнето, а од Потковицата излегоа околу десетте изутрина. Што значи, патувале шест саати, четири повеќе од кога се оди нормално. Часавојот кој стражарел на портата на касарната, кога ја видел бомбата, се исплашил силно и трипати едноподруго пукнал во воздух. Околу колата и околу нив дотрчале многу бугарски војници и офицери, но и тие, кога ја виделе бомбата и кога дознале дека не е експлодирана, пцуејќи ги Ѓорета и мајка му и нарекувајќи ги мрсници се разбегале на сите страни. Останал само еден офицер, некој мајор, а тој ја прашал Трајана. Кај ја носите бомбата, госпожа? Во Прилеп, господине, рекла Трајана. Госпожа, каде, кај кого во Прилеп? Не знаеме, господине, рекла Трајана. Заповедано нѝ е мене и на син ми да ја донесеме во Прилеп, но не нѝ е кажано каде и на кого да му ја предадеме. Мајорот се налутил; им заповедал да останат тука, да не мрдаат од местото каде што стојат додека тој не се врател, а се вратил дури по еден саат, за чудно чудо на Ѓорета и на Трајана, со никого друг туку лично со Јована Акиноски, и бил уште поналутен. Но не на Ѓорета и на мајка му Трајана, туку на некого таму, во касарната или во Прилеп. Им рекол Таму не ја сакаат бомбата, тие сакаат да ве убијат, а Јован Акиноски, кој во меѓувреме ја разгледал бомбата, му рекол на мајорот Може господине. Потоа им рекол на Ѓорета и на мајка му да ја отераат колата полека преку железничката линија, долу во врбјаците, блиску под касарната. Потоа сè било готово, за само черек саат. Кога Ѓоре и мајка му Трајана се вратиле со воловите од врбјаците, Јован Акиноски слегол таму, кај бомбата, и набрзо се вратил со капсата в раце и смеејќи се. Но Трајана веќе не била меѓу живите. Умрела, незабележано, додека седела во сенката на воловите кои Ѓоре ги придржувал на џадето пред портата на касарната. Пред тоа ја видел само како ја поднаместува пушката во скутот, како посигнува во пазувата и како потоа ја запетлува кошулата на градите. Во раката, кога заедно со војниците ја товарале на колата, ѝ нашле 100 лева, бездруго имала намера да му ги даде на Јована Акиноски кој ја растурил бомбата. Ѓоре ѝ ја отворил раката, ги зел парите, ги дал на војниците, а потоа, доцна ноќта, мртва си ја донесе дома. Трајана ја закопаа другиот ден, во време пладнина. Од дома, до Гробиштата, горе на Горник, ја носеа војводите и син ѝ Ѓоре. И сè живо во Потковицата, и старо и младо, и машко и женско, одеше по носилата и плачеше, како за најблиско. 15. Од средината на јужните падини на Црн Камен шумата продолжува. Спуштајќи се прудолу по падините со себе ја исполнува Драмчејца, мала и осојничава заветрина, потоа искачувајќи се, по северните падини на Црн Камен, полека и скалесто, го досегнува сртот на источниот лак и продолжувајќи по него, во северна насока во расчекор го фаќа Станкоски Рид. Слично на кривоног, заокруглен, измазнет и севезден весел продавач на бои: во пролет зелени, во лето пепелави, во есен бакарно-црвени и во зима бели, ридот истрчува од шумата и продолжува да трча право прудолу и право спрема дното на Потковицата , се додека не се израмни со него. Меѓу неговите краци, меѓу Ѓорник и Зедница, среде столетни дабови и ореови дрвја, со прочуени бунари за питка вода, се тетоши Загориче, или уште како што ја викаат малечката и населена заветрина – Дупка. На Горник, горе на Рамник, се најдува главата на селските чешми, црквата и селските гробишта, додека Зедница – тоа е мал и сув рид кој некогаш морал да се вика Изеница или Заеница, но со испаѓањето на è-то или а-то, што е тенденција во пелагониските говори за скусување на зборот, го добил името Зедница. Имено, тука, на Зедница, зиме, кога ќе приклештеа и ќе се одолжеа студените денови, обично во време пладнина, кога сонцето, низ некој процеп на облаци, ќе смогнеше сили да испрати на земјата забести зраци, жителите на Потковицата во специјални корита, издлабени во стебла од дабови дрва и поткренати на ногари, ја крмеа и ја поеја стоката. Домаќинствата си имаа свои со ништо необележани но, откако помнеа, неотуѓиви крмилишта, кои, пак, во лето, во време на богоројчини пости, имаа друга намена. Со денови, дури и од други синори, домаќините на своите крмилишта довезуваа земја, црвеница, за газење црени. Црепните почнуваа да ги газат, на Руса Среда, 14 април стар стил, но тоа беше само отварање на црепнарската сезона. Вистинското правење црепни отпочнуваше првиот ден по Преображење. Уште од рани зори момите и невестите, засукани високо над колена, ја газеа калта, притоа низ песни им дофрлаа на сосетките: Нашие црени најлични, вашие црени – цреуки Миро ле, моме најлично, али и земја грулива, али и криви нозее, шо и се црени – цреуки? – Ихииии!... Ергените, од секое домаќинство по еден, токму оној што се замомчил и требаше да се покаже, или оној што требаше да избере и да биде избран од некоја од момите, за наесен, кога ќе започнеше мрсот, да се ќердосаат, дотураа вода во калта, искусните домаќинки, за радост на бабите и децата, – поседнати наоколу, ги виткаа црепните, сосетките одговараа: – Не ми се криви нозее, не ми е земја грулива, уку ми луо намигна, уку ми умо ошукна, зао ми се црени – цреуки. – Ихии!... Вечерта, пред зајсонце, домаќинствата се собираа тука. Донесуваа рогузини од ‘рженица, ложници, ракија, млад кромид, лук, пиперки и пресни погачи; на месечина, на огништа од суви лепешки и суварки редовниците приготвуваа за вечера свири иле. Тоа е едноставна и душмански лута манџа. Измешани со црвен пипер се запржуваат брашно и кромид, потоа сето тоа се тура во вода која врие и во која има турено сол и масло и во која се додаваат суви пиперки, везени; кога сето тоа добро ќе проврие, вечерата е готова. Ракија, од пагури, мажите пиеја и пред и по вечера. Некои, кои не држеа многу до постот, скршуваа во водата и јајца, за секого од домаќинството по едно. Така зготвената манџа и името си го менува, се вика Јајца на воа. И така, со песни и подбивки, со нови, штотуку збиднати љубови, и со сон под отворено небо, секој ден и секоја ноќ, во текот на две еедмици, додека не се исушеа црепните, односно додека не беа пренесени по домовите, во кошарите, жителите на Потковицата беа заедно. Таму, на Зедница, на сртот нејзин, за да можеа да бидат видени. од сите. страни и оддалеку, поредени во долга низа, и кренати на драгови, стрчеа десетина вивки од ‘рженица, натопени во смола. Во случај на некоја општа закана по населбата во Потковицата, мобилизација, реквизиција на стока, на волна, или на житото, цри пожар или поплава, сите тие наеднаш вивнуваа, ги потпалуваше селскиот протуѓер. Оттаму, откај вивките, тој ги извикуваше и новостите, и оттаму, од кај вивките, во зиме, со самоделски или со купечки санки, седнати на штици или во корита, по цел ден се слизгаа децата и младежите. И во нив, во вивките, за таа цел наметнати со стари шинели, украдени од сите војски што поминале низ Потковицата, во празнични денови, преку целата година, стрелаа возрасните. Нешто што, велеа, им останало во крвата уште од времето на комитите, кога тие, на очиглед на Турците и предводени од Михаила Акиноски се учеле да нишанат, а кое, денешниве власти, во согласност со потребите на Општонародната одбрана, усрдно го помагаат – и тогаш кога Потковицата беше полна со мажи, а и сега, кога е останат уште само некој од нив. 16. Од горниот раб на северните падини на Горник, веднаш од зад црквата и гробиштата, шумата продолжува. Се спушта во малечка заветрина, Јасики, и искачувајќи се по јужните падини на Зајачки Рид, испливува горе на ридот и по него се протегнува сè до Алилово, односно сè до крајот на источниот лак на Потковицата, односно сè до конечниот крај на целата Потковица. Ако човек за нејзин почеток го одреди почетокот на западниот лак, зашто може и поинаку да постапи: за почеток на Потковицата да го одреди почетокот на источниот лак, па одејќи околу наоколу и само по сртовите да стигне до Долга Чешма. Во заветрината, во најбујното, жуборат Виданови Извори. Порано, пред што Јанческите му направија таму куќа на Видана свој, тоа беше во предвечерјето на последната Голема војна, поточно во летото 1939 година ги викаа, едноставно, Извориште. Но откога Видан Јанчески, откако се насели таму, ги огради со убава дрвена ограда и на оградата стави вратниче со нажапчување, ги завикаа Виданови Извори. Ако човек добро поразмисли за нив, за Виданови Извори, не може да не ги спореди со садови со врзано дно. Толку се наблиску еден до друг, што, напросто, си ги мешаат водите и на тој начин прават едно единствено извориште. Зашто ни во најжешко лето не пресушуваат, и зашто водата е студена и лесна за пиење, жителите на Потковицата кон нив се однесуваат како кон природен резервоар на вода за домаќинствата. Од страв од изгнасување, порано, пред што ги огради Видан, пристапот на злонамерници до нив го бранеа со разни застрашувања, со чести стражарења, но најмногу, а изгледа тоа беше и најпочитувано, со измислување на разни фантастични приказни. Имено, постоеше верување дека тука, на Виданови Извори, идат да пијат вода душите на мртвите и светците од црквата. Некои, позанесените, одеа дури и дотаму што покрај изворите оставаа храна за своите умрени, она што најмногу сакале да јадат додека биле живи, а мајките на младите умрени девојки, покрај храната оставаа и везило и белило и црвило. Посебно затврднато беше верувањето дека мртвите идат да пијат вода од Виданови Извори во првите шест недели по умирањето, посебно ако домаќинството не стигнеше, во тие шест недели, секое утро рано-рано да однесе на гробот на умрениот бардаче со пресно налеана вода. Тогаш низ Порковицата се ширеа гласови дека некои го виделе умрениот како осамен, жеден и невесел (додека другите умрени во групи или редици оделе и се враќале од кај изворите) чека на падините на Горник, долу, под оградата на гробиштата. Од сите овие видувања на умрени кои слегуваат да пијат вода на изворите, најфантастично беше она, за Трајана Дамческа. Некој го измисли тоа а сите го прифатија, не дека снаата Илинка ката утро не и носеше барадаче пресна вода и кивче босилек какво што таа, Трајана, секогаш имаше прикачено за шамијата над увото, туку дека жителите на Потковицата никогаш не стигнаа да ја прежалат. Во тоа најмногу предначеа нејзините врснички и другачки, а од нив најмногу Тасија Ризеска Дртма, мајка му на Алекса Ризески Дикса, и Илинка Јанческа Талеска Кривата. Тие двете раскажуваа дека често ја гледаат Трајана како излегува од гробот и како, потем исправена, онака висока и со пушката од Крстета Јанчески на рамена, сам Крсте Јанчески предложи да ја закопаат заедно со пушката негова, го причекува да излезе од гробот до нејзиниот, малечкото од Ордена Чубукоска, го закопаа во ист ден со неа. А кога и тоа ќе излезело од гробчето, Трајана ќе го фатела за раче и ќе го поведела прудолу по падините на Горник за заедно да пијат вода од Виданови Извори. А откако, по пиењето вода, ќе се врателе на гробиштата, Трајана седнувала на плочта на својот гроб, до себе го седнувала малечкото и со пушката в скут долго, долго гледала кон населбата и кон полето. Потоа го испраќала малечкото во гробчето а таа си се враќала во својот гроб. Тасија и Илинка со оваа приказна за Трајана Дическа и за малечкото од Ордена Чибукоска, кое немаше ни полни пет години, отидоа дури дотаму што тврдеа дека еднаш, во времето на пладнина, кога отишле тие двете да налеат од Виданови извори вода за дома, дошла и Трајана со малечкото. Иако тие први стигнале до изворите, ѝ го препуштиле редот на Трајана. Таа, пак, Трајана, првин му дала на малечкото да се напие вода од копаничето, кое и денеска си стои таму, на изворите, потоа му ги замила обравчињата и го седнала на тревата. Потоа, откако и таа се напила вода, си го исплискала лицето и седнала на тревата покрај малечкото. Чувајќи ја пушката в скут, ја симнала шамијата, ја распуштила косата, руса, бујна и природна, како и наживот, и ја собрала кукул на тилот. Поседила што поседила така, па пак си ја прибрала косата, си ја заврзала шамијата, па станала и со пушката на рамена, водејќи го за раче малечкото, се завкачувала пругоре по патчето што води за накај гробиштата. Тогаш ја викнала Тасија: Трајана, мори, али нè позна, сестро? Трајана се обѕрнала кон нив, се насмевнала, и им рекла: Не ве дентисав од сенката, сестри. И пак чекала први тие да ѝ прозборат. Тогаш Тасија надала глас: Да би бел ден не виделе, да даде господ еден коски да остават по ридиштата гонејќи ги партизаните, на правдина ми те убија, сестро златна. Ама да си знаат, им се ближи крајот. Ете, Хитлер го отепа царот, Италија капитулира, а Ѓоре твој, Алексо мој и Борис Енда излегоа в планина. Со нив е и Чентото, и сиот народ се крена на оружје. Не викајте и не колнете, сестри, им рекла Трајана. Ќе ми го расплачете детулево, а тоа кутрото, постојано ме прашува за мајка си. Потоа замолчила, намнисала да си продолжи пругоре по патчето, но се премислила: А вие, сестри, им рекла, нема ништо да направите со викање и со колнење, туку правите како што правевме ние комитите, со пушки, со камења, со дрвја и со сè што ќе ви се здаде мавајте по нив. Замолчала па додала: Поздравете ми ги внуците, снаата и Блажета. И така, држејќи го за раче детулето од Ордена Чибукоска, со пушката преку рамена, си отишла пругоре по патчето. За оваа приказна, која ја оценија како пропаганда, комунистичка, полицајците три дена ги држеа затворени во амбарите Трпоски, а потоа ги однесоа во општинскиот затвор во Тополчани. Таму ги држеа уште други петнајсет дена и на крајот ги испуштија, биле кусодрамки и вештерки. Од Виданови Извори истекува прилично многу вода и по добро опкопан, а порано и редовно прочистуван ендек, кој се провира под Пазарџиски Пат, долу, кај Трпоски Брестови, се влева во Голема Вода. А оној што сака и денеска да се напие вода од нив, од Виданови Извори, ако доаѓа од населбата, треба да помине покрај црквата и гробиштата, кои се сега запустени, и спуштајќи се прудолу по патчето и низ шумата, на северните падини на Горник, а кога ќе дојде до изворите, да отвори една малечка вратничка, од изгнилени штици, и, пак, откако ќе се напие вода, внимателно да ја нажапчи. Таа на душите на мртвите, кога доаѓаат таму да пијат вода, не им пречи. Тие се провираат низ пукнатините на штичките и низ растојанијата од едната до другата. ...Населувањето, пак, на Видана Јанчески во Јасики, и сè што му претходеше на тоа, и сè што се случи потоа со него, со Видана, е долга и мачна историја. Слична на уште една таква во Потковицата, на онаа за Јована Дамчески и Роса Јанческа. И двете во ист час, во исто време и на исто место завршуваат: на зајдисонце, во време вршење, на Зедница, на Бел Камен, стотина метра потаму од јужниот ѕид на имотот Акиноски. Само по три работи се разликуваат: во Потковицата никогаш не се дозна кој го уби Јована Дамчески, додека за Видана и за Ристана Голушоска Гојдарката се знае – ги уби син ѝ на Ристана Димко Силистарко. Тоа прво, второ: Јована Дамчески зашто не беше ни христијанин ни Турчин, односно дека беше и христијанин и Турчин, го закопаа надвор од гробиштата, тука, на Бел Камен, и оттогаш Бел Камен се вика уште и Јованов Гроб и Турчинов Гроб, а Видана и Ристана, дека беа христијани, ги закопаа, со поп, на гробиштата, и трето, првата, Јовановата и Росината приказна, се случила многу оддамна, пред триста, четиристотини години, кога Потковицата ја имаа завојувано и ја владееја Турците, а вторава, оваа со Видана, и сè што е во врска со неа, започна во Првноо србско, во 1912 година, а заврши во Вороо бугарско, во 1943-та... Кога по бојот на Алинци, во 1912-та, српските војски ја завојуваа Потковицата, веднаш востановија своја, српска воена и цивилна управа. Училиштето и општината ги затворија, односно ги преселија во Тополчани и таму, на местото на поранешните, тукашни, довлечкаа свои, српски учители и општинари. Набрзо потоа и црквата ја затворија, односно ја пренесоа во надлежност на попот тополечки, и него го довлечкаа оттаму, од Србија, откако тукашниот свештеник, поп Цветана го уби мајорот Загориќ. Беше недела, втора година од владеењето на Србите во Потковицата, прв ден Велигден. Селаните беа собрани на богослужение во црквата, кога мајорот Загориќ, придружуван од десетина војници, бувна внатре и на очиглед на верниците го уби поп Цветана. Му го истргна од раце големиот сребрен крст и почна со него да го удира, удира по глава, се додека не му ја расцепи. Притоа викаше: Бугараш! Комита! Со бугарашка пропаганда го труеш народот. И додека мајорот Загориќ го убиваше поп Цветка, војниците, со ножеви на пушките и со пушките вперени во луѓето викаа Никој да не мрдне, сите ќе ве испоубиеме. Потоа, откако ги набркаа луѓето од црквата, многу црквени работи, книги, свештеничката одежда, икони, крстови собраа на куп и ги запалија во дворот, биле бугарашки, викаа, и од нив не требало поштук да има на земјава. Набрзо потоа се случи и она, претепувањето на луѓето од началството, кога мајорот Загориќ и неговите катили со ножици им сечеа меса од мускулите на мажите и со скршени срчи им ги гребеа писките на нозете. А за тоа, за да бидат српските војници толку погани со жителите на Потковицата, имаа посебни и нерасчистени сметки уште од времето кога српските четници, оние на војводите Јован Бабунски и на Вангела Скопјанчето токму овдека, во Потковицата, беа претепани и понижени. Тоа беше по востанието на Крушово, во времето пред Хуриео. Српските четници, откако успеале да поткупат некои луѓе од Тополчани и од Тројкрсти, дојдоа и во Потковицата со истата намера. Но се намерија на маж, токму на Михаила Акиноски. Му отишле дома му, како на најглавен претставник на Организацијата во Потковицата и почнале со арни зборови, со злато и со свила да го вијат да премине на нивна страна. Му предлагале да ги предаде своите, да се здружи со Ѕацеските, Вуѕеските, и Трпкоските од Тополчани и со Ржаникоските од Тројкрсти и заедно со нив да поведе српска чета. Михаил убаво ги слушал, но во еден миг рипнал, го измолкнал маликерот од под перница и им заповедал Никој да не мрдне, секој да остане каде што седи. Куќава е сардисана од четите на Костадина Дамчески и Крстета Јанчески и ако само еден мрдне од вас, сите ќе ве истепаме. И навистина беше така. Додека српските четници акаа низ селата, комитите им одеа постапица неодавајќи им се, а кога тие сами влегоа во клопка во куќата Акиноска, комитите фатија пусија и чекаа да излезат однатре, а кога тие излегоа, ги дочекаа со Горе рацете. И со подбишеги: ‘Беш ми мајку, мажи Поречани, сите со гајќи помочани! Потоа ги отераа на срецело и на секого по гол газ, на очиглед на луѓето, им удрија 25 стапови. Потоа со Ујдааа и со камења, разоружани, ги спопашкаа прудолу низ оградите. Само попот нивни, некојси Димитрија, пречанин, го задржаа. Тој поп, се зборуваше во полјанските села, бил многу поган со тие што не сакале да се посрбат. Измислил специјален начин на измачување и сам го крстил Српско покрстување на Бугараши. А тоа негово „покрстување“ се состоело во ова: ќе земел еден обичен селски нож чклипитар, ќе го ставел со тилјето на еден камен и удирал, удирал одозгора по сечилото на ножот со друг камен, сè додека да го отапел, А тогаш, кога ќе го направел ножот тап, да не можеш жаба да заколеш со него, ќе му го дадел на некого од четниците и ќе му заповедал да го заколи непослушникот. Притоа му заповедувал на четникот да го коле несреќникот така што тој, од страв, да почнел да прди, а ако овој не прдел, тогаш четникот, за казна, добивал десет стапови по газ. Е, него, овега, попов српски, го посака Јандре Брсако; рече кога бил на печалба таму, во Србија, видел што прават тамошните мечкари со мечките, па сега овој, попов, да видел што прави тој, Јандре, со српските четници. Му врза Јандре оглавник на гуша на попот српски и го поведе од куќа во куќа; му тропаше на една тенеќија и удирајќи го со кундакот на маликерот, му заповедаше Ајде сега, Божано, кажи како се тркала стар дедо со стара баба. И попот се тркалаше во дворот во правта. И му заповедаше, удирајќи го со кундакот, Ајде сега, Божано, покажи како јава комита српски поп. И ќе му се качеше ушка и удирајќи го со палците в слабина го бодинаше низ дворот. И му заповедаше Ајде сега, Божано, покажи како се бели и како се пудри млада невеста. И ќе ѝ заповедаше на домаќинката да донесе горојна и ќе го натераше попот српски да се пудри и да се бели – со горојна. Е, тогаш, кога мајсториите на Јандрета превршија секоја мера, се вмеша поп Цветан и рече Доста! Но тоа ништо не му помогна на попот српски. Како што лежеше вудвосан во дворот Бубичоски, запрета со нозете, како ѕвере кога е отруено, и остана така, скукален. Тогаш се разлути поп Цветан и му се развика на Јандрета, и им се развика на комитите, на војводите и на сите жители на Потковицата дека тоа што го прават со попот српски не било ни човечко ни божје, и дека тоа го правеле ѕверови а не луѓе, сеедно кој бил попот српски и што правел. После, ко се примири, поп Цветан побара да го однесат умрениот на селските гробишта и таму да го закопаат, но му се спротивстави Михаил Акиноски. Во Потковицава, рече, ниту имало досега, ниту, пак, отсега ќе има српски гробови. Ќе го товарите на коњ и ќе им го однесете на оние продадените од Тополчани јали од Тројкрсти; тие, ако сакаат, нека го закопаат, а ако не, ете ви ја Црна; по Вардар дојде, Црна нека го однесе. Ете тогаш, кога Потковицата беше завојувана од Србите, кога од страна на Началството постоеше заповед никој да не се добира до војниците, да не им прави услуги и да не прима услуги од нив, кога отворено се зборуваше дека божемните сојузници се полоши и од Турците и дека се токмат тие да ги заменат нив (во Потковицата сеедно и сеедно пристигаа гласови од сите краишта на Македонија дека новите завојувачи ги прогонуваат и ги убиваат нашите учители и свештеници, дека ги ограбуваат и ги палат нашите села и светилишта) кога се изјаловија нивните надежи дека Македонија, по победата на Сојузниците над Турција, ќе добие своја автономија и ќе стане држава какви што станаа тие, Србија, Бугарија и Грција, кога сите беа обземени од очај дека ќе останат без татковина, при крајот на Првноо србско, во летото 1915-та, се случи една од чупите Јанчески, Благуна Василичина, да се измами по еден од војниците сместени во поранешното училиште. Беше тоа наредникот Десимир Пенезиќ, наочит и единствен тој од сите други војници неупреклив со жителите на Потковицата. Се сретнаа неколку пати на чешмата на срецелото и тоа беше причина, и охрабрување, да дојде Десимир дома кај Јанческите и да побара игла и конец, божем за да си сошие некоја откината петлица на шинелата. Но зашто беше невешт со иглата и со конецот, или се правеше невешт, Василица, за да го мавне што побрзо од дома, сама му ја соши петлицата. Од тие неколку невини и копнежливи љубовни погледи, додека мајката, кинејќи го со заби конецот го крпеше Десимира, се изроди сета идна несреќа на чупата и на сиот сој Јанчески. Благуна и Десимир потоа неколку пати се сретнаа долу, зад копите во оградите, а тоа не остана незабележано од жителите на Потковицата и врз Благуна падна тешка клевета – дека таа, оној пат, ги предала и дека сè уште ги предава луѓето од Организацијата. Иако сите знаеја дека една чупа, на нејзина возраст, ниту знаела ниту можела да знае кој сè работи за Организацијата, освен мајка ѝ Василица никој не ја зеде во одбрана, никој и не смееше да ја земе во одбрана. Во Потковицата сите знаеја дека за предавниците од страна на Организацијата пропишана е само една единствена казна – смрт, а можеше да го стигне и секого друг кој ќе се ставеше на нивна страна. Мајка ѝ на Благуна, и сама посветена во Организацијата, претрнета од страв и очајна, а немајќи на кого да му се обрати за помош, ја посоветува Благуна да отиде кај Десимира и да го замоли да дојде дома кај нив и пред стрико ѝ Крстета да се заколни дека меѓу него и Благуна ништо не било и дека таа Благуна не ги предала луѓето од Началството. Оттогаш, откога отиде Благуна да се состане со Десимира, во Потковицата ништо повеќе не се слушна за неа. Пред налетот на бугарските војски, Србите се повлекоа од Потковицата а заедно со нив, со Десимира, и Благуна. Дури во Вороо срско, во 1924­а, на адреса на Јанческите стигна едно писмо од Белград, го донесе поштарот од Тополчани. Во писмото Благуна, беше нејзино, ги молеше, ги заколнуваше Јанческите да се сторат луѓе и да го примат кај себе единственото нејзино машко дете, Видана. Зашто е останато сирак, пишуваше, зашто татко му, Десимир Пенезиќ, загинал во боевите. А за неа, за Благуна, да не се грижат, ќе трга сама што си направила. Не ѝ било лесно, работела како измеќарка по белградските господски куќи, но таква ѝ била судбината. Писмото беше целото натопено со солзи, но тоа никого не трогна, немаше кого да трогне. Мајка ѝ на Благуна, вдовицата на Васила Јанчески, војводата Крсте Јанчески, на кого сè уште му зарастуваа месата и кого и новата српска управа го тормозеше, откако го прочита писмото, го здипли в пазуви и два дена со никого од своите не прозбори. Потоа, на третиот ден, кога вечераа, сиот мрачен, рече: Уште тоа треба да правиме, да чуваме српски копилиња. И го потомани некаде засекогаш писмото Благунино. Оваа љубовна историја, која ги поруга и ги понижи Јанческите, во Потковицата никогаш не се споменува без насушна потреба. Не од внимание спрема Јанческите, да не ги навредат, туку за да не го скориваат злото, кое има чувствителни уши, лесен сон и брз чекор. И зашто така поругани и понижени поради Благуна се чувствуваат и сите жители на Потковицата. Та нивна чупа побегна за туѓинец, за војник кој, сеедно што беше поприличен од другите, во Потковицата не дојде за да им донесе мир и среќа на нејзините жители. Напротив, милум или силум и тој беше дојден да биде завојувач. Ним им се случи тоа, да не можат да си дадат ответ пред жителите од околните населби кога за непрокопсаноста на Благуна ги прекоруваа: тие кои највисоко го вееја знамето против сите завојувачи, неми остануваа во таквите незаслужени напади. А во тоа, во неспоменувањето на Благуна и на целата таа историја во врска со неа, жителите на Потковицата свесно и намерно ја сокриваат и својата вина, во себеси и пред себеси признаваат дека и нејзе и на сиот сој Јанчески им нанесоа голема неправда. Кешки да не беа толку немилосрдни во осудата на Благуна, кешки да покажеа малку повеќе разум, трпеливост и љубов за ближниот, па може мајка ѝ немаше да ја испрати да му се моли на Пенезиќ, па тој, лисецот, во безизлезната ситуација, да искористи да ја наведе да појде со него. Може, после, кога стигна писмото од неа, Јанческите ќе смогнеа сили да си ја вратат назад, па сега, на кутрата, гробот ќе ѝ се знаеше. Вака, споменот за неа и она што му се случи на Видана нејзин, во 1943-та, како мора ги притиска жителите на Потковицата, и застрашувачки ги опоменува момите – да не се лакомат по туѓинци. Но, фала му на бога, сега, кога сме слободни, сето тоа е минато. И нема такви опасности, момите сами си се стопани на срцата, а и навиките и моралните обичаи се изменија. Старите нема тука што да кажуваат многу, ако некоја мома се решила да појде по некого, слободно нека киниса. И вратата по неа секогаш ќе остане отворена, секогаш кога ќе пофти, ако не и чини таму, слободно нека си се врати. Никој за тоа нема да ја прекорува. Но тогаш, до крајот на последната Голема војна, е, тогаш никој не можеше да прави што ќе му текне, како ќе му пофти срцето. Зашто, сè можеше да се изврти онака, како со Благуна Јанческа, и од едната несреќа да се умножат две, три, па и многу несреќи. Кога Крсте Јанчески, војводата, го потомани писмото Благунино, тој не ни помисли дека заедно со него засекогаш ги потоманува и Благуна и Видана нејзин. Не беше глуп па да мисли така. А беше и човечен, и глава на сиот сој Јанчески, па оттука и задолжен да мисли за секого од нив. Но таков беше, тврд и заплашен од жителите на Потковицата – да не му забележат дека, ете, се согласил да чува српски копилиња. Затоа тогаш не го прими Видана, дека мислеше оти Благуна малку отргала за својата постапка, и оти нејќеше да им даде можност на другите да го шетаат од уста до уста, и повод лесно да се измируваат со стореното. Но и не престана да мисли на нив. Секогаш кога ќе одеа нашинци во Белград, за да служат војници, или за да работат, или за да се лечат кај тамошните доктори, тој секогаш, скришум од своите, молејќи се никој да не дознае за тоа ги поздравуваше Благуна и Видана и им пушташе, колку за здраво-живо, по некоја пара. А кога во пролетта во 1939-та Акиноските му пишаа дека Благуна умрела и дека тие се готват Видана нејзин да го донесат во Потковицата, па ако не сака тој, како сој, да го прими кај себе, тие ќе го задржат на својот имот. Крсте им нареди на домашните да носат шест недели црно за Благуна, а потоа сите жители на Потковицата ги обиколуваше и ги наговараше да се согласат да го примат Видана нивни. Зашто, велеше, Акиноските му пишале дека Видан бил тешко болен, од офтика, и дека требало да дише чист воздух, како нашиов, како овдешниов. И, после, наша крв е, додаваше чекајќи согласност од соговорникот. Притоа, не мислеше само на нивната, само на Јанческата крв, туку на крвта на сите жители на Потковицата, на сета македонска крв. А кога жителите на Потковицата гледајќи во враќањето на Видана можност колку-толку да ги окајат своите гревови направени спрема мајка му и спрема сиот сој Јанчески, оставија на него, тој да реши што ќе направи со Видана. Крсте, уште и пред Акиноските да го донесат Видана, му соѕида куќа во Јасики, а кога Акиноските, во пролетта 1939-та го донесоа Видана, му издвои една крава, десетина овци, нива и ливада од своите и им нареди на жените, тие да се грижат за Видановото домаќинство; да го перат Видана, да му готват и да му го вртат домазлакот. И не се запре само на тоа. Зашто болеста на Видана му беше таква, да не може да работи во полето, и покрај противењето на општинарите од Тополчани, во согласност со жителите на Потковицата, го постави за падар, да го чува нивниот синор. Така Видан Јанчески, по мајчина страна пола тукашен, стана жител на Потковицата, речиси кога имаше полни дваесет и пет години. И фати брзо да пушта корени. Во слободното време, во неделите и празниците, кога полето е празно, освен овчарите, воларите и говедарите друг никого нема таму па тоа не мора ни да се чува, сам ги истреби и ги огради изворите во Јасики – оттогаш жителите на Потковицата ги викаа Виданови Извори – а во делниците од наутро до навечер, а во убавите лета и преку цела ноќ, го обиколуваше синорот. Притоа, болежлив и сè уште до крај нездушен со луѓето, постојано се мавташе низ бостаните, низ житјата и покрај лозјата. Или во друштво на Јована Акиноски акаше низ ливадите, низ мртвиците, низ бавчите и му помагаше во собирањето бубачки, жаби и тревишта. Или пладнуваше покрај изворите. Па, сепак, неговата приказна, онаа што толку многу ги нтересираше жителите на Потковицата, за него и за мајка му Благуна, брзо се расчу. На своите осамени обиколки на синорот беше стигнал да се зближи некако со говедарката Ристана Голушкоска и со син ѝ Димко Силистарко, па тие, не без сочувство за нивните страдања во туѓа земја и меѓу туѓинци, брзо ја разнесоа низ Потковицата: Додека бил Видан малечко и додека мајка му можела да работи, го водела со себе по белградските господски куќи за да ѝ помага. Но кога тој нараснал а таа почнала да поболува, морал сам да заработува за двајцата. Така, работејќи денеска овде утре онде, еднаш ова другпат она, стигнал да се здружи со некоја тајфа мајстори-ѕидари, од Железнец тие го запознале со Тодета Акиноски, кој, тогаш бил наредник во Кралската гарда, а Тоде го однесол дома кај Петара Акиноски, кој, пак, како учен човек, беше капетан во Кралската гарда. Работел што работел Видан кај Петара Акиноски, се грижел Петар Акиноски што се грижел за Видана и за мајка му, а кога и Видан почнал да поболува, му рекол Петар дека тоа не може така да продолжи, дека треба да изучи нешто полесно да работи и го однесол на дуќан кај Коста Циривири, прилепчанец. Чуден човек бил овој Коста Циривири, добар ама само за политика зборувал и само против кралот српски. И кај него, во неговата шнајдерница, сите нашинци иделе: и работници, и студенти, и војници, и офицери и доктори, и адвокати. А еднаш, кога имало некоја побуна од работниците во Белград, сите нив, и кого затекнале и кого не затекнале во шнајдерницата на Коста, ги затвориле џандарите. После, во џандармеријата, некои ги испуштиле, и ги избркале назад во Македонија, некои ги затвориле, а тој, Видан, кого го сметале за Србин и предавник, од сите најмногу окркал, и ќотек и затвор. После, кога излегол од затвор, и кога била умрена мајка му, да не му се нашле да му помогнат Акиноските, којзнае дали и тој, како мајка му, не ќе оставел коски таму, во Белград. Ете, така Видан Јанчески, заедно сосе сета своја приказна, се одомаши во Потковицата. А тоа, што се случувало меѓу него и Ристана Голушкоска и кое не може да се нарече некаква љубовна историја, туку повеќе наклонетост на двајца возрасни и запашкани луѓе, после излезе навидело, во 1943-та, кога Димко Силистарко ги уби, со стап, на Бел Камен, мајка си и Видана. Но на тоа му претходи една друга, подолга и одамнешна историја. Ако за Видана Јанчески може да се рече дека беше рожба на една таква, несреќна љубовна историја, Ристана Голушкоска, пак, беше жртва на безумноста и свирепоста на завојувачите. Во 1924-та или 25-та, џандарите од Алинци и Трбиќевците навлегле, ноќе, во куќата на Ордана Голушкоски, тогаш одново се имаа размрдано комитите, и ги тепале и мажот и жената до изнеможеност. Утрото, рано пред да се раздени, Ордана го натовариле на коњ, божем за да го однесат во џандармеријата во Алинци, и уште еднаш поштук не му се најде, рекоа избегал во Бугарија. А сигурно го убиле патема и го закопале некаде незнаено каде. Така тогаш правеа Трбиќевците и српските џандари во поробена Македонија – убиј некого, кој не му беше по ќефот, убиј го чинеа потајум и прогласи го за избеган во Бугарија. За тоа постојат многу живи сведоци а и напишани документи. Овој, на пример: ,,’Добротворот’ Василие Трбиќ затворен е по убиството во Битола. Добро познатиот Ваш Василие Трбиќ кој најпосле во наша заштита преку весниците испрати едно писмо до министерот за внатрешни работи Корошец, овдека тајно го извршува своето „добро дело“. Ние прилепчани многу добро го знаеме, порано како четник и ајдут, сега како грабач на туѓи имоти и „народен преставител“. Во последно време овој „добротвор“ многу е изитрен и во договор со големците од Белград ја чисти својата околија од интелегенцијата на еден многу посебен начин. А имено, ако сака да се ослободи од злото, кое му ја мати водата, веднаш тајно му шепнува на увото: „Бегај, сакаат да те убијат“. Досега на тој начин има известено седум лица и чекаме да видиме уште колку мина ќе извести. Се разбира, жртвите бегаат, заминуваат спрема Белград. Овој начин на прогонување е многу исплатлив, и тој како член на „Одбрана“, бездруго ќе биде награден. Атентато врз околискио началник беше извршен од него, вистината е таа. Бомбата имаше за цел затворање на Илија Антонов – Даскало и на кмето од с. Бучин. Последниов се пресели в град божем за да биде на посигурно. По затворањето на овие двајца и уште на неколцина граѓани „истрагата заврши“. На Илија Антонов и на кмето од Бучин им ставија по 40 оки олово и ќе ги судат како членови на ВМРО и за „учесто во атентато“. Убиениот Иван Бојаџиев бил предупредуван од Трбиќа, интересно е што, кога веќе знаел дека ќе биде убиен, зашто не кажал и точно од кого научил за тоа? По убиството во село Бач (Битолско) на Мицко – прет- седатело на општината кај нас се знае следново: жена му на Мицко го видела нареднико кој го извикал ноќта од дома. Добро познавајќи го убиецо, таа веднаш отишла во Битола за да му се поплачи на жупано, но наместо заштита ѝ било наредено „добро да си ја затвори устата“. Ете такви се фалените администратори во Македонија – од џандаро до жупано, сè само професионални убијци.“ А неа, Ристана Голушкоска, тогаш млада невеста и трудна со Димка, дури другиот пат, во време пладнина, ја најдоа жителите на Потковицата на мртво истепана и полуосвестена во тремот на куќата нивна и не смеејќи да ја однесат на доктор во Прилеп, се плашеа да не ѝ направат поголемо зло, сами ја лечеа. „И оздрави, кутрата: но од ќотекот си остана алипна во умот. И таков алипен, во умот си го роди и Димка свој. Бездруго оттаму, од ќотекот и од уплавот што ги добила мајка му тогаш, дојде и алипноста на умот Димков. Кога видоа жителите на Потковицата, особено војводите, Крсте Јанчески, Најдо Акиноски и Дамческите, Мирче и Даме, дека се пусти куќата и имотот на Ордана Голушка, дека жената и детето негово не ги бива за некоја полска работа, и нив и имотот нивни ги зедоа под свое. Ристана и Димка ги поставија за говедари, а со имотот тие управуваа. Тоа го сторија од грев за нив и од жал и обврска спрема својот човек. Овој, Ордан Голушка, потекнуваше од Ризеските, од сој како и Велјаноскиот, како и Бозоскиот и Бубичоскиот, мирен и незаинтересиран за политика. Но сам Ордан, висок и стамен и во снагата и во умот, како сокол се извиши над своите и брзо се нареди меѓу најпочитуваните луѓе во Потковицата. Се зближи со војводите, од нив научи да чита и да пишува, и немаше пазарен ден а тој да не се врати од Пирлеп со весници и со книги. Тоа не остана незабележано од властите, постојано испраќаа душкала за да му одат по трагите. А за да го уништат и него и целото негово семејство, им беше повеќе од лесно. Ко се ожени Ордан со Ристана, со помош на војводите и на сите жители на Потковицата, си направи куќа на самоти врв на Зедница, едно 200, 300, метра далеку, над куќите во Дупка, над Аџиоската и Цолоската. А и тоа се слушна во Потковицата, дека Ордан бил посветен во Организацијата, дека во куќата негова, ноќе, се состанувале војводите, дека дури и од град доаѓале војводи и се состанувале таму. И така значи, да не ги убиеше Димко Силистарко мајка си и Видана Јанчески, никогаш не ќе се дознаеше дека било нешто меѓу нив. А може и ништо не било. Дотогаш, до убиството, во Потковицата ништо недолично се немаше слушнато за нив двајцата, или само помислено. Затоа меѓу жителите на Потковицата и ден-денеска постои уверување дека Димко, во алипноста своја, си замислил нешто и дека, пак во алипноста своја, мислејќи дека така ќе ја одбрани честа своја и на мајка си, или од љубомора, ги убил, кутрите. А тоа, убиството, се случи летото 1943-та, во време вршење. Тогаш Потковицата беше завојувана од фашистите. Фашистички војници и полицајци, заедно со нивните палатки имаше насекаде низ Потковицата, дури и на срецело. Беа дојдени божем за да вршат маневри, а всушност ги прогонуваа нашите партизани и вршеа реквизација на новоовршеното жито. Во Потковицата беше вообичаено рано пред зајдисонце гојдарите да ги дотеруваат говедата на Зедница, горе над Бел Камен, и тука да ги попасат до замрачување. Потоа ги втеруваа во заедничкиот гојдарник, кој се викаше Крувче и кој во облик на рамнокрак триаголник се простираше од дворниот, јужниот ѕид на имотот Акиноски и, долж источниот, се протегаше сè до куќата на Ангелета Ризески, (или уште како што го викаа Ангеле Козето) подигната, со нивна Акиноска согласност на најјужниот крај на Имотот, на самоти Јужна Порта. Во тоа време, додека гојдата паселе на Зедница, Димко ги убил, а никој да не види како и кога, и никој не дозна навистина зошто, мајка си и Видана и со окрвавен стап дојде на срецело, каде што, околу војниците, имаше насобрано дечишта, кои, пак, како секогаш дотогаш, почнаа да се шегуваат со него, а тој наместо, како порано, да ја прифати шегата рече: Ги убив Видана и мајка. И го покажа стапот, сиот окр- вавен. Првин никој не му поверува, зашто беше алипен и зашто не знаеше што зборува, но тој се расплака и изговори: Видан ја сакаше мајка. Тогаш сите му поверуваа и се стаписаа, а војниците и полицајците се втурнаа на него, за да го фатат и да го врзат, но Димко, и ако беше дечоан, беше истеран на татка си, јак, висок и малку згрбавен, се разврти со стапот и неколкумина од нив зеде по глава. А бе овој е будала, сите ќе нè истепа. – Свика еден офицер, го извади пиштолот и тука, на очиглед на насобраните, го уби Димка. Потоа сите заедно, и војниците и полицајците и жителите на Потковицата отрчаа на Бел Камен, а таму, спружени покрај каменот и со расцепени глави, ги најдоа Видана Јанчески и Ристана Голушкоска. Другиот ден тројцата ги закопаа, Димка и мајка му – во еден гроб. Уште две љубовни истории ја потресоа Потковицата, и двете носат печат на времињата на завојувачите и тие такви, морничави, печати отиснаа во душите на жителите на Потковицата. Првата се случи веднаш на крајот на првата Голема војна, во 1919-та година, и се однесува на Петара Акиноски и Виша Вељаноска. Петар Акиноски, кој беше под патронат на Комитетот и кој, отпрвин, учеше во Битолската и Солунската гимназија а потоа и во Софиската офицерска школа, меѓувреме некако успеал, преку сестра си Марија да се заѓиба во Виша Вељаноска, и веднаш по враќањето од Бугарија, то ест на крајот на војната, сакаше да се ожени со неа, но тоа Комитетот не го допушти. Од многу причини. Не беше безбедно во сој каков што беше Акиноскиот, целиот предаден на делото на Организацијата да влезе некоја којашто потекнуваше од сој како Вељаноскиот – мирен и уплашени луѓе и кои се држеа настрана од револуционерните вриења во Потковицата и во цела Македонија. Но како на Акиноските им претстоеше целосно истребување, во 1913-та, враќајќи се од бојот во Битолско, српските четници, оние на Бабунски и Трбиќа, ги исклаа сите возрасни. Шифра од Битола 20 септември 1913 год. До инспекторатот на полицијата Скопје Од управителот на поштата во Прилеп и од началникот на Прилепски срез добив телеграма со која ме известуваат дека четниците кои се враќаат од бојното поле, вовеле вистинска анархија и безвластие. Се себе носат девет коњи и едно магаре кои ги оплачкале. Покрај тоа ги уценуваат луѓето и грабаат, а се слуша и дека извршиле многу убиства. Во Прилеп нема срески началник, туку таа должност ја врши Димитрие Којиќ кој е преместен за Ниш и одвај чека да ја предаде должноста. Чест ми е за ова да го известам Инспекторатот со тоа што за ова го известив и Дивизијарот а тој преку Командантот на местото нареди сите овие четници да се стават под команда на Душан Димитријевиќ кој вчера со својата чета замина за Прилеп. Го молам Инспекторот да одобри началникот на Флорински (Лерински) срез г. Жупанец да ја врши должноста срески началник во Прилеп до присигнувањето на новиот началник. Началник окр. М. Новаковиќ А сакајќи и да ородат два револуционерни соја, но и за понатаму да го имаат под свое Петара Акиноски го оженија со една од Дамческите, со Калина Блажева. Кутрата Виша се поштукна од умот тогаш, избега од дома и цели две недели се криеше во колибите низ полето и во копите. Потоа, откако ја пронајдоа, сета очајна и по исплакувањето на Молитвена вода, пак со нивна помош, на луѓето од Комитетот, замина од Потковицата, отиде да стане калуѓерка во некој од Охридските манастири. Тогаш жителите на Потковицата се ставија на страната на Виша, на Вељаноските и на Петара Акиноски, и речено отворено се потфатија со Комитетот, но, на крајот, мораа да си помолчат. Времињата сè уште беа диви а Комитетот стоеше над сè и над сите во Потковицата. Втората од овие две помалку тажни љубовни истории, која единствена има несреќно среќен крај, но која врз себе носи два завојувачки печати, српски и бугарски, се случи набрзо по убиството на Ристана Голушоска и на Видана Јанчески, по пролетта 1944 година, во време стрижење овци. Потковицата и тогаш беше запоседната од фашистички војници и полицајци, божем пак беа дојдени за да прават маневри а всушност ги правеа поранешните работи – ги гонеа партизаните и ги одземаа волната и млекото. Тогаш Митра Ризеска, ќерка му на Анѓелета Ризески Козето отиде бегалка за Алекса Станкоски Брчето. Митра беше најпрва убавица во Потковица и околните населби, гордост на сиот сој Ризески и посебно на татка си Анѓелета, а овој Алексо, може не по своја вина, имаше искршкан живот. Во време на аграрната реформа, во 1924-та, што ја спроведоа Србите по повторното завладување на Потковицата, на имотот Акиноски и на сета најубава земја населија Срби, солунци. Меѓу сите нив највиден и најпрокопсан беше Стево Србино, но тој ја имаше таа несреќа, иако домаќинката му беше здрава и лична да не може да биде повеќе, да нема деца, а Блаже Станкоски, кого Србите, поради голмите мустаќи, го викаа Брко, ги имаше толку многу, што не знаеше што да прави со нив. Од него, од Блажета Станкоски, врз кого после падна тежок презир, во Потковицата го завикаа Србуле, Стево Србино го посини Алекса и го испрати кај своите во Србија, во Белград, за да изучи. Пред самиот почеток на последната Голема војна, кога од Потковицата си беа побегнати доселениците, Алексо се врати од Србија веќе пораснат, со полн куфер градска облека, и им запна за око на момите. Но на возрасните не им беше по ќефот, имаше нешто несимпатично и големџиско во неговото однесување. А кога во 1941-та, на сам ден Благоец, 24 април стар стил, фашистите ја завојуваа Потковицата, него, меѓу првите, го собраа војска а кога, пак, го пуштија од војска, го поставија да биде писар во општината во Тополчани и го вооружија со пиштол. Божем да се бранел од комунистите, а всушнос го направија кодош, па тој и тогаш се однесуваше кабадаиски. Затоа кога избега Митра за него, дека го неќеа жителите на Потковицата, и дека ги презираа и него и татка му, татко ѝ нејзин, Ангеле Ризески Козето, како умрена ја редеше, на цел глас. Потоа рипна, ја исече сета нејзина руба спремана за невеста, ископа гроб, вистински, и ја закопа – но не подалеку од очите, долу во огратчето: За да ѝ го гледам гробот, рече, ако на је гледам неа жива. И за кога ќе ја сретнам да сум сигурен дека сум сретнал вампирка, а не Митра жива. Никој вакво нешто не очекуваше од Ангелета Ризески. Та тој беше најголемиот веселник и најголемиот шакаџија во Поткови-цата. И мрзливко, раката на срце. Секогаш кога ќе сретнеше некого да работи, му викаше: – Меее, се козиш, се козиш, будало? А за кого? За џандарите? Затоа и го викаа Козето, затоа и дечиштата му измислија песничка и дека беше малку шантрав во одот, небаре пајка, му викаа? Анѓеле, Пајчео, кај и се, гуские, а и ‘бам мајчео. А тој не им се лутеше, заедно со нив се смееше: беше го испратил еднаш, кога бил малечок, татко му Софре да ги паси гуските, а тој си дошол дома без нив. Оттогаш и оттаму беше измислена песничката за него. а тука, зашто беше вистина, немаше лутенка. А беше и среќен роден, во ист ден со Петра Акиноски и во една вода заедно со него крстен. Затоа Акиноските го имаа како свој, како брат на Петра, и затоа му допуштија, кога се ожени, да соѕида куќа на Имотот, но и за да помага во водењето на Имотот. Но Ангеле си тераше по свое – ништо не работеше и само шаки правеше. Оваа љубовна историја брзо, многу брзо заврши. Истата година, во септември кога и последната крепост во Потковицата, Чауле, беше преземена од Германците. Тогаш нашите војници го ликвидираа Алекса Брчето, го фатиле, наоружан и во фашистички облечен, како оди за да им се придружи, кај Германците на Чауле, а Анѓеле веднаш си ја прибра Митра назад, го распрчка гробот, ја откопа рубата и ја однесе во Одборот – за да ја благослови лично командантот на војската. Набрзо потоа му се родија и внуките, Македонка и Пиринка, па тој, сиот угреан од радост, велеше: – Барем уште една да нѝ родеше; неа ќа ја крстевме Солунка, за сите три да ни беа заедно. 17. По толкуте прочуени води, долови, вирови, извори, бунари и чешми, човек да си рече дека просторот што го оградува Потковицата плива во вода и дека е таа вистински Елдорадо на барски птици. Што се однесува до водата, во прв ред онаа, за пиење и за потребите на домаќинствата, во Потковицата навистина секогаш, и во најсушно лето, достатно ја има, но не и толку многу за да смее некој да ја растура, или да ја погани. Таа, водата, впрочем како и сè друго во Потковицата, беше во строга економија на главите на домаќинствата и на сите од Потковицата. Особено во лето. Човек уште во темни зори можеше да види купови садови за вода (стомни, букари, котли, лонци, грнци, кобли, тенеќии) околу чешмите и во дворовите на домаќинствата стопани на бунари со добра вода. Тоа, навистина, се должеше на смаленото количество на вода во бунарите и чешмите, но и на недостигот на време и на табиетите на реовницие – жените кои во екот на полските работи бидуваа задолжени да се грижат за домаќинствата, за децата и за домазлакот. За да не трпат тие за вода, реовницие буквално се натпреваруваа која попрва ќе се снабди со вода, па уште со темници побрзува да зафатат ред на чешмите и бунарите. Но како никогаш и никоја не стигнуваше да биде прва, има такви, лоши, табиети да се извикуваат и во групи, по две или по три, одеа на вода и таму, на чешмата, или на бунарот, ги оставаа садовите, за да не им држат ред, и се враќаа дома си. Па човек, кога ќе видеше толку многу садови, собрани на еден куп, навистина со право можеше да си помисли дека водата во Потковицата сосема се дососала. Но тоа беше лажен впечаток. Меѓу нив, меѓу реовницие, имаше договор, а него никој не смееше да го измени, онаа, на која ѝ дошол редот, да биде извикана од таа што налеала вода пред редот, да биде извикана од таа што налеала вода пред неа. Па така, ред по ред, некаде до осумте часот изутрина, од бунарите и од чешмите ги снемуваше сите садови. Остануваа само кофите и копаничината, а тие и така севезден си стоеја таму – за да можат, ако им притекне, да се напијат вода старците, децата и намерниците. Со птиците, пак, и со дивечот во Потковицата во многу нешта и на лошо се изменија работите. Додека дивечот, (волците, мечките, лисиците, зајаците, јазовците, ласиците, смрдулките и куните) зашто нема кој да го прогонува и лови, се намножи до загрижување, преку цел ден и преку цела ноќ, страв да те фати, слушаш како тулилка, завива, кашла и си ги секне грлата во гората и во полето, птиците, пак, се мисли на барските, (чапјите, норците, галебите, пеликаните, кормораните, дивите пајки и дивите гуски; додека, штркововите, следејќи ги старите навики и стариот инстинкт, сè уште и се верни на Потковицата, населбата на Станкоски Рид готово ја претворија во колонија на штркови: на покривот на секоја куќа, на оџакот на секоја напуштена куќа, има направено седело од штрк) по мелиорацијата на мртвиците и блатото, сосема, сосема, се изгубија. За разлика од оние другите, од родот на грабливиците, (орлите, соколите, сојките, ветрушките, бувовите, утките, чавките, страчките) па оние од родот на полските, (еребиците, дивите кокошки, дропките, тресопатките, потполошките, белоперките, чурлините, полските врапчиња, дивите гулаби) па оние од родот на шумските, (кукавиците, пупунците, чукајдрвците) па и оние, слаткопојните, (славеите, трнарчињата, сколовранците, гугутките, сипките и другите) кои ги има плипотници. Се ведат – во населбата: на покривите на куќите, на таваните, под стреите, во кошарите, во пондилите, во амбарите, во короните на дрвјата, во ѕидиштата; – во полето: во житјата, по меѓите, на лединките покрај патиштата, во ливадите во тревиштата; – по ридиштата: во шумата, на гранките на дрвјата, на голините, во камењарот и спилите. Од нив небото на Потковицата никогаш не е испразнето, нивните страгорења и нивниот цвркот, во пролет и во лето, како водопад се истура во тишината, а таа во себе ги прибира и другите притоки на гласови, оние на жеглаците и жабите, за на зимо, таа, тишината, под високо настожен снег сосема, сосема и сè да поплати. Само ги слушаш, до доцна во ноќта, како тулуликаат волците во гората и како жеравите, прелетувајќи ја Потковицата, одат некаде на југ, кликтаат јадосано и осамено. Нивните гласови ти мрзнат во ушите, како најдолг и најстуден мразулец, кој ти достигнува до душата и срцето и кој ти ја остинува и крвта и снагата. Во некое списание, наменето за ловџии, или во весник било, пишувало дека порано, пред што младинските работни бригади ги исушиле мртвиците и блатата, во Пелагонија, во Леринско, Битолско и Прилепско Поле, а тоа значи и во Потковицата, живееле над 400 видови птици, но дека сега биле сосема изретчени па се предлагало, или сами властите предлагале, да се направи некако да се обноват мртвиците и блатата за да се вратат птиците. Со право, ако навистина мислат да направат така. Зашто ништо не се спечали со земјата што се доби со исушувањето на мртвиците и блатата. Неплодна е и необработена, впрочем како и сета земја наоколу од којашто си заминаа луѓето. А со нив, со птиците, може ќе се вратат и тие, луѓето. Зашто сега, кога има толку многу средства за уништување на маларичните комарци и на сите други инсекти, нема да ги коси маларијата, а со враќањето на водите, ќе им се врати и едно цело мало богатство – стопанство во кое тие ништо не вложуваа а имаа голема полза од ловот и риболовот. Мртвиците, вировите, и блатата беа богати со риби – сом, крап, клен, мрена, штука, бојник, јагула, – а врбаците, шамачиштата и ливадите со барски птици. Просто човек во пролет, кога се ведеа дивите пајки и дивите гуски, требаше да внимава кај гази низ ливадите за да не настапи на некоја седелка. Навечер воларите се враќаа со полни капи јајца од диви пајки и од диви гуски, а во неделите и празничните денови луѓето со кошници тргнуваа низ Беговски ливаѓе за да собираат јајца. Воопшто, Потковицата беше прочуено ловиште. Особено помеѓу двете големи војни, тие, ловџиите, беа вистинска напаст за Потковицата. Српските главешини од Прилеп и од Битола, некогаш заеднички, некогаш само едните или само другите, организираа лов на дивеч и на птици во Потковицата. Со џандари, со ‘ртки, со загари и со некои нашинци, лижигазовци, оттаму, од Прилеп и од Битола, ќе клапнеа уште одвечер во населбата и ќе им заповедаа на реовницие да им приготват убави вечери – питулици, мазници зелници, печени кокошки, пресни погачи, чомлеци и јании; откако ќе се накркаа, ќе се налокаа вино и ќе се акнеа да спијат во гостинските одаи, за таа цел, за нивното идење, предвреме напрашени за од страна на болви, вошки и други инсекти. А наредниот ден, уште со темница, ќе се растрчаа по ридиштата низ шумата, во полето низ житајата, ливадите и бафчите, и ти цел ден има да си слушаш пукотници, ловџиски рогови, лавеж на ‘ртки и загари, а приквечер, пред зајдисонце, со полни раници убиени диви животни и птици, преку рид се спуштаа кон старата железничка станица и оттука со воз си заминуваа, јали во Прилеп јали во Битола. Господе, какво погано време беше тоа, и какви погани луѓе беа тие. Ти се чинеше намерно сè убиваа, сè изгазуваа и уништуваа. И не настрадуваа само житјата и бавчите, туку и овчарските кучиња: ќе се здавеше некој овчарски пес со нивните, со ‘ртките и со загарите, а тие ќе го земаа на нишан со пушката и на место мртов ќе го оставеа. Во секој таков лов, по неколку кучиња од жителите на Потковицата бидуваа убиени. Но остана за чување во врска со нив, со птиците, тоа што жителите на Потковицата, освен еребиците, дропките, тресопатките, дивите пајки и дивите гуски, другите не ги ловеа и не ги убиваа. Посебно не грабливците. За нив, за грабливците, кога ќе пцојсаше некој скот, така речи приредуваа вистински гозби. Ќе му ја одереа кожата на пцојсаното а мршата ќе ја однесоа во Гробница. Тоа е прилично голема ледина, околу наоколу оградена со длабок ендек. Се најдува неколку километри потаму од јужниот ѕид на имотот Акиноски, зад Зедница, веднаш под Драмчески Ливади. Во неа никој немаше пристап, дури ни кучиштата, па мршојадите на мира се гоштеваа. Грев беше да се убие птица, убиството на птица беше изедначено со злостор. Птицоубијците беа сметани за најбездушни и најгревни створови, тие беа најпрезрени и најомразени во Потковицата. Од грижа за моралното и менталното здравје на децата, уште од мали нозе ги воспитуваа, поточно ги заплашуваа, да не убиваат птици: Ќе ти умре мајка, некој од најмилата род, ќе онемееш, ќе ослепиш, ќе ти се фатат рацете и нозете ако убиеш птица. Ги ловеа и ги убиваа, и тоа само во врска со божиќните празници, врапците. Тоа беше колку примитивен толки и ритуален лов на врапци. Во време на божиќни постои, во студените и куси каснодекемвриски вечери, кога врапците, навечер, ќе се сплотеа во копите и под стреите, домаќинствата тргнуваа да ги ловат. Ловиштето го покриваа со веленце и тивко, за да не ги возбудат врапците, за секого од домаќинството уловуваа по еден. Уловените врапци ги гнетеа в пазуви и со среќниот улов се враќаа дома. Во Гостинската одаја, околу веќе добро разгорениот пампур се распоредуваше челадијата и домаќинот почнуваше да им ги кине главите на врапците. Потоа, откако ќе ги потопеше во водата што вриеше на пампурот во бакарен сад, ѝ ги предаваше на домаќинката. Таа, пак, ги кубеше, ги опрлуваше на огнот во пампурот, потем ги печеше на жарот. Така спремените врапци ги складираа во качиња со сало. На прв ден Божиќ пред да отидеа в црква и пред да се омрсеа, секој од домаќинството добиваше по едно врапче. Тоа беше некој вид принесување жртва во слава на Христовото рождество. Тогаш, за божиќните празници, допуштено беше да се улови и убие и најсветата птица, гугутката, или уште како што ја викаат во некои Пелагониски краишта, во Леринско, галицата. Убиената гугутка на ист начин, како и врапците, се приготвуваше за божиќната жртва. Но зашто беше допуштено да се убие само една птица, секој од домаќинството добиваше само по едно парченце од неа: децата ги делеа крилцата, мажите и најстарите синови копанчињата, а женската челад белоо месо. 18. Бидејќи и така нередовната и трапава администрација на завојувачите страдаше во честите војни, пожари и грабежи, ни архивите на двата најблиски града, Прилеп и Битола, не располагаат со податоци за тоа кога е основана сегашнава населба во Потковицава – најпрвин, со стариот дел, во Загориче, односно во Дупка, а потоа, со поновиот, на падините на Станкоски Рид, односно на падините на Горник. Поправо, податоците што ги пружаат споменативе архиви се такви што само поттураат една помисла дека основањето на населбава се паднало одамна пред нив, одамна пред да настанат и да започнат да суштествуваат разните облици на администрирање. Загориче како од бога да било создадено уште во првиот ден на постанокот на светов, и од него, од бога, чувано и исчувано низ вековите. Зашто, како инаку да се објасни, ако не со славата и милоста божја, фактот што, ако веќе во Потковицата постоела некаква населба во 12. век, кога Европејците, крстоносците на Боемунд Тарентиски, го уништиле Градиште, не ја уништиле и неа? Кои биле нејзините жители, ако веќе биле, ги имало? Божји избраници и заштитени со неговиот знак, или, можеби, овоземни суштества, лукави политичари и храбри мажи, кои, приклонувајќи се кон различните завојувачи и борејќи се прикриено против сите нив успеале да си ја дочуваат својата населба и својата самобитност? Ова, последново, изгледа е точно, сета следователна историја на Потковицата на тоа упатува. Во старите пописни книги на населението и имотот, во тефтерите на воените и даночните обврзници, па во хрисовулите на византиските императори, Потковицата се споменува како феуд или црковен посед, а во ферманите на турските султани, испраќани во врска со собирањето на даноците, со ајдутите, со побуните и казнените експедиции, како султански имот, Хас чифлиг, под името Загориче, кој, најверојатно, зашто се најдува точно на границата меѓу Битолско и Прилепско Поле, во различни времиња потпаѓал под управа де на едниот де на другиот град, но за луѓето кои живееле тука, за нивната раса, религија и бит ништо не се споменува. А дека сегашниве жители на Потковицата не се потомци на становниците на некогашната древна населба Градиште, освен нив самите, зборува уште и нивната психофизичка конституција: високи се, русокоси, недоверливи. Во нивниот бит, во нивните меѓусебни општења, во верската традиција и празнувањата, многу нешто се задржало од паганските славјански времиња. Се поздравуваат со Дај Бог, често се крстуваат со Перун и Митра, во нивна чест, во чест на овие старославјански божества, садат перуника и ги виткаат портите, вратите и прозорците на куќите со зеленило. Во војска, или на далечни патувања, се испраќаат со седење пред разделбата. Инаку се и големи талкачи; талкаат со говедата, со овците, низ полето, ливадите и по ридовите; талкаат, ловат и риболоват, во Црна, во мртвиците, во Блатото, а поледелието и сточарството, иако им врват одлично, повеќе ги сметаат за нужности на поминокот и поводи за празненства, додека становниците на Градиште, судејќи според она што станало по нив за да сведочи за нив, кованите пари, керамиката, разните украсни предмети од железо и преданијата, кои сегашниве жители на Потковицата, чувајќи ги и пренесувајќи ги од колено на колено, ги измешале до непрепознатливост, морале да бидат воини и инородци. Настанети на Чауле, заради прегледноста, бездруго имале задача ако не за да пазат на патот од Стоби за Хераклеја, тоа себеси да се пазат од честите завојувачи кои, по него, по патот, нагрнувале на југ, спрема Битола и спрема Солун, и оттаму, по Виа Егнација и по море, спрема Азија. Но, според понапред раскажаните преданија, ете, не успеале и да се испазат. Но сосема е можно, според археолошките ископувања. Градиште да било некогашната римска нселба Керамеја, која на Табула Појнтегеријана е впишана на патот од Стоби за Хераклеја, но која во големата преселба на народите исчезнала. Според тоа, гревот за уништувањето на Градиште, ако постоело, може да падне и на душите на одамнешните претци на денешниве жители на Потковицата. Од историјата познато е, славјанските натрапници на Балканот немале нежен однос спрема староседелците. Оттука, во отсуство на штогоде релевантни податоци за основањето и карактерот на населбата во Потковицата, и, воопшто, за раната историја на Потковицата, останува да се потпреме на она што сегашниве нејзини жители го кажуваат за себе, за некогашните и единствени господари на Потковицата, до нејзиното завојување од страна на Турците, а кое, сегашниве жители на Потковицата тврдат до нив допрело од нивниот ефер, од тефтерот на господарите на Потковицата – Акиноските. Уште одамна, уште незнам-од-кога пред да ја завојуваат Турците, Потковицата ја поседувале Акиноските – пишувало во тефтерот. Нивното господство се простирало далеку надвор од неа, го покривало целиот денешен синор на Потковицата. Биле тие прилепчани, инаку Славјани, инаку учени луѓе, болјари, свештеници и трговци распрснати по манастирите и градиштата низ целата Византиска империја. Нивните врски, преку Солун, допирале до царскиот двор во Константинопол. Меѓутоа, прв кој се споменувал во пишаните документи што се однесувале на Акиноските, односно во нивниот тефтер, бил некојси Григориј. Зашто бил Славјанин и оженет исто така со Славјанка, некоја си Митра од тамошните, солунските, села, во една побуна против византиските солунски управувачи, се ставил на чело на Митрините соплеменици, а по поразот се склонил овдека, во Потковицава. Митрините, денешниве Митровци, ги населил во Загориче, односно во Дупка, а сам, со потесното семејство, се прибрал на Имотот. Ова кажување упатува, главно, на 14 век. Од тоа време на историјата познат и е еден Григориј – Григориј Акиндин, византиски висок црквенодостојник и христијански филозоф. За него се знае дека бил прилепчанец и дека ги предводел зилотите против исихастите, против исусовците на Григориј Палама, на него упатува и името на стопаните на Имотот, Акиновци, за кое може да се претпостави дека откако се ослободило од грцизираната форма – Акиндин, по пат на скратување и со испаѓање на интервокалното в – за кое, пак, денешнава македонска јазична наука смета дека било наложено од бугарските, односно од српските презимиња: Акин-ДОВ, Акин-НОВИЌ, ја добило денешнава чисто македонска форма Акин-ОСКИ. Но сè друго, како она дека бил оженет со некоја Митра, дека ги предводел побунетите славјански селани против византиските и солунските господари, и дека токму тој ја основал населбата во Потковицата и бил првородственик на Акиноските, си противречи со сè што досега знае историјата за Григориј Акиндин: „... По него (по Варлаам) во Византија се појавил неговиот ученик Григориј Акиндин, кој иако јавно кажал дека не се сложува со Варлаам, трудовите го прикажуваат како апсолутен негов приврзеник и истомисленик. Акиндин е веројатно вториот мошне значаен Словен, кој по Климент Охридски успеал да стане познат во Византија, а и во соседните земји. Како и други Словени кои своето образование имале можност да го добијат во Византија, се школувал во Солун, каде што се собирале познати личности. Таму се запознал со учењето на Григорије Палама, Никола Кавасилас, Никифор Калист, калабриецот Варлаам. Меѓутоа, Акиндин бил и под силно влијание на филозофијата на Тома Аквински. По престојот во Солун Акиндин заминал во Цариград и станал монах. Под влијанието на Варлаам и на западната сколастика, Акиндин истапил во Цариград против исихастите и бил свикан нов собор. Во дискусијата Акиндин истапил и пројавил рационалистички стремежи и очигледно е дека ја прифатил Аристотеловата филозофија. На негова страна биле патријархот Јован Калекас и царицата Ана Савојска, кои се придржувале кон поумерениот правец, наспроти на исихастите. И тој (Акиндин) се застапувал за спознавањето на бога преку разумот, за разлика од платоничарите (исихастите) кои на срцето и на чувствата им давале предност. Но, и покрај напредниот рационалистички дух на Акиндин и неговата расправа (како онаа на Варлаам, во 1330-та) завршила со победа на Палама – поради религиозната основа на византиското општество, во кое исихастичкото учење имало силна превласт, а и поради политичките и општествените прилики воопшто. Соборот на кој полемизирал Акиндин бил свикан во 1341, а веќе во 1352 Варлаам и Акиндин биле мртви. Уште пред смртта, во 1351 година и двајцата биле отфрлени од црквата како еретици и потоа анатемисани...“ Очигледно, ништо во врска со Потковицата. Овдека, во Потковицата, нема предание дека тој, првородственикот Акиноски, е закопан тука некаде, такво нешто немало запишано ни во еферо Акиноски, а и науката не располага со податоци каде му се најдува гробот на Григориј Акиндин. Но имајќи го во вид фактот дека тој починал цела половина век пред да ја завојуваат Турците Потковицата, а и она, со еферо Акиноски, дека неа ја поседувале Акиноските уште одамна пред да биде завојувана од страна на Турците, може да се претпостави дека Загориче било основано во првите векови по населувањето на Славјаните во границите на Византија, може во 10. или 11. век, односно многу порано од села кои настанале во 17. и 18. век, групирајќи се околу турските чифлизи. На тоа упатува, покрај еферо Акиноски, и последниот пишан документ во кој населбата во Потковицата за последен пат се споменува со старото име – Загориче. Датира од 18. век, а тоа е автобиографијата на Ѓурчина Кокалески – го зеов Сасеа о Приле и оиов во Загориче. Од овој, од Ѓурчиновиов податок, покрај горниот заклучок, може да се изведат уште и следниве два: Дека Загориче при крајот на 18. и почетокот на 19. век сè уште била мала населба – прво – или, пак дека – второ – иако во меѓувреме нараснала, си го задржала старото име. Зашто во сите пишани документи наваму се споменува со новото, со сегашново – Загорани. И во двата случаи името на населбата укажува на место отаде гората, за гора. Но со испаѓањето на д-то и со спојување на предлогот и именката се добивала сложенката Загориче, односно Загорани.